ТАЈНАТА ЗА ЕДЕН СОРАБОТНИК НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ И ПРВИОТ ЕПИСКОП НА ОХРИД, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ОД ПРВИОТ ВЕК НА НАШАТА ЕРА (2)

НАДГРОБНАТА ПЛОЧА ОД ГРОБОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ОД ПРВИОТ ВЕК И ЖИТИЕТО ЗА НЕГО УНИШТЕНИ ОД ТЕОФИЛАКТ ОХРИДСКИ

            Надгробната плоча на св. Климент Охридски од првиот век и житието за него, напишано од неговите ученици, биле уништени „од блажениот Теофилакт … кој бил чистокрвен цариградски грк“ и го поседувал архиепископскиот престол на Охридската архиепископија во 11 век.15 Според овој архимандритот Кирил Рилски, на гробот на св. Климент од првиот век, блискиот соработник на св. апостол Павле, имало надгробна плоча со натпис на древниот јазик на „илирските бугари“, со „латински или глаголически“ букви со какви се служеле тие. Теофилакт Охридски ја уништил плочата, како и житието за овој светител за да се заборави епископот св. Климент од првиот век и да исчезне народното помнење за него.16 Житието, кое денес го имаме за св. Климент Охридски е напишано, токму, од Теофилакт и, според наведениот автор, од неговата содржина, не може да се разбере за кој светител се работи – за св. Климент епископ од првиот век или св. Климент Охридски кој живеел и дејствувал во деветти век.17

Остатоци од старите градби на Плаошник

            Авторот потсетува дека, и покрај сите заложби на Теофилакт Охридски да го уништи сеќавањето на овој значаен светител во Македонија, кој ревносно работел на ширењето на христијанската вера и просветата на населението во првиот век на нашата ера, споменот за ликот и делото на Климент Охридски од првиот век, сепак, преживеал. Имено, месното население го зачувало споменот за својот голем „светител и просветител“ и, до скоро време, според авторот, народот славел празник во негова чест, односно, со неговото име, на 25 ноември стар стил, на истиот датум на кој се празнувал уште еден светец со такво име, св. Климент папа римски.18

ПРАЗНИЦИТЕ ПОСВЕТЕНИ НА СВ. КЛИМЕНТ ВО  КАЛЕНДАРИТЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ВО МАКЕДОНИЈА ОД РАЗЛИЧНИ ВРЕМИЊА

            Ако се погледнат календарите со постар датум, може да се види дека е точно тврдењето за славењето на св. Климент папа римски на 25 ноември стар стил, но во оние кои успеавме да ги пронајдеме, не можевме да констатираме дека на истиот датум се славел и македонскиот Климент од Охрид од првиот век. Споредувајќи ги овие празници во четири различни календари, успеавме да констатираме само тоа дека на истиот датум, во различни периоди се менувале светителите, или титулирањето на светителот, кому му бил посветен празникот. Така, во најстариот, кој го пронајдовме од 19 век, односно за годината 1884 година од познатиот преродбеник и печатар, Коне Самарџиев, за 25 ноември, стар стил, е запишан празникот, Свети Климент Папа Римски.19 Во следниот по старост, од 1913 година, од К.Ј. Самарџиев, на истиот датум, 25 ноември, стар стил, повторно среќаваме светител со име Климент, но поинаку титулиран, „Препод. (преподобен з.м.) Климент (от. пр. Бог)“.20 Дали, можеби овој светител се однесува, токму, на нашиот епископ Климент од првиот век? Засега не можеме да потврдиме такво нешто, но забележувајќи дека овде светителот не е определен како „Папа Римски“ или „епископ Римски“, а доколку и не се работи за него, тогаш постои можност овој празник да се однесува на охридскиот светител за кој пишува архимандритот Кирил Рилски.

Ѕид од стара градба со стобови на Плаошник

            Третиот календар, кој успеавме да го пронајдеме, потекнува од 1900 година од Евтим Спространов и се однесува на празниците, кои се слават во Охрид. Во него е заведено дека на 25 ноември, стар стил, односно, 8 декемви нов стил, се слави празникот „Св. Климент“. Еве што запишал Спространов за овој датум: „На 25 ноември се празднува ʻзимен сети (Свети, з.м.) Климентʼ. Тогаш станува голем собир (везградъ) во соборната црква во Охрид и доаѓаат многумина од селата со болни и сакати да бараат оздравување. ʻСвети Климент ие фѫнéрлиаʼ“.21 Повторно се соочуваме со специфично празнување посветено на посебен култ кон св. Климент, кој можеби потекнува од некоја традиција на празнување во Охрид и се однесува на св. Климент од првиот век, за кого говори и Кирил Рилски!!? Интересно е дека Спространов, место Климент Римски, наведува празник посветен на св. Климент Охридски, што јасно упатува на разликата на светителот, кој се славел во Охрид на тој датум. Во истиот календар е наведен празник посветен на св. Климент (летен), кој се однесува за 27 јули, стар стил.22

            Во четвртиот календар, од Иван Кузманов Божинов од 1925 година, на истиот датум, односно, 8 декември, нов стил, 25 ноември, стар стил, се среќава, Св. Климент Папа Римски.23

            Интересно е што во Охрид, според Е. Спространов, на 25 ноември, стар стил, место св. Климент Папа Римски, се славел св. Климент Охридски,24 што нѐ упатува на размислување, дали овој празник нема и постара традиција од 9 век, од кој потекнува, нам, познатиот св. Климент, односно, дали во Охрид се зачувала традицијата на почит и славење на св. Климент Охридски од првиот век, кој бил соработник на св. апостол Павле. Тоа значи дека тврдењето на архимандритот Кирил Римски, за менување на имињата на празниците во календарот, односно, на имињата на светителите кои се славеле, се потврдува. Дали такво нешто се случило и со празникот „Св. Климент Охридски“ (кој се однесува на Климент епископ од Охрид во првиот век) а кој, според Рилски, до негово време се славел на споменатиот датум, тешко е да потврдиме со досегашните достапни сознанија, но допуштаме дека таква можност постои.

Столб со капител од Плаошник

            Што се однесува до славењето на празникот „Свети Климент Охридски“, посветен на св. Климент од 9 век, кој се славел на 27 јули, стар стил, односно, 9 август, нов стил, во разни календари, различно е заведен. Додека Спространов на тој датум наведува дека се славел св. Климент Охридски25 (се мисли на познатиот св. Килмент Охридски), во календарот од Коне Самарџиев од 1884 година, на тој датум е заведен празникот, „Великомаченик Пантелејмон“,26 какво што име носи и св. Климентовата црква на Плаошник во Охрид. Во календарот од истиот печатар од 1913 година, освен Св. Пантелејмон се наведени и Св. 7-мо численици,27 а во календарот на Иван К. Божинов од 1925 година, Великомаченик Пантелеи.28

            Во современиот Православен календар, на 25 ноември, стар стил, односно, на 8 декември, нов стил, се празнуваат неколку светители, а меѓу нив „Светиот свештеномаченик Климент, епископ Римски“ и Свети Климент, архиепископ Охридски“, додека на 9 август се слават, исто така, повеќе светители, меѓу кои и Свети Климент, архиепископ Охридски и Светиот великомаченик Пантелејмон.29 Значи, зависно од периодот, некогаш со временско растојание од, само, неколку децении, на истиот датум се заведени различни празници. Тоа нѐ упатува на натамошно истражување во календарите, особено постарите, во кои може да се потврди информацијата што ја дава Кирил Рилски, дека до негово време се славел и св. Климент Охридски – соработник на св. апостол Павле во Македонија и еден од првите епископи на христијанската црква во Македонија.

Ѕид со столбови од Плаошник 2

            Што се однесува до св. Климент папа римски, се работи за светител, кој се смета за еден од првите папи (епископи) на црквата во Рим, кој живеел, исто така, во првиот век, а во времето на царот Трајан бил прогонет во Херсон и, таму, маченички завршил, фрлен во морето од брод. Приказната за него е поврзана, повторно со Македонија, односно, со најголемите христијански просветители, св. Методиј и св. Кирил, кои на патот на својата мисија, дошле и во Херсон, а таму ги пронашле моштите на споменатиот папа и, при доаѓањето во Рим, му ги предале на тогашниот папа, Адријан II.30

            Кирил Рилски, во споменатото дело тврди дека св. Климент Охридски од првиот век, соработникот на св. Апостол Павле, како свој патрон го славеле и македонските учители од времето на авторот, а го празнувал и универзитетот во Софија, кој го носи неговото име, односно, го слави датумот кој се однесува на овој светител, 25 ноември стар стил, додека датумот на кој се слави св. Климент Охридски од деветти век е 27 јули стар стил.31

Свети Климент Папа Римски

            Иако е тешко да се потврди од каде потекнуваат податоците изнесени во делото на архимандритот Кирил Рилски, сепак зачудува неговото тврдење поврзано со моштите на св. Климент од првиот век. Имено, тој изнесува: „Кога се откриле светите мошти на св. Климент …, во длабоката древност, честољубивото православно население од трите градови на стара Бугарија во Македонија: Лихнид (Охрид), Костур и Бер, сакало да ги поседува светите мошти на својот просветител…“.32 Оваа силна желба на православните жители на овие три града, според авторот, била остварена, па така, едната рака од неговите свети мошти, била опкована во сребро и ставена да почива во катедралната црква во Костур, неговата глава, исто така опкована во сребро, била оставена во катедралната црква во Бер, а останатиот дел од неговите свети мошти останале во катедралната црква на архиепископијата во Охрид.33      

            Според Кирил Рилски, над гробот на св. Климент од првиот век била подигната и катедралната црква на Охридската архиепископија, која со доаѓањето на Турците во овој простор била преправена во џамија, позната како Имарет Џамија. Авторот тврди дека овој светец бил особено почитуван и од Турците, кои го нарекувале Синан Баба.34

ЗОШТО ТЕОФИЛАКТ ОХРИДСКИ ГИ УНИШТИЛ НАДГРОБНАТА ПЛОЧА И ЖИТИЕТО НА СВ. КЛИМЕНТ

            Споменатиот автор се обидел да објасни зошто Теофилакт Охридски сакал да го уништи споменот за св. Климент Охридски од првиот век на нашата ера. Имено, тој тврди дека нетрпението на Грците кон населението од Македонија, кое тој го нарекува „илирски Бугари“ било од длабока древност, а по паѓањето на Самоиловото царство и симнувањето на Охридската патријаршија од негово време на ниво на Архиепископија, архиепископите биле поставувани од Цариград и, биле претежно Грци по потекло, кои не биле расположени да го негуваат споменот на евангелското и апостолско потекло на црквата во Македонија, во чија основа биле ликот и делото на споменатиот св.Климент. Исто така, ова прикривање и уништување на спомените, списите и спомениците, кои говореле за апостолската основа на црквата во Македонија, било последица и на фактот што црквите во Македонија долго време биле под влијание на Римската црква, која и го прогласила за светец, споменатиот Климент од првиот век. Така, Кирил Рилски, тврди дека во времето на архипископот Теофилакт Охридски, конфликтот меѓу Цариградската и Римската црква бил разгорен до омраза, па поради тоа Теофилакт ја уништил плочата со натписот за првиот св. Климент и го изменил неговото житие, за да се исчезне споменот за него меѓу народот и да се прикрие Евангелското потекло на црквата во Македонија.35

Костур

            Ако се погледа Библијата, односно, Второто послание до Филипјаните, може да се забележи споменувањето на извесен соработник на апостолот во Македонија, со име Климент. Еве го тој дел од текстот од Посланието до Филипјаните: „Еводија ја поттикнувам и Синтихија ја поттикнувам да бидат сложни во размислувањето, како што им прилега на слуги на Господарот. Да, те молам и тебе, вистински другару, помагај им на тие жени кои се бореа за добрата вест заедно со мене, и со Климент и со останатите мои соработници, чии имиња се во книгата на животот.36

            Од текстот, не може да се открие потеклото на Климент, односно, дали тој потекнувал од некое место во Македонија или дошол во мисијата на апостолот од некое друго место. Фактот што апостол Павле со своите придружници и помошници се движел во познатата магистрала од тоа време, Виа Игнациа,37 која минувала и крај Охрид, односно, Лихнид наведува на помисла дека тој присуствувал и во овој град, иако во Библијата не среќаваме таков податок.

Еден од најновите пронајдоци од Охрид – митскиот летач Дедал

            Кога се размислува за историјата на македонската култура, а со тоа и за историјата на христијанството во Македонија во контекст на податоците од историјата и археологијата на градот Охрид, може да се констатира дека постојат огромни „празнини“, особено, почнувајќи од периодот во кој живеел св. Климент Охридски, епископ и соработник на св. апостол Павле до периодот на помладиот, св. Климент Охридски. Стариот дел од денешниот град Охрид е преполн со остатоци од материајлна култура почнувајќи од праисторијата, најмалку, бронзеното време и, се чини дека, континуирано живеел и се развивал како значаен град во повеќе епохи на истиот простор, сѐ  до денес. Токму тој факт е голема пречка за да се идентификуваат посебни моменти, настани и личности од историјата на Охрид, како и од историјата на Македонија. Кога станува збор за тоа, особено, празен е перидот од историјата на христијанската црква во Македонија, а во тој состав и на Охрид, кој претставувал вистински центар на христијанството од самите негови почетоци до времето на деветиот век. Затоа, тврдењето на архимандритот Кирил Рилски побудува посебен интерес и „повикува“ на посериозен пристап кон проучувањето на христијанството во овој град, како и на Македонија, со сериозен и аналитичен истражувачки пристап кон периодот до формирањето на познатата Јустинијана Прима, како самостојна црква во Македонија, со широко владеење на Блаканскиот Полуостров, како и првите векови по нејзиното создавање. Токму на тоа нѐ поттикнува книгата на архимандритот Крил Рилски, од село Битуше во западниот дел на Македонија. Значи, во Охрид се напластени векови и милениуми култура со континуитет на активно живеење и развој. Местото, пак, за кое овој автор тврди дека било почивалиште и на епископот св. Климент од првиот век на нашата ера, е вистински пример за тоа. Според истиот автор, на гробот од овој прв св. Климент Охридски, соработник на св. апостол Павле, подоцна била изградена престолна црква на Охридската архиепископија, која била посветена на св. Климент, првиот епископ на црквата во Македонија, а таква црква имало и во времето на св. Климент Охридски од 9 век.38 Оваа црква, односно, соборната црква на Плаошник од времето на св. Климент Охридски од 9 век, била срушена од Турците бидејќи била близу до имаретот (народна кујна) што го изградиле тие.39

Три различни елементи од градба – основа од столб, јонски капител и импост капител

            „Тука имавме големо археолошко ископување со стотици археолози студенти и работници и беа отворени голем број градби, пронајдени голем број недвижни и безброј движни археолошки наоди од различни периоди, почнувајќи од бронзеното време, па се до средните векови. За жал, засега, нема услови за сериозно продолжување на истражувачката работа на овој исклучителен локалитет“ – вели Паско Кузман, еден од најпознатите археолози од овој град.

Основа од столб и јонски капител од Плаошник

            Што се однесува до какви било археолошки траги од гробот на споменатиот св. Климент, соработник на св. апостол Павле, односно, од надгробната плоча со натпис, засега не може да стане збор. Единствено дава надеж фактот што преданието за апостол Павле, на некој начин е сочувано во Охридско-струшкиот регион. Имено, како што потврдува и споменатиот археолог, Паско Кузман, знаејќи дека низ овој регион поминувала античката магистрала, Виа Игнација, по која се движел и апостолот во својата христијанска мисија, не е чудо што меѓу жителите на населбите од неговата блиска околина и денес постојат, односно, се сочувани извесни спомени, кои упатуваат на него. Имено, покрај трасата на оваа античка магистрала, на некои места се среќаваат топоними, како „Павлова Дупка“ или други слични на неа, кои, барем, упатуваат на можноста дека апостолот поминал и низ овие места и оставил свои следбеници, каков што би можел да биде и споменатиот негов соработник, св. Климент епископ, а тоа упатува на можноста од создавање црква во тогашниот Лихнид уште во првиот век, по примерот на другите македонски градови и градовите од Балканот во кои се појавиле првите цркви, а нејзин прв старешина да бил, токму, споменатиот Климент, соработник на св. апостол Павле во Македонија.

 

 

15 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква в Илирия, Издателство и производство –  Печатница „Нов Живот“, София 1930, 11 – 13.

16 Исто, 12.

17 Исто.

18 Исто, 13.

19 К. Г. Самарџиев, Календар „Св. Кирил и Методиј“ за високосната 1884 година, издава Книжарница на К. Г. Самарџиев и С-ие, во Солун и Прилеп (Види 25 ноември, стар стил или 7 ноември, нов стилс).

20 К. Ј. Самарџиев, каледнар за 1913 година, Солун (Види: 25 ноември, стар стил или 8 декември, нов стил), 51.

21 Е. Спространов, Од Охрид, Зборник НАРОДНИ УМОТВОРЕНИЈА, НАУКА И КНИЖНИНА, Министерство за народна просвета, Софија 1900, 37.

22 Исто, 35.

23 Иван Кузманов Божинов, Календарче, Вардар, Софија 1925, 21.

24 Е. Спространов, Од Охрид, …, 37.

25 Исто, 35.

26 К. Г. Самарџиев, Календар …,

27 К. Г. Самарџиев, каледнар за 1913 година, 43.

28 Иван Кузманов Божинов, …,

29 Православен календар за 2023 година, види: месец август и месец декември.

30 Житие на св. Кирил.

31 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква в Илирия,…, 13.

32 Исто, 14.

33 Исто.

34 Исто.

35 Исто, 13 – 17.

36 Послание до Филипјаните 4:1 – 23, 1494.

37 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија – седум слова за почетоците и етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017, 38 – 40.

38 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква в Илирия,…, 13, 14.

39 Исто, 14.