БУГАРИЈА Е ПРЕПЛАШЕНА ОД „МОЌНАТА“ МАКЕДОНИЈА

Мора да е така! Бугарија, односно, бугарската влада е силно исплашена од слабата и на стаклени нозе поставената нејзина сосетка, Македонија. Инаку како да се објасни силната мобилизација во Бугарија, но и надвор од неа во борбата да се убеди Македонија да ги прифати сите  бугарски барања (ултиматуми). Замислете: Пред наголемо најавуваното доаѓање на нивниот скородонесен премиер, Кирил Петков, се чини дека бугарската влада ги спрегна сите расположливи сили внатре и надвор од Бугарија за да изгради стратегија и тактика за неговиот настап во нивната „романтика“ Македонија. Беше свикан специјален состанок на Советот за безбедност на Бугарија за да му пренесе знаење и енергија на премиерот во настапот пред нивниот „силен“ ривал – „братска“ Македонија. Какво внимание за нас, какво уважување!!! Го заслужуваме ли ние тоа? Го заслужува ли тоа поранешната македонска влада, која преземаше чекори само како да се прилагоди на „ултиматумите“ на „пријателска“ Бугарија, како и пред „пријателска“ Грција, газејќи преку нас како Македонци, преку македонскиот дух, македонскиот јазик, култура, историја, достоинство, човечко право? Го заслужува ли тоа сѐ уште неоформената нова Влада на Македонија?

                Во борбата да се убедат Македонците даека се во заблуда и дека не се тоа за што се претставуваат, дека се „измислени“, рецидив на комунизмот и титоизмот и сл. се вклучени сите сили на пропагандата на Бугарија. Со Договорот за добрососедство оваа пропаганда стана уште поактуелна, позасилена, како од самата Бугарија, така и во Македонија, каде силите под водство на „моќниот“ бугарски политичар Красимир Каракачанов добија „крила“. Тие во времето, кое не е толку далечно, како недораснати пилци во седелото, со подзинати клунчиња за црвче од нивната мајка, чекаа по некоја коска од нивниот „голем војвода“, па кога ќе го посетеа „богато“ ги наградуваше со по некое пакување салама, кашкавал, вино или ракија или (ако имаа среќа, односно беа сметани за позаслужни) ќе добиеја, дури, и по некоја стара дотраена крнтија автомобил, главно јапонска марка, Нисан, или слично, заедно со пропаганден материјал, пример: маици со натпис „Блгари јунаци“ и сл. Сега, по засилената пропаганда на бугарската влада, но и засилената антимакедонска пропаганда на македонската влада нивната сила порасна, па дури и нивниот број, можеби, кој тешко да стигне до троцифрен.  Па се случија „силни“ обраќања, писма за подршка, особено препорака да не се попушта во Бугарија на тврдењето дека некаде во светот има Македонци, а тие самите да бидат внесени во Уставот на Македонија. Замислете: каде им е умот на овие нашите, ако можат да се наречат „наши“, кои се откажаа од Македонците во Грција, Егејскиот дел, како и од Македонците во Бугарија, особено пиринскиот дел, кои добија „еден куп“ пресуди на европско и светско ниво, а нашите „пријатели“ Бугари и Грци мува не ги лази. А „нашите“  разговараат ли разговараат со своите „пријатели“ од Бугарија за внесување во уставот на Бугари!!???

                Во антимакедонската пропаганда во Бугарија се вклучија највисоките академски институции, како БАН (Бугарската академија на науките), универзитетите и универзитетските професори и други интелектуалци, со еден збор, сите расположливи сили во Бугарија. Додека сите ове сили на бугарската страна се подржани од бугарската власт, посредно или директно, во Македонија, за жал, особено за срам, самата влада го убедуваше својот народ, оној народ на чиј буџет уживаше и кроеше обратна политика,  дека ништо нема да изгубиме ако не се споменуваме како Македонија, како Македонци, да не се „фалиме“ многу со македонски јазик, со македонска култура и идентитет, менуваше устав и разни формулации со израз на македонскиот идентитет, менуваше натписи на огласни табли, разни формулации по учебниците во образованието, гребеше канализациски шахти (каква брука на која било влада?) и што уште не, сѐ во името на „добрососедството“!?? Институциите од академско ниво, речиси, целосно потфрлија, а оние неколкумина интелектуалци кои не сакаа да го балансираат своето мислење за вака важни прашања и се обидоа гласно да го претстават големото предавство на родот свој, нашата влада се обидуваше да ги омаловажи, дискредитира и маргинализира. Тоа е така, речиси, до денес иако некои поединци успеваат да одржат континуитет во својата самоиницијативна борба против обезличувањето на сопствениот македонски народ и обезличувањето на македонската историја, култура и општо цивилизациско македонско наследство. Македонскиот дух, сепак, е силен, со длабоки македонски корени, изграден со неисцрпни македонски културни вредности и не постои сила што може да го скрши. Лично сум длабоко убеден во тоа и сметам дека цели елити, како од Македонија, така и од Бугарија, но и од Европа и светот ќе се срамат (ако, воопшто, останало нешто од тоа во нивните непрокопсани души) од крајно недостојниот однос кој го зазедоа кон овој мал, но неискоренлив народ со светско значење и заслуги за развојот на целокупното човештво.

                На крај, како шлаг на тортата за време на состанокот на „моќниот“ Совет за безбедност на Бугарија дојде дополнителната „сила“ насобрана пред зградата на Советот протестирајќи против евентуалното попуштање пред „моќната“ Македонија, а украс над шлагот еден „непознат маж“ (така беше претставен во медиумите), а ние сметаме дека тој бил маж, кој не трпи наводници, кој е единствен уапсен од страна на бугарската полиција, поради тоа што растурал летоци со содржина, која е ноторна вистина: “Во Македонија Бугари нема, само Македонци. Македонија е македонска. И во Пиринска Македонија е така“.