ФИЛОЗОФОТ ГРИГОРИЈ АКИНДИН ОД ПРИЛЕП ОД ПРВАТА ПОЛОВИНА НА ЧЕТИРИНАЕСЕТИОТ ВЕК

Големиот број остатоци од древната цивилизација на просторот на Македонија, поконкретно, на просторот на Прилеп и неговата околина, меѓу кои различни споменици од праисторијата и антиката, остатоци од населби и голем број тврдини, како и остатоци од древни светилишта и ранохристијански храмови по кои следуваат и постојните цркви од последните десетина векови подразбира и големо богатство духовни содржини акумулирани од долгиот период на цивилизирна форма на егзистенција на овој простор. Некои форми на древно творештво со високи уметнички дострели будат асоцијација на висок дострел на интелектуална свест и акумулирано знаење на творците од тоа време. Иако денешните истражувања на тој план, можеби, и не се на потребното ниво, сепак, се познати примери на високо интелектуално и духовно достигнување од постарите времиња на овој простор. Најдобар пример за тоа е еден славен прилепчанец од времето кога овој град, сè уште, егзистирал на просторот на Маркови Кули, Варош и Заград. Тоа е нашироко познатиот филозоф од XIV век Григориј Акиндин кој со своето знаење и интелект се наметнал како фактор во големата империја на Источното Ромејско Царство и во поширокиот дел од Европа од тоа време.1

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош, Прилеп – 13 век.

Дека Григориј Акиндин потекнува од Прилеп познато е од старите хроничари од тоа време, кои тоа јасно ни го ставаат на знаење. Меѓу другото, него го споменува и учениот французин О. Тафрали во книгата „Тесалоника во четиринасетиот век“ издадена во Париз 1913 г.2 Според недоволно прецизните сознанија, Григориј Акиндин, чие световно име не е познато, зашто Григориј е неговото христијанско име, а Акиндин е негов прекар, се родил во Прилеп околу 1300 година.3 Извесно образование стекнал во родниот град, Прилеп, а потоа образованието го продолжил во Битола.4 Бидејќи во времето на Григориј Акиндин Солун бил еден од главните културни центри многумина од империјата доаѓале во него по образование и работа. Меѓу нив и Акиндин во овој град го стекнал своето богато образование.5 Тука тој се запознал со учењето на големите филозофи од антиката какви што се Платон, Аристотел, Протагора и др.6 Потоа имал намера да се повлече во монашки живот на Света Гора но, поради некакви причини, не бил примен во оваа позната христијанска заедница.6 Преку неговите професори тој добро ги проучил античката религија и митологија што, веројатно, била здрава основа за неговите подоцнежни остри полемики на планот на христијанската вера и идеологија кои траеле околу 3 децении8 Меѓу неговите учители е и Григориј Палама од кого го стекнал знаењето за филозофијата на Платон, за античката митологија и теософската мисла, a co кого подоцна ќе води тешка идеолошка борба на полето на христијанската идеологија и филозофија. Втор негов силен учител бил Варлаам од Калабрија од кого добил драгоцени знаења за западната мисла во тоа време. Во својата подоцнежна полемика Акиндин е принуден да одбере еден од двајцата свои професори кои остро се судриле на планот на учењето за христијанството.9

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош, Прилеп – 19 век со црква изградена на темелите од црква од 11-12 век

Достигнувајќи врвни степени на образование на своето време, Григориј Акиндин стекнал и голем број пријатели и приврзаници меѓу кои спаѓал и тогашниот патријарх, Калека. Проблемите и недоразби­рањата дошле со појавата на едно посебно движење во христијанската вера наречено исихазам. За одбрана од ова мистично учење патријархот Калека побарал помош токму од славниот учен прилепчанец, Григориј Акиндин, кој требало да го врати угледот на вистинското христијанско учење. Најпрво, во 1337 година, Григориј Акиндин престојувал во Цариград каде посредувал во расправиите на неговите учители, Григориј Палама и Варлаам од Калабрија.10 Во 1341 година, тој веќе работел на преиспитување на православното учење на неговиот учител Григориј Палама застанувајќи на страната на Вралаам.11 Најголемата расправа се случила на Црковниот собор во 1341 год. на кој судирот на двајцата претходно спомнати професори на Акиндин, Григориј Палама и Варлам од Калабрија дошол до вистински израз. Иако Акиндин дошол со намера да ги смири двајцата закарани професори на идеолошки план, расправата на Соборот се претворила во остар судир меѓу професорите на Акиндин и тој бил принуден да застане на страната на Варлам, кој бил остро нападнат од Григориј Палама и учесниците на Соборот заради неговото застапување на средновековната схоластика и теолошкиот рационализам.12 Григориј Акиндин застанал на страната на Варлам, иако не бил застапник на прозападната мисла и не бил под влијание на античката филозофија, ниту против исихазмот. Всушност, според старите автори, тој бил погрешно разбран и, поради тоа, екскомунициран.13 Тогаш започнал и големиот судир на полето на христијанската вера и идеологија, кој добил високи размери во тогашниот свет и траел скоро цели три децении. Оваа идеолошко–филозофска полемика меѓу учените на 14 век добила размери кои ги надминувале границите на христијанската вера и идеологија и прераснала во вистинска филозофска војна меѓу најучените филозофи во тогашниот свет. Таа е позната како „исихастички спор“ и во неа се вклучиле најголемите умови на тоа време. За жал, не останала и без грубото мешање на политиката и политичките фактори на големото царство од кои, овој познат спор бил искористен за постигнување политички цели за власт од страна на тогашните претенденти на престолот. На страната на Варламо–Акиндинистите застанала царицата Ана Савојска и патријархот Калека, а на страната на Григориј Палама Јован Кантакузин, кој во октомври 1341 год. се прогласил за император на Димиотике–Тракија и имал претензии кон византискиот престол. Ваквите услови се создале по смртта на императорот Андроник III кога започнала борбата за регентството на малолетниот син Јован V.14

Црквата „Св. Атанас“ во Варош, Прилеп – 14 век.

Судирот меѓу двете струи започнал околу различното сфаќање за начинот на доаѓањето до Бога. Додека приврзаниците на исихазмот своето учење го засновале на чист мистицизам, кој подразбира аскетизам и медитација, учењето на Григориј Акиндин и неговиот професор Варлам се крепело на теолошкиот рационализам. Според Акиндиновото учење, до Бога треба да се стигне со учење и разум, а не само преку срцето и чувствата. Тој учел дека преку рационалните форми на сознавање треба да се стигне до вистината, а таа е токму Бог. Неговото учење се базирало на логичките методи, кои ги користеле во своите размислувања и проучувања уште најстарите филозофи од античкиот свет.

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош, Прилеп

Според исихастите, разумот на човекот не е доволен, односно, нема способност да го спознае бог, да ја согледа неговата суштина, зашто е несовршен. Затоа тие го осудуваат ставот на рационалистичкото учење на тн. Томисти од прозападната христијанска идеологија.

 „Тома и секој што резонира како него, смета дека нема ништо што не би било достапно за човечкиот ум. Ние веруваме дека ова мислење доаѓа од душа полна со демонска и зла гордост, зашто повеќето Божествени работи го надминуваат човечкото спознание.“ (Извод од ракописен текст, Париз, 1279, фол. 137; прев. Ј. Мајендорф, L’Églises, II, Chevetogne, 1955. Str. 53)15

 Учењето на исихастите се состоело од мистични елементи и изведби кои човекот треба да го доведат до соединување со Бога. Тоа требало да се постигне со медитација и аскетизам, односно, со лишување од контакти, од говор, од јадење и сл. Бог преку ваквите лишувања и медитации треба да се доживее како светлина во срцето која ќе биде проследена со неограничено задоволство и радост. Ваквото сфаќање на христијанската религија и доживувањето на Бога најпрво се појавило меѓу монасите на Светогорските манастири. Монасите кои ги изведувале овие церемонии познати како исихастики седеле во скриени ќошови или во монашки простории, со разголен стомак, со брада потпрена на градите и гледајќи во папокот изведувале молитва со молчење. Бидејќи биле одвоени од реалниот свет и се измачувале со глад доживувале тешки физички и психички трауми кои на крајот, според нивните раскажувања, завршувале со соединување со Бога кого го доживувале како светлина во себе. Тие, според учењето на исихазмот, требало да се ослободат од телото кое е „инструмент“ на ѓаволот.16

Св. Григориј Палама од олтарот во црквата „Св. Спас“ во селото Тополчани, Прилепско

Во прво време учењето на Григориј Акиндин против Григориј Палама и исихазмот наишло на голема поддршка и било прифатено од голем број приврзаници кои почнале да го шират меѓу населението и во христијанската црква. Неговиот успех бил толку голем што исихастите биле прогонувани и затворани при што бил затворен и самиот Григориј Палама. Ваквиот успех на Акиндин и неговите приврзаници бил запечатен со доаѓањето на власт на Јован Кантакузин, кој успеал во своите намери и се прогласил за император на Источното Ромејско Царство со победоносното влегување во Цариград под името Јован VI. Бидејќи тој дошол на власт со помош и на исихастите, ги ослободил од затворите, a co тоа бил ослободен и самиот св. Григориј Палама,17 кој е најсилниот застапник на ова учење. Набрзо потоа започнува гонењето на Акиндинистите, самиот Акиндин бил лишен од свештеничките чинови, а патријархот Калека, кој бил негов пријател и истомисленик, е анатемисан. Тоа се случува на Четвртиот црковен собир кој бил свикан веднаш по доаѓањето на Јован Кантакузин на престолот на царството.18

Црквата „Св. Архангел Михаил“ во Варош, Прилеп

Учењето на Акиндин и покрај неговото расчинување не згаснало веднаш бидејќи неговите приврзаници продолжиле да го шират низ империјата и на Западот. И покрај тоа, во христијанската идеологија во периодот што доаѓа надвладеало исихастичкото монашко учење кое се крепи на мистиката и мистичните ритуали. Независно од тоа славниот и учен прилепчанец Григориј Акиндин заслужува многу поголемо внимание од науката, а во тој контекст посебно од нашата наука. При таквото проучување на овој филозоф од древниот град Прилеп, посебно, треба да се има предвид развиеното христијанство, токму во неговиот роден град во кој, во тоа време, постоеле голем број цркви19 од кои, можеби, потекнал и неговиот нагласен интерес за христијанството и христијанската црква во која стигнал сосема високо и извесно време бил Архиепископ во Солун.20 Се разбира, неговите заслуги и влијание се посебно важни на полето на христијанската идеологија и филозофија која, на некој начин, ги надминува догматските рамки и преминува во широкото поле на филозоф­ската мисла, воопшто. Имајќи предвид дека токму од Прилеп се појавил еден ваков христи­јански идеолог и филозоф може да се претпостави дека во овој град егзистирале во тоа вре­ме и други слични учени, кои за нас се сосема непознати. Можеби некои од нивните имиња се кријат во големиот број црковни лица од христијанската средина на Прилеп и неговата околина, кои се споменуваат во документите од црквите и околните манастири кои, за жал, во најголем број се уништени или однесени во некои туѓи библиотеки и архиви. Во тој контекст интересни се веќе споменуваните пишувања на Јордан Хаџиконстан­ти­нов–Џинот за богатството со книги на некои манастири во Македонија, меѓу кои посебно Трескавец кај Прилеп и Чебрен во Мариово во кои била развиена христијанската активност со препишу­вање црковни книги се до првите децении на XIX век.21

Црквата „Св. Никола Мирликијски“ во Варош, Прилеп изградена и живописана 1298 година

1 Драган Ташковски, Акиндин во борба против мистицизмот, Скопје 1956. Robert Mihajlovski, A sermon about the anti-palamite theologian Gregory Akyndinos of Prilep.

2 Драган Ташковски, Акиндин … .

3 Robert Mihajlovski, A sermon… .

4 Robert Mihajlovski, A sermon… .

5 Драган Ташковски, Акиндин … . Robert Mihajlovski, A sermon… .

6 Драган Ташковски, Акиндин … .

7 Robert Mihajlovski, A sermon… .

8 Драган Ташковски, Акиндин … . Robert Mihajlovski, A sermon… . Јован Маендорф, Свети Григориј Палама и православната мистика, Библиотека Воведение, Велјуса 2001.

9 Исто.

10 Robert Mihajlovski, A sermon… .

11 Исто. Драган Ташковски, Акиндин … .

12 Исто. Јован Маендорф, Свети Григориј Палама … .

13 Robert Mihajlovski, A sermon… .

14 Драган Ташковски, Акиндин … . Robert Mihajlovski, A sermon… . Јован Маендорф, Свети Григориј … .

15 Robert Mihajlovski, A sermon… .

16Драган Ташковски, Акиндин … . Robert Mihajlovski, A sermon… . Јован Маендорф, Свети Григориј … .

17Исто.

18 Исто.

19Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000.

20 Драган Ташковски, Акиндин … .

21 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I … .