АЛАРМ ДО НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ: ЗАШТИТЕТЕ ЈА ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЕ“ ВО ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП ЗАШТО Е ИЗЛОЖЕНА НА КАТАСТРОФА
Не со години, ами со децении останува статус-кво состојбата на црквата „Св. Атанасие“ во Варош, кај Прилеп, која е еден од спомениците на култура со уникатни архитектонски особини и значајни културни вредности и археолошки остатоци (https://www.pelagon.mk/2018/07/04/). Всушност, статус-кво е односот на надлежните институции кон овој споменик, а неговата состојба е постојано во движење кон полошо. Оставена без покрив, со оштетени ѕидови, особено во нејзината основа, оваа градба е изложена и на најлошото, односно, можно е нејзино комплетно уривање. На тоа упатуваат поткопаните темели, односно, основите на ѕидот од источната, јужната и северната страна. Од ѕидот излегуваат цели камени блокови, блокови од бигорен камен, како и печени цигли и малтер. Тоа се случува, веројатно, секојдневно, зашто при секоја посета можат да се забележат бројни нови оштетувања, купишта камени блокови и блокови од бигорен камен, како и цигли и малтер покрај самите ѕидови и настрана од нив. Некои од големите камени блокови на источната и северната страна, „лебдат“ во воздухот со поголем дел од својата површина, а јасно се гледа дека имаат носечка функција на ѕидовите и, со положбата во која се наоѓаат, се вистинска закана за градбата. Според нашите информации, увид на ваквата состојба прават само граѓани од Варош, но за некаква интервенција за заштита не може да стане ниту збор. Дали прилепската институција надлежна за заштита на спомениците на културата, Завод и Музеј – Прилеп има направено каков било увид на објектот последниве неколку години?

Некои интервенции од страна на граѓаните упатуваат на тоа дека надзорот на објектот од страна на надлежната институција отсуствува. За каква било интервенција за заштита не може да стане ниту збор и, со овој однос, прашање на време е кога руинираниот објект може да доживее катастрофа. Состојабата е таква со децении, а проектот за реконструкција „спие“ во некоја фиока. Според една информација од подалечното минато, реализацијата на реконструкцијата на овој објект се „доближила“ до него. Министерството за култура одобрило определена сума за реконструкција, но проектот не бил реализиран бидејќи таа не била доволна, односно, била многу помала од сумата која била предвидена со проектот. Нашата информација е дека се барале 6 милони денари, а Министерството одобрило 2,5 милони. Оттогаш до денес не сме слушнале, ниту за проект, ниту за обид за санација или реконструкција на овој значаен споменик на култура.

На десетина метри западно од црквата се наоѓа уште еден помал историски споменик, поврзан со петмина крушевчани убиени од Турците при спроведување за затворот во Битола по задушувањето на востанието. Неговата состојба денес е, исто така, незавидна, односно, очајна (https://www.pelagon.mk/2019/09/04/). Ете, само на ова место имаме видливи докази за, најмалку две состојби – како се грижиме за нашите споменици на култура од различни периоди и каков однос имаме кон жртвите на борбата за слобода на нашата земја.

За црквата „Св. Атанасие“ се раскажува и едно предание дека ја следи извесно проклетство (https://www.pelagon.mk/2018/07/04/) и не можеда биде покриена. Веројатно, тоа „важи“ и денес, па нејзината положба останува иста и се движи кон полошо. Затоа упатуваме аларм до надлежните институции, кои од различни аспекти се одговорни за вакавата состојба на споменикот на култура во Варош, како и за сличните на него во поширокиот простор. Доколку нема услови за комплетна реконструкција, не постои ли можност за интервентна заштита од натамошно руинирање и спречување катастрофа. Алармот го упатуваме до Заводот за заштита на спомениците на културата од Прилеп, Локалната самоуправа – Прилеп, Минсиерството за култура на Македонија и Управата за заштита на културното наследство на Македонија. Останува на нив, на нивната одговорност за ваквата состојба, дали соодветно ќе регираат и ќе преземат соодветни активности, кои се неопходни, барем за елементарна заштита.
„Трауматична“ слика во подножјето на северниот ѕид Камни блокови и цигли излезени од ѕидот Големо оштетување на северниот ѕид Голем камен блок од апсидата во „висечка“ положба Неколку фрагменти од цигли Фрагмент од поголем мермерен блок изваден од ѕидот на градбата Два големи камени блока поткопани од долната страна Камени блокови и цигли крај ѕидот од апсидата Голем камен блок во „полулебдечка“ состојба на аголот од апсидата од јужната страна На аголот од апсидата на северната страна Оштетување на северниот ѕид 2 Оштетување на северниот ѕид