МАКЕДОН

Се збра светот во едно,

Зачука опасно универзумско срце,

Зататни лудило

И молња секна од запад.

Згрме,

Удри во срцето на мојата татковина,

Потрепери денот на постанокот

Зашто мојата земја е

центар на праексплозијата,

На севселенското чувство и

Вселенскиот инстинкт.

Пророците протолкуваа прогрес

Според знакот на молњата и громот

На гробовите на Ликург и Еврипид.

Музиката на Орфеј се слушна

Од подземна шуплина на пеколот

И гласот на Евридика,

мртва невеста со надеж,

Со име прародителско

На Македон во волчја кожа,

Бог див, но среќен.

Го исчекуваме денот

Кога ќе згасне проклетството

Изречено од цар и пророк

И ќе здивнеме тогаш здушно

Од длабочината на нашите срца,

Натежнати од мачни векови.

Ќе потечат мисли на љубов,

Кон браќа, кон свои,

Кон светот со подадена рака.