БОЖЈА ВРАТА, БЕЛА СТЕНА, УЛИЦИТЕ – ТРИ ЛОКАЛИТЕТИ ОД АТАРОТ НА СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО СО ИСКЛУЧИТЕЛНА ПРИРОДНА ЕСТЕТИКА И ПРИСУСТВО НА ПРАИСТОРИСКА КУЛТУРА

Сите три локалитетити, надоврзувајќи се еден на друг, градат единствен природен концепт составен од голем број разновидни геолошки појави, кои се вистински експонати на недостижната природна креативност, која може да се мери само со божјата. Тука ќе се соочите, не само со неприкосновените способности за создавање на божјата рака, туку ќе ја почуствувате и божјата надмоќ над се постоечко на овој свет. Соочувајќи се, истовремено, и со остатоци на стара култура, пред се праисториска, која се среќава на истиот простор, расте возбудата, особено љубопитството да се дзнае нешто повеќе за историјата на просторот на овие локалитети, нивното природно геолошко настанување и оформување, појавата на органски суштества, па присуството на човекот и неговиот однос со така формираниот простор, од боговите или од генијалната и креативна природа, сеедно.

Локалитетот „Бела Стена“

            Да се обидеме да направиме една хронолошка слика, користејќи ги нашите скромни сознанија од геологијата, историјата, културата и митологијата.

            Пред повеќе стотици милиони, според некои и до милијарда години,1 овде се случувале бурни геолошки настани, земјата се отворила и од нејзината утроба се воздигнала огромна пламена и вжарена маса, која се издигнала високо, а околу вулканската маса протекувала во бразди и подвижни ридови, па како се доближувала до понискиот простор, полека се здрвувала оформувајќи го денешниот восхитувачки, па и застрашувачки простор полн со поголеми и помали камени форми, разновидни објекти од вулканската маса, разделени меѓусебно со големи и добро оформени бразди, односно, долови, вистински мини клисури. Тоа е време со кое се поврзува настанувањето на најстарата митологија, односно, бурните настани на геолошко превривање на Земјата денес ги среќаваме во возбудливите митолошки преданија и легенди, за борбата на титаните, борбата на Уран со Крон, па на Ѕевс со Крон, на Ѕевс и титаните и слични митолошки приказни,2 кои до денес ја возбудуваат човечката љубопитност и ја забавуваат читачката публика. Кога се работи за Македонија и македонската култура, интересно е дека во митолошките преданија за создавањето на светот се говори дека по издигањето од Хаосот на Мајката Земја и уредувањето на вселената, први нејзини деца се стораките џинови, Бријареј, Кот и Гиг,3 за кои митологичарите и старите писатели тврдат дека се од Македонија.4  

Вистинска „божја порта“ од друга страна

            Токму локалитетите, „Божја Врата“, „Бела Стена“ и „Улиците“, во чиј состав се и интересните „Невестинска Пештера“ и „Ружина Пештера“, во „живо“ ги пренесуваат споменатите преданија и легенди и убедливо сведочат за тие бурни геолошки настани од историјата на Земјата. Тие се наоѓаат на западната страна од селото Бонче, во големата долина во која се расположени двете села, споменатото Бонче и селото Подмол, во нејзиниот подолен дел. Над овој комплекс од природни и културни вредности се издига куполестиот врв, Веслец, кој всушност е стврдната вулканска маса, која формирала врв висок 1322 m над морето и со својата форма го привлекува вниманието на сите четири страна, особено над рамнината Пелагонија, над која има неприкосновена доминација. Токму на платото на овој врв среќаваме, исто така, остатоци од стара култура, која се „надградила“ над природната погодност, која била создадена ву бурното геолошко време. Целото плато, односно, врвот Веслец, било обградено со висок и дебел ѕид од камен, граден без малтер. Движните археолошки наоди укажуваат на праисториско, но и античко а, веројатно, и средновековно присуство.5

Средишниот дел од комплексот со „Бела Стена“

            Кога, веќе, го споменавме врвот Веслец, целиот погореспоменат концепт од геолошки и културен карактер, можеме да го дооформиме со него. Всушност, како што тој концепт од геолошко оформување е резултат на еден „потег“ на природниот гениј, кој митолошки може да и се припише на една од најстарите божици, Геја, односно, на Мајката Земја или на некое друго старо божество, на сличен начин е и единствен културен концепт, кој егзистирал во дел од праисториското време, но и од следните антички периоди и средниот век. Археолошките наоди од целиот тој простор не наведуваат на ваква констатција.

Дел од „Улиците“ со врвот Веслец

            Во овој комплекс од фасцинантна форма на врв со форма на неправилен конус со пресечен врв, како и комплекс од карпести ридови испресечени со мини клисури, кои жителите на овој простор ги нарекле улици човекот одамна „фрлил“ око и се вклопил во него создавајќи сопствен живот, заштитен од карпите, од заштитените делови во нив, како и од скриените простори меѓу нив и од боговите, кои биле „присутни“ во таа волшебна геолошка креација. Токму во таков амбиент се формирала населба уште во подлабоката праисторија, а најдоцна во бронзениот период, во тој редок „божествен“ ареал, под самиот врв Веслец и во благородната долина која ја пресекува Бонечка Река.

„Улиците“ со долината под селото Бонче и Висока

            Во делот од просторот, кој влегува во заедничкиот природен комплекс на трите споменати локалитети, „Божја Врата – Бела Стена – Улиците“ се среќаваме со еден зарамнет простор веднаш под големата карпа „Бела Стена“, на кој се среќаваат разновидни археолошки остатоци, кон кој се пристапува од разни страни, освен од северната на која е издигната самата голема карпа со наведеното име. Ако се нализира тој централен населбински простор, може да се констатира дека од страните со земна површина бил заграден со ѕидови, како од поотворената североисточна страна, така и од југозападната. На некои места, меѓу грамадни карпи се појавуваат своевидни влезови – порти, кои располагаат со остатоци од ѕидови, со кои биле затворани влезовите. Можеби, токму, една од таквите порти е причина за топонимот „Божја Врата“. Токму тука, низ таа „божја врата“ доаѓале во тој скриен простор на „улиците“, меѓу грамадните вулкански зданија и посовремените жители на овој простор, заштитувајќи се себе си и својот добиток при летните жеги. На тој начин, една од вредностите на овој чуден, волшебен дел од природата на овој дел на работ на Пелагонија се користела, речиси до денес. Всушност, во последно време овој локалитет ретко кој го посетува, неговите тајни стануваат уште позаштитени и понедостапни, се зголемува неговата мистичност, но и неговата привлечност и необичниот шарм.

„Улица“ од л. „Улиците“

            Ценејќи дека овој локалитет, односно, комплекс од неколку локалитети се наоѓа во простор, кој е познат по неколку значајни објекти од античкиот период, како што се кралската гробница на локалитетот „Павла Чука“, кој е на само два-три клометри југоисточно од него, како и врвот Висока (Цуцул), кој се издига со својата репрезентативна градба од големи камени монолитни блокови, на малку поголемои растојание, приказната станува многу поинтересна и позначајна. За нас, фактот што споменатата гробница се поврзува со кралството на Пелагонците, како и големата градба на врвот Висока, која е исто така репрезентативна градба од тој период, можеби кралски дворец, културата од комплексниот локалитет за кој овде пишуваме е дел од културата на старото племе на Пелагонците, односно, дел од пелагонската култура. Уште повеќе, сметаме дека истражувањето на овој локалитет, како и на многу слични на него во областа Пелагонија, Мариово, па и во областа Раец можат да расветлат многу момемнти од оваа, денес, малку позната, речиси заборавена култура, заборавена заедница и кралство. Споменатата поврзаност со кралската гробница и врвот Висока, како и со локалитетот „Старо Бонче“ кое се наоѓа, речиси на средината меѓу „Божја Врата“ и Висока, го воздугнува просторот меѓу селата Бонче и Подмол, како и од атарот на селото Лопатица, кое е на работ на Пелагонија, во подножјето на Селечка Планина, на повисоко ниво и го прави, особено значаен за истражување на културата на Пелагонците, кои во овој просторен круг го имале својот центар, односно, кралската престолнина, која не е лоцирана на соодветен начин до денес. Се разбира, размислувајќи и анализирајќи на овој начин, на индиректен начин се доближуваме и до можноста дека, токму во овој простор треба да се бара и неидентификуваниот антички град Пелагонија по кого археолозите трагаат, веќе, две децении.

Поглед кон врвот Висока

            На крајот, да се вратиме повторно во волшебниот простор на комплексот локалитетит „Божја Врата – Бела Стена – Улиците“, како и двете пештери во него, „Невестинска Пештера“ и „Ружина Пештера“. Притоа мораме да го имаме предвид и врвот Веслец, кој е неделив дел од стариот културен и населбински простор во овој дел од просторот. Самите набројани топоними во себе кријат привлечни тајни, преданија и верувања, кои и денес, на извесен начин, се зачувани кај жителите на овој простор.   

            Белешки од Стојан од с. Бонче

            „Божја врата – локалитет југозападно од Бела Стена, не знам од каде му доаѓа името, ама знам дека во близина има и една пештера што се вика Невестинска Пештера, како и една Ружина Пештера. Во близина е и местото што го викаме Улиците. Тука има големи процепи меѓу карпите, летно време влегуваа говедата зашто во нив е ладовина.“

Од населбениот простор

            Фактот што се работи за локалитет во кој доминира вулканска маса во разновидни форми, кои се фасцинантни, но и податни за практична намена заслужува посебно внимание. Каменот, во сите свои форми, зазема исклучително место во опстанокот и културата на човекот од самата негова појава. Заемниот однос на човекот и каменот е создаван низ долготраен процес, кој започнал со појавата на човекот на земјата, пред повеќе од два милиони години, и прераснал во комплексен културен концепт, во кој тој значел основен предмет за преживување и предмет на сакрализација, односно, предмет на обожување како објект со натприродна моќ. Поради таквото верување, пред секоја обработка се вршеле одредени обреди за да се обезбеди милоста на божеството, бидејќи секое нарушување на природната форма на каменот се сметала за сквернавање, односно, мешање во божественото.6

Дел од комплексот локалитети со „Бела Стена“

Многу личности опишани во митолошките приказни, биле претворени во камен од боговите, а камењата станале предмет на свет однос и верување на човекот. Со камен е поврзано и раѓањето на врховниот бог во антиката, Ѕевс, кој неговата мајка Реа го родила во тајност, во темна ноќ на планината Ликај, во Аркадија па, откако го искапала во реката Неда, и го доверила на Мајката Земја, која го однесла во Ликт на островот Крит и го скрила во пештера на планината Дикт. На нејзиниот сопруг Крон, кој поради пророштво дека ќе биде симнат од врховен бог од еден од неговите синови, откако ќе се роделе ги голтал за да не се оствари пророштвото. За да го измами Крон, а да го спаси својот син Ѕевс, Реа, по тајното раѓање, на Крон му подметнала камен, а тој го голтнал мислејќи дека е новородениот син, Ѕевс.7

Една од највисоките карпи, кои доминираат со комплексот

Големите геолошки форми, како планините и планинските врвови имале посебно место во духовноста и културата на човекот, често третирани со стравопочит, обожавани и сакрализирани, односно, како места на престој на боговите, како свети простори, свети планини и врвови, свети шуми и градини, свети пештери и сл. Голем број камени форми со фасцинантен изглед или извесни привлечни форми играле посебна улога, како своевидни свети објекти и доживувале соодветен третман од човекот зачинет со многу верување, чувства, почит и љубов. Дека камени објекти играле улога на вистински храмови посветени на божествата, потврдуваат и античките автори, како пред новата ера, така и од првите векови на новата ера. Паусанија наведува дека во времето пред него, па и во негово време, во градот Фар во областа Ахаја имало триесетина четириаголни карпи, а жителите ги почитувале на тој начин, што секоја од карпите ја нарекувале со името на некој бог. Понатаму, Паусанија наведува дека „во најстарото време, имено, сите Хелени, место статуи на боговите, им правеле почести на необработени камења.“8

„Бела Стена“ од југоисток

Во нашиот случај, на споменатите локалитети, имаме исклучителни форми карпи со скриени и добро оформени простори меѓу нив, со разновидни искуклени зооморфни и антропоморфни вулкански објекти, кои доминираат на највисоките делови, две пештери со конкретни имиња – „Невестинска“ и „Ружина“, кои асоцираат на скриени преданија поврзани со жена, како и врв, односно планина, Веслец, кој се издига над целиот карпест комплекс, како заштитно знаме, а во него е присутен и човекот, кој во далечното време тука нашол погоден простор за живеење, за молитва пред боговите и заштита за себе и потомците. За овој исклучителен комплекс во кој среќаваме пример за симбиоза меѓу природните форми и погодности и културата на човекот може уште многу да се пишува и да се развива соодветна приказна на објективна основа, но тоа во некој следен прилог. Овде ќе завршиме со надеж дека успеавме да Ви доловиме, барем, еден аспект на овој, ретко атрактивен простор на Мајката Земја „зачинет“ со присуство на култура создадена, односно, надградена од човекот – предок, кој знаел како да се прилагоди и да стане дел од природното и божествено создание.

 

1 Анализа на физичко-географските карактеристики на споменикот на природата „Маркови Кули“, Варош, Прилеп, Нарачател: ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Извршител: д-р Симеон Јанчев, Скопје 2008, 13, 14.

2 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 33 – 38. Хесиод, Теогонија.

3 Исто, 28.

4 Исто, 47 и други антички автори.

5 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 112 – 115.

6 Драгослав Срејовиќ, Дијалог човека са каменом, Електронско издање, Заједнички подухват ТИА Јанус и Арс Либри Арс либри и Кремен, Библиотека Лавиринт, Књига 10, Београд 2001.

7 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 35.

8 Паузанија, Водич по Хелади, превод Урош Пасини, Логос, Сплит 1989, 359.

  1. КЕРАМИКА
  2. ОД АМБИЕНТОТ