ОД КУЛТУРАТА НА АНТИЧКИОТ ГРАД ДОСТОНЕЈ КАЈ СЕЛОТО ПЕШТАНИ – МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Камени споменици, меѓу кои и со натписи, остатоци од стар храм во манастирот „Св. Петка“, северно од Пештани

Античкиот град Достонеј се наоѓал во атарот на селото Пештани – Мариово, Прилепско. Локалитетот „Пештера“, на кој се наоѓал главниот дел од населбата денес е полн со археолошки остатоци, камена пластика, наоди од керамика, грамади од градежен камен и ѕидови, оформени делови од карпите и сл. Делови од населбата имало од двете страна на долот, кој протекува приближно во насока запад – исток, а поголемиот дел се наоѓал во долината лево од него, како и подалеку кон север, во широката долина под манастирот „Св. Илија“ каде, исто така, има остатоци од населбата, на чиј најгорен дел се наоѓа една грамадна карпа, под која е расположен и манастирот.1

Зградата од конакот и црквата „Св. Петка“

Остатоци од градот, всушност, има и во денешното село, особено во рамките на црквата „Св. Ѓорѓи“, како и во поширокиот атар од селото, каде се среќаваат разновидни археолошки остатоци, објекти од камен и сл. Особено е нагласен бројот на остатоци од обејкти – црквишта, кои жителите на селото ги посочуваат како остатоци од стари цркви за кои знаат и на кој светци биле посветени. Така, освен манастирот „Св. Илија“, во рамките на локалитетот „Пештера“ се наоѓаат остатоци и од црквата „Св. Недела“,а северно од селото се наоѓаат уште два локалитети со слични остатоци, односно, локалитетот „Св. Петка“ на кој денес егзистира и истоимен манастир, како и локалитетот „Николчица“, на кој се среќаваат остатоци од стара градба – црква, која била посветена на св. Никола. 2

Црквата „Св. Петка“

Овде, посебно ќе се осврнеме на манастирот „Св. Петка“, кој е расположен меѓу два високи ридови на Дренска Планина, во една зелена и заветна долина. Тој располага со десетина камени споменици од стар храм, меѓу кои и два со натписи. Поголемиот број споменици се од бел мермер, но има и камени блокови од домашен камен. Пред манастирската црква се наоѓаат еден столб од мермер со квадратен пресек, два постаменти од кои едниот со полоша форма, како и 3-4 камени блокови од домашен камен. Еден блок од домашен камен се наоѓа во манастирскиот двор.

Камен блок од домашен камен – легнат и столб со квадратен пресек од мермер – исправен

Особено се интересни неколку мермерни елементи во просторот на апсидата на црквата. Најпрво како света маса (жртвеник) се поствени еден столбест блок со квадратен пресек и еден постамент со профилирани страни, поставен на столбот. На вертикалниот блок, кој служи како постамент за светата маса на една од страните има и натпис во,најмалку, 8 реда кој, за жал, тешко се чита поради оштетување на површината на блокот. Во близина е и еден фрагмент од мермерен столб со кружен пресек, а во десниот дел од олтарот се наоѓа уште еден мермерен блок со добро оформени страни, на кои се забележува, исто така, подолг натпис, но повторно оштетен и тежок за расчитување. Сите овие мермерни споменици се вградени во подот на просторот од апсидата на црквата и упатуваат на стара градба од перидот на римското владеење, кога градот Достонеј претстваувал своевиден центар на областа (коинон).3 Ваквите појави од поширокиот простор на селото пештани се само потврда на значењето на Достонеј, како седиште на областа Мариово во рисмкиот период.

Олтарот во црквата од два споменика од мермер – едниот со натпис

Во околината на манастирот „Св. Петка“ можат да се забележат у други културни траги, како фрагменти од керамички садови, обработени делови по карпите од западната страна и сл. Во пошироката околина има многу повеќе такви култуирни остатоци, како винарници во камен, една помала населба од римскиот период, доцната антика и средниот век и други остатоци.

Страната со натпис – вертикалната, на блокот од мермер

Последниве, една до две децении, манастирот доживува и своевидно заживување. Него го одржува посебен црковен одбор од двајца членови, Ристо Јошески и Трајан Димитриески, кои изградија една манастирска зграда со неколку соби за сместување, водоводна мрежа, летна кујна и постојано го уредуваат и одржуваат манастирскиот двор.

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 189 – 195.

2 Исто, 199.

3 Исто, 189 – 195.