СТИБЕРА БИЛ АНТИЧКИ АДМИНИСТРАТИВЕН, ОБРАЗОВЕН И РЕЛИГИСКИ ЦЕНТАР ВО ПЕЛАГОНИЈА И МАКЕДОНИЈА
Античкиот град Стибера, кој бил расположен на ридот Бедем, и во неговата околина, меѓу селата Чепигово и Тројкрсти, како град со развиена инфаструктура во областа Пелагонија нема конкуренција во поширокиот простор. Тој опстојувал околу 7 века, од 4 век пред н.е. до 3 век на н.е., а она што е до денес откриено, главно, се однесува на неговите последни 3 века, од 1 до 3 век н.е.1 За постариот период, односно, за неговото живеење во македонскиот период, од археологијата, се знае многу малку. Се чини дека археолозите немаат соодветен начин на истражување на постарите слоеви на материјалната култура на градот Стибера, па се занимаваат, главно, со репрезентативните градби и археолошките наоди, воопшто, од последните три века на градот, односно, со римскиот период.

Од историјата, сепак, се познати неколку моменти од македонскиот период на Стибера. Античкиот автор, географот Страбон, опишувајќи ги племињата кои живееле по течението на реката Еригон (Црна Река), односно, Линкестите, Бригијците, Пелагонците и Двериопите, пренесува интересни податоци за античкиот период на овој простор. „Во постарите времиња меѓу тие племиња имало и градови; во секој случај, Пелагонија се нарекувала Триполида, каде еден од градовите бил Азорос, а сите градови на Девриопите по реката Еригон биле многужителски, меѓу нив биле Бријанион, Алалкомени и Стибера.“2 Значи, Страбон сите три градови, Бријанион, лоциран кај селото Граиште, Демирхисарско, Алкомена, лоциран кај селото Бучин и Стибера кај селото Чепигово ги потенцира како поголеми населби, односно, ги нарекува градови и тврди дека сите три биле со голем број жители уште пред доаѓањето на Римјаните. Што се однесува до Стибера, дека тој бил развиен град, со бројно жителство и капацитет на своевиден центар во областа потврдуваат и уште двајца други автори, Ливиј и Полибиј. Него, тие, го споменуваат во врска со бурните историски настани од крајот на третиот и почетокот на вториот век п.н.е., кога се водат Македонско-римските војни. Ливиј опишува еден настан од 200 г.п.н.е. кога во Македонија со војска претстојува римскиот конзул Гај Сулпициј Галба, кој во операциите против македонската војска предводена од кралот Филип V, од градот Линк, каде што престојвал дошол низ Пелагонија до градот Стибера за да се снабди со жито.3

За најстаро споменување на градот Стибера се смета она кај античкиот автор Ливиј, а освен претходно изнесеното, кај него среќаваме уште еден податок поврзан со војната на кралот Персеј со Илирите, која се случува во исто време со доаѓањето на Римјаните во овој простор. „Откако неколку дена собираше жито и нареди по него да тргнат и машините за опсадување на градови (Персеј) тргна оттаму (од Стибера) и третиот ден дојде во Ускана, најголемиот град на Пенестите.“4 По паѓањето на Ускана Персеј се вратил во Стибера со зробениците и таму Усканците и Илирите ги распродал, а Римјаните (околу 4000) ги предал на градовите на чување. Потоа, повторно тргнал во земјата на Пенестите за да, после освојувањето на осеверниот град на Пенестите, Оенеум, повторно се врати во Стибера како победник. Од Стибера испратил пратеници на илирскиот крал, Гентиј, а самиот, продавајќи ги робовите, го дочекал нивното враќање.5
Овие прецизни податоци, кои ни ги пренесува Ливиј, на многу јасен начин ни даваат до знаење дека Стибера во македонскиот период, односно, во времето на кралевите Филип V и неговиот син, Персеј, бил значаен град, бил користен како главна база во војната со Илирите и Римјаните, односно, бил град со голем капацитет, во кој можела да престојува поголема војска, каде можела да се снабди со доволно храна и други потреби, можела да се ослободи од големиот плен, кој го стекнувала со победеите над своите противници, како од робовите и материјалните добра, заробени од победените. Се разбира, тоа не може да биде одлика на населба со мал капацитет и мало жителство, туку на развиен град со бројно жителство и организиран начин на живот.

Полибиј, користејќи ги информациите и од постариот Ливиј, сведочи за настаните поврзани со градот Стибера од 170 – 169 година п. н.е., односно, настани од војната на македонскиот крал Персеј со Римјаните.6
Како археолошки експонат, кој е репрезент на македонскиот период на Стибера, до денес е позната само една стела (надгробен споменик) од мермер на која се среќава името на покојникот Аристоник, веројатно син на Теодор(ос), која се датира во 3 век п.н.е.7 Од другиот археолошки материјал среќаваме голем број монети на македонски кралеви, фрагменти од керамички садови, како и метални предмети. Проблем е инфраструктурата на Стибера од македонскиот период, која архелозите не успеват да ја откријат и иднтификуваат, особено, да ја реконструираат и конзервираат за да ја зачуваат како остаток од македонскиот период на градот.
За значењето на градот Стибера, кое го навестуваат неколкуте историчари од античкиот период, говорат и археолошките остатоци пронајдени од археолозите. Овој значаен локалитет кај селото Чепигово го забележале повеќе археолози и истражувачи во минатото, како Heuzey, Маргарит Димица, Балдуин Сарија, Никола Вулиќ, а нагласено истражување со значајни наоди нпаравила Душанка Вучковиќ – Тодоровиќ, потоа Костадин и Лилјана Кепески, а во најново време ископувањата се вршат под раководство на археологот Душко Темелкоски. Иако од овој голем антички град е откриен само мал дел, она што го покажуваат откриените градби, како гимназионот, градското собрание, храмот на божицата на судбината, Тихе, како и големиот број скулптури на божества и граѓани на Стибера, ги потврдуваат информациите од историските текстови дека се работи за значајна античка населба, односно, значаен антички град. Тоа го потвдуваат, собено, големиот број споменици со натписи со долги списоци на ефеби, млади Стиберанци кои го завршиле образованието во гимназионот, заедно со големиот број споменици со натписи на кои се среќаваат голем број имиња на божества, граѓани, старешини, донатори, свештеници, бисти на угледни граѓани на Стибера,8 кои упатуваат на тоа дека овој град за време на своето постоење имал посебна и, особено, значајна улога во просторот на Пелагонија, но и пошироко. Покрај другото, преку Стибера минувал и еден од главните антички патишта, кој го поврзувал истокот со западот на Блаканот, односно, го поврзувал источниот регион со Јадранската магистрала, позната како Виа Игнација. Патот тргнувал од градот Сердика (Софија) на исток, а со Виа Игнација се спојувал кај античкот град Хераклеја кај денешна Битола. На таа релација Стибера бил еден од поголемите градови, покрај Стоби, Астибо, Евристон и други помали места.9 Заедно со неговата позиција во центарот на житницата Пелагонија, му давала посебно значење на овој град и тој се развил во вистински центар, не само на Пелагонија, туку и пошироко.

Веројатно нема друг антички град во Македонија, но и пошироко, каде се регистрирани толку многу списоци, но и толку долги списоци на ефеби, односно завршени гимназионисти. Некои од нив држат „рекорд“ и во поголемиот дел од Балканот, па се вели дека список со толкава бројка ефеби не се среќава ниту во Атина. Ова, особено, се однесува на списокот за 74/5 година на н.е. во кој се среќаваат повеќе од 130 млади гимназијархисти.10 Тргнувајќи од ваквите бројки на списоците за ефебите, археолозите изнесуваат и број на жители на овој град, околу 20.000 жители без робовите.11 Ваквите бројки на завршени гимназионисти говори за неговото значење како центар за едукација и развој на младите, односно, како центар за образование на младите. Во гимназионот во Стибера, освен од градот, доаѓале и деца од другите места во околината,12 како од Алкомена, Бријанион, веројатно и Керамија и други места. Во гимназионот, кој е ископуван уште во средината на дваесетиот век се пронајдени бројни споменици со натписи, особено, списоци на ефеби, како и натписи на кои се споменуваат старешините на гимназионот, како гимназијарх и ефебарх, кои биле избирани од редот на најугледните граѓани на Стибера, како и имиња на други угледни Стиберанци.13 Според датирањето на спомениците со натписи во Гимназионот, тој зпочнал со работа на почетокот на првиот век на нашата ера и бил активен до третиот век.14 Во тој период во него биле поставени поголем број списоци со имиња на ефеби, како имиња на старешини на гимназионот – гимназијарси и ефебарси, а на еден од натписите се споменува и благајник.15 На списоците најпрво биле врежувани имињата на најдобрите во генерацијата, кои се определувани како ефеби првенци. На некои од списоците е наведен само еден ефеб првенец, а на други по неколкумина.16 За младите ефеби, односно, момчиња кои вежбале и се образувале во гимназионот треба да се нагласи и тоа дека тие биле припадници на повисоките класи во градот, односно, деца од побогатите семејства. Од најбогатите, односно, најугледните граѓани се избирал и главниот старешина на гимназионот, гимназијхархот, кој се избирал секоја година. Во биографијата на гимназијарсите често се наведуваат и неговите претходни функции и служби, како свештеник на некој од храмовите на божествата или свештеник на императорот, кон кого постоел култ, потоа член на Советот на градот, политарх и сл.17 Сето ова упатува на постоењето посебно конципиран и изграден систем, како и закони според кои се раководеле институциите и граѓаните, а во тој контекст, секако дека и гимназионот бил подреден на закон и функционирал според неговите одредби. Освен гимназијархот, кој бил одговорен за целокупната работа на гимназионот, на некои од списоците среќаваме и други раководни функции во оваа институција. Во списокот на ефеби од 74/5 година на н.е. среќаваме три служби, заедно со имињата на лицата кои ги извршувале. Гимназијарх бил Никола(ос) син на Аполодор, агонотет Аполониј, син на Посидип и ефебарх, Дикај, син на Петикиј, а кој се нарекувал и Руф.18

Интересна е функцијата ефебарх, веројатно, лице кое непосредно работело со организирањето на младите ефеби за предвидените активности во гимназионот. Оваа функција се наведува во секој од списоците, а познат е случај кога ефебархот во исто време бил и ефеб, што значи дека тој можел да биде избран и од редот на истакнатите ефеби.19 Следејќи ги списоците на ефебите се заклучува дека тие можеле да бидат во иста класа без разлика на возраста. Тоа го покажуваат повеќе примери во кои среќаваме браќа да стојат на ист список.20 На сите списоци на ефеби од Стибера, познати до денес, среќаваме, вкупно, 284 имиња, од кои 265 ефеби,11 ефеби првенци, 10 ефебарси, 3 епимелети, 1 доброчинител, еден агонотет, 1 благајник и 1 гимназијарх.21 Фактот што на натписите од гимназионот се среќаваат и врежани стихови,22 упатува на тоа дека во гимназионот не се применувале само физички вежби за зајакнување на телото, туку во него се одвивале и друг вид активности, поврзани со културата и образованието на младите.

Градот, односно, жителите на градот Стибера, како и од околните населби во областа Девриоп, на која овој град бил центар,23 славеле голем број божества, како Тихе, божицата на судбината, чиј храм е откриен од археолозите, а присутни се култовите на Херакле, Асклепијад, Ѕевс Агорајо и други.24 Посебно место имал богот на водите, Посејдон, но и богот на реката Еригон, кому завршените ефеби, во знак на зрелоста му посветувале прамен од својата коса.25 Веројатно е дека тоа се правело на денот на нивното прогласување за завршени „дипломци“ на гиманзионот, односно, денот на прогласување на нивната зрелост и, притоа, биле правени посебни манифестации, ритуал на посвета, молитви и сл.

Од спомениците со натписи посветени на ефебите, односно, на „матурираните“ воспитаници на гимназионот, познати се 11 списоци.26 На нив среќаваме бројни имиња, кои најголем број се со автохтоно потекло, додека помал број се со латинско (римско) потекло. Иако, сите списоци се однесуваат на периодот на римското владење, тие ни даваат можност да проследиме интересна слика на имиња, кои ја чувале старата традиција на именување на жителите на Стибера, уште од македонскиот период. Така, многу често ги среќаваме и имињата Александар, Филип, Касандар, Антигон, Парменион, Парамон, Дионис и Дионисиј, како и други имиња со божествено потекло, кои биле традиција кај Македонците.27 Меѓу многубројните имиња од спомениците со натписи, еден дел содржат имиња од домородно потекло со придружба на латинско, што укажува на примањето име од владетелите, веројатно, за да вклопување во римскиот систем на владеење и постигнување функции и служби во него.

Од натписите познати се и неколку свештеници, како и еден Стиберанец кој бил двапати првосвештеник и во античкиот град Хераклеја кај Битола, кому граѓаните на Хераклеја му посветиле и споменик со негова скулптура.28 Тоа е Тит Флавиј Орест, припадник на големо и угледно семејство од Стибера. Од натписите познат е и свештеникот Лукиј Никефор Келер, кој е свештеник на Херакле Кинагида, а во негова чест поставил жртвеник со натпис во 191 година н.е., откако му завршила службата свештеник.29 Епитетот Кинагида за Херакле е познат во Македонија и се среќава и на други места.30 Инаку, познато е дека во т.н. грчки градови полиси, како што се Атина, Коринт и други, Херакле се почитувал и славел како јунак, а Македонците го славеле како бог и се сметало дека македонската лоза кралеви, Аргеади, води потекло од Херакле.

Стиберанците го зачувале својот начин на управа и администрација и по доаѓањето на Римјаните на власт. Овој град функционирал како град – полис со свое Собрание, старешина на Собранието, а на натписите се среќаваат и административно-управните тела, Совет, политарх, агораном, антархон и други, како и определбата, народ.31

Со најновите археолошки истражувања археолозите дојдоа и до нови содржини поврзани со римскиот период на македонскиот град Стибера. Беа отворени делови од аминистративните управни згради на градот, Собранието, беа пронајдени натписи на кои се споменува градот, Собранието, народот, како и имиња на старешини на градот. Исто така, беа отворени и некои култни објекти, како и делови од плоштад или агора, простор на кој се одвивал јавниот живот, се вршела трговија и слично. Вниманието, особено, го привлече наодот на една убаво изработена биста на царицата Фаустина, како и еден мерна маса за мерење тежина на производи изработена во мермер на просторот на кој се вршела трговија. За бистата на царицата Фаустина, која е втора со нејзина претстава од Стибера, но со нагласена естетика се смета дека била претстава на царицата Фаустина Постарата, кој му била жена на царот Антониј Пиј, која умрела во 140 година и била прогласена за Дива, односно за божество. На истиот простор е пронајден и жртвеник посветен на богот Хермес32 кој, меѓу другото бил и заштитник на трговијата и трговците. Познато е дека во римскиот период во Стибера се доселени и трговци од Рим, за што дознаваме од едн натпис подигнат во чест на Архепол, син на Аполодор.33
1 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, Завод и Музеј – Битола, Битола 204, 5.
2 Страбон, Географија, книга 7 – глава 7 – 8-9.
3 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, книга I, Скопје 1957, 217.
4 Исто.
5 Исто.
6 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 14.
7 Исто, 50. Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Gaulterus de Gruyiter, Berolini – Novi Eboraci, MIM, 148 и Tabula XLIV, бр. 318.
8 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 25 – 50. Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, 148 – 174.
9 Фанула Папазоглу, Македонски градови … .
10 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, 154 – 157. Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 58, 59.
11 Фанула Папазоглу, Македонски градови …, 220.
12 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 58.
13 Исто, 25 – 50.
14 Исто, 56,
15 Исто, 58.
16 Исто.
17 Исто, 57.
18 Исто.
19 Исто, 57, 58.
20 Исто, 59.
21 Исто.
22 Исто, 58.
23 Фанула Папазоглу, Македонски градови … . Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва … .
24 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 63 – 65.
25 Исто, 65.
26 Исто, 20.
27 Наде Проева, Студии за античките Македонци.
28 Тренчо Димитриоски, Старешините на Пелагонија, Орест и Филоксен, од античкиот град Стибера кај селото Чепигово, Прилепско (https://www.pelagon.mk/2023/01/09/). Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis преку епиграфските споменици Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија – Битола, Битола 2003, 39.
29 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, 149. Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 64.
30 Исто. Наде Проева, Студии за античките Македонци.
31 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 127.
32 Во 142 година Ајлих Химнос донирал мерна маса во Стибера (umno.mk)
33 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва …, 55.





