ИсторијаКорени

БРИГИЕЦОТ ПЕЛОП, ПЕЛОПИДИТЕ И МАКЕДОНИЈА – МИТОЛОШКО-ИСТОРИСКИ И КУЛТУРНИ ВРСКИ (1)

Етничките, културните и политичките движења и состојби на Балканот и Мала Азија, речиси, отсекогаш биле заемни, меѓусебно условени и постојани. Етничките и културните промени се случувале постојано, но во определени засебни целини во широкиот простор. Иако двата простори ги разделува вода (Егејско и Црно Море), тесните премини на, Дарданели и Босфор, овозможувале „лесно“ преминување, па разните народи и племиња „лесно“ ги минувале и се движеле во двата правци, често наметнувајќи им се како владетели и на двете страни од морето. Некои од нив оставиле длабоки културни траги зад себе, кои и до денес живеат на истиот простор како своевидни „сведоци“ и „документи“ на нивното време. Имињата на некои митолошки и историски личности и денес се живи на повеќе простори од Медитеранот и говорат за далечните времиња на владеење со нив. Меѓу најпопуларните имиња кои се среќаваат и на двата простора се името на митолошкиот крал Пелоп и неговото потомство кои, во различни периоди, се среќаваат во Мала Азија, како и на најјужниот дел од Блаканот во денешна Грција. Еден добар дел од денешна Грција добил и име по оваа легендарна личност, односно, полуостровот Пелопонез.1 На просторот на овој полуостров и денес се среќаваат објекти и топоними поврзани со „престојот“ или владеењето на овој древен лик, кој го среќаваме на двете страни на Егејското и Црното Море, односно, се среќаваат топоними и објекти поврзани со името на Пелоп, престоли, храмови, свети простори и слично2, а слично е и со неговите потомци, кои старите автори често ги именуваат како Пелопиди. Интересно е што овој митолошки лик и епоним на кралско семјство, на извесен начин, е поврзан со просторот на Македонија. Старите автори упатуваат на тоа дека Пелоп е по потекло од старото племе Бригијци, кое живее на повеќе простори од Европа, како Македонија, Мала Азија и на денешниот простор на Италија, особено, северниот дел.3

МИТОЛОШКИ СОЗНАНИЈА

Бригиецот Пелоп

Според митологијата Пелоп бил син на Тантал и се родил во Лидија во Мала Азија, а планината Сипил се наведува како главно престојувалиште на овој род со митолошко потекло.4 Тантал завладеал и со Пафлагонија, но бил прогонет од Фригиецот Ил,5 а Ил е еден од епонимните јунаци на градот Троја (Илион), кој е создаден, исто така, од голем број стари народи, како Фригијци, Лидијци, Дарданци, Тевкри, Пајонци и сл. Многу од нив имаат блиски врски со истоимени стари народи од Балканот, особено со делот на етничка Македонија. Но за Троја некој следен пат. Овде ќе се осврнеме на бригиското или фригиското потекло на Тантал и Пелоп и на потомците познати како Пелопиди со кои, како што говорат митолошките преданија, но и извесни културни и култно-религиски обележја, како и археолошки сознанија, е поврзана и старата Микенска култура, односно кралската куќа на Микена.6

Пелопонез

Најпрво за приказната како дошле Пелоп и Пелопидите на Балканот, односно, на Пелопонез.

Според некои, Пелоп бил вонбрачно дете на Тантал, а Тантал имал уште еден син, Бротеј и една сестра, Ниоба.7 И Тантал и Пелоп, во митолошките преданија се споменуваат како блиски до боговите, особено до Ѕевс,8 па и така биле славени и почитувани во Мала Азија, како и на Балканот. Тантал бил толку близок со боговите што, дури, седел на иста маса со нив и ги пречекувал како гости во својата палата, а Пелоп, откако бил исечен на делови од неговиот татко за да ги нагости боговите, по составувањето на неговото тело, бил вознесен од Посејдон на Олимп.9 Сето ова упатува на извесно скриено, но големо значење на овие два лика и стари култови. Неговата сестра Ниоба, се омажила за тебанскиот крал Амфион, со кого имала шест синови и шест ќерки, но сите тие паднале жртви на нејзината горделивост, убиени од Аполон и Артемида по наредба на нивната мајка Лета. Третиот син на Тантал, Бротеј, бил ловец и е опишан како многу грд маж, но и како првиот човек кој изработил скулптура на Мајката на боговите, односно, Божицата Мајка или Големата Мајка.10

Семејното стебло на Тантал

Пелоп го наследил од својот татко кралството Пафлагонија и некое време престојувал во Енета на Црното Море, од каде владеел со Фригијците и Лидијците, но бил напаѓан од варварите и морал да се повлече во седиштето на своите претци, на планината Сипил во Лидија.11 Но, и тука немал мир, бидејќи го прогонувал тројанскиот крал, уште еден Фригиец, Ил, па го собрал своето огромно богатство и решил да го пренесе преку Егејското Море, водејќи со себе голем број од своите поданици.12 Дошол на полуостровот

Денешна карта на Македонија, Грција и дел од Мала Азија

Пелопонез, кој во тоа време се викал Аргос, а во постариот период и Пеласгија.13 Според митологијата, Пелоп се загледал во тамошната принцеза Хиподамеја, ќерка на кралот на Аркадија, Ојномај, кој владеел со Пиза и Елида, па откако го победил во трка со коњска запрега во која Ојномај загинал,  ја зел за жена неговата ќерка и го наследил неговото кралство.14 Така започнува валедеењето на Пелопидите на Пелопонез според кои го носи и името.

ПЕЛОП, ХЕРАКЛЕ И МАКЕДОНСКАТА КРАЛСКА ЛОЗА, ХЕРАКЛИДИ

Кога сме кај името на Пелоп и името на Пелопонез, поврзано со тој лик, интересно е да се наведе дека основата на ова име е многу актуелно на Балканот, особено на територијата на етничка Македонија. Од иста основа потекнува и името на Пелазг, односно на Пелазгите, како и името на Пелагонија и Пелагонците, како и на главниот град на македонското кралство, Пела. На ова можат да се додадат и имињата Пелеј, таткото на Ахил, потоа планината Пелиј во Тесалија и други имиња од античкиот свет. Значи ли тоа дека се работи за извесен карактеристичен културен белег поврзан со етничка група, во случајов со Бригијците, односно Фригијците, кои по култура и јазик се блиски со Македонците, Пајонците, Пелагонците и други етникуми кои се сметаат за македонски? За некои историчари и археолози, ваквото совпаѓање значи дека тие се сродни имиња, односно, имиња кои потекнуваат од ист корен, па така за Пелазгите и Пелагнците сметаат дека се работи за блиски по сродност, односно дека едното „не може да се оддели“ од другото.15

Претстава на Пелоп

Времето во кое Пелопидите дошле на Пелопонез е мошне далечно, а историските документи се скудни. Затоа е тешко да се поврзат вистинските моменти и да се направи поопстојна анализа. Сепак, популарноста на Пелоп, како и на неговите потомци, честото споменување од страна на античките автори, како историчарите и филозофите, така и трагичарите и поетите, ни дава за право да се занимаваме со оваа тема и се чини дека е неспорно нивното постоење и владење на поголем простор, како во Европа, така и во Мала Азија, како и пошироко во Медитеранот, на северниот брег на Јадранското Море, во Италија.16 Исто така, постојаното потврдување од разните автори дека Пелоп бил Фригиец, како и посочувањето на сродство со него на голем број митолошки ликови, но и на историски потврдени кралски лози, упатува на своевидна испреплетеност на разновидните подоцнежни етнички заедници и кралства, како и на создавањето и развојот на културата на овој простор, создавањето на тогашните идентитети, кои биле фактори во тој развој и на подоцна оформените етнички идентитети. Како синови на Пелоп се споменуваат Питеј, Атреј, Тиест, Епидаур, Коринт, Евридика и други.17 Значи, Пелопиди се и познатите кралеви на Микена, односно, најпознатата кралска лоза на овој познат град и кралство, центар на познатата Микенска култура, која следи по замирањето на критско-минојската цивилизација. Според митологијата и некои од античките автори, потомок на Пелоп бил и митскиот јунак Херакле, чија мајка Алкмена е потомка на Пелоп, односно, негова внука од ќерката Евридика.18 Податоците од митолошките преданија, повторно, не водат до Македонија. Според нив, некаде после Пелоп и Пелопидите, на Пелопонез дошле Хераклидите, а како потомци на Херакле се споменуваат голем број имиња, меѓу кои и Хил, од кого потекнуваат првите познати македонски кралеви, почнувајќи од Каран. Според Диодор, Теопомп и други историчари, семејното стебло на Каран било: Каран бил син на Аристодамид, овој на Мероп, Мероп на Фестиј, Фестиј на Кис, негов Темен, а на Темен, Аристомах, негов Клеодеј, на Клеодеј, Хил, а самиот Хил бил син на Херакле.19

Претстава на Пелоп и Хиподамија во трка со запрежна кола со коњи

Согледувајќи ги достапните податоци од митолошко, историско, археолшко и антрополошко потекло, нѐ наведува на недвосмислен заклучкок дека на своевиден начин, Македонците, односно, племињата кои се сметаат за Македонци се дел од тоа родословие и целокупно создавање и развој.

БРИГИЈЦИТЕ (ФРИГИЈЦИТЕ) И МАКЕДОНЦИТЕ

Самото идентификување на Пелоп и Пелопидите како Фригијци што значи и Бригијци, бидејќи старите автори потврдуваат дека овој многу интересен народ од постариот период, кој своите „корени“ ги распространил широко во Медитеранот, во Македонија бил познат како Бригијци, а во Мала Азија како Фригијци.20 Од друга страна, Бригијците биле сродни по култура и јазик, како и по обичаи и верувања со Македонците и, всушност, се дел од македонскиот идентитет, кој се појавил подоцна на Балканот.21

Престол посветен на Пелоп издлабен во карпа на планината Сипил во мала Азија

Блискоста меѓу Македонците и Бригијците се гледа преку јазичната, културната и религиската сродност, каде се среќаваат многу блиски елементи, кои укажуваат на извесно заедничко потекло, односно, на вградување на културни и јазични елементи од бригиско потекло во македонскиот идентитет. Појавата на Македонците на Балканот се поврзува со железното време. Тоа е период во кој Бригијците исчезнуват од овој простор, иако некои енклави се задржале и во римскиот период.22 Од друга страна, археолошките, културните, историските, јазичните и друг вид податоци потврдуваат дека во постариот период, Бригијците ја населувале, речиси, истата територија, која подоцна ја населувале Македонците.23 Особено е интересен фактот дека еден од културните центри на Бригијците се совпаѓа со културниот центар на Македонците, во областа на градот Воден, односно Кутлеш, каде се наоѓала старата кралска престолнина Ајга и познатите кралски гробници на Македонските кралеви, но и комплекс од тумули, над 300, датирани пред појавата на Македонците на овој простор, односно, во раното железно време, кои му припаѓале на Бригијците.24 Всушност, Ајга се смета и за еден од центрите на моќ на Бригијците, во чија близина се наоѓа и познатата планина Бермион во чие подножје, во познатите градини на Мида цветале трендафили со исклучителни цветови.25 Всушност, Мида и Гордиј се уште два лика, покрај Тантал и Пелоп, познати како Бригијци и исклучително популарни ликови од митолошките преданија, но и од историските податоци и археолошките ископувања. За тоа дека од ваквите податоци знаеме дека во Македонија постоеле и други центри поврзани со Мида, како и тоа дека тој се определува и како македонски цар, веќе пишувавме. 26

Палата на македонските кралеви во Ајга

Блискоста меѓу Бригијците и Македонците особено е потврдена во јазичните елементи, а посебно во ономастката и топонимијата.27 Бројни имиња од бригиско потекло во македонскиот простор останале дури и во римскиот период, па денес со нив се соочуваме на голем број епиграфски споменици, особено во Пелагонија и Мариово, но и во поширокиот етнички простор на Македонците. Такви имиња се среќаваат на територијата која ја населувале Македонците, Пајонците, Дарданците, во централниот, јужниот дел на Албанија, на Пелопонез, Атика, Микена и на други делови од Балканот.28 Интересно е тоа дека појавата на ваквите имиња на Балканот се совпаѓа со исти и слични имиња на просторите во Мала Азија, кои биле под владење на Фригијците. Тоа е потврда дека Бригијците на Балканот и Фригијците во Мала Азија се со заедничко потекло, односно, дека се ист народ.29

Тумул од железното време од селото Чаниште, Мариово, Прилепско

Од нашето лично искуство и документирање на споменици со натписи, можеме да посочиме голем број имиња на личности од првите векови на римското владеење во Македонија, кои се со Бригиско потекло, особено во областа Мариово, во селата Дуње, Кокре, Вепрчани, Чаниште и други места. Тоа се имињата: Бејтос или Бетис, Местил, Местилос, Местилон, Дулес, Места, Басон, Бастос и сл.30 Токму вакви и други имиња од бригиско, односно, фригиско потекло, освен во наведените простори на Балканот, во исто време се среќаваат и во Мала Азија.31

Претстава на Пелоп и Хиподамија

 Неведувајќи ги блискостите на Бригијците, покрај со Македонците, и со Пајонците, Меонците, Едонците, Мигдонците, Крестонците, Орестите, Дасаретите и другите македонски племиња, односно, етничките заедници од кои се формирал македонскиот идентитет, сликата станува појасна. Всушност, бригиската популација и бригиската култура е вградена во културата и етногенезата на голем број подоцнежни етнички идентитети во поширокиот Медитеран. Уште повеќе, како потомци на Бригијците старите автори ги наведуваат и Арменците, за кои тврдат дека потекнуваат од Арменос, кој живеел во Тесалија.32

Тумул од Кутлеш

Една од карактеристиките на богатата бригиска култура и цивилизација се и погребувањето во тумули, родовски могили, чие присуство е особено нагласено во Пелагонија и Мариово. Според извесно датирање од страна на археолозите, тумулите од Воденско, односно од Кутлеш, кои се сметаат за централни погребни објекти на Бригијците, се датирани во раното железно време, во времето пред појавата на Македонците како доминантен народ на овој простор,33 а тумулите од Пелагонија и Мариово, како и од некои други места во Македонија се датираат слично. Имајќи предвид дека, токму во железното време на културната, етничката и политичката сцена на Балканот се наметнуваат Македонците, овој факт упатува на слична култура на погребување, односно, на заеднички карактеристики на Бригијците и Македонците. Овој, како и голем број други културни совпаѓања и блискости коинцидира со фактот што и едните и другите зафаќале сличен простор на населување и упатува на нивна сродност.

Тумул од железното време од селото Крушевица, Мариово, Прилепско

ГОЛЕМАТА МАЈКА ГИ ПОВРЗУВА БРИГИЈЦИТЕ И МАКЕДОНЦИТЕ

Културни совпаѓања има и во врска со религијата на Бригијците и Македонците, особено со Големата Мајка, која кај Бригијците (Фригијците) е позната како Кибела, а под тоа име ја среќаваме подоцна и кај Македонците, како што е и божицата на месечината Семела, а блискости има и со практикувањето, односно, славењето на богот Дионис, Артемида и други божества. Особено се мисли на посебните имиња на божествата, кои се користеле кај Бригијците – Фригијците, но и кај Македонците, како, Бендида, која е поврзувана со Артемида и Котито, за Кибела и други.34 Особено, голем број имиња на повеќето божества, кои ги славеле Фригијците споменува Страбон, па дури и едно име за Големата Мајка, односно, Кибела, кое се совпаѓа со земјата на Фригијците, Фригија.35 Всушност, како што може да се констатира од митолошките преданија, но и од историчарите од античкиот период, како и од поетите и трагичарите, а што е потврдено и со археолошките наоди, Бригијците се најстариот народ кој ја славел Големата Мајка, односно, Мајката на боговите или Божицата мајка, позната како Кибела.36 Кога сме кај староста на народите, интересен е и еден податок запишан од Хомер, кој споменува извесен опит за староста, кој го изведувал египетскиот фараон Псаметих, Имено, тој, за да утврди кој е најстар народ на светот, наредил да се издвојат две бебиња, веднаш штом се родат и да се изолираат целосно, односно да се одгледуваат без контакт со луѓе за да се утврди кој ќе биде првиот збор, кој некое од децата ќе го изговори. По извесно време, откако била направена таквата изолација, едно од децата го изговорило зборот „бекос“, кој на бригиски значи леб. На тој начин, Псаметих заклучил дека најстар народ на светот се Бригијците, а веднаш по нив по старост се Египтјаните.37  

 

Остатоци од храмот на Артемида во Ефес

Со божицата Артемида е поврзана и една од најголемите градби, која е прогласена за светско чудо, односно, храмот на Артемида во Ефес, Мала Азија, а во контекст на овој храм и славењето на божицата со таков епитет; Ефеска, на територијата на Македонија. Култот на Артемида Ефеска во Македонија, особено во Пелагонија и Мариово, се среќава на натписи, на предмети со нејзиниот лик и слично.38 Посебно е интересна божицата Ма, која на Балканот се среќава само кај Македонците, а потврдена е во Мала Азија, во Кападокија и Понт. Во Македонија е пронајдена на голем број натписи – 30, во градот Воден (Едеса), каде имало нејзино светилиште, а една претстава на оваа божица на плочка потекнува од Претор.39 Постоењето на нејзино светилиште во Воден, каде што се наоѓаат и старата кралска престолнина на Македонците, како и кралските гробови на македонските кралеви и стариот центар на Бригијците, не може да биде случајност. Со Артемида е поврзано уште едно религиско совпаѓање, односно, култот на Артемида и Кибела, која ја среќаваме во Пелагонија, меѓу другото, и во Прилеп, Дебреште и на други места.40

Кибела

Особено е интересно тоа што митолошките личности Тантал и Пелоп, исто како и Мида и

Гордиј, имаат свои историски потомци поврзани со познатата микенска цивилизација, но за тоа во второто продолжение на оваа тема.

1 Диодор Сицилийский, ИСТОРИЧЕСКАЯ БИБЛИОТЕКА, LXXIII. (1)

2 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 260, 261 и на голем број други страници.

3 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, археолошки, етнолошки и историски, Скопје 1996, 164 – 168.

4 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 304.

5 Исто. Диодор, …, LXXIV. (1). Pauzanija, Vodič …, 118.

6 Познатите кралеви на Микена, Атреј и Тиест, биле синови на Пелоп, што значи дека кралската куќа на Микена била од бригиско потекло..

7 Роберт Гревс, Грчки …, 304.

8 Исто. Диодор, …, LXXIV. (1)

9 Роберт Гревс, Грчки …, 304 – 306.

10 Исто, 306.

11 Исто, 309.

12 Исто.

13 Страбон, книга петта, втора глава, 4.

14 Роберт Гревс, Грчки …, 309 – 315.

15 Гаврил Кацаров, Пеонија, Издава: Бугарско грографско друштво, Софија 1921, 9.

16 Страбон, петта книга, глава прва, 3 и 4.

17 Роберт гревс, Грчки митови, …, 315 – 318.

18 Диодор, …, четврта книга, IX. (1).

19 Исто, Книга седма, Фрагмент 17 [Георгий Синкелл, «Избранная хронография», с. 499 (Dindorf, Bonn. 1829).] Роберт Гревс, Грчки митови, 448 – 441.

20 Страбон, книга седма, глава трета, 2.

21 Елеонора Петрова, Бриги, 214. Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997, 101.

22 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига 1, Скопје 1957, 196.

 –   Се споменува градот Кидраи, како центар на заедница на Бригијци.

23 Елеонора Петрова, Бриги, 146 и 147.

24 Драги Митревски, Протоисториските заедници во Македонија, Републички завод за заштита на спомениците на културата – Скопје, Скопје 1997, 212.

25 Херодот, Историја, книга 8, 280.

26 Тренчо Димитриоски, Мида Македонецот, (https://www.pelagon.mk/2018/06/12/).

27 Елеонора Петрова, Бриги, 177 – 208 и 211 и 212. Наде Проева, Студии …, 97 – 105.

28 Исто.

29 Елеонора Петрова, Бриги, 125 и 126. Страбон, книга седма, трета глава, 2.

30 Тренчо Димитриоски, Името на божицата семела и имиња со потекло од Хомеровото време на натписи ос селото Дуње, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/01/22/.

31 Еленора Петрова, Бриги, 177 – 208 и 211.

32 Страбон, книга 11, трета глава, 8.

33 Драги Митревски, Протоисториските заедници …, 212.

34 Елеонора Петрова, Бриги, 130. Наде Проева, Студии …, 156 – 191.

35 Страбон, книга 10, трета глава, 12 – 19.

36 Еленора Петрова, Бриги, 129.

– Претстави на оваа божица, Кибела, во Мала Азија се среќаваат голем број, изработени во карпа во околината на Гордион, Песинус, Афионкарахисар и други места.

37 Херодот, Историја, книга 2, 111.

38 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 90. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 168 – 170.

39 Наде Проева, Студии …, 172 – 174.

40 Елеонора Петрова, Бриги, 130.