ИсторијаНепокорници

КОРУН КУКЛАРО

(Непознат комита и борец за слободата на Македонија од селото Бонче, Прилепско)

(Од книгата „Жива историја, раскажување за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“, од Томе Велјаноски, подготвил за печат: Тренчо Димитриоски, КИДЦМ „КАЛЕШ АНЃА“, с. Крушевица 2004)

Комитата Корун Кукларо бил роден при крајот на седумдесеттите години на деветнаесеттиот век во семејството Кукларовци од Бонче од татко Јован и мајка Елена од Бонче. Корун уште од мал покажувал храброст која ја наследил од својата мајка Елена и често се случувало децата Турчиња од агите да бидат натепани од ѓаурчето Корун, а токму тоа не им се бендисувало на Турците (агите) и Корун веќе бил забележан како бунтовник и немирен ѓаур. Неговата положба уште повеќе се влошила со учеството на неговата мајка Елена во убиството на двајца турски војници во реката во Бонче во деведесеттите години на деветнаесеттиот век. Тоа е настанот опишан во насловот „Убиството на бегот Чачано во селото Бонче“.1

Селото Бонче – денес

По настанот опишан во насловот „Убиството на бегот Чачано во селото Бонче“, иако мал, Корун Кукларо не бил оставен на мир од Турците. Тие се обиделе да го убијат како одмазда за двајцата убиени Турци во реката во Бонче поради тоа што во нивното убиство директен учесник била токму Елена, мајката на Корун. Со божја помош, или чиста среќа, Корун Кукларо ја избегнал поставената заседа од Турците и останал жив. За да му го спасат животот, кога наполнил 18 години мајка му Елена и неговите чичковци, преку тајни канали, фатиле врска со четата на прилепскиот војвода Мирче Ацев Симоноски и го испратиле Корун за комита во оваа чета. Едно рано утро, Корун Кукларо и неговата мајка тргнале да ја бараат четата на Мирче Ацев и ја нашле како се одмора на еден брег во синорот на селото Лениште. Корун бил примен во четата на Мирче Ацев, но немало пушка за него и морал сам да си обезбеди. Еден од комитита во четата го здогледал полјакот од селото Лениште кај ленишките градини и во четата се посмеале со младиот Корун: „Ене ти пушка кај ленишкиот полјак, оди земи му ја!“ Полјакот бил Турчин по име Ариф. Корун по ваквиот наговор од другарите слегол кај градините, влегол во една од нив и откорнал еден корен праз само за да го забележи полјакот. Полјакот го забележал, дошол кај него и почнал да му вика: „Кој си ти, арамијо што ги бериш градините?“ Му се заканил дека ќе го води Коруна кај мудурот во Прилеп. Корун во расправијата се доближил до полјакот, замавнал со главицата праз по неговата глава и полјакот паднал онесвестен. Корун му ја зел пушката на онесвестениот полјак Ариф и се вратил назад кај четата. Така младиот Корун уште во присуство на неговата мајка Елена пред четата на Мирче Ацев ја покажал својата јунаштина и храброст и станал наоружан комита во четата. По ваквиот настан војводата Мирче Ацев му дал одобрение на Корун да ја испрати мајка си до селото Бонче и повторно да се врати на зборното место.

Село Бонче пред околу 1 век – фото од д-р Рајс

По неуспешниот обид да го убијат Корун Кукларо, Турците почнале да му се закануваат на неговиот помал брат Стојо Кукларо, кој за да си го спаси животот, исто така, заминал комита. Еден летен ден истата година во местото Коњарник над селото Прилепец четата на Мирче Ацев имала вежба гаѓање со пушка. За мети биле поставени воловски рогови на далечина од сто метри. При гаѓањето Корун Кукларо со сите три куршуми кои ги испукал погодил во воловскиот рог и бил прогласен за најдобар стрелец во четата. По извесно време се појавила новооформена чета со прилепскиот војвода Христо Оклев Попот. Четата на Мирче Ацев била преголема и двајцата војводи се договориле дел од четниците во неа да преминат во четата на Христо Оклев. Притоа во неа преминал и Корун Кукларо и останал сè до 07.06.1902 година,2 односно, до борбата во Алинската корија кога оваа чета е разбиена. Поради тоа Корун Кукларо се префрлил во четата на Крсте Гермов – Шакир. Со неа Кукларо учествувал и во нападот на мудурлакот во селото Витолиште на 02.08.1903 година во времето на Илинденското востание. По неколкудневна борба со турскиот аскер и заптиите во Витолиште четата на Крсте Гермов – Шакир била разбиена и со преживеаните комити се повлекла.3 Меѓу нив бил и Корун Кукларо. На 08.12.1905 година, значи на празникот Св. Ѓорѓија, вечерта четата на Крсте Гермов – Шакир била во селото Кокре во Мариово во куќата на Митре Ќосиот. Таа е предадена од кодоши на турските власти и била сардисана од турскиот аскер. Притоа четата се извлекла од обрачот без ниедна жртва, но таа среќа ја немала четата на Богоја Демирхисарчето4 од селото Жван која тргнала напомош на Шаќировата чета. Таа била откриена во селото Бонче каде била и сардисана од турскиот аскер. Во борбата загинале половината комити од четата заедно со војводата. Оваа чета била сардисана во кулата на Дабевци, која денес е во сопственост на Ордан Топчија. Во четата на Крсте Гермов – Шакир, Корун останал сè до Младотурската револуција во 1908 година. Тоагаш било дадено некаков помилување, многу комити се вратиле од планините дома, а меѓу нив бил и Корун Кукларо кој си дошол во своето село Бонче. По враќањето во селото Корун Кукларо (или Куклата) се оженил за младата бончанка Велика. Со неа родиле две деца, едно машко Ѓорѓија и едно девојче Ѓурѓа. Набрзо фатиле следните војни, Првата и Втората балканска војна, Првата светска војна. За време на Првата светска војна Корун бил српски војник и ја бранел границата на тогашна Србија на реката Дрина. По капитулацијата на Српската војска есента 1915 година Корун бил земен бугарски војник и бил распореден на Солунскиот фронт во рововите на Раштанскиот синор. Во текот на 1916 година комитата Корун Кукларо се разболел и при крајот на истата година умрел во бугарската воена болница во градот Битола како бугарски војник. По смртта на Корун неговата жена Велика своите деца Ѓорѓија и Ѓурѓа ги пораснала кај Шапковци и двете ги удомила во Лопатица, Прилепско. Горѓија отишол домазет за Стевка Степаноска, а момата Ѓурѓа се омажила за Алекса Сулоски и двајцата од селото Лопатица. И двете деца на Корун Кукларо имаат свои потомци, а интересно е дека неговата ќерка Гурѓа имала син кој се родил за време на Втората светска војна, во 1943 година и неговиот нунко (кум) му го дал името Хитлер по водачот на третиот рајх Адолф Хитлер. Лопатичкиот Хитлер денес живее во селото Мусинци, Битолско. Ѓорѓија Корун умира во седумдесетите години на дваесеттиот век. Во селото Бонче и денес живее дел од потомството на Кукларовци.

 

1 Томе Велјаноски, Жива историја, раскажување за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места, КИДЦМ „КАЛЕШ АНЃА“, с. Крушевица 2004, 22.

2 Датумот изнесен во раскажувањето не е точен. Битката се случила една година подоцна, на 07.06.1903 година.

3 Крсте Гермов – Шакир е познат војвода од Прилеп. Бил секретар во четата на Толе Паша, а потоа и војвода во Мариово. Во историските документи нема податоци за жртви во битката кај Витолиште.

4 Во оваа битка, всушност, бил војводата Алексо Стефанов – Демирхисарчето од селото Радово, Демирхисарско.