СЕЛОТО ДУЊЕ, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО, ВО „ЗАМРЗНАТ“ АМБИЕНТ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Бункери, гранати, шрапнели од гранати, стари пушки, шлемови, куршуми и други експонати го „красат“ теренот во атарот на селото Дуње во Мариово. Амбиент, кој директно ве внесува во трауматичното минато на Мариово и Македонија, во времето на Првата и Втората светска војна. Дуње е едно од поголемите села во Мариово и било своевиден центар во прилепскиот дел на Мариово од левата страна на Црна Река. Во него егзистирале претставништва на административните служби уште од турскиот период, а продолжиле и во следните периоди.

Селото Дуње денес

            За време на Првата светска војна во атарот на селото биле лоцирани добар дел од воените сили, а во близина на селото, на околу 3 километри, крај патот Прилеп – Витолиште, на местото „Мемедова Чешма“ имало големо присуство на војска каде била организирана и кујна за потребите на војниците. Според раскажувањето на жители на селото Дуње, на локалитетот „Мемедова Чешма“ било многу „живо“ за време на Првата светска војна. Тука била лоцирана војска и за нејзините потреби биле ангажирани и жители на селото Дуње. Според раскажувањето на Михајло Златески, една од ангажираните била Атанаса, која била по потекло од селото Гуѓаково, Прилепско, а мажена во семејството познато како Каравиловци. Таа и една нејзина другарка биле садомијачки за војската во Првата светска војна во кујната кај „Мемедова Чешма“.

Мемедова Чешма

            Според податоците и раскажувањата на жители на селото Дуње, во војските, кои учествувале во Првата светска војна имало учесници и од селото. Според раскажувањето, во бугарската војска бил ангажиран и еден од познатите војводи од Илинденскиот период, војводата Анте Дунски, кој се среќава и под името Анде Дунски, Анте Василев или Андон Волкановски, па дури и под едно презиме, Јаснин. За него се вели дека напредувал во воената кариера и дека стигнал и до повисок чин, капетан или уште повисок чин, потполковник или полковник. Од непознати причини, тој се судрил со бугарската воена администрација или командата и, подоцна, се повлекол од војската па, повторно според раскажување, бил убиен, токму, за време на Војната во услови на пропагандистичка пресметка.

Напуштена административна зграда

            Меѓу жителите на селото Дуње, како и меѓу жителите на околните села и денес се живи сеќавањата за тоа време пренесени од современиците на војната. Особено се раскажува за „масакрот“ на околните шуми, кои војската ги сечела за огрев во текот на зимите. Веројатно, за време на некоја многу жестока и студена зима, биле исечени и голем број од стеблата на познатата мариовска круша, кога таа, речиси, била искоренета во атарите на повеќе мариовски села. Добар дел од старите стебла биле спасени само во атарот на селото Пештани, кое е соседно село на Дуње. Имено, тамошните жители, поучени од нивниот мудар кмет, ги нагостиле командирот и војниците на одделението, кое било ангажирано за снабдување на војската со дрво за огрев и така ги убедиле да не ги исечат убавите стебла мариовска круша во атарот на селото. Денес, навистина, селото Пештани располага со голем број повеќевековни стебла од оваа убава сорта круша.

Средината на селото со руинираното училиште и административна зграда

            За ужасот на војните, односно, за трагедиите настанати од заостанати средства од Првата, па и Втората светска војна, од селото Дуње има и живи сведоци, односно, жители од селото, кои настрадале од заостанати воени средства, бомби, гранати и сл. Познат е случајот на татко и син, кои настрадале од такво експлозивно средство во сопствениот двор, а притоа, таткото, кој бил поблизу, го изгубил животот, додека синот останал без една нога и така го продолжува својот живот и денес. Тешко е да се најде село во областа Мариово во кое нема најмалку еден случај на настрадан од заостанати воени средства од Првата или Втората светска војна.

Поголема граната во легната положба во долината југоисточно од селото

            Можеби најтрагичен е еден настан, кој е многу малку познат, за млади жители од селото Врпско, Прилепско, кое се наоѓа на десниот брег на Црна Река. За настанот раскажуваа постари жители од селото, денес веќе покојни, како Стојо Ушкоски, Петре Џобески и други, едни од последните жители на селото, кој починаа пред две-три години. Според кажувањето на Ушкоски, дваесетина млади жители на Врпско, во годините по Првата светска војна биле повикани на воена, односно, предвоена обука во Прилеп. На враќање кон селото групата се разделила, па еден дел тргнал кон селото по брегот на Црна Река, а другиот, 7-8 души заминале по патот за Витолиште. Кога дошле до местото, познато како Брест, високо на десниот брег на реката, во близина на патот за Витолиште, наишле на извесен воен предмет, веројатно авионска граната, па решиле да ја активираат. Од непознати причини на местото загинале сите од 7-8 члената група, а заедно со нив и едено магаре. Настанот е навистина малку познат, а нам не ни е познато дали е заведен во некои од официјалните документи од тоа време. Годината на загинувањето, исто така, не е утврдена, а според кажувањето на Стојо Ушкоски и Петре Џобески, се работи за годините од 1919 – 1921.

Опасен „споменик“ во доина југоисточно од селото

            Денес, по повеќе од еден век од Првата и скоро 80 години од Втората светска војна, посетувајќи го селото Дуње, многу брзо ќе се соочите со опасниот  „воен“ амбиент, но и со запоставената состојба на селото и неговата околина, полна со шрапнели, гранати и други опасни заостанати средства од војните, особено, од Првата светска војна. Всушност, уште со наближувањето до селото, очите го бодат два објекти од камен, споменици на воените настани, односно два бункери со големина на помали куќи на ридот од јужната страна на селото. Мислевме дека се „експонати“ од Првата, но жители на селото тврдат дека тие потекнуваат од Втората светска војна. До скоро, тие беа, речиси, комплетно зачувани, но последниве години почнаа да се распаѓаат. Особено распаднат е едниот од нив, а другиот сѐ уште се „држи“ во релативно добра форма. Веруваме дека нивното зачувување, како сведоци на едно опасно време на живеење, но и како ретки експонати во поширокиот простор од тоа време, денес е од своевидно историско значење, но тоа е само наше мислење. Нема знаци дека некој од надлежните институции покажале интерес за тоа, па овие објекти, веројатно, за многу скоро време ќе се најдат во крајно руинирана состојба.

Бункер јужно од селото 2

            Нашиот случај укажува на фрапантно присуство на опасни воени средства во атарот на селото Дуње, веројатно, поради големото присуство на војски во времето на војните во него. Поминавме пеш само една мала долина јужно од селото и на растојание од стотина метри се соочивме со две комплето зачувани гранати, една со должина од околу 0,70 и пречник од околу 0,20 m и уште една со должина од околу 0,50 и пречник од околу 0,15 m. Едната ја сретнавме во легната положба, а втората исправена на еден камен блок со рамна површина. Во близина на втората забележавме и еден голем шрапнел од граната, како и други слични остатоци од военото време. Во долината има голем број грмушки, капини и трње, па помисливме дека во нив се кријат уште многу слични опасни предмети. Што значи тоа за средина во која се движат луѓе оставаме сами да претпоставите или да изведете заклучок. За нас е реално дека овие средства се опасна закана по нечиј живот, но и нѐ потсетуваат во современата ситуација на неспособност или негрижа од страна на институциите во државата. Во тој контекст, во вакви услови, вистинска илузија е да се разговара за каков било напредок или развој во оваа област, односно, областа Мариово. Всушност, се добива впечаток дека овде времето „замрзнало“, односно, „замрзнал“ воениот амбиент и времето застанало. Прашањето, има ли некој одговорен во државата и се грижи ли за отстранување на ваквите предмети од животниот простор, за нас, е излишно.