ВО ОБЛАСТА ПРЕКУРИД (РАЕЦ) – ПРОСТОР НА ИСТОРИЈА, КУЛТУРА, ПРИРОДНИ ВРЕДНОСТИ И МИСТЕРИИ

Долината во која се сместени селата Беловодица, Тројаци, Царевиќ, Смолани, Дрен, Големо и Мал Радобил и Топлица се наоѓа источно од Прилеп, зад превојот кај селото Плетвар. Селата се распоредени покрај неколку помали реки, кои во долниот дел ја формираат Раечка Река или реката Раец. Оваа мала област, испресечена со реки и долови, полна со помали и поголеми ридови, постарите автори ја нарекуваат Прекурид, а може да се сретне и како Река и Тројачка Котлина, но и како Раец. Таа е планинска област, која во горниот, југозападен дел е сместена покрај Бела Река, која се спушта откај селото Беловодица, во средниот дел покрај Царевичка Река, која доаѓа од Дренска Планина, откај селата Дрен и Смолани, а во долниот тек, во атарот на селата Мало и Големо Радобил продолжува како река Раец. Во неа се влива уште една помала река, која се спушта од атарот на селото Топлица. Селата Беловодица и Тројаци се сместени покрај Бела Река, Царевиќ, Смолани и Дрен во еден крак од долината кој се протега од југоисток кон северозапад, покрај реката која се формира од сливовите откај селото Дрен, а Мало и Големо Радобил се расположени во повисокиот дел на долината од нејзината источна страна, на падините на Дренска Планина, под врвот Ќаве.

Патека до ресторанот „Крпачов Камен“

            Прекурид, иако мала област, располага со безброј историски собитија, остатоци од стара култура, природни реткости, приказни и преданија и многу мистерии. Во овој простор, кој е со специфичен геолошки состав од гнајс и доломитска и варовичка маса се среќаваат голем број помали и поголеми пештери пропасти и други природни атракции, кои се извор на возбудливи доживувања, како и приказни за мистериозни настани. Само што ќе влезете во него, преминувајќи го превојот кај селото Плетвар, ќе се соочите со рудникот за сив мермер, познат како „Чашка“, а во негова близина еден интересен локалитет, „Садои“ со остатоци од антички храм, населба со тврдина, еден интересен култен објект во карпа со посвета на врховниот бог Ѕевс, кој овде се нарекува Дии1 и искривениот стар пат за Скопје, кој змиулесто се спушта кон долината на Бела Река во живописниот и полн со културни содржини атар на селото Беловодица. Атарот на селото Беловодица се наоѓа на југозападниот дел од областа Прекурид, но нашето патешествие ќе го започнеме од спротивниот дел.

ОД ПЛЕТВАР, ПРЕКУ РЕСТОРАНОТ „КРПАЧОВ КАМЕН“ ДО МЕСТАТА СО ПРИКАЗНИ ЗА ЦАРЕВИ И ИМИЊА НА СЕЛА СО ПОТЕКЛО ОД ДАЛЕЧНОТО МИНАТО

            Најпрво се спуштивме по современиот пат Прилеп – Скопје, кратко застанавме за да го посетиме малиот манастир „Св. Игнатиј“ покрај патот во Тројачко и стигнавме до атарите на селата Големо и Мало Радобил, односно, во долината на реката Раец, во ресторанот Крпачов Камен, кој е лоциран покрај самата река, во живописен дел со рамни површини, меѓу високи стебла од ореви и разновидни шумски дрвја. Просторот е уреден и прилагоден за одмор и забава, особено во летниот период. Всушност, како што пренесуваат сопствениците, Тони и Татјана, тогаш е најмногу посетен. Неговата околина е опкружена со повисоки и пониски ридови од Дренска Планина, во кои се среќаваат и разновидни геолошки форми, како пештери, интересни форми на карпи и сл. Назад тргнавме по стариот пат Скопје – Прилеп, кој и денес е прооден за возила, но наместа има потреба од санирање.

Чешма крај стариот пат во Радобилско

            На патот, најпрво се соочивме со реката Раец на која забележавме и стар разрушен мост, сведок за некогашната теснолинејка, како и една чешма, која располага со убаво количество бистра планинска вода, а за кратко време стигнавме до едно интересно место, познато како Царев Даб. Тука се наоѓа добро изѕидана чешма со изворска вода. Местото е поврзано со предание за извесен цар, кој дотука стигнал со војска и тука под некој голем даб седнал да одмори и да се закрепи со храна и вода, а потоа продолжил на својот пат. На неколку километри југоисточно оттука се наоѓа селото Царевиќ, кое повторно асоцира на царско присуство во овој простор. За него се раскажува дека многу одамна го посетил извесен цар, дека една баба му месила зелник, па откако добро се наручал од него си заминал. Затоа селото било наречено со името, кое го носи и денес, Царевиќ. Кога сме кај царевите, со атарот на селото Големо Радобил граничи атарот на селото Кесендре, чие име навистина предизвикува внимание. Имено, тоа многу асоцира на машкото Касандар и женското име Касандра. Такво име носи и еден македонски цар од пред нашата ера. Тоа е Касандар, кој му бил зет за ќерка на Филип Втори – Македонски, а зет за сестра на Александар Трети – Македонски. Неговата жена се викала Тесалоника, а кралот Касандар, според нејзиното име го крстил о градот Тесалоника (Солун). Женското име Касандра, пак, е уште постаро, бидејќи од митолошките приказни знаеме дека така се викала една позната пророчица од легендарниот град Троја во Мала Азија. Таа била ќерка на кралот на Троја, Пријам, а како пророчица била проколната никој да не верува во нејзините пророштва.2 Овде немаме амбиција да докажуваме каква било историска или културна врска, но асоцијацијата и етимолошкото совпаѓање се евидентни.

Чешмата во Царев Даб

            Локалитетот „Царев Даб“ располага и со остатоци од постара населба чии остатоци се среќаваат на рамните површини крај Раечка Река. Токму во близина на овој локалитет, во 1904 година, на една од нивите, се случило и едно големо злосторство извршено од страна на познатиот злосторник Булиман – ага, кој имал своја кула во селото Царевиќ, кога е уништено, едно големо семејство од селото Царевиќ.3

ИСТОРИСКИ НАСТАНИ И ЛИЧНОСТИ – РЕВОЛУЦИОНЕРИ, ВОЈВОДИ, КОМИТИ И БИТКИ

              Пред чешмата од Царев Даб, стариот пат продлжува кон југозапад во атарот на селото Тројаци. Само  на неколку стотици метри од чешмата, на ридот десно од патот се среќаваат остатоци од населба од римскиот период и доцнат антика. Денес локалитетот е обраснат во шума, но на падините на ридот се среќаваат фрагменти од тегули, имбрекси, питоси и други керамички предмети. Погоре по патот наидуваме на новоотворен рудник за камен, односно, мермер, кој денес е напуштен, па наидуваме на раскрсница од која се дели пат за селата Царевиќ, Смолани и Дрен, а понатаму за селата Гуѓаково и Галиште во Мариово. На местата на кои се делат патиштата среќаваме и табли со патокази за неколку манастири, како манастирот „Св. Илија“, кај Дрен, црквата „Св. Димитрија“ кај Смолани и други.

Дел од стариот пат пред селото Тројаци

            Возејќи по стариот пат кон селото Тројаци, добиваме впечаток дека тој е полесен за возење, бидејќи ја следи долината на реката. Искачувајќи ја нагорницата пред селото Тројаци, наидуваме на едно место, кое во изминатите векови имало посебно значење за областа. Тоа е малиот превој од Царевиќко за Тројачко, кој располага со остатоци од неколку градби. Уште од турскиот период тука имало полициска станица, која била во служба на турската власт за гонење на разновидните одметници од власта, кои низ историјата на овој крај ги има многу. Овде ќе го споменеме познатиот војвода Ѓорѓија Лажот од селото Царевиќ, кој им задавал многу проблеми на турските власти и израснал во легендарен војвода. Заедно со Спиро Црне – Големџиоски, прилепчанец по потекло од селото Дабница, во 1881 година, во местото Пештера, кај превојот село Дрен, село Галиште, Србиново, успеале да ликвидираат еден од најголемите злосторници во Прилепско, познат како Чучук Сулејман.4 По стапките на Ѓорѓија Лажот тргнал и неговиот брат Стојан, како и многу други. Тука е и војводата Спасе од селото Дрен, Илија Радобилецот, Јосиф Радобилецот, како и многу други. Веројатно, токму поради овие непокорници и бескомпромисни борци против ропството, како и поради другите видови одметници, турската власт морала да ја изгради и станицата кај Тројаци, како и онаа кај Плетвар.

Разрушена зграда кај Тројаци, која служела за откуп на тутун

            Недалеку од оваа станица, во местото Пештерите, на 8-ми април 1907 година, во борба со турскиот аскер, загинал прилепскиот војвода Стефан Костадинов – Шиндил, кој потекнувал од селото Зрзе, Прилепско. Со него загинале и сите членови на неговата чета, која заедно со војводата броела 6 комити, а со нив загинал и еден жител на селото Тројаци.5

Од рудникот за мермер пред Тројаци   

  Тројаци, кое со своето име асоцира на едно далечно време, на далечни бурни настани од историјата на човештвото, кои на извесен начин се поврзани и со нашиот простор, односно, во своето име го содржи името на легендарниот град Троја, во своја близина има и културни остатоци поврзани со тоа време, како што е локалитетот „Ракида“. Повторно, немаме амбиции за какво било докажување на ова етимолошко совпаѓање и нека остане само како забележување. Тројаци има уште голем број, всушност, безброј разновидни вредности од природно, историско и културно наследство. Овде само ќе споменеме дека од ова село е потеклото на еден од најголемите македонски револуционери, соработник и соборец на Гоце Делчев, односно, Ѓорче Петров, чиј татко бил учител и живеел и работел токму тука. Оттука е уште еден познат, но малку афирмиран борец и револуционер, Никола Бошков – Тројачанец, како и многу други.

ПРИКАЗНАТА ЗА КОБНИОТ ОБЛОГ МЕЃУ ДВАЈЦА ИНЖЕНЕРИ ОД ВРЕМЕТО НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ И МИСТЕРИОЗНИТЕ УБИСТВА     

            Споменатата полициска станица кај селото Тројаци им служела и на следните власти и поробувачи, а приказните како во неа биле затворани и мачени затвореници во разните периоди, сѐ до НОБ, живеат до денес.

            За просторот на областа Прекурид и денес е жива приказната за двајца инженери од Централните сили за време на Првата светска војна. Еден Германец, другиот Бугарин. Тие учествувале во трасирањето и изградбата на железничката пруга од Скопје за Битола, позната како теснолинејка. Кога дошле во близина на превојот кај селото Плетвар, односно, во Беловодичко, двајцата инженери фатиле чуден облог. Германскиот инженер не верувал дека „вовчето“ ќе може да се искачи на превојот кај селото Плетвар, а бугарскиот инженер тврдел дека тоа е можно, па паднал облог, доколку тоа се случи, односно, ако „вовчето“ се искачи на Плетвар, Германецот да си пука во главата. Преданието говори дека токму тоа се случило, а дека Бугаринот ја трасирал пругата со помош на едно товарено магаре. Дали во преданието се крие некаков историски факт не знаеме, но преданието е живо до денес и е дел возбудливите содржини на споменатата долина.

Малиот воз на теснолинејката во клисурите во Раец

            За малото „вовче“ се зборува, дека возело со толку мала брзина што можело патник да слезе на една кривина и да го фати возот на следната. Така раскажуваа родените пред триесеттата година на минатиот век, како што ни раскажуваше Александар Мајстороски од селото Плетвар, роден 1908 година, кој со овој воз заминал да го отслужи својот воен рок.

            Во поширокиот простор на Прекурид (или Река или Раечка котлина) има голем број шуплини по ридовите, разновидни пропасти и пештери и остатоци од геолошкото минато, а многу од нив се поврзани со преданија, приказни и верувања, како и со мистерии за исчезнати лица, за остатоци од скелети во нив и сл.

Споомен обележје од НОБ кај Тројаци со уништен натпис

          

Споомен обележје од НОБ кај Тројаци со уништен натпис 2

Во близина на старата полициска станица меѓу Царевиќ и Тројаци, општина Прилеп, односно, Сојузот на борците од НОБ изградиле споменик во чест на настаните од НОБ во овој простор. На споменикот имало плоча со натпис, но некому му „пречела“, па ја искршил. Денес, некој совесен Македонец, на минување, пронашол едно мало делче од плочата и го ставил во нишата на споменикот. На овој фрагмент се зачувани само неколку писмени знаци и не може ништо да се прочита. Сепак, јасно е дека се работи за настан и жртви од НОБ. Ќе доживее ли обнова во поскоро време? Таа не потсетува и на еден познат настан, од Митровден – 8-ми ноември 1941 година, кога штотуку формираниот партизански одред, „Гоце Делчев“, од Прилеп го ослободил селото од фашистичката власт и одржал голем народен митинг на кој учествувале голем број жители на Царевиќ. Во таа чест е подигнат споменик со натпис за настанот во самото село. Тоа, всушност, е „зрак  светлина“, кој ја навестува идната слобода на Македонија, како прва ослободена територија во НОБ во Прилепско.

Народниот херој, Борка Талески – Модерното
Телото на убиениот Борка Талески – Модерното на местото на убиството

            Од НОБ е познат уште еден трагичен настан во долината меѓу селата Беловодица и Плетвар. Токму тука загинале двајца големи борци за слободата на Македонија и создавање на македонска држава. Во своите најубави години, овде, мистериозно се убиени народните херои Борка Талески – Модерното и Лазо Филипоски – Лавски. Нивните останки не се пронајдени до денес и мистеријата продолжува да живее, а сестрата на Борка Талески, Вера Талеска – Николоска, скоро, целиот живот го посвети во потрага по останките од својот брат и не успеа во тоа. Зад неа остана книгата „Потрага по вистината“, која содржи многу интересни информации за нејзиниот брат, за неговото убиство, за веројатното предавство, за убиецот, како и за настани од НОБ и времето потоа. Не можеме, а да не наведеме дека случајот со останките на народниот херој, Борка Талески, е уште позачудувачки кога се знае дека во Државниот архив на Република Македонија се чува фотографија од убиениот борец на самото место. Кој го фотографираше, а кој ги го сокри телото на Борка??!!! За тоа, сепак, повеќе може да се прочита во книгата на неговата сестра за која стана збор погоре.

Харалампие – Рампо Попоски

 

            Токму во делот во кој стариот пат за Скопје, меѓу селата Плетвар и Беловодица, во 1925 година, се случило уште едно злосторство. Тука бил пречекан младиот македонски патриот од Беловодица, Харалампи – Рампо Попоски, од озлогласената српска „црна тројка“ и бил убиен. Во оваа живописна долина се случиле и други слични трагични настани и злосторства во минатото.

            Покрај патот по кој се враќавме, во близина на реката под селото Беловодица, по којзнае кој пат го посетивме и локалитетот „Селиште“ каде што во минатото се наоѓало споменатото село, а тука, во непосредна близина на патот се наоѓала неговата црква, „Св. Никола“.6 Пред неколку месеци, локалитетот беше истражуван од Заводот и Музеј од Прилеп и беше констатирано дека на него се наоѓале и гробиштата од старото село, како и тоа дека во нив бил нагласен бројот на покојници – деца, што упатува на период на напад на чума и голема смртност. Тоа се зема и како причина за напуштање на населбата.

По извршеното археолошко истражување на локалитетот „Селиште“ кај селото Беловодица

            Освен некрополата и другите културни остатоци од среден век, во рамките на остатоците на старата црква има и неколку архитектонски мермерни елементи, кои упатуваат на постарите периоди, осносно, античкиот период.

            За црквата има податоци дека била обновена, или изградена од извесен свештеник во 1591 година и дека се викала „Св. Никола“.4 Денес има инцијатива и се започнати активности за нејзино обновување или изградба на нова црква на истото место, но посветена на света Недела.7

Еден од најинтересните споменици од старата црква „Св. Никола“ кај Беловодица 2

         

Обработен блок со кружна форма и кружни отвори од старата црква „Св. Никола“ кај Беловодица

  Да не заборавиме: Во просторот меѓу селата Беловодица и Пештани, една седмица пред Илинденското востание, загинале дури 17 млади и способни членови на Македонската револуционерна организација од Прилеп, а меѓу нив и младиот учител, Тале Христов, член на Горскиот штаб на востанието. Со него загинале и Димитар Сливјанов и Александар К. Спирковѓаконот КозмаГлигор РакиџиевЈордан Нунев и уште 11 млади прилепчани. Битката започнала на највисокиот врв, Студеница, западно од селото Беловодица, меѓу 50 турски војници и четите на Петар Ацев и Никола Пешков, во кои се приклучиле и седумнаесетте млади прилепчани.8

Тале Христов

            Областа Прекурид со неколкуте села, крие непроценливо богатство од разновидни вредности, возбудливи приказни и трагични историски настани, за кои на ваков начин можеме само да потсетиме дека треба да се истражуваат, заштитуваат и афирмираат, без амбиции сите да ги споменеме, а уште помалку да ги раскажеме и објасниме. Затоа ќе завршиме со споменувањето на само уште еден нов објект, покрај современиот пат за Скопје, на местото каде се исклучува патот за Беловодица. Тоа е еден мал, но привлечен параклис, посветен на свети Ѓорѓија, украсен со соодветен живопис и со натпис на кој го среќаваме името на, денес, покојниот златар Ѓорѓи Гулески – Џузата од Прилеп, како и имињата на членовите на неговото семејство.

 

1Тренчо Димитриоски, Античка населба со централен јавен простор – агора на локалитетот „Садои“ кај селото Плетвар, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/09/27/

2 Robert Grevs, Grčki mitovi, Familet, Beograd 1990, 480. Тренчо Димитриоски, Античката пророчица Касандра од селото Живово, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/08/24/

3 Тренчо Димитриоски, Грозното злосторство на злосторникот Булиман ага кај селото Царевиќ, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/11/22/

4 Тренчо Димитриоски, Војводите Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот, Ризница – Прилеп, 2013.

5 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 268.

6 Тренчо Димитриоски, Остатоци од стара црква и од антички храм кај селото Беловодица, Прилепско,https://www.pelagon.mk/2018/06/15/

7 Исто.

8 Тренчо Димитриоски, Една трагична битка кај селото Беловодица, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2020/01/23/