ПРЕДАНИЕ ЗА СЕЛОТО ЕЛЕНИК – МУСИНЦИ

(Легендарниот борач Ангеле Кормак од селото Маково, општина Новаци)

 (Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

Селото Маково

Некогаш, по доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров си бил некој Арап со име Муса, кој бил голем борач, пеливан. Овој пеливан Муса го прошетал целиот Балкан освоен од Турците и секаде се борел со пеливани. Поддржан од турските власти тој секаде победувал. Дошол Муса и во градот Битола за да предизвика борач кој ќе се нафати да се бори со него. Битолскиот валија се распрашал во Битолско, Прилепско, Рсенско, а може и пошироко, но никаде не нашол таков јунак што може да му се спротивстави на Муса. Се слушнало од народот дека таков силен борач имало во селото Маково во Мариово. Кога веста за овој борач допрела до битолскиот валија, тој веднаш наредил преку заптиите маковскиот борач да биде спроведен до валијата во Битола. Дошле турските заптии од Битола право во Маково. Прашале во Маково и сите што ги сретнале им рекле: „Имаме таков човек, ефенди, тој се вика Анѓеле Кормак, ама сега е на орање, ако го причекате додека си дојде ќе го видите.“ За да не го исплашат Ангелета Кормак турските заптии го дочекале да си дојде од орање. Кога се вратил од орање заптиите пошле кај него дома и му рекле веднаш да се спрема, ќе одат во Битола, го бара валијата. Ангеле Кормак се спремил и рекол ќе одам, никому лошо не сум му сторил. Отишле кај валијата во Битола, валијата убаво го примил и го прашал кој е, што работи и ред други работи. Ангеле Кормак одговорил се што бил прашан. Потоа валијата го прашал дали е пеливан, борач. Кормак му одговорил дека се борел и дека досега од никого не загубил. Валијата го пофалил и му рекол: „Браво, синко, јас имам една голема мака. Во Битола дојде еден пеливан–борач по име Муса, потпрашавме секаде, но никаде не најдовме борач за да се бори со него. Ако не најдеме тој ќе не срами. Дали ти, бре, Ангел, и име носиш Ангел, ќе нè спасиш од срамот и ќе му се збориш на тој Муса.“ Ангеле Кормак се позамислил и му рекол на валијата: „Ефенди, валија, јас ќе му се зборам, не ми е срам ако паднам, туку дома си имам дечиња, ако ме отепа во борењето моите деца ќе страдаат без мене.“ Е, тогаш, Ангеле Кормак му поставил услови на битолскиот валија: „Ќе се зборам, само вака, ќе ми дадете две недели да се одморам и да се борам во близина на моето село за да можат да дојдат и да ме гледаат и моите роднини и пријатели и ако умрам во борењето да умрам при своите.“ Валијата му ветил: „Се ќе биде по твое синко.“ Пеливанот Муса веќе бил известен за ова и само го чекал денот на борењето.

Ридот Еленик, на кој има остатоци од населба со тврдина од античкиот период

Како најпогодно место Ангеле Кормак го одбрал чаирот на тогашното село Еленик. Дошол денот и на чаирот кај Еленик од Битола и околните села се собрал многу народ, а дошле и пеливаните–борачите Муса и Ангеле. Прв излегол пеливанот Муса препетлан со кожени гаќи, заштитен со кожен елек на градите и целиот измачкан со масло. Турците мислеле дека Ангеле Кормак секако ќе загуби, ним не им било гајле за еден каурин што ќе го нема, само не сакале да се срамат, да останат без никаков борач што ќе се бори со Муса. По излегувањето на Муса се појавил и Ангеле Кормак, послаб, поистрошен, на присутните не им изгледал како борач. Арапот Муса само грмел, се смеел и плускал со рацете кружејќи околу Ангеле. Се дал знак да почне борењето, дошол пеливанот Муса Арапот до Ангелета и замавнал со рака за да го повреди, а Ангеле, на наше, му рекол налутено: „Јас мислев за борење, не за тепање.“ Тогаш многу се налутил маковецот Ангеле Кормак, замавнал на Арапот со тупаница и раката на Ангелета влегла меѓу ребрата на Муса. Потоа Ангеле Кормак го кренал Муса колку што бил висок и го треснал од земјата и Арапот Муса пеливанот воопшто не мрднал повеќе. Тој умрел на самото место и борбата завршила. Ангеле Кормак за ништо не одговарал, битолскиот валија му честитал и му простил. Пеливанот Муса бил закопан на местото, а неговиот гроб го прогласиле за свето место. Поради гробот тука дошле и се населиле негови роднини, потоа едно по едно се доселиле и други турски семејства, христијаните биле немоќни да се спротивстават на доселувањето и го напуштиле селото. Во чест на Арапот Муса пеливанот името на селото Еленик то замениле со Мусинци. (Овде Арапот Муса пеливанот не треба да се помешува со Муса Пеливанот – Питуличарот што е отепан кај Подмол, тој е друг.)

Гроб во близина на селото Мусинци на покојник кој завршил со насилна смрт

Кажувано од:

 1. Велјан Петрески – Бабјак, жител на Мусинци како момок – рајатин до 1913 година, а потоа преселен со семејството во Марул. Живеел од 1870 до 1957 година.

2. Истата легенда ја раскажуваше и Ристе Дамјаноски (1914–1986), марулчанец надарен за раскажување приказни од минатото.