ОСТАТОЦИ ОД ХРАМ ИЛИ ХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА ВО БЛИЗИНА НА ЧЕШМАТА ТАШАЧИЦА КАЈ ВАРОШ – ОСТАТОК ОД СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП
Просторот на Заград кој се наоѓа од југозападната страна на Маркови Кули е можеби најинтересниот и во исто време најнеистражениот. За содржините што тој ги поседува како наследство од древната цивилизација на некој начин знаеле обичните луѓе кои живееле на просторот на Варош во подоцнежните периоди. Тоа го потврдуваат зачуваните преданија кои ги пренесува Марко Цепенков.1 – „Во синорот Заграцки кај да копат чоек ќе најдит темели со тули и камен и вар од старио град што бил во старо време. Така и во синорот Варошки секаде имат стари темели“ – забележал Цепенков. Современите истражувачи од големата површина која ја зафаќа Заград го истражувале просторот на т.н. место Ташачица кој се наоѓа од јужната страна на Маркови Кули. Ташачица е блиску до населбата Варош и од неа ја дели мал крак од Маркови Кули со мала височина преку која води пат кон широкото поле на Заград каде што се расположени голем број лозја, ниви и имоти на жителите на Варош, се чини, од многу далечни времиња. На просторот на Ташачица има поголем број разновидни археолошки наоди од различни времиња. Тие се присутни и на самото ритче кое ова место го крие од Варош во форма на гробови во камен, разни длабнатини кои биле дел од некогашни конструкции на градби, керамички фрагменти и др. Делот кој паѓа косо надолу од Маркови Кули, исто така е полн со вакви остатоци, посебно со голем број гробови–корита, а на патот за Десово, кај чешмата Ташачица се наоѓаат остатоци од стара бања, која археолозите ја датираат во римско време.2

Тука се пронајдени остатоци од бањата, од кои денес се забележуваат само делови од ѕидови од камен, цигли и малтер, додека другиот дел е уништен со современи интервенции со тешка машинерија и притоа биле уништени и деловите од објектот, кој бил истражен, делумно реставриран и конзервиран. На Ташачица посебно интересни се остатоците кои се забележуваат во близина на патот кој води кон чешмата. Трагите на старата култура на овој простор се среќаваат и околу самата чешма, но мермерните елементи кои се наоѓаат на стотина метри пред неа се посебно забележливи. Меѓу нив е и еден оштетен постемент од мермер со полукружна форма, кој е целосно обработен, од едната страна е откршен, а од другата е рамно обработен што може да значи дека било дел од некаков постамент на кој требало да стои некаква фигура. Пречникот на овој елемент од мермер, кој бил дел од извесна престижна градба, е околу 1,2 m. На поголемиот куп од земја и камења надополнет со природно ѓубре се наоѓа и еднен дел од мермерен столб со пречник од околу 0,7 m., сочуван во должина од околу 1 m, како и два други помалку или повеќе обработувани блокови од мермер и неколку до гранит, кои биле конструктивни елементи во древната градба. Според присутните елементи, оваа градба била некаков сакрален објект, христијанска црква или можеби некаков постар храм. Фактот што нивите кои се расположени во неговата околина се преполни со керамика од различни периоди од антиката до средниот век е вистинска потврда за ваквите констатации. Археолозите претпоставуваат дека се работи за стара црква која од некакви причини не била завршена.3

Ние не би се сложиле со таквата констатција бидејќи на просторот на кој се наоѓаат споменатите мермерни споменици можат да се забележат бројни културни остатоци, кои упатуваат на значајни културни содржини на тој дел од Заград. Имено, иако по патиштата кои денес се користат за полето во Заград и кои се вкрстуваат во близина на споменатите споменици, може да се забележи дека жителите на Варош истурале разни градежни материјали и градежен шут, сепак, многу чести се наоди од постариот период, како фрагменти од керамички садови, тегули, керамички тегови, метални предмети, особено клинови, како и монети, па дури о крстови од бронза. Сите овие наоди нè наведуваат на заклучок декат токму тука егзистирал објект, кој во извесен период бил активен и значаен за жителите на стариот град. Фактот што во близина се наоѓала и градска бања, која се датира во првите векови на новиот милениум, исто така, не треба да биде занемарен, како и тоа дека во близина има стара чешма со особена издашност. Од друга страна, источно и североисточно од ова место, на делот од Маркови Кули, кој се спушта кон периферијата на Варош се среќава цела некропола во карпи, која денес е во голема мерка покриена со разновиден отпад. На стотина метри северно, повторно се среќаваме со два извора и неколку камени корита на терасата околу еден од изворите, а во повисоките делови од падината на таа страна се наоѓаат голем број гробови во карпа, обработени делови од карпите и слични културни остатоци. На таа страна, малку подеалеку, се и двете гробници од македонски тип, на локалитетот „Мечкина Дупка“.4 Имајќи предвид дека стариот град бил расположен на просторот на Маркови Кули, Варош и Заград, објектот за кој овде сатнува збор, веројатно, бил во внатрешноста на тогашната населба. На тоа упатува и богатството од керамички и други видови наоди по земјоделските површини западно и јужно од ова место.
1 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје 1989, 101.
2 Б. Бабиќ, Материјалната култура на македонските Словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура, Прилеп 1986, 14.
3 Исто.
4 Тренчо Димитриоски, Две аристократски гробници на локалитетот „Мечкина Дупка“ кај Прилеп, https://www.pelagon.mk/2018/06/09.
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД КЕРАМИКА И МЕТАЛ ОД НАЈБЛИСКАТА ОКОЛИНА НА КАМЕНИТЕ СПОМЕНИЦИ
Фрагменти од керамички садови без особени белези Устинка од поголем керамички сад и неколку други фрагменти 4 фрагменти од керамички садови Грутка од згура од железна руда Неколку фрагменти од керамички садови, два метални предмети и грутка од згура од топена руда Неколку фрагменти од керамички садови, два метални предмети Два метални предмети и грутка од згура од топена руда Остатоци од топена руда Христијански крст на патот во близина на камените споменици Христијански крст, две рачки оф керамички садови и еден откршок од камен Две рачки од керамички сад и мал фрагмент од устинка Две рачки од керамички садови, еден пирамидален тег и дно со глазура Керамички тег во форма на пирамида Дно од керамички сад со глазура Чанкаста монета со релјеф, христијански крст, фрагменти од бронзени предмети и два фрагменти од брутови Христијански крст Чанкаста монета со релјеф Монета од бронза со релјеф три фрагменти од бронзени предмети и крст Монета и три други фрагменти од бронза
КАМЕНА ПЛАСТИКА
Блок од мермер со поголеми оштетувања Голем мермерен елемент со полукружна форма – постамент Голем мермерен елемент со полукружна форма – постамент 2 Мермерен блок со обработени форми – елемент од градба Два камени блока со делумна обработка Фрагмент од голем мермерен столб Фрагмент од голем мермерен столб 2 Местото на градбата од поблиску