ПРЕДАНИЕТО ЗА НОВО СЕЛО – КАНАТЛАРЦИ (Прилепско)

(Од книгата „Жива историја“ од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, издадена 2004 година од КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од с. Крушевица, Прилепско)

Некогаш пред Мариовската буна денешното село Канатларци било населено со христијанско население. Тоа се викало Ново Село и имало своја црква и манастир. За време на Мариовската буна Ново Село, како и многу други христијански села од овие краишта, било целосно уништено. Жителите на селото, кои исклани, кои се разбегале и тоа го искористила турската власт, па на местото на испразнетото село донесле доселеници – Турци – Јуруци од азискиот дел на Турската империја, дури од Анадолија. Со нивното доаѓање во Ново Село завладеала сосема друга култура. Турците – Јуруци имале одврзани раце од турската власт и правеле што сакале. Го прошириле синорот на селото до каде што сакале и забраниле низ нивното село да поминуваат ѓаури. Манастирот „Св. Никола“ го претвориле во турско теќе. Теќешаните во теќето му служеле на светецот св. Никола, подготвувале јадење и пиење, чекале гости во негова чест. Исто така, теќешаните почнале да ги закопуваат мртвите околу теќето, а тоа го прават и денес.

с. Канатларци со блиската околина

Црквата на христијаните, која се наоѓала на северниот дел од селото била претворена во џамија без минаре за светилиште на дервишите.

Сунитите или Шиитите, сепак мислам дека се Сунити, кои не одат во христијански храм и во теќе, на сретсело си направиле нова џамија со минаре. Новодоселените Турци – Јуруци се делат на две групи и затоа селото го носи името Канатларци, што значело на турски јазик две крила (кана – тларци). Верски слави во Канатларци се Бајрам и Голема Богородица.

Со напуштањето на селото од канатларчани и нивното селење во Турција, нешто се измени во Канатларци. Се доселија христијани Македонци од разни краеви на Република Македонија и така во 1961 година новодоселените христијани го прославија како селска слава верскиот и национален празник на Македонија, Илинден и имаше дојдено многу народ. Од политички причини, празнувањето на Илинден беше прекинато како слава и во 1962 година како селска слава почна да се слави Голема Богородица, која се слави и денес. Имаше реакции и при менувањето на името на основното училиште во Канатларци од „Ирфан“ во „Гоце Делчев“ во 1965 година, но тие беа слаби.

Мотив од с. Канатларци 

Како што кажувале нашите прадедовци, Турците – Јуруци кои биле донесени во Ново Село, сега Канатларци, биле воспитувани во војнички дух и нивниот однос со луѓето и нивните реакции биле остри и често со крвави последици. Како народ не личеле на Турци, биле русокоси и нашите стари тоа го толкувале дека тие биле јаничари земани од разни краеви. Постојано мислеле на заседи и убиства и сè до 1912 година правеле многу злодела. Нашите постари сè до 1912 година ги викале Јуруците од Анадолија. Кога дошле Србите 1912 година поставиле топови во Марул и ги навртиле кон Канатларци со намера да го збришат до темел, но нашите марулци, моли ги, убедувај ги дека канатларчани не се лоши, криј му ги трагите и преживеале.

Постара куќа во с. Канатларци

Во атарот на Канатларци, на 1,5 км по патот за Подмол, од неговата десна страна, меѓу долчето од чешмите и коритото на Марулска Река, има гробишта и местото се вика Арапски гробишта. Во околината на ова место е полно гробишта, но нема сознание од кое време се тие. Дали се од првото доаѓање на Турците или од Мариовската буна, не се знае. Старите кажуваа дека некоја војска, не се знае чија била, се вратила од Прилеп и тука многу Арапи од неа биле исклани и затоа се викаат Арапски гробишта. Кое време се случило тоа и во која војна не е познато. Некои велат дека тоа било кога доаѓале Турците на Балканот.