ТАЈНАТА ЗА ЕДЕН СОРАБОТНИК НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ И ПРВИОТ ЕПИСКОП НА ОХРИД, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ОД ПРВИОТ ВЕК НА НАШАТА ЕРА (1)

            Архимандрит Кирил Рилски од селото Битуше во западна Македонија, во својата книга, Българската самостоятелна църква в Илирия, објавена во 1930 година, изнесува една неверојатна информација за првиот епископ на Охрид, Климент, од првиот век на нашата ера. Во својата историја за самостојна црква на Илирија, всушност, говори за историјата на Македонија, на Македонското кралство и Македонците, а живеејќи во специфично време и услови во втората половина на 19 и првата половина на 20 век, се обидел на свој начин, според бугарски научници, „на романтичен начин“, да ја објасни културата и историјата на просторот на Македонија, нарекувајќи ја Стара Бугарија и користејќи се со географските определби од римскиот период. Сепак, ценејќи го фактот дека и самиот потекнувал од просторот на Македонија, од селото Битуше во Западна Македонија, односно, и самиот бил Македонец по потекло, неговите толкувања за историскиот и културниот континуитет на овој простор се, особено, интересни. Тој говори за своевиден културен и етнички континуитет на просторот на Македонија, кој започнал уште со појавата на Македонците. Веројатно, поради политичкиот и општествениот амбиент, како и согласно со информациите кои ги поседувал, тој се служи со етничката определба Илири, а живеејќи во услови на бугарски институции, изнесува многу нереална определба, илирски Бугари кои, според него, ја населувале, „старата класична Бугарија во Македонија, во Илирија на Балканскиот Полуостров“ и додава: „му припаѓале на древните трако-илирски племиња и живееле во Илирија од незапамтени предисториски времиња, како многубошци пред Христа; тие имале политички самостојна држава во стара Бугарија во Македонија“.1 Така продолжува да го објаснува античкиот период на Балканот, односно во Македонија но, сепак, јасен е неговиот став за културен и етнички континуитет на просторот на Македонија. Особено од неговото следно пишување дека истите граѓани на античкото кралство Македонија, по завладувањето од страна на Римјаните, „станале слободни римски граѓани, кои ги користеле сите римски привилегии, како слободен, образован и културен народ, на римски граѓани.2  

Архимандрит Кирил Рилски
Книгата на архимандрит Кирил Рилски од селото Битуше

         

ЕВАНГЕЛСКО-АПОСТОЛСКА ЦРКВА ВО МАКЕДОНИЈА

            Во продолжение, архимандритот Кирил Рилски, изнесува интересни историски и културни информации за уништувањето на остатоците и покривањето на трагите на богата култура на Македонците (тој ги определува како илирски Бугари). Како човек со нагласено образование, особено, црковно-христијанско и како лице кое извршувало значајни црковни функции во рамките на бугарската национална црква, Егзархијата, особено, интересни се неговите податоци за историскиот континуитет на христијанската црква во Македонија, која тој ја смета за апостолска, бидејќи е резултат на христијанската мисија на св. апостол Павле и на неговите најблиски соработници. Всушност, како што изнесува тој, „древните илирски бугари од Илирија во стара Бугарија во Македонија биле просветени во еванглското Христово учење од св. апостол Павле, кога тој дошол на Балканскиот Полуостров во Илирија и од нив била основана првата христијанска црква во Европа (Деян. XVI глава)“.3 Освен тоа, Кирил Рилски извлекува и еден своевиден заклучок за Македонците од тоа време, кои ги именува со името илирски Бугари, веројатно, прилагодувајќи се на општествено-политичкиот и црковен момент во кој се наоѓал, работел и живел, а сакајќи да го објасни историскиот, културниот и етничкиот континуитет на овој простор од најстарите времиња. Нам, секако, треба да ни биде јасно дека терминот Бугари во античкиот период не е својствен за овој простор, а појавата на таков етнички елемент на Балканот се лоцира во 6 и 7 век на нашата ера. На овој етнички и културен елемент, од кои се состоела тогашната Македонија, Рилски му припишува нагласена просветеност и култура, која возможувала прифаќање на напредното Христово учење. Всушност, еве го тој исказ во неговата книга: „Илирските Бугари (Читај: Македонци, зм.) како слободни римски граѓани и просветен културен народ, најмногу биле подготвени, умствено да го восприемат возвишеното христијанско евангелско учење“.4      

СВ. КЛИМЕНТ, СВЕТИТЕЛ И ПРОСВЕТИТЕЛ, СОРАБОТНИК НА СВ. АПОСТОЛ ПАВЛЕ – ЕПИСКОП ВО МАКЕДОНИЈА, ПОГРЕБАН ВО ОХРИД           

            Како помошник на св. апостол Павле во основањето на древната апостолска црква во Македонија, Кирил Рилски наведува извесен христијански сподвижник од тоа време, познат како Климент, кој „произлегувал од илирските Бугари“ и кого го нарекува и епископ.5 Според него, епископот Климент продолжил со апостолското дело на апостол Павле и по неговото заминување во Рим, каде маченички го завршил својот живот.6  Овој факт, тој го поткрепува со споменувањето на соработник со такво име во Македонија од самиот апостол Павле, во Светата книга – Библијата, односно, во Второто послание до Филипјаните.7 Имено, тој пишува за епископ Климент Охридски од првиот век на нашата ера кој, според него, бил близок соработник на св. апостол Павле во неговата христијанска мисија во Македонија и кој станал и, доживувајќи длабока старост, бил погребан во Охрид.8 Архимандритот Кирил тврди дека овој Климент од првиот век, соработник на апостол Павле, продолжил со христијанската дејност, просветувајќи ги Македонците („илирските Бугари“) и другите пагански народности од тоа време во христијански дух и идеологија а, првенствено, работејќи во три македонски градови, кои биле просветени од самиот апостол Павле и во кои основал цркви – Лихнид (Охрид), Костур и Бер.9 Служејќи и на христијанската вера, овој соработник на апостол Павле, епископот Климент, доживеал длабока старост и кога умрел, бил исплакан од неговите следбеници, негови ученици, кои го погребале на многу видно место. Подоцна, над неговиотр гроб била подигната црква со неговото име „Св.Климент“, која служела како катедрална архиепископска црква за следните векови и се наоѓала на рид над Охридското Езеро.10 Всушност, архимандритот Кирил Рилски тврди дека таа катедрална црква во која бил погребан епископот Климент Охридски од првиот век на нашата ера, соработник и следбеник на св. апостол Павле, се наоѓала на истото место на кое во Охрид, подоцна изградил своја црква и Климент Охридски, кој потекнувал од „словенизираните веќе древни илирски Бугари“, ученик и соработник на светите Методиј и Кирил, односно, на ридот познат како Имарет, односно, Плаошник.11 Според пишувањето на архимандритот Кирил Рилски, многубројните ученици на епископот св. Климент, „кои биле очевидци на неговиот свет живот и неговите пастирски трудови го напишале и неговото житие“ кое, како што тврди тој, „за жал не дошло до нас; до нас дошло житието од 11 век, напишано од „блажениот Теофилакт“ кое, според него, „е преполно со извртени иосториски факти и противречности.“12 Што се однесува до автентичноста на Житието за св. Климент, извесни сомневања има и кај современите истражувачи, кои наведуваат дека Теофилакт Охридски извршил извесни прилагодувања на податоците во согласност со тогашните византиски општествени, политички, културни и религиски интереси. Еве еден цитат од Ликин: „Треба да се има предвид дека Теофилакт извршил адаптација на неговата содржина (на Житието на св. Климент Охридаки, зм.), согласно идеолошките и црковно-политичките интереси на Византиската Империја. Содржината на неговото житие подоцна, во XIII век, му послужила на Димитриј Хоматијан да напише ново Кратко житие за св. Климент. Во него, исто така се забележува адаптација и преосмислување на одредени настани како и вметнување погрешни податоци.13

Обновениот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник

                Во својата книга, Кирил Рилски, тврди дека во истата катедрална црква во која бил погребан св. Климент од првиот век, кој „потекнувал од илирските Бугари, коренити жители на Балканскиот Полуостров, кои им припаѓале на древните трако-илирски племиња подоцна, по многу векови, бил погребан и „св. Климент славјански епископ, кој потекнувал од словенизираните веќе древни илирски Бугари“.14 Според него, двајцата епископи на апостолската црква биле погребани во истата катедрална црква, дејствувале во различни времиња и никако не треба да се мешаат нивните имиња.

 

1 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква в Илирия, Издателство и производство – София, 2012,3.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто, 9.

5 Исто, 9 и 10.

6 Исто, 10.

7 Исто, 7. Библија, Послание до Филипјаните 4:1 – 23, 1494.

8 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква…, 10.

9 Исто (Деян. XVII 10 ст.).

10 Исто.

11 Исто.

12 Исто, 10 – 12.

13 м-р Васил Ѓорѓиев – Ликин, летопис за животот и дејноста на св. Климент Охридски, Завод за аштита на спомениците на културат и Музеј – Струмица, Музејски летопис (Зборник на трудови по повод 65 години „Завод и Музеј“ – Струмица), Струмица 2017, 357.

14 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква…, 10, 11.