РОДЕНДЕНОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ПОЛИЦАЈЦИ И КОМИТИ – ЌЕ ОСТАНЕ ЛИ БУКВАТА „М“ ВО МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА

– … овие што денес го водат „колото“ (а не ги бива ниту за на челото, ниту за на кецот) и го трошат државниот буџет, ни токмат да бидеме пријатели по секоја цена со нашите негатори и понижувачи, постојано не предупредуваат да не ги налутиме со нешто, да дишеме, говориме, пишуваме, јадеме и пиеме во духот на „пријателските односи“!!? Се однесуваат како административци на нивните „пријатели“ и се плашат, дури и од буквата „М“, па не е чудно дека, какви што се, ќе почнат да нѐ убедуваат дека оваа буква е непотребна, дури и штетна, па ќе започнат и со реформа на азбуката, односно, дека е најдобро овој „штетен“ знак, кој ги згрозува нашите односи со соседите, да се исфрли од нашата азбука. А, како што не учи искуството последниве години, со нивните „правни“ вештини, ќе најдат начин тоа и да го изгласаат во нивниот парламент, сѐ во името на „напредокот“, на „добрососедството“ и „европската иднина“.

            Тргнав кон црквата „Св. Спас“ во Скопје низ старата чаршија, па нагоре по калдрмосаните и тесни улички, малку возбуден, повеќе горд што ќе се поклонам на гробот на Гоце Делчев и ќе му оддадам почит, за 150 години од неговото раѓање, скромно, со наклон и благородна мисла во мене. Не ни помислив дека ќе имам „пречки“ на патот, мислејќи дека нема никава причина некој да се плаши од еден одамна загинат македонски јунак, борец и револуционер, „венчан“ за Македонија, верен до крај на својата намачена татковина. Ова ќе биде едно мое мало и мирно патешествие за поклонение и ништо друго – така си мислев. Но, штом се подискачив во едно од уличињата нагоре кон црквата, оп – нешто гледам лице во униформа – едно, па друго, па и трето. И, уште оддалеку, едно од униформираните ми свика: Господине, не можете да поминете оттука, има делегации на гробот од Гоце Делчев! И… ми се смени расположението, ми се „скрши“ еланот, а мојата возбуда премина во нешто друго, во неопределено чувство, малку горчливо, малку кисело, премина во скриен револт: зарем е потребно блокирање на улици, како заштита на гробот на македонскиот великан??! Зарем не се доволни неколку редари пред самата врата и уште некој во дворот на црквата, повеќе за добредојде, отколку за одржување ред? Кои се тие „злобни“ сили кои би правеле нереди или, не дај боже, би посегнале по коските на револуционерот? Не сум бил во право – веднаш по чествувањето (ако може да се нарече така) се слушнаа и повици за неговите коски, за пренесување од Скопје на некое друго, „посоодветно“ место. Тоа ме потсети на коските на извесни древни јунаци од овие делови на Балканот, на коските на Пелоп или на неговиот правнук Орест, по кои многумина трагале во нивно време, во името на личниот успех. Тоа, малку ме „поткрена“, ми донесе убаво чувство, дека Гоце потсетува на тие стари митолошки ликови, дека Македонија има длабок корен во времето, а со неа и ние, Македонците.

Од безбедносниот амбиент на пристапните улички

            Но да се вратиме на роденденот на Делчев! Што би правел пред униформираните лица, така им е наредено, моето инсистирање нема да доведе до некако пријатен излез. Се вратив назад, па лево и нагоре откај Музејот на Македонија, па над него и надолу, повторно кон црквата „Св. Спас“, сметајќи дека по широката улица, која водеше под Скопската тврдина кон центарот на градот никој нема да ме запре, па … И, оп, на раскрсницата, на околу 100 – 200 метри пред црквата, уште поголема група униформирани, раководени од една ситна женска фигура во униформа, со остар и одлучен глас: Господине, не можете сега, има гужва, чекајте тука. – Ама, реков, јас сум новинар, доаѓам од Прилеп и сакам да ја следам церемонијата!

            – Мора да причекате – зошто не сте дошле сабајле?

            Тоа е, при сила, нема правина, останав да чекам. По извесно време, го извадив фотоапаратот и зедов да фотографирам и, незнам од какви причини, ама ми рекоа дека можам да одам кај црквата, на гробот на Гоце. И отидов, за неколку минути се најдов пред црквата каде имаше мала редица луѓе и групи од делегации од институции со цвеќиња, голем број лица во униформи, а сигурно и извесен број од истите служби во цивил, како за фудбалски натпревар на кој се очекуваат агресивни навивачки групи и хулигани, а не како за посета на гроб на родољуб и револуционер, столб на македонската борба за слобода и на македонската државност, кој испратил една благородна и општочовечка порака за мир и културен натпревар меѓу народите. Пред самата врата се сретнав со длегација од Филозофскиот факултет од Скопје, главно историчари, па тоа малку ме врати во атмосфера, но за кратко. Бидејќи неколкумина од нив познавам, разменивме по некој збор, но еланот и радоста исчезнале некаде. „Ги изела мечкота“!!!

Од безбедносниот амбиент на главната улица

            Ајде, мирно, тивко, влегов внатре со неколкумина други. Таму, неколку редари, по некоја камера и мала група со намера да му одадат почит на великанот, да остават цвеќе на гробот, да се поклонат, да се фотографираат и назад за да ослободат место за другите. Пријдов до гробот и самиот, се поклонив, се прекрстив, оставив една моја мала книгичка посветена на битката на Маргара, кај селото Чаниште во Мариово, сметајќи дека би било пригодно, па фотографирав малку и излегов. Разбрав дека „главните“ делегации ќе го посетеле гробот подоцна и немав намера да чекам, зашто ми беше доволно и тоа што го видов.

На гробот на македонскиот великан

            На целото чествување, доминираше униформата и „грижата“ за ред, а над сето тоа, висеше пропагандата околу тоа дали е Гоце Бугарин, дали е Македонец и сл. Лесно е да му кажеш на револуционерот сега што е тој, но да беше во негово време и да му плеснеш, онака, в лице по твое, незнам и нема да шпекулирам. Сепак, знам дека е некултурно, па и безобразно, на друг да му кажеш што е, кој е, како се вика и сл. А делегациите? Јасно е, бугарската му се поклони како на Бугарин, нема дилема, а македонската, таа нема решено како да се поклони, некако „на крлач“, малку како „настрана“, малку нерешително, да прифати, да не прифати, „па тоа не е ништо“!!! А Гоце бил ретко правдољубив и слободољубив, особено татковинољубив и решителен борец, непоколеблив, цврст, ама благороден и харизматичен. Ние, денес, мислам овие што денес го водат „колото“ (иако не ги бива ниту за на челото, ниту за на кецот) и го трошат државниот буџет ни токмат да бидеме пријатели по секоја цена со нашите негатори и понижувачи, постојано нѐ предупредуваат да не ги налутиме со нешто, да дишеме, говориме, пишуваме, јадеме и пиеме во духот на „пријателските односи“!!? Се однесуваат како административци на нивните „пријатели“ и се плашат, дури и од буквата „М“, па се плашам дека, какви што се, ќе почнат да нѐ убедуваат дека оваа буква е непотребна, дури и штетна, па ќе започнат и со реформа на азбуката, односно, дека е најдобро оваа овој „штетен“ знак, кој ги згрозува нашите односи со соседеите, да се исфрли од нашата азбука. А, како што не учи искуството последниве години, со нивните „правни“ вештини, ќе најдат начин тоа и да го изгласаат во нивниот парламент, сѐ во името на напредокот, на добрососедството и европската иднина.

Гробот на македонскиот великан и црквата „Св. Спас“

            Ех, Македонијо, влегуваат во тебе, се „башарат“, а не те признаваат, не сакаат да ти го признаат родот македонски, те кројат по нивно, а овие, „пријателски односи“. А да им текнеше, мислам, на овие од истокот, „ослободителите“ на Македонија во Првата, па во Втората светска војна, барем да се извинеа за масакрите при „ослободувањето“! За отсечените глави, за избодените и газените тела, за играњето фудбал со главите на Македонци? Не, сите овие години на градење „пријателство“, на преговори, средби и договори, не им текна. Сега излегува дека неколкупати не „ослободуваа“, не колеа и бесеа, не масакрираа, па сега продолжуваат да не толчат, да не навредуваат и понижуваат како безвредни и безимени суштества, па после заеднички славења и славенички делегации, цели кордони полиција и други служби на редот – ех, Гоце, Гоце, да ги имаше сите овие сили на редот тогаш со тебе!!!

Од безбедносниот амбиент пред црквата „Св. Спас“

            И, уште нешто. Често се повторува дека е лоша економската состојба, нема средства, нема финансии за пат, за струја, за вода, за здравство, за социјала, за култура па, нормално, ќе нема кога се трошат толку многу само за обезбедување на чествување на еден гроб, како да навалиле на него силни војски за да го уништат и сквернават, а не мирни длегации со скршен елан и мирни поединци, Македонци и други, кои имаат желба само да му се поклонат на револуционерот за неговата жртва. Неколку редари и проблемот е решен. Ете, колку не чини пријателството по секоја цена, но не мислам на материјалното, зашто жалам што ми го скршија еланот, убавото чувство на поклонението на македонскиот великан, што не видов убав израз на лицата кај повеќето што ги видов таму, што ми изгледаа како „наврнати“, дури „прокиснати“, ете тоа најмногу ме погоди, зашто Гоце беше невиден родољубец и човекољубец, благороден револуционер, кој веруваше во луѓето, во човештвото, воопшто, и ја вршеше својата револуционерна дејност со непоколеблива верба во својата татковина Македонија, со невиден елан и видлива возбуда во иднината, таа на неговата татковина, во рамките на поширокиот свет, за кого имаше решение и го пренесе во една мала, но силна порака: „Светот е поле за културен натпревар меѓу народите“.

Од редот за поклонение

            Нека му е вечна славата, нека му е вечна татковината, неговата и нашата Македонија, која и ова простоумие со злоумие ќе го надмине, а зад неа ќе останат јавачите на ветар и сејачите на магла, кои залудно го трошат нашето време (но и нашата пот), во обид да ја скршат Гоцевата верба во нас.

Пред црквата „Св. Спас“
Од чествувањето за Гоце Делчев во Прилеп, со учесници на Македонци од Мала Преспа, Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија и Хрватска