МАКЕДОНСКОТО АНТИЧКО ИМЕ ДИОСКУРИД НА ПЛОЧА ОД СЕЛОТО ГОРНИ ДИСАН, НЕГОТИНСКО

Едно често име, кое се среќава на епиграфските споменици од античкиот период, на просторот на Македонија е името Дисокурид. Него го среќаваме на повеќе места во Пелагонија и Мариово, но и во други области во Макеонија. Меѓу другото, него го пронајдовме и на еден споменик – плоча од андезит во кругот на црквата Св. Никола во селото Горни Дисан, Неготинско. Плочата е со правоаголна површина од околу еден m2, добро обработена со прави агли, но со откршени делови на двата агли од левата страна. Едната површина на плочата била добро измазнета и оформена со рамка, а натписот се наоѓа на една третина од површината во рамката. Со откршувањето на горниот лев агол бил уништен и дел од натписот од левата страна и не може да се прочита целиот, но можат да се идентификуваат неколку имиња, меѓу кои, (Диоск)урид Диоскури(дон). Натписот е врежан во четири реда, од кои, три реда преку целата натписна површина, а четвртиот ред зафаќа една третина од должината на натписното поле. Споменатите имиња се во првиот и дел од вториот ред од натписот.

Плочата со натпис

            Името Диоскурид е со божествено потекло што, како традиција, е карактеристично за Македонците од античкиот период.1 Во конкретниов случај, ова име води потекло од две божества, кои биле близнаци и се познати како Диоскури. Нивниот култ го среќаваме на многу места, речиси, на целата територија на Македонија, што упатува на тоа дека биле божества, кои биле многу почитувани од Македонците во античкиот период. Тие се божества-близнаци, со имиња Кастор и Полидевк, синови на Ѕевс и Леда, односно на Леда и спартанскиот крал Тиндареј. Нивни сестри се познатата Спартанка, Елена – жена на спартанскиот крал Менелај и Клитајмнестра – жена на микенскиот крал Агамемнон.2 Според митолошкото предание, Кастор и неговата сестра Клитајмнестра се родиле како деца на Леда и Тиндареј, а Полидевк и Елена како деца на Ѕевс и Леда. Кастор бил познат војник и кротител на коњи, а неговиот брат близнак бил најдобар боксер на сите времиња.3

Црквата „Св. Никола“ во Горни Дисан

            Култот на Диоскурите во Македонија се среќава на голем број споменици од античкиот период, а соодветно на тоа се среќаваат и голем број имиња или презимиња со основа Диоскур, кои ги среќаваме на епиграфски споменици со потекло од разни археолошки локалитети низ Македонија.4 Овие митолошки близнаци и божества на спомениците ги среќаваме, главно, претставени на коњи или покрај нив. И двајцата учествувале на Олимписките игри и биле победници.5 Нивните светилишта често се наоѓале на високи врвови, кои имаат форма на небесна капа, наречена  пилеус и, речиси, секогаш се претставени со капи на главите во форма на пилеус, кој е симбол на небеската капа. Тоа упатува на божества, кои се заштитници на небото. Всушност, главните особини на овие двајца близнаци, пренесени преку митолошкото предание за нив, упатува на култ, кој ги поврзува небото и земјата, односно, бесмртниот со смртниот свет6 и упатува на верувањето кај човекот за постоење на таква нераскинлива врска меѓу животот и смртта или постоење нераскинлива врска меѓу живите и мртвите – мртвите претци и живите потомци. На тоа упатува фактот, изнесен во преданието за Диоскурите, дека едниот од нив, Полидевк, бил бесмртен, како син на Ѕевс, а другиот, Кастор, бил смртен бидејќи бил зачнат од смртен човек, кралот Тиндареј.7

Диоскурите на диск

            Интересен пример поврзан со култот на Диоскурите имаме на врвот „Градиште“ меѓу селата Кокре и Пештани во Мариово, Прилепско. Таму, членови од познатото семејство Севери од градот Достонеј, кај Пештани, изградиле свет објект посветен на Диоскурите, а од него е пронајдена плоча со претстава на овие божествени близнаци со натпис во долниот дел.8

            Веројатно е дека сличен култен објект посветен на Диоскурите имало и во околината на селото Горни Дисан. За нас, засега, е познато дека на локалитетот „Градот“, југоисточно од селото се наоѓаат остатоци од силно утврдување, со поголема површина на која се среќаваат остатоци од градби од римскиот период и доцната антика, а археолозите откопале и една ранохристијанска базилика.9 Дали спомениците, кои ги среќаваме во кругот на црквата „Св. Никола“ во Горни Дисан потекнуваат од овој локалитет немаме сознанија, но можно е да имаат некаква врска со овој значаен локалитет. Освен плочата со натпис на кој се среќава име изведено од Диоскурите, во дворот на црквата можат да се збележат уште неколку оформени камени елементи од градба, како и друг вид објекти, веројатно, од некој култен објект. Тука се неколку конусоидни форми со вдлабени делови од горната страна, извесен фрагмент од столб со помал пречник, едно корито со квадратен пресек, високо околу 0,60 m, како и еден постамент од жртвеник или извесен столб.

Постамент од жртвеник или столб 2

            Кога говориме за честата примена на името Диоскур или Диоскурид во Македонија, интересно е дека такво име се среќава и во соседното село на Горни Дисан, кое е на само 3-4 km растојание од него. Таму, на камена плоча се среќава следниот натпис: „Диоскурид и Александар и Зоил направија хероон на таткото и мајката и братот, Збогум херои“.10 Ваквата зачестеност на ова име нѐ упатува на соодветна констатација дека Диоскурид е едно од имињата, кои биле применувани во Македонија по некоја подолга традиција, односно, тоа може да се карактеризира како карактеристично македонско име во претхристијанскиот период.

Кемени објекти со конусоидна форма и отвор на горната страна 2

            Некои од археолзите, култот на Диоскурите го карактеризираат како карактеристичен култ на Пелагонците, посочувајќи на неговото нагласено присуство на споменици од разновидна форма. Покрај другото, тој се среќава и на монета издадена од градот Пелагонија,11 кој е центар на оваа област, престолнина на Пелагонците, но и главен град на четвртата мерида (четвртиот дел) на Македонија по римското освојување. Ние не се противиме на ваквата карактеризација и ќе додадеме дека Пелагонија, како простор на култура, е една од најстарите области на Балканот, Пелагонците една од најстарите заедници со свое кралство, а во периодот на праисторијата под име Пелагонија се подразбирала, дури, и целата етничка територија на Македонија.12

 

1 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqva macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 159 – „…, а давањето божески имиња на смртници е домороден обичај кај Македонците и Фригите, што уште еднаш ја потврдува бригиската компонента кај Македонците.“

2 Гревс Роберт, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 197.

3 Исто.

4 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiac, Pars II, INS­KRIP­TIONES MACEDONIAE, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Sualterus de gryuter, Berolini.Novi Eboraci MIM, 91, 92, 112, 120, 126, 155, 160. Виктор Лилчиќ, Хероонот од Барово, МАКЕДОНСКО НАСЛЕДСТВО, БР.6, 1998, 79.

5 Гревс Роберт, Грчки митови, …, 197.

6 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство, Македонска цивилизација, Скопје 2006, 62 – 67.

7 Гревс Роберт, Грчки митови, …, 197.

8 Виктор Лилчиќ, Диоскурите …, 62 – 67.

9 Тренчо Димитриоски, остатоци од значајна тврдинса, чувар на долината на Вардар, на доминантниот рид „Градот“ кај селото Горни Дисан, Неготинско, pelagon.mk/2021/11.

10 Виктор Лилчиќ, Хероонот од Барово, МАКЕДОНСКО НАСЛЕДСТВО, БР.6, 1998, 79.

11 Исто.

12 Кацаровъ И. Гаврилъ, Пеония – приносъ къмъ старата география и история на Маке­до­ния, Българското географско дружество, София 1921, 9 (види: Фуснота 3, стр. 8 и 9). Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 8.