ВИНАРНИК ВО МИТСКИ АМБИЕНТ – ЧАИР, ЈУГОИСТОЧНО ОД РИДОТ БАБА КАЈ ПРИЛЕП

Особено интересен објект во карпа со комплексни содржини и форми. Се наоѓа во исклучителен природен амбиент од разиграни и искуклени антропоморфни и зооморфни гранитни форми, на работ на пространа зелена површина на југоисточните падини на ридот Баба, кој е дел од поголемата планина Бабуна, во близина на вештачкото езеро кај Прилеп. На две ниски карпи се среќаваат неколку обработени форми. Целиот амбиент е во доминација на највисоката карпа на ридот, според која тој го носи наведеното име. Всушност, амбиентот е со нагласена „волшебна“ естетика со митска асоцијација, исполнета со голем број разновидни форми карпи, кои се среќаваат по целиот рид, познат како Баба – Кукул, на кој се соочуваме со богатство од материјална култура од различни периоди, почнувајќи од подлабоката праисторија, па до средниот век.1 Тука е впечатливата тврдина во близина на антропоморфната карпа на врвот,2 со остатоци од камени градби, храмови, светилишта, голем број некрополи во карпа, винарници, гробници од македонски тип издлабени во карпа3 и сл. Во поширокиот комплекс се среќаваат остатоци од неколку помали населби од праисторијата, македонско-римскиот и средниот век.

Митската карпа „Баба“ – чувар на значајно културно богатство

Токму во таков амбиент, од југоисточната страна на Баба покрај другите остатоци од материјална култура, среќаваме остатоци од покомплексен објект во чиј состав е и еден винарник. Тој се наоѓа на првата карпа, која се наоѓа од југоисточната страна и претставува објект со двојно корито, делумно зачуван. Неговата должина – двете корита заедно, е околу 2,5 м, а објектот е расположен во правецот југозапад – североисток. Помалата форма е од североисточната, а поголемата форма од југозападната страна. Додека малото корито е, речиси, комплетно сочувано, големото корито е оштетено од северната страна, односно откршен е неговиот северен ѕид, речиси, по целата должина. Од источната страна на карпата се наоѓа извесна платформа – тераса со полукружна форма од исток.

Карпата со винарникот

Северозападно од првата карпа се наоѓа уште една карпа, речиси, целосно обработена, со неколку терасести форми на нивоа, како и една полукружна ниша. Во околината се насетуваат и извесни остатоци од камени ѕидови, некакви огради или сл. Се добива впечаток дека двете карпи со опишаните објекти биле во извесна заедничка конструкција – градба комбинирана со карпите и дополнителни делови оформени со камени ѕидови, дрвени конструкции, плет и сл.

Едната од култивираните карпи со Баба во позадина

Во близина на овој објект и денес се среќаваат примероци на винова лоза, како и лозје зачувано до денес. Тоа упатува на долгиот континуитет на одгледување винова лоза во овој простор, а грозјето се обработувало, односно се гмечело во овој винарник, како и во другите слични објекти, кои ги среќаваме на повеќе места во околината. Околу ридот Баба, можат да се набројат десетина такви објекти – винарници во камен, кои се распоредени по карпите на ридот, особено на различни места и на различна надморска височина. Во поширокиот простор, во атарот на селото Дабница можат да се набројат и повеќе десетици винарници во камен. Тоа, несомнено, не упатува на развиеното одгледување винова лоза на овој простор во постарите периоди. Ваквиот развој траел се до доцниот среден век, а во прилог на тоа е и информацијата дека во 16 век Прилеп, најголемиот данок на Империјата и го исплаќал токму од оваа култура.4

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 135 – 144.

2 Исто, 138 – 142.

3 Исто, 142 – 145.

4 Феридин Емеџин, Првите османлиски пописи на Марковиот град Прилеп, Кралот Марко во историјата и традицијата, Прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко – Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, Институт за старословенска култура, Прилеп 1997, 59, 60.