СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (2)
СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ“
Според остатоците од антички споменици во кругот на манастирот „Св. Архангел Михаил“ над населабата Варош кај Прилеп, кој е вгнезден во понискиот карпест дел на Маркови Кули, неговата локација располагала со значајни градби и во античкиот период. Местото на кое е расположен овој манастир располагало со престижна култура опкружена со голем број други архитектонски содржини од неговата југоисточна и југозападната страна, како и на самиот карпест дел од северната и североисточната страна. На северната страна од манастирот, на неколку стотици метри растојанеи, на една поголема тераса со карпеста површина, „обележана“ со една монументална карпа со топчеста форма се наоѓа една од поголемите некрополи на ридот Маркови Кули, со голем број гробови издлабени во карпа.1 Таа, секако, била поврзана и со храмот во споменатиот манастир, па може да се каже дека и покојниците биле носени во некрополата по изведувањето на соодветниот верски обред во овој храм.

На целиот овој простор се среќаваат многубројни и разновидни архитектонски форми по површините на карпите, а фрагментите од керамика и други видови археолошки предмети упатуваат на активен живот на поширокиот простор. Во тој контекст, неизоставно треба да се спомене и присуството на праисториска култура, која е констатирана и со археолошко истражување на стотина метри југоисточно од манастирот, на локалитетот „Светецот“ каде се констатирани неколку гробови од доцното бронзено време, како и една урна со погребување на жена, која потекнува од истиот период.2 Тоа упатува на можноста дека и локацијата на манастирот била дел од оваа култура. Во прилог се и наодите на археолошки остатоци од различни периоди, пронајдени при ископувањата околу црквата „Св. Атанасие“, која се наоѓа на околу 200 m јужно од манастирот, на самата периферија на Варош. Таму археолозите констатирале наоди од хеленистичкиот (македонскиот) и римскиот период, како и од средниот век, а пронајдени се и наоди од праисторијата.3 Во поблиската и подалечната околина на манастирот се присутни и голем број гробни јами издлабени во карпа со што се надополнува културниот амбиент во овој простор.

Спомениците со кои располага манастирот, кои се во голем број, упатуваат на атрактивна архитектура, најдоцна, во македонско-римскиот период. На тоа упатуваат објектите на камена пластика, претежно мермер, кои денес се среќаваат во кругот на манастирот, употребени во денешните градби или како слободни објекти присутни во дворот на манастирот. Според формите и симболиката која е претставена на овие објекти, може да се следи извесен континуитет од раниот римски период, па до раното христијанство. Употребувајќи ги овие елементи од градби од античкиот период во новите градби на денешниот манастир, градителите симболично ги поврзале вековите упатувајќи на долг културен и историски континуитет на овој простор. Така, тремот на црквата во манастирот е разубавен со три поголеми мермерни столбови, кои го крепат покривот од предната страна. Два од нив се поставени на квалитетно оформени мермерни бази. Сите овие архитектонски елементи, трите столба и двете бази, како и уште една мермерна база се датираат во раниот римски период,4 што значи дека биле дел од извесна градба од особено значење во стариот град Прилеп во тој период. Слични мермерни бази во кругот на манастирот документиравме најмалку уште две, а уште една е со помалку квалитетна обработка.

Сликата на културниот континуитет е надолопнета со капителите на трите столба во тремот. Имено, барем два од нив се капители од раното христијанство, па симболиката говори и преку еден столб, како врска со раниот Рим во основата и раното христијанство на врвот на столбот. Послободно изнесено, овие споменици упатуваат на можноста дека на ова место постоеле извесни градби од значаен карактер за градот во римскиот, а веројатно и претходниот, македонски период, а дека тоа значење продолжило и во раното христијанство, кога бил подигнат ранохристијански храм.5 Всушност, и денешниот манастир не е случајно на тоа место, туку е резултат на претходно присуство на значајни објекти, веројатно, од религиски карактер. Ако се знае дека стариот град го зафаќал просторот на денешниот Варош, на Заград и ридот Маркови Кули, јасно е дека локацијата на овој манастир и на претходните градби се наоѓала во неговиот централен дел, односно, заземалa атрактивна положба во античкиот град. Тоа, секако, е уште еден аргумент за значењето на градбите коиегзистирале тука.

Од спомениците присутни во манастирот, особено е интересен еден мермерен споменик со релјеф кој, псоред археолозите, е „конструктивен дел на монументален надгробен споменик, можеби стела“.6 Како тип на споменик не е познат во археолошката литература на Македонија, а претставува „десен челен агол на фронтон“.7 На споменикот е издлабена форма на триаголен тимпанон, а во него, релјефно, се претставени рогот на изобилството и мали украсни лози со мала пинија. Во другиот дел од плочата е изработена акротерија со нагласени димензии. Овој споменик, во форма на подебела плоча, на една од тесните страни поседува и релјефно прикажан орел, кој во своите канџи држи делфин.8 Димензиите на споменикот се 0,820х0,735х0,215 m. Доколку се направи реконструкција на целиот споменик, неговата широчина би изнесувала 1,84 m.9 Импресивноста на прикажаните претстави и симболиката на релјефот, го прави овој споменик особено интересен и самиот претставува цела „приказна“, односно, заслужува многу посериозно внимание со пообемна нализа за неговото значење и намена. Преку него може да се насети и нивото на културата на античкот град кај денешниот Прилеп во античкиот, поконкретно, во римскиот период. Во поранешниот период, односно, пред дваесетина години, гореопшианиот споменик се наоѓаше слободно поставен во манастирскиот двор, а денес украсува една од челните огради на ѕидовите на терасите во дворот. Од кругот на нашите истражувања и документирање, познат ни е уште еден, споменик од ваков тип, со многу слични димензии и претстави во релјеф, кој се наоѓа во дворот на црквата „Св. Богородица“ во селото Мажучиште, Прилепско.

Од другите видови споменици, односно, елементи од камен, особено мермер, во кругот на манастирот кај Варош има голем број, односно, можат да се избројат десетици. Голем број камени блокови со различни димензии се вградени до оградите и подѕидоците на терасите во дворот, или се наоѓаат слободни по манастирскиот двор. Освен мермерни блокови и блокови од друг вид камен, се среќаваат и помали фрагменти од столбови, извесен вид садови, но и елелемнти од раното христијанство, како што е еден дел од прозорско мено, основа или капител на столбестиот дел на мено, уште еден споменик како потврда дека на местото од старите антички градби се развил ранохристијански храм, веројатно, еден од познатите објекти од типот базилика. Може да се претпостави дека оваа локација, односно, локацијата на која денес се наоѓа манастирот со црквата „Св. Архангел Михаил“ има старо култно-религиско потекло и во сите периоди имал значајно место во верското живеење на градот.
1 Тренчо Димитриоски Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 58, 59.
2 Исто, 21-23. Благоја Китаноски, Еден прилог од бронзеното време на Пелагонија, Macedonia Acta Arheologica, Скопје 1987, 31.
3 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура (ИСК), Прилеп 1986, 136 – 182.
4 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, Том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 388,389.
5 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, ранохристијански цркви во Македонија, Македонско наслдество, бр. 5, Скопје 1997. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 67, 68.
6 В. Лилчиќ, Македонскиот камен …, 389.
7 Исто.
8 Исто, 388, 389.
9 Исто, 389.
Манастирот „Св, Архангел Михаил“ кај Варош со Златоврв во позадина Црквата во манастирот „Св, Архангел Михаил“ Страната со орел и делфин на споменикот од надгробен споменик – од В. Лилчиќ Орел и делфин на споменикот од надгробен споменик – од В. Лилчиќ Тремот на црквата со столбовите Манастирскиот двор Црквата со тремот со столбови Црквата со тремот со столбови 2 Три бази за столбови од мермер во дворот на манастирот 2 Фграмент од столб со помал пречник вграден во ѕидот од црквата Споменикот со релјеф вграден во ѕидот од тремот Споменикот со релјеф вграден во ѕидот од тремот со основа од столб во преден план Споменикот со релјеф вграден во ѕидот од тремот 3 Основа од столб со помал пречник Од блоковите во подѕидоците на црковниот двор Блокови од мермер во подѕидок од црковниот двор Голем мермерен блок во подѕидок од црковниот двор Голем мермерен блок во подѕидок од црковниот двор со основа или капител од розорско мено Столбеста форма од мермер Основа или столб од прозорско мено Основа или столб од прозорско мено од друг агол База за столб 1 База за столб 2 База за столб 3 База за столб 4База за столб 4 База за столб 5 База за столб 6 База за столб горен дел со врзни елементи за столбот База за столб горен дел со врзни елементи за столбот 2 Трите бази за столбови во црковниот двор Столбеста форма од мермер оформена во сад База за мермерен столб со полоша обработка Капител на еден од столбовите во тремот Ранохристијански капител на еден од столбовите во тремот Ранохристијански капител на еден од столбовите во тремот 2 Ранохристијански капител на еден од столбовите во тремот 3 Столб во тремот со основа изработена на самиот столб Столб во тремот со основа изработена на самиот столб 2 База на еден од столбовите во тремот Капител на еден од столбовите во тремот Еден од столбовите во тремот Квалитетно изработена база на еден од столбовите во тремот Тремот со столбовите од внатрешната страна