ПРАИСТОРИСКА И ГРАДСКА АНТИЧКА НАСЕЛБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САДЕВИТЕ“ КАЈ ИСПУСТЕНОТО СЕЛО МЕЛНИЦА, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО
Во атарот на запустеното село Мелница, древноста навистина е необично присутна. На само околу половина километар од разрушените куќи на селото на исток покрај Полчишка Река, на нејзиниот десен брег, на површина од повеќе хектари има изобилство од керамика и градежен материјал од кој огромни количества камен за градба собран во форма на широки ѕидови или во големи грамади. Локалитетот е познат под името „Садевите“. До неодамна се сметаше дека се работи за населба од доцната антика која е потврдена од неколку археолози меѓу кои Никола Вулиќ, Иван Микулчиќ, Апостол Керамитчиев, Никос Чаусидис и др.1 Во текот на 2001 година, при едно рекогностицирање од страна на Заводот и Музеј од Прилеп беше констатирано дека на просторот на локалитетот „Садевите“ има голем број фрагменти од керамички садови од праисторијата,2 како и фрагменти од камени орудија што, од своја страна, укажува на постоење населба од присторискиот период, која продолжила да опстојува и подоцна, односно, во античкиот период.

Од остатоците од праисторијата многу чести се наодите на рачки, делови од устинки и други фрагменти од керамички садови, како и фрагменти со други белези од праисторијата, меѓу кои фрагменти со рачно украсувани форми, плетеници и сл. Некои од пронајдените фрагменти од керамика имаат белези кои укажуваат на новото камено време, но се чини дека поприсутни се фрагменти од керамика со потекло од бронзеното и железното време.3 Со ваквите потврдени констатации, овој локалитет добива многу покомплесна содржина и станува многу поинтересен и позначаен. Наодите од праисторијата се распространети, речиси, на целиот простор на кој има наоди и од антиката и сосема е тешко да се утврди разликата на положбата која ја зафаќале праисториската и античката населба. Сепак, доколку внимателно се проследат наодите на фрагменти од археолошки предмети од постариот и поновиот период, може да се констатира дека праисториската населба зафаќала положба во пивисоките падини на ридот, како и повисоките рамни површини, додека поновата населба се проширила и во подолните делови на падините, сѐ до Полчишка Река, па и на нејзиниот лев брег.4 Во секој случај, двете населби зафаќале ист простор, односно, на праисториската населба се „наталожила“ античката, која според археолозите е датирана во доцната антика. Од керамичките садови вниманието, особено, го привлекува исклучително големиот број фрагменти од питоси, особено, устинки.

Добрата положба на локалитетот „Садевите“, веројатно, била пресудна за поставување на населбата на неговиот простор. Имено, тој е расположен меѓу две реки и тоа Витолишка Река (Бутурица), која тече од неговата северна страна на која теренот се спушта сосема стрмно и, од таа страна, локалитетот е непристапен и природно заштитен, како и на Полчишка Река, која тече од неговата јужна страна на која просторот е полн со рамнини, помали долини и благи падини, кои заедно прават една поголема тераса со површина од повеќе хектари.5 Токму на неа се наоѓаат остатоците од двете древни населби. Од наодите, посебно во изобилство се наоѓа керамика од садови поради која, веројатно, овој локалитет од страна на жителите на селата, Мелница и Полчиште е наречен „Садевите“.6

Освен десниот брег, со големата рамнина на локалитетот „Садевите“, траги од древно постоење се наоѓаат и на спротивната страна на реката која доаѓа од исток, на падините кои се спуштаат кон речното корито и кои зафаќаат значителни рамни површини. На овој простор се наоѓаат фрагменти од праисториска и доцноантичка керамика, а има и голем број грамади од камења од стари градби, кои современите жители на селото Полчиште ги собирале на куп при чистењето на нивите за обработка. На некои места има и остатоци од темели од извесни градби.7

Остатоците од материјална култура по површината на целиот локалитет се многубројни. Уште на самиот почеток од долната (западна) страна, на површината од десната страна на Полчишка Река, се забележуваат некои стари подѕидувања на пат за пристап во населбата и сл., а на пошорокиот простор се наоѓаат и темели од разни градби кои, исто така, ги има на целата површина на локалитетот.8 Темели од градби, но и остатоци од стара тврдина има и на највисокиот дел на локалитетот, кој се наоѓа на неговата северна страна, над реката Бутурица. На тој дел од локалитетот среќаваме два врва со рамни платоа на кои биле расположени утврдувања, веројатно во антиката, но не треба да се исклучува можноста за слично обѕидие и од постариот период. На највисокиот дел од оваа „акропола“ можат да се видат основите на неколку градби од древната населба. Овој дел од локалитетот доминира не само над неговиот простор, туку и над поширокиот простор на големата долина, која е расположена околу споменатите реки.

Освен праисториските наоди, на целиот локалитет се распространети наоди од подоцнежниот, антички период, односно, римскиот и доцноантичкиот период. Според археолозите се работи за доцната антика. Последното рекогносцирање на теренот, сепак покажа дека на овој локалитет, освен во доцната антика, има остатоции од праисториска населба. Во секој случај, евидентно е дека на овој простор постоела населба со значителни димензии и, според некои показатели на површината, можно е дека таа располагала со завидна инфраструктура, која упатува на тоа дека таа била центар за поширокиот простор. Имено, и денес на теренот се наоѓаат убаво обработени форми од мермерен камен, кои укажуваат на постоење стари градби со посебно значење како, на пример, цркви и други престижни градби. Индиции за такви градби според мермерните елементи има, најмалку, на две места, а интересно е дека и некои од жителите упатуваат на места познати како црквишта. Некои елементи од архитектура упатуваат на остатоци од ранохристијански цркви во старата населба.9 Оваа констатација е, речиси, сигурна ако се земе предвид дека на просторот на „Садевите“ има наоди на елементи од мермер, кои се карактеристични за раното христијанство, како прозорски меноа, капители и сл. Тоа е времето кога се создавале првите христијански култови, се прогласувале мартири (маченици за христијанската вера) и сл.

На локалитетот доминираат големите грамади камења, често изѕидани во широки ѕидишта со кои е преполн локалитетот „Садевите“, а кој за современите жители на селото Полчиште значел земјоделска површина, која се обработувала, сѐ до седумдесеттите години на минатиот век, кога населението во Мариово доаѓа до минимум. Огромните количества камен укажуваат на значителната големина на населбата, односно, на големиот број градби, посебно во римскиот период и доцната антика кога, веројатно, „Садевите“ преставувал некој вид градска населба од помал или поголем обем, односно, била своевиден центар на определен поширок простор. На тоа укажуваат и некои делови од локалитетот кои укажувааат на постоење планска изградба на улици. Долгогодишното интервенирање на локалитетот и присуството на разновидни активности создало посебен „неред“ на самиот локалитет, со измешани археолошки материјали, собирање на градежниот камен, преѕидување и прередување, па не е лесно да се извлечат поконкретни заклучоци за карактерот на праисториската и античката населба, како и за инфраструктурните елементи на населбата. Сепак, големиот простор, односно, површината на локалитетот на која се среќаваат остатоци од материјална култура, односно, површина поголема од десетина хектари, е силен аргумент за значењето и улогата на населбата.

Непосредно под „акрополот“, од неговата југозападна страна, се наоѓа една длабока јама, односно, вертикален влез во поголема подземна просторија, која е позната како пропаст. Таа е длабока околу 20 метри а, според раскажувањато, во долниот дел има поширок простор. односно, своевидни галерии со појави соодветни за пештерски простории. Иако за жителите таа е природна јама, не е исклучено дека била своевиден рудник на метална руда, која се топела во топилници што се наоѓале во самата населба. Денес, на површината на локалитетот, се наоѓаат значителни количества железна згура, која е распространета по целиот локалитет, но посебно околу споменатата јама. Имајќи го предвид фактот дека Мариово во голема мерка се користело како простор за експлоатација на руди, посебно во доцноантичкиот период, не треба да зачудува ниту можноста на „Садевите“ да постоел поголем центар за преработка на рудата со поголеми печки за топење и работилници за преработка на рудата.

Кога се работи за остатоци од населба, посебно со обем каков се насетува на „Садевите“, интересен е проблемот со нејзиното име. За жал, тоа е тешко да се утврди со оглед на фактот дека не постои споменик со натпис кој би укажал на името на населбата. Овде треба да се истакне фактот дека на просторот на селото Витолиште, чиј атар се граничи со атарот на Мелница е пронајден споменик со натпис кој, за жал, не е доволно читлив, но сепак се знае дека преставувал извесен граничник меѓу две поголеми населби или територијални единици и на него биле напишани имињата на населбите (територијалните единици) (Inter Geneatos et …hinos).10 Така денес се знае дека на него било споменато извесно населено место „Генеати“, кое би можело да се однесува токму на оваа населба. Сепак, тоа е единствениот подопирлив податок поврзан со имињата на старите населби од овој простор на Мариово, чии имиња се ретко познати, пред се, поради слабите археолошки истражувања на овој простор. За нас, е веројатно дека едната од населбите, „Генеата“ се наоѓала во околината на селото Витолиште,11 додека другото име од натписот се однесувал, токму, на населбата од локалитетот „Садевите“. За жал, второто име од натписот е многу потешко за идентификување.


На крајот, неизоставно, треба да го споменеме и фактот што од овој простор, односно, од Мелница и локалитетот „Садевите“ потекнуваат голем број споменици со натписи, скулптури и сл. Познати се натписот од црквата „Св. Димитрија“,12 која е во близина, уште два други споменици со натпис,13 како и скулптура на Херакле,14 скулптура на херкуланка – голема,15 како и други споменици, од кои, дел се чуваат во Музејот во Скопје, а некои исчезнале откако биле донесени во манастирот „Св Илија“,16 кој исто така, е во близина. Големи интервенции на локалитетот биле направени во текот на Првата светска војна, кога просторот на локалитетот бил интензивно користен од тогашните војски. Тоа се забалежува и денес, од разновидните форми градби, чии остатоци се среќаваат на падините, како и на повисоките делови на локалитетот, разни елементи од тогашни градби, па дури и камени блокови со натписи. Така, два интересни споменици со натписи од овој локалитет, во тоа време, биле однесени во Софија,17 а тоа е само она што нам ни е познато.

На натписите, вообичаено за просторот на Македонија во римскиот период, среќаваме имиња од латинско, но и имиња од домашно потекло. Спомениците биле делумно оштетени и не се прочитани комплетните натписи но, сепак, познати се имиња, како Бистон,18 Аврелиј Валериј Менелај, Парамон, Панемон,19 Ботиј(ос)20 и други.
Големиот број споменици, со натписи и разновидна митолошка и култна симболика, кои се датираат во првите векови на новиот милениум, односно од првиот до третиот век,21 јасно даваат до знаење дека населбата на „Садевите“ била од посебно значење, односно, претставувала заедница со повисока култура и била своевиден центар за поширокиот простор. Несоодветниот пристап и запоставувањето на локалитетот е вистински хендикеп за да можеме поконкретно да се произнесеме за неговите културни содржини, големината на населбата, како и политичкото, територијалното и културното значење во соодветниот период.
[1] Археолошка карта на Република Македонија, Vulič N, 1937, 31 и др.
2 Александар Миткоски, Извештај за рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј – Прилеп 2001 (Во екипата за рекогносцирање, бев активно вклучен и самиот, како познавач на теренот, но и познавач на многу културни содржини на просторот на Мариово).
3 Исто.
4 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп 2002, 26-29.
5 Исто.
6 Исто.
7 Исто.
8 Исто.
9 Исто.
10 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 209.
11 Тренчо Димитриоски, Античката населба Генеата кај селото Витолиште, Прилепско,
(https://www.pelagon.mk/2019/04/20/).
12 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 82 и TABULA XXII, слика 167. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 29, 30.
13 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 81, 82 и TABULA XXII, слика 165 и 166.
14 Викторија Соколовска, Античка скулптура во СР Македонија, посебно издание, Музеј на Македонија, Скопје 1987. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 31.
15 Исто.
16 Исто.
17 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 81, 82.
18 Исто, 81.
19 Исто, 82.
20 Исто.
21 Исто, 81, 82.
Поплочено гумно на повисоките делови на локалитетот Фрагмент од камена мелница и рачка од керамички сад Големо парче згура од железна руда Устинка од питос украсена со зарежување На локалитетот има безброј разновидни ѕидишта од различни периоди Неколку камени елементи од градба Блок од камен Камен блок со натпис од Првата севетска војна Елемент од градба – камен Капител од прозорско мено Камена лоча од стара градба Куп градежен камен OLYMPUS DIGITAL CAMERA OLYMPUS DIGITAL CAMERA Тегула – фрагмент Остатоци од трло изградено со градежен камен од градбите на старата населба Градежен камен Фрагмент од тегула Два фрагменти од керамика од античкиот период Група фрагменти од керамички садови од античкиот и средновековниот период Устинка од керамички сад од подлабоката праисторија Фрагменти од питоси и други садови од керамика Три рачки од керамички садови од доцната антика Устинка од праисториски сад од керамика со украсување Фрагменти од питоси и од праисториски керамички садови 2