КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ И МИТОЛОШКИ ВРСКИ НА ДРЕВНИОТ ГРАД ТРОЈА И МАЛА АЗИЈА СО ПРОСТОРОТ НА ДЕНЕШНА МАКЕДОНИЈА (1)

Следејќи ги старите културни блискости и врски, како и блиското родствено потекло, се соочуваме со моментот на фрапантната поврзаност, заемност и заедничко потекло на голем број етнички заедници од целиот тој простор.  Особено, се соочуваме со апсурдот на денешната исполитизираност на таа, речиси, фактографска реалност, на поделеноста и конфронтираноста, како и со амбициите (на определни политички оформени нации) да се биде „над сите“, да се владее со прапотеклото, со пракултурата и слично.

            Легендарниот град Троја и познатата Тројанска војна секогаш се актуелни, не само за археолозите и историчарите, туку и за пошироката светска јавност. Оваа тема е една од вечните теми со кои се занимават и ќе се занимаваат научниците и разновидните истражувачи, авантуристи и љубопитници. Мистиката со која е обвиен овој град и мистичната Тројанска војна опишана во делата на Хомер, како и во делата на подоцнежните антички автори зрачи со таква привлечност, што е тешко да се одолее и да не се биде љубопитен. Иако голем број ликови, настани и места се одгатнати од страна на научниците кои се занимаваат со оваа полускриена историја од Медитеранот, таа во себе крие уште безброј вистини и тајни кои имаат особено значење за Балканот, Мала Азија и целиот Медитеран. Културните вредности, историската позадина и етничките заедници поврзани со тоа време, како и легендарните личности, кои во подоцнежниот историски период се среќаваат како претци во културата и историјата на многу етнички заедници од споменатиот простор, претставуваат своевидна основа на културата на Медитеранот, но и на човештвото во поширока смисла, бидејќи денес тие се дел од општиот интерес на човештвото.

            Наоѓајќи се на специфичен простор, кој бил на патот меѓу истокот и западот, просторот на кој живееле Македонците е тесно поврзан со споменатиот древен град Троја, како и со старите настани од неговата околина, односно, разновидните движења на племињата, преселбите во двата правци, легендарните судири меѓу различните етнички заедници и кралства, културните размени и политичките договори.1 Народите и племињата кои живееле на просторот на Македонија се среќаваат на двете страни на Медитеранот – на источната како и на западната. Во различни периоди од културата, тие се наоѓаат на едната или на другата страна или, во исто време, ќе ги сретнете и на едната и на другата.

Остатоци од ѕидови – Троја 1

            Следејќи ги старите културни блискости и врски, како и блиското родствено потекло, се соочуваме со моментот на фрапантната поврзаност, заемност и заедничко потекло на голем број етнички заедници од целиот тој простор.2  Особено се соочуваме со апсурдот на денешната исполитизираност на таа, речиси, фактографска реалност, на поделеноста и конфронтираноста, како и со амбициите (на определни политички оформени нации) да се биде „над сите“, да се владее со прапотеклото, со пракултурата и слично.       

ТРОЈА И МАКЕДОНИЈA

            Погоренаведеното, особено се однесува на преданијата поврзани со создавањето на градот Троја и појавата на етникум со такво име – Тројанци. Најпрво, сепак, треба да посочиме на бројните проблематизирања за тоа кој е градот Троја, односно, дали неговата локација во близина на западниот брег на Мала Азија, кај местото Хисарлик, недалеку од градот Чанаккале треба да се прифати како вистинското место на кое тој постоел. Иако, ова место е идентификувано како локација на овој легендарен град уште во 1868 година од од германскиот археолог Хајнрих Шлиман, голем број истражувачи и авантуристи и денес трагаат по вистинската локација, посочувајќи разни места на кои се наоѓал овој град. Многумина Троја ја лоцираат и на Балканот, како и на локалитети во Македонија. Сепак, факт е дека единствен локалитет кој е истражуван од 1868 година до денес е оној во Хисарлик, каде се констатирани дури 10 слоеви на градот Троја во различни периоди. Фактот што, до денес, останале сомневањата за вистинската локација, веројатно, е главна причина за барањето други локации, со изнесување на разновидни историски, археолошки и географски аргументи.

            Нема да навлегуваме во тоа колку се аргументирани, ниту кои места се посочуваат како локации на древниот град, бидејќи немаме таква цел, ами да посочиме дека создавањето на древниот град Троја, Тројанската војна, како и просторот на кој се смета дека бил – Мала Азија имаат силни етнографски, историски, културни и митолошко-религиски врски со Балканот и, поконкретно, со Македонија, Македонците и македонските племиња од предантичкиот и античкиот период.

Остатоци од ѕидови – Троја 6

            Според едно од преданијата, градот Троја, односно неговото основање е поврзано со островот Крит.3 Имено, кога во некое време на Крит се појавил глад, една третина од неговите жители, под водство на Скамандар, отишла да основа колонија во Мала Азија. Кога Критјаните стигнале до Фригија, распнале шатори покрај морето во близина на градот Хамаксит, под високата планина, која ја нарекле Ида, во чест на истоимената планина на Крит, која се сметала за дом на богот Ѕевс.4 Овде, на Скамандар му се родил син Тевкар, кој го имал со нимфата Идаја. При битката со нивните соседи, Бебриците, Скамандар се удавил во реката Ксант, па по неговата смрт, оваа река го носи името Скамандар. Го наследил неговиот син Тевкар, а според неговото име, доселениците се нарекле Тевкри.5

            Според предание, кое го раскажувале Атињаните, Тевкар не бил од Крит, туку од Атина од каде се иселил во Фригија и дека тој таму го пречекал Дардан, син на Ѕевс и плејадата Електра.6 Дардан се споменува и како колонизатор на островот Самотрака, кој бил наречен по неговото име, Дарданија. Таму, Дардан, ги вовел култовите на божествата и уредил свештеничка служба.7 Подоцна, Дардан се преселил во Троада, каде го прифатил Тевкар давајќи му ја својата сестра, или тетка, Батеја за жена.8 Дардан формирал град, кој го нарекол Дарданија. По смртта на Тевкар Дардан завладеал со целото кралство, со многу народи во Мала Азија, како и со колонии во Тракија.9 Подоцна, кога на власт дошол Трој, синот на Ерихтониј, кој пак бил син на Идај и внук на Дардан, градот го добил името Троја, а целата областа името Троада.10 Освен Троја, овој град го носи и името на Ил кој, исто така, бил син на Дардан, а со кој се поврзани повеќе варијанти на преданието за основањето на градот Илион.11 Преданието пренесува информации дека во близина на градот кој го формирал Дардан, Дарданија, биле оформени и две помали населби Илион и Троја, а сите тие, подоцна се споиле во единствен град, Троја или Илион.12 Еден од синовите на Дардан, Идај, го вовел и култот на фригиската Голема Мајка, мајката на сите божества, и мистериите поврзани со неа.13

Остатоци од ѕидови – Троја 6

            Голем број од имињата на основачите, како и култовите кои се појавуваат како главни на просторот на Троада и во градот Троја имаат свои пандани на Крит,14 но и на јужниот Балкан, особено на просторот кој го населувале Дарданците, Пајонците и Тракијците.15 Постојат информации и тврдење дека од Тевкар водат потекло Пајонците,16 кои живееле во долниот тек на Вардар и покрај реката Струма, а се среќаваат сѐ до Хелеспонт. Нив ги среќаваме на повеќе места и во епот Илијада на Хомер, а во некои од стиховите се потврдува дека тие дошле да им помогнат на Тројанците во војната за градот Троја со Ахајците од Аксиј (Вардар). Дали тие испратиле војска за помош на Тројанците поради старите роднински врски? Во стиховите од Хомер се споменува и името на нивниот водач Пирехмо или Пирајхме.

Од Амидон далеку од Аксиј широката река

Аксиј, од кој бранови најубави по земјата се тркалаат

Ги водеше во бој Пеонците криволаки јунакот Пирехмо.17

             Освен Тевкар, како еден од најстарите Тројанци се споменува и Дардан, а познато е дека племе, кое го носи неговото име имало и на Балканот, на денешната територија на Косово, каде живееле античките Дарданци. Тешко е да се најде фактографска врска меѓу Дарданците на Балканот и Дарданците во Мала Азија, но некои постари митолошки информации, дополнети со извесни археолошки сознанија упатуваат на стара врска, поврзана со преселбите на племиња од Балканот во Мала Азија. Преданието за Дардан, кој го освојува островот Самотрака и воведува соодветни култови и религија на овој остров, како и неговата подоцнежна преселба во областа Троада18 упатува на такви преселби на Дарданците од Балканот во Мала Азија. Такви преселби и движења на жители од Балканот кон Мала Азија и обратно, се споменуваат кај голем број автори од античкиот период, кои допираат до најстарите племиња, присутни на двата простора, како што се Пелазгите, Бригијците, Каријците, Лидијците, Меонците, Едонците и други.19 Читајќи ги делата на најстарите автори од овие простори, се добива впечаток на блиски врски, односно, на заедничко потекло на овие етнички групи, па затоа и не е чудно нивното појавување на едниот или другиот простор, односно, на едната или другата страна на Хелеспонт. Овие два простора, се чини, имале блиска културна и етничка заемност уште во најстарите времиња, па затоа се и ваквите појави на присуство на слична ономастика и на сродни племиња од двете страни.

Троја во времето на Хајнрих Шлиман

            Преданијата од латинско потекло изнесуваат информации и за поврзаноста на основачите на градот Троја со Етрурија,20 а сето тоа само го комплетира комплексното културно, етничко и етнографско потекло на жителите на Медитеранот и нивните стари заемности и врски.

            Што се однесува до потеклото и создавањето на градот Троја и потомците на неговите основачи, интересни се дел од стиховите во Илијада од Хомер. Во овие стихови, Хомер ја изнесува лозата, која го создала овој град, како и кралството на кое му припаѓа тој, а наведува и поголем бро нивни потомци:

Од црнооблачниот Ѕевс Дардан се породи прв,

Дардан Дарданија ја создаде, зашто изграден не беше уште

Во полето светлиот Илиј, во кој смртници живеат сега,

А тогаш во подгорјето на изворската гора живееја Идска

На Дардан, пак, Ерихтониј кралот му се породи синче,

Нјабогат, тој, меѓу луѓето смртни беше;

Три илјади кобили по ливадите му пасеа нему,

Некитени беа тие со ждребињата весели свои;

Од кобилите некои, кога пасеа, му се бендисаа на Бореј,

Та, со лик на коњ темногрив, ги најавна енаш,

Останаа ждребни тие и дванаесет ждребиња родија.

…………………………………………………………………………….

А Ерихтониј Трос, на Тројанците кралот му го породи,

А кај Трос три невидени синови се најдоа:

Ил, Асарак, по нив боголикиот уште Ганимед,

Кој најубав беше од сите смртници луѓе;

Боговите го грабнаа поради убавината негова,

На Ѕевс вино да му точи, меѓу боговите да биде везден.

Ил Лаомедон невидениот го породи син,

А Лаомедон ги роди Титона, Пријама и Лампа,

Клитиј, Хикетаон од лозата на Арес богот;

Капис го роди Асарак, а капис синот Анхис,

Мене, пак, ме роди Анхис, а Пријам прекрасниот Хектор.21

            Стиховите се „излезени“ од устата на Енеј, еден од најпознатите јунаци меѓу Тројанците, кој сам изјавува дека е еден од потомците на Дардан, како син на Анхис.

Александрија во Троада – Мала Азија

1 Во овој контекст, интересен настанот со освојувањата на Персија на Балканот во кои Македонија игра посебна улога, меѓу Персија и Атина, како своевиден посредник, играјќи улога на дипломатски посредник (Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988).

2 Таков впечаток, но и сознание се добива читајќи ги делата на античките автори, почнувајќи со Илијада и Одисеја на Хомер, Херодот, Тукидит, па и подоцнежните автори, како Страбон, Ливиј, Полибиј, Павсанија и др.

3 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд, 1999, 477.

4 Исто.

5 Исто.

6 Исто.

7 Исто

8 Исто.

9 Исто.

10 Исто, 478.

11 Исто.

12 Исто.

13 Исто.

14 Еден таков пример е планината Ида – Ида на Крит и Ида во Мала Азија, но такви примери има многу (Хомер, Херодот и др.).

15 Особено се интересни етничките заедници, кои се среќаваат на двата простора – Мала Азија и Балканот – Едонци, Меонци, Пајонци и други. Ономастиката е особено интересна за врските на Македонија и Мала Азија, а како најстар пример може да се земе оној со царот Мида, кој се споменува како цар на Фригијците во Мала Азија, но и како цар на Бригијците во Македонија. Чести се и имиња како Гигаја, Гиг и други, кои се среќаваат на двата простора (Ова, особено се среќава кај Херодот, но и кај други антички автори).

16 Херодот, Историја, 11.

17 Хомер, Илијада, Второ пеење, Б – Тројанските чети, 40, стих: 848 – 850.

18 Роберт Гревс, 477.

19 На овеќе места во делата на Хомер и Херодот, како и други автори.

20 Роберт Гревс, 478.

21 Хомер, Б. Говори пред бојот, стих: 215 – 243, 327 и 328.