НИКОДИН – СЕЛОТО КОЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА СВ. НИКОДИМ И ЖИЛАВО СЕ БОРИ ЗА СВОЈАТА ИДНИНА

Длабоко во полите на планината Бабуна, под „закрила“ на високиот врв Козјак, на 37 километри североисточно од Прилеп, на пониските кеменести падини на планината, обиколено со шуми и длабоки рекички и долови, чмае едно од големиот број запоставени македонски села, некогаш со убави камени куќи полни со луѓе, денес одвај живо, сепак жилаво, селото Никодин. Киптат времињата во него, „мириса“ длабоката историја од длабоко зкоренетите дрвја, високите треви, карпите и камењата, големите камени куќи и замандалените, но разнишани порти по авлиите. Ги набљудуваш, големите зданија од руралната архитектура и не можеш да не забележиш дека се градени од раце на вешти мајстори во едно време на силна животна енергија, на верба во опстанок и напредок на поединецот и семејството. Не можеш да не забележиш дека тие граделе со вкус, со вештина и знаење, но и со желба за естетика и практичност. Сите куќи амбари и плевни, говедарници и трла се изградени само од камен за да им се даде цврстина и опстанок за вечност, за да бидат вистинска заштита за живите суштества, кои ќе престојуваат во нив. Задачата на мајсторите била целосно постигната па, иако денес напуштени, делумно во распаѓање, сепак зачувале дел од естетиката, импознатноста, практичноста и типлината.

Црквата „Св. Атанас“ со камбанаријата во Никодин

               Особен белег на архитектурата се покривите со стар тип на ќерамиди, со лачна форма, познати како „турски“. Всушност, овој тип на покрив е карактеристичен за турскиот период, па Никодин со своите градби не упатува токму на тоа време, иако поголемиот број од куќите биле градени во периодот по Втората светска војна. Всушност, тие во тој период се само обновени, добиле посовремена форма, пораскошна, често и импозантна, но покривите останале да бидат сведоци на едно постаро време. Некои од градбите се навистина со нагласени димензии, со разиграна архитектура, со впечатливи форми чардаци, скали и слични архитектонски елементи. Пооделни куќи заличуваат на помали згради, а нам не потсетуваат на минатото, кога селото било полно со живот, во куќите живееле семејства со нагласен број членови од сите возрасти. За жал, денес, жителите ги напуштиле и ги оставиле во владение на природата, која доаѓа по своето без пардон, полека си го враќа во својата широка прегратка, укажувајќи ни на нејзината спонатна, но немерлива сила.

Поголема напуштена куќа во „прегратки“ на природата

               Селото Никодин, секако е старо неколку века, а достапните податоци убедливо говорат за најмалку 6 непрекинат живот во него. Тоа се гледа од и од разновидните траги по градбите и во просторот на кој е расположено, во разновидните споменици со старо потекло, во преданијата кои ги пренесуваат жителите на селото – малкуте кои сѐ уште го „крепат“ и оние со потекло од него, како и во ситните археолошки наоди низ самото село, остатоци од керамички садови и слични предмети.

Фрагмент од столб од камен – дел од стара градба кај црквата

               Најстари податоци за жителството на селото среќаваме во турските домукенти, тн. дефтери, кои турската власт прецизно ги водела за наплата на даноците. Податоците од нив ги среќаваме во книгата „Населби и население“ од Александар Стојаноски и Драги Ѓорѓиев, а во неа стои: „Никодин, христијанско село јужно од Велес, во Велешката нахија. Во 1445 г. имало 20 семејства, 4 неженети и 6 вдовици; во 1467/68 г. – 42 семејства и 2 неженети; во 1481 /82 г. – 48 семејства; во 1519 г. – 56 семејства и 6 вдовици; во 1528/29 г. – 49 семејства, 5 неженети и 3 вдовици; во 1544/45 г. – 54 семејства, 10 неженети и 6 вдовици; во 1568/69 г. – недостасуваат листовите на кои селото било регистрирано.1

Улица со куќа и ограден ѕид со порта

               Потоа такви податоци среќаваме во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника, во која е запишано дека во 1873 година Никодин имало 80 куќи и 343 жители.2 Подоцнежните известувачи за бројот на жителите на селото Никодин изнесуваат бројки, кои збунуваат. Имено, кај Васил Кнчов, во неговата книга „Македонија. Етнографија и статистика“, стои дека во 1900 година Никодин имало, дури, 900 жители,3 а кај Димитар Мишев во неговата „La Macédoine et sa Population Chrétienne“ среќаваме податок дека во 1905 година ова село броело, дури, 1032 жители од кои 664 егзархисти и 368 патријаршисти.4 Тешко е да се каже како за рок од неколку децении од 343 жители селото „скокнало“ на 900 и повторно во рок од неколку години (5) има голема разлика во бројот на жителите кај претходниот автор и кај Димитар Мишев, но и едниот и другиот број жители упатува на тоа дека во Никодин во тоа време, односно, крајот на 19 и почетокот на 20 век имало завиден број жители, па гледано од денешен аспект, изгледа како да се случил некој погром на жителите и денес во Никодин е регистриран само еден жител, иако во неколку куќи, 6-7, има постојано присуство.

Голема семејна куќа од камен и плитар

               Неколку имиња на жители на селото се споменуваат во крајот на 18 и почетокот на 19 век, кои го посетувале манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп. Во првото од нив се споменуваат имињата, „Младен, Трна, Стана, Стојан, В(е)лика, Велко, Сима, Стојко, Неда, Јоан, Ката, Апостол, Стоја, Пере и Неде(а).“5 На второто место во Кодикот ги среќаваме имињата со текст за подароците: „Илко ведро ракија; писа Стоиче; писа Стојан; .Ĩ. пари за (здравје); писа Неделко помени(к), Јован, Струма, Косте, Неделко, Кочо, Ѓуро, Анѓа, Никола: Неделко и .Ĩ. пар(и) за з(дравје); писа Секула говедо за з(др)а(вие) неземето.“6

Црквата „Св. Атанас“ со трпезаријата од западната страна

               Црквата, „Св. Атанас“, која се наоѓа во центарот на селото е изградена во 19 век. Живописана е во 1943 година од мајстори од западна Македонија, од селото Гари. Селска слава на селото е празникот Илинден, односно, св. Илија е заштитник на селото. Прашуваме зошто св. Илија е патрон на селото и неговиот празник се слави како селска слава, а црквата носи име на друг светец, св. Атанас. Драган Николоски, кој потекнува од ова село и е во поодминати години, над 80, вели дека откако знае тој селска слава е Илинден, но дека црква „Св.Илија“, помала градба, имало на околу еден километар пред селото, на ридот, каде се гробиштата во кои биле погребувани покојниците од Никодин. Како што пренесува тој, гробишта имало и околу сегашната црква во селото, но денес, речиси, нема траги од нив. Останал само еден гроб од јужната страна на црквата, во дворот пред јужниот влез за кој се смета дека бил гроб на некој поп од селото. Ако еден надгробен споменик од мермер зачуван во црквата, потекнува од гробот на споменатиот свештеник, тогаш се работи за свештеник, кој се упокоил во 1800 година. Се знае уште еден гроб, од западната страна на црквата, десно од влезот во дворот во кој било огребано некое дете, девојче и толку. Инаку, како што запаметил Драган, гробови имало и во поширокиот круг одколу црквата, во самиот двор и надвор од него, но денес тоа тешко ќе го забележите. На местото на гробиштата, додека имало жители во селото, започнале да се одвиваат и други активности, а во тој простор била подигната и зградата на селското училиште, која денес е во распаѓање. Драган Николски вели дека тоа училишната сграда била подигната во 1923 година, а пред тоа децата учеле во некоја куќа од селото.

Остаток од училишната зграда

               Една од земјоделските култури од кои опстојувале жителите на селото во минатот, а во мали размери е зачувана и денес е одгледувањето винова лоза. Атарите на селата Никодин и Ракле се познати по тоа што имаат исклучителни услови за одгледување винова лоза, па со овој простор се поврзува е идна посебна сорта винова лоза, позната како „никодимка“. За жал, денес оваа сорта грозје исчезнала. Меѓу жителите и познавачите, се пренесува извесен настан поврзан со јапонска делегација, која го посетила просторот на овие села и понудила откуп на земјиштето (или побарала некој вид концесија) од тогашната власт за одгледување винова лоза, со тоа што ќе ги обезбеди за живот сите жители на селата од овој простор, но тоа не се случило. Евентуална таква зделка, веројатно, ќе била значаен проект, кој ќе придонесел за развојот на овој простор, но … .

Центарот на селото со чешмата

               Денес можеме да бидеме сведоци на масовно распаѓање на една интересна рурална населба, демографски колапс и, речиси, целосна запуштеност. Сепак, реалноста не е сосема разочарувачка. Всушност, нам не ни е цел да ја истакнеме само лошата состојба во која денес се наоѓа селото. Извесни случувања во него будат надеж за неговата иднина. Во центарот на селото, се соочуваме со зачувана стара чешма изградена од камен, со нагласени димензии и впечатлива форма и естетика, од која можете да налеете вода и да се освежите и денес. Слична чешма ќе ве израдува и на неколку стотици метри пред селото. Во центарот на селото се наоѓа и селската црква „Св. Атанас“, исто така зачувана и со обновени делови од градбата и дворот, со убава камбанарија од камен и нови помошни простории. Интересен е податокот дка црквата е живописана од зографи од Западна Македонија од селото Гари, токму за време на Народноослободителната војна, во 1943 година. Во неа оваа година се прослави селската слава Илинден, со божја служба, со празничен ручек и општонародна веселба.  

Од настапот на КУД „Моминок“ од Прилеп на празникот Илинден

               Во близина на чешмата има неколку зачувани стари куќи, како и еден споменик од НОБ, поврзан со познатиот Февруарски поход. На најзападниот дел од селото „свети“ една сосема нова градба со бела фасада, сопственост на поранешен жител од селото, кој не сака да се откаже од своите корени, кој ја обновил својата родна куќа. Тука, во самиот центар на селото, во близина на чешмата и селската црква „Св. Атанас“, еден од потомците изградил сосема нова куќа, замашна градба, исклучиво од камен. Низ селото, речиси, во секое мало, ќе наидете на по некоја куќа со реконструирани делови, заштитен и зачистен двор и потсредена фасада. Старото не може да се врати, но доаѓа новото. Ние веруваме дека тоа ќе донесе нов напредок, на посовремени основи. Наша сугестија е, како до сопствениците на куќите, така и до надлежните иснтитуции во државата да преземат нешто околу сочувувањето на старите вредности и на стариот амбиент на ова село со богата историја. Особено вредностите поврзани со неговата архитектура, која ни доловува интересен амбиент на минатото, кој секако ќе гопочувствувате ако се прошетате низ обраснатите улици на селото, посветувајќи внимание на старите градби, портите, отворените тремови, живописните покриви со „турските“ ќерамиди, амбарите пред куќите и сл.

Две куќи на влезот во селото

               Токму бујниот живот во минатото на ова село, денес поттикнува разновидни преданија и раскажувања кај неговите потомци за бурни настани на овој простор, поврзани со дамнешни времиња. Едно од нив е преданието за храброста и издржливоста на жителите на селото во одбрана од освојувањто на Турците, кои долго време воделе битка и не сакале да потпаднат под ропство. Некои од раскажувачите, овој настан го поврзуваат со извесен свештеник Никодим, кој се чини како епоним на ова село, а за кој раскажувачите тврдат дека потекнува од ова село. Иако нема доволно докази за тоа, нема причина да ја отфрламе таквата можност, а овде само ќе го споменеме познатиот светец Никодим, познат како Тисмански, според местото во Романија, на кое изградил познат манастир, а бил голем христијански сподвижник, кој силно се посветил на својата вера уште во родното место, па преку Света Гора, каде станал и игумен на еден од манастирите, на неколку места во Србија, па во Романија на реката Тисман, придонесол за развој на христијанската вера пошироко на Блаканот.

Голема семејна куќа од камен, комбинирано со плитар и дрво – бондрук

               Иако нема посериозни докази, за него се вели дека бил роден 1320 година во Прилеп, а своето долго и плодно христијанско патешествие го завршил во Романија, во манастирот познат како Тисман, кој самиот го подигнал. Дали овој светец има врски со селото Никодин, засега не можеме да знаеме, но јасна е поврзаноста на името на ова село со името на светецот. Знаејќи дека тој се родил пред доаѓањето на Турците на Балканот, а живеел неколку децении и по турското завладување, односно во 1406 година, преданието што го пренесуваат никодинци за него не треба да се отфрла.          Настаните од борбата против ропството, како и разновидните страдања на жителите во турскиот период, како од Турците, така и од пропагандистичките чети, кои често доаѓале во овој крај и вршеле асимилација на населението, оставиле последици во духовниот живот на потомците на ова село, сѐ до денес. Секако, еден од настаните, кој најдлабоко се всадил во духот на населението од овој простор и кој не може и не смее да биде заборавен е големата битка на врвот, „Ножот“, кој се наоѓа меѓу селата Ракле и Никодин и во кој загинале 67 храбри комити, борци за слободата на Македонија, како своевидна саможртва и израз на непокорност.

Споменик од НОБ во чест на Февруарскиот марш

               Селото располага со повеќе маала, од кои едно е познато како Глоговица. Тој е во долниот дел, блиску до реката. Оттука потекнува Александар Ивановски – Глоговичанец, педагог и автор на историски книги меѓу кои и книгата „Никодин низ историјата“. Еден локалитет од околината, кој е регистиран од археолозите носи исто такво име и се опишува како локалитет со остатоци од некропола од римскиот период. Во старите текстови, се среќава и село во Прилепско со исто име, Глоговица. Две имиња на жители на ова село, кои личат на прекари, се среќаваат и во Кодикот на манастирот Трескавец кај Прилеп. Тие се Дрошок и Грко, кои го посетиле манастирот околу 1800 година.7 Во околината се познати уште неколку археолошки локалитети кои се датираат, главно, во римското време и доцната антика, но податоците се врз база на површни согледувања и рекогносцирање, па секако, недоволни за посериозно согледување на историјата на културата на овој простор. Меѓу жителите на селото, особено, е популарен локалитетот „Бели Полани“, кој располага со населба со тврдина од која има остатоци и денес, а тоа ги возбудува духовите на љубопитниците и потомците на овој крај. Оваа тема, сепак, ќе ја оставиме за некој следен прилог и за наше посериозно истражување во иднина, зашто овој простор тоа го заслужува. Меѓу другото, за тоа говорат и неколкуте споменици од камен, кои се среќаваат околу црквата „Св. Атанас“, во кругот на манастирот „Св. Богородица“, кој се наоѓа на околу 2 километри под селото, како и на други места од околината. За тоа говорат и некои од патиштата, кои излегуваат од селото и водат кон околните села, а кои зачувале интересни поплочувања и подѕидоци, кои говорат за долга традиција на користење од некое подалечно време. Оваа кратка репортажа за селото Никодин ќе ја завршиме овде, а со теми и откритија поврзани со него, кои се резултат на недамнешна посета, наскоро повторно ќе се појавиме во нашиот портал.

 

1 Д-р Александар Стојаноски, М-р Драги Ѓорѓиев, Населби и население во Македонија во XV и XVI век – дел I, Институт за национална историја – Државен архив на Македонија, Скопје 2001, 149.

2 Ethnographie des Vilayets d’Andrinople, de Monastir et de Salonique, Courrier Dorient, Constantinople 1900, 58.

3 Васил Кнчов, Македонија. Етнографија и Статистика, Бугарско книжевно дружество, Софија 1900, 158

4 D. M. Brankoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne, Librarie Plon, Paris 1905, 119.

5 Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, Том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Skopje 1981, 229.

6 Исто, 400.

7 Исто, 233.