КАРАДУТКАТА И ОДГЛЕДУВАЊЕТО СВИЛЕНА БУБА ВО СЕЛОТО ВРПСКО, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО ПРЕД ОКОЛУ ЕДЕН ВЕК
Вредностите, често, се поврзани со определен период, кој им бил „наклонет“, а со губењето на определни услови, тие можат и да исчезнат, па дури и да се заборават. Таков е примерот со некогашното одгледување свилена буба во селото Врпско, Мариово, Прилепско, кое се наоѓа на околу 60 километри источно од Прилеп.
Според раскажувањето на постарите жители на, денес, иселеното село Врпско, неговите жители во подалечното минато одгледувале свилена буба. За жал, и покрај тоа што разговаравме со неколку постари жители од селото, не успеавме да добиеме поконкретни информации за оваа стопанска дејност. Се чини дека одгледувањето на свилената буба прекинало пред повеќе од еден век. Последните жители на селото Врпско, Стојо Ушкоски и Петре Џобески кои, за жал, не се веќе меѓу нас, родени во првите децении на дваесеттиот век, исто така, пренесуваа дека свилена буба во Врпско се одгледувала пред нивното време, од нивните постари претци. Како доказ за одгледувањето на овој инсект, кој се користи за производство на свила се смета нагласеното присуство на стебла на црница (научно, Moraceae) во атарот на селото, особено во самото село и во блиската околина. Еден таков вид црница, која е присутна во Врпско, особено, ретко се среќава на другите простори во околината на селото, па и во поширокиот простор. Се работи за црницата со латинско име Moraceae nigra, за која познавачите велат дека тешко успева на друго место, бидејќи таа расте во специфични климатски услови, односно, дека потекнува од простори со медитеранска клима, која по течението на реката Вардар и Црна Река достига и до атарот на селото Врпско. Од овие причини, црната црница (Moraceae nigra), која овде е позната како карадутка, претставува своевидна природна реткост за просторот на Мариово и Пелагонија. Според кажувањето на жителите на селото Врпско, нивните претци првите стебла на карадутка ги донесле некад од југот на Балканот, односно, од некое место во Грција за одгледувањето на свилената буба, која се храни со лисјата на ова растение.

Карадутката (Moraceae nigra) е листопадно дрво со широка крошна до 15 m, а расте до 12 m во височина. Има нагласено поголеми листови од белата црница, со димензии од 10 m до 20 m во должина и 6 m до 10 m во широчина. Нивните плодови се гроздовидни со темно црвени, речиси црни, долги 2-3 sm, многу сочни, со силен и пријатен вкус. Карадутката содржи исклучително голем број хромозоми, односно, 308 што не е одлика кај другите видови црница.

Според она што може да се сретне во литературата, црната црница потекнува од планинските области на Месопотамија и Персија, но оттаму е пренесена и на просторот на Кина и Европа.
Во седумнаесеттиот век црната црница била увезена и во Велика Британија, со цел да се унапреди одгледувањето на свилената буба и производството на свила. Според информациите, ваквиот потег не се покажал како успешен, бидејќи свилената буба повеќе сакала бела црница. Во атарот на селото Врпско, освен црната присутна е и белата црница, како и други видови црници. Не знаеме која од нив била најкорисна во одгледувањето на свилената буба во ова село, но според кажувањето на жителите на селото, од карадутката, во постарите времиња, се правела и добра ракија.

Според забележани информации, свилена буба се одгледувала и во селото Ваташа, Кавадаречко, и тоа, од средината на деветнаесеттиот до почетокот на дваесеттиот век. Веројатно е дека нејзиното одгледување и во селото Врпско соодветствува на истиот период, како и во Ваташа. Исто така, има индиции дека оваа специфична гранка од стопанството во Македонија прекинала со распаѓањето на Турската империја и заминувањето на Турците од Балакнот. Можно е ова гранка да била дел од стопанскиот систем и меѓународните економско-трговски врски на империјата, па со нејзиното распаѓање се изгубиле условите за нејзиниот опстанок. Денес опстанало само сеќавањето за неа во народното предание, особено во местата во кои била присутна, меѓу кои е и селото Врпско.

Одгледувањето на свилената буба започнувало во месецот мај, кога се земалo тн. бубино семе и се положувало на посебно подготвени полици на кои се вршело и потхранување со лисја од црници. Животниот век на свилената буба е само два месеци, а за тоа време таа поминува четири фази: јајце, ларва, кожурец и ноќна пеперутка. Свилата се вадела од кожурецот, кој ларвите го правеле од свилени влакна. За да достигне фаза на ларва на свилената буба и требаат триесет дена, а по три дена го подготвува и својот кожурец. Ларвите се убивале со топла вода или пареа, а за да омекне влакното кожурците се ставае во вода загреана до 60 степени целзиусови. Потоа, се вршела класификација на кожурците по боја, жолта или бела, со неколку удари се отсранувале ларвите од нив, а влакната од кожурците се одмотувале и се намотувале на макари. Влакната од повеќе кожурци се собирале во група и се подготвувала преѓа за ткаење. Производителите додавале и соли од калај и железо за подобрување на квалитетот на свилата. Еден кожурец давал и до 1.000 метри влакно.

Со свила се правеле рабовите на облеката од друг материјал, но се правеле и женски и машки кошули, везени крпи, шамии, шкепиња и друго. Од неа се правеле и цврсти јажиња, а свилата се употребувала и за правење торби за барут, непробојни елеци, се употребувала во производството на гуми за велосипед, како и свилени конци за употреба во хирургијата.
Зрели и недозреани плодови од карадутка Зрели и недозреани плодови од карадутка 2 Зрели и недозреани плодови од карадутка 4 Неколку зрели плодови од карадутка Група од неколку стебла карадутка во кругот на манастирот „Св. Марена“ – Туминец, Мала Преспа, Албанија Во Врпско, секоја година се прави собир со црковна служба и народни обичаи со надеж за иднината Стебло од карадутка во Врпско Корен од црница во Врпско Лисја од карадутка Лисја и недозреани плодови од карадутка во Врпско Гранка од карадутка Гранка од карадутка со зелени плодови Стебло од карадутка OLYMPUS DIGITAL CAMERA Гранка од карадутка со зацрвенети плодови Стебло од карадутка со широка крошна Стебло од карадутка со широка крошна 2 Петре Џобе и Стојо Ушкоски пред неколку години во Врпско Од врпско потекнуваат голем број уметници на народни инструменти – од прославата пред неколку години Црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Врпско Селото Врпско од североисток