ЕДЕН ОД НАЈАТРАКТИВНИТЕ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТИ, МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП, БЕЗ ДОМАЌИН
Ние од Пелагон сме сигурни дека Маркови Кули кај Прилеп, по многу културни содржини и археолошки вредности е единствен локалитет во Македонија, но и пошироко. Тоа одговорно го тврдиме и можеме да го докажеме со соодветни сознанија, информации, податоци и документи од нашата архива. За жал,состојбата во која се наоѓа е катастрофална. Надлежните институции, односно, „домаќините“ во чие владение е локалитетот како да не постојат за него. Може ли еден атрактивен споменик на културата, полн со разновидни културни вредности да „живее“ без сериозен „домаќин“? Многу често, кога треба да се истакне значењето на материјалната култура на градот, како и нејзината улога во развојот на туризмот, авторитетни субјекти од градот, овој локалитет го ставаат на врвно место. Ги истакнуваат неговите вредности и потенцијали, обидувајќи се на тој начин да го истакнат и сопственото значење и улога. Но каде е нивното значење и улога во однос на заштитата, одржувањето и зачувувањето на вредностите на оваа природна и културна атракција со ретки природни и културни вредности? Гледајќи го тоа на теренот на самиот локалитет, речиси, никаде!

Ако денес решите да го посетите овој локалитет самите ќе се уверите во тоа, зашто ќе се соочите со апокалиптична слика на секој чекор. Расфрлано ѓубре и шут, непроодни патеки, искршени и испоганети објекти, паднати стебла и слично. Ако сакате да им ги истакнете неговите вредности на заинтересиран и љубопитен посетител и турист, најпрво ќе морате да го соочите со оваа апокалиптична слика. Во таква состојба, како да го уверите посетителот – туристот дека овој локалитет крие неповторливи културни вредности? Како да го убедите дека сте добар домаќин? Верувајте дека ќе се соочите со тежок проблем. Независно од тоа дали вашиот гостин ќе реагира на таквата состојба или ќе го премолчи тоа од лична култура, односно, од обѕир кон вас, кој се труди да му пренесе исклучителни природни и културни атракции на градот.

Најпрво ќе паднат „во вода“ сите ваши напори за да им ги покажете неговите содржини поради комплетната запоставеност, лошите патеки, целосната обраснатост во треви грмушки и капини. Потоа ќе „падне во вода“ и вашиот обид да докажете дека сте добар домаќин, зашто таквиот домаќин нема да дозволи создавање на ваква апокалиптична состојба. Неуреденост, нечистотија, уништени објекти. Со каков впечаток ќе си замине вашиот гостин по завршената прошетка, можете само да претпоставувате, но јасно е дека сликата со која сте го соочиле не ќе може да не ја забележи, а уште повеќе, не ќе може лесно да ја надмине. Опасноста на која сте го изложиле во уништените или обраснати и затревени патеки може да му предизвика, дури и траума, па така вашиот напор да го соочите со неповторливите вреднссти, со кои овој споменик на природата и културата секако располага ќе ви биде залуден.

Ние често ги истакнуваме проблемите поврзани со Маркови Кули и, верувале или не, со најдобри намери, зашто сме крајно разочарани од таквата состојба, која е резултат на соодветен однос на „домаќинот“ и искажуваме жалење поради тоа. За жал, наидуваме само на игнорирање и навредени лица кај „домаќините“, наместо обид состојбата да се поправи. А за тоа, како што сме сигурни во неповторливите вредности кои ги содржи споменатиот споменик на култура, исто така, сме сигурни дека состојбите можат многу брзо да се поправат на општо задоволство и општа корист. Секако, како што сме истакнувале повеќе пати, потребен е соодветен ангажман, координација меѓу надлежните институции и органи и искористување на сите фактори, капацитети, субјекти и поединци, кои можат да придонесат за тоа. Пелагон, засега, може само да ја следи сотојбата и да се обиде да ја презентира пред пошироката јавност, особено пред „домаќините“ на овој споменик, зашто е надвор од системскиот дел, кој е надлежен за вистински ангажман за средување на споменатата состојба. Од друга страна нашето, речиси, систематско следење на разновидните културни и природни вредности, како и на разновидните деструктивни настани и динамични појави на Маркови Кули, ни дава за право да се искажеме на овој начин, зашто за тоа имаме соодветни информации, податоци и аргументи. Уште повеќе, иако личи самоуверено, сметаме дека поседуваме сознанија, информации, податоци и документи, како и фотографска документација, собрани во текот на неколку децении активна работа и следење, кои не можат да се сретнат на друго место.










