ВИСТИНАТА НЕМА ДНО – ВИСТИНАТА НЕ ТРПИ ПОКРИВ!

Коментар:

Се подлабоко и подлабоко, откриваме непознато, добиваме сознанија за конкретни појави, ги идентификуваме и растајнуваме, често фасцинирани, возбудени и возгордеани. Кога ќе слегне „прашината“ се расчистуваат „формите“ на осознаеното и, некогаш многу брзо, другпат полека, ги забележуваме несовршените делови, неаргументираните аспекти, темните „дамки“. Ете, тоа е патот кон вистината! Кога сме најубедени можеме и најмногу да се изненадиме, да се почувствуваме изиграни и најмногу да се разочараме во несовршеноста која не пронижува, во „неспособноста“ за расветлување на вистината. Всушност, таква е природата на вистината. Таа нема дно и не трпи покрив!

Вистината секогаш ни бега „за малку“, за уште малку „копање“ во непознатото, за уште некој аргумент, за уште некој елемент за посовршена реконструкција на нецелото, за составување на комплетната форма. Затоа, скепсата е основна вредност во продлабочувањето на сознанието, кое е пат без крајна цел. Потрагата по сознание е вечно следење на аргументите, кои некогаш се видливи, некогаш недофатливи, а често се појавуваат ненадејно, блиску до нас, некогаш дплго трагаме по нив, ги бараме на различни места во физичкиот простор или во духовната сфера. Сомнежот никогаш не треба да го забораваме и треба да му се навраќаме и тогаш кога не напуштил, зашто само така ќе се движиме во правецот на вистината, чии корени не се на определено дно, а нејзиниот врв никогаш не допира до покривот. Всушност, таа знае да го пробие и дното, како и покривот и, повторно, да не потсети на нашата несовршеност, па дури и да не наведе на помисла дека сме биле во заблуда и тогаш кога сме најсигурни во себе (особено тогаш), кога сметаме дека сме ги исцрпиле сите аргументи, дека сме ги согледале сите аспекти и сме ги растајниле сите тајни.

Вистината е како универзумот, кој постојано се шири и никогаш не е со иста димензија, секогаш зафаќа поголем простор, секогаш крие невидено во себе, секогаш полн со творечки процеси, кои постојано се откриваат пред човечкиот ум, но и постојано се пресоздаваат. Кога се зборува за вистината, во една апсолутно оппшта смисла, треба да се биде свесен за она што е познато и она што е непознато за да се биде објективен при изнесувањето на аргументацијата и утврдувањето на заклучокот. На крај, особено, треба да се соочиме со фактот дека секогаш, колку и да е нешто познато и осознанено, сепак има, барем уште нешто, кое недостасува, уште некое камче во мозаикот или, можеби, некое такво „камче“ е вишок во композицијата.

Кога се има предвид тоа, полесно се комуницира, објективно се прифаќа спротивната страна и се зазема пообјективен став, воопшто.

Трага
Трага