НИКОЛА КАРАНЏУЛОВ – ЕДЕН ОД НАЈСВЕТЛИТЕ ЛИКОВИ НА ПРИЛЕПСКОТО РЕВОЛУЦИОНЕРНО ДЕЛО

116 години од загинувањето во битката кај селото Селце, Прилепско (1876 -1904)

Еден од великаните на ослободителното дело од Прилеп, кој со своето дело ги задолжил македонските поколенија, е Никола Каранџулов, учител, револуционер, војвода и голем борец за слобода на македонскиот народ. Тој се родил во Прилеп во 1876 г., во родниот град завршил трети клас, а во Битола завршил четврти клас гимназија. Сакал да продолжи да се школува во Солун и отишол да се запише во тамошната гимназија „Св. Кирил и Методиј“, но за да плати пансион за престој во оваа школа му требале 16 лири, а тој имал само 10. Тој се надевал дека просветните работници таму ќе најдат решение да го примат и со 10 лири, но тоа не се случило. Од Солун се вратил разочаран.1 На возраст од 16 години во учебната 1892/93 година веќе е учител во селото Селце кај Прилеп, каде работи кратко време, а потоа во 1893 година решил да продолжи со школувањето во Ќустендил на педагошкото училиште, но по една година е исклучен поради судир со учителскиот кадар. Има и некои информации дека таму учествувал во извесен бунт на учениците, а исто така дека формирал револуционерен кружок.2 Во 1893 година повторно почнала да дејствува, од порано формираната „Млада македонска книжевна дружина“, при која се формирало уште едно македонско здружение, „Македонски сговор“, во кое членувале најмногу 50 души. Водачот на здружението, Сребрен Поп Ставрев, меѓу најактивните го набројува и Никола Каранџулов.3

Никола Каранџулов 2

Во 1895 година Каранџулов се наоѓа на школување во Загреб од каде во 1896 година се вратил во родниот град Прилеп, кога започнал уште поактивно да се занимава со револуционерна дејност. Во неа е вклучено, речиси целото негово семејство, а посебно го помага неговата сестра Зака (Захарија). Неговата куќа се претворила во магацин за оружје, а многу револуционерни дејци се криеле во неа, наоѓале засолниште во случај на ранување или болест и сл.4

По враќањето во Прилеп Никола Каранџулов набрзо го стигнале две големи несреќи. Во 1896 година починала неговата мајка Ана, која многу ја сакал, а во 1897 година Турците го убиле неговиот татко Димитар Јанков Каранџулов, способен трговец, кој добро го издржувал своето целокупно семејство. Една вечер тој бил искасапен со нож пред неговата куќа. Не се знае зошто е убиен татко му, само се претпоставува дека тоа му е направено поради револуционерната дејност на неговиот син Никола, кому немале храброст да му пријдат бидејќи бил физички исклучително силен и многу храбар, а немало официјални обвиненија за да биде приведен од органите на власта.5 Ваквите несреќи кај Никола Каранџулов уште повеќе ја зајакнале неговата решеност во борбата за ослободување. Тој прераснал во нескршлив борец за слобода кај кого не постои колебање дека борбата е единствениот пат за Македонија и македонскиот народ. Од 1896 година работи како учител во Прилеп и со голем жар учествува во револуционерната активност.

ЈАТАК НА ПРВИТЕ НЕЛЕГАЛНИ АКТИВИСТИ И ПОСРЕДНИК ЗА ОРУЖЈЕ

Во куќата на Никола Каранџулов се криеле и првите нелегални активисти на македонското револуционерно дело. Кога во Прилеп во 1896 година од Бугарија дошол Никола Геројски, по потекло од Поречијата, за да формира чета, тој две недели престојувал кај Каранџулов.6 Следните години Каранџулов активно учествувал во прибирањето на средства, набавката на оружје и растурањето по месните активисти. Познат е настанот од 1897 година, кога биле набавени 24 пушки-кримки и преку воспоставениот канал Штип-Велес-Градско-Прилеп, се пренесени во Прилеп и се складираат во една пештера над селото Селце, во месноста Мечка“. За нив се грижи, токму, Никола Каранџулов, заедно со Атанас Иванов. Тие ги подмачкале пушките, ги прегледале и поправиле, а потоа преку познатиот мариовски борец против турското ропство и легендарен војвода, Толе Паша, ги растуриле по селата Кокре, Кален, Крушевица, Дуње, Полчиште и Витолиште, кај верни луѓе на Револуционерната организација.7 Меѓу нив, веројатно, се борци како Анте Василев (Дунски) од Дуње, Трајко Зојката од Живово, Стојко од Гудјаково и др., кои во подоцнежните години посебно се истакнале со учество во разни битки, но и како војводи на сопствени чети.

Селото Селце со врвот Мечка

Каранџулов е борец за слободата на Македонија кој стоел цврсто на ставот за политичка автономија на Македонија. Поради тоа тој имал силни притисоци и прогонување од страна на врховистичките групи, кои меѓу другото, дејствувале и преку Егзархијата. Еве што вели Ангел Динев за засилувањето на врховистичкиот терор во Македонија, кој бил организиран и стимулиран однадвор:

И како резултат од тој усвоен курс на терор започнаа прогонувањата на оние бугарски учители Македонци кои не ја прифаќаа идејата на егзархот. Во 1897 година претседателот на училишната Управа, водачот на Егзархиската партија во Прилеп – Костадин Самарџиев ги отпушти од служба учителите Александар Ефтимов, Никола Каранџулов и Илија Тошев, чија единствена вина беше дека ја поддржуваа македонската национална група во Прилеп, водена од Хаџи-Илиев и идеите на ВМОРО, за политичка автономија на Македонија.

И не само што ги отпуштија од служба, туку и ѝ ги поткажаа на власта како немирници, комитаџии и царски душмани, поради што тие беа повикани во Битола од истражниот судија, кој се обиде да поведе дело против нив.“8

Врвот Мечка кај Селце

Во учебната 1898/99 година Никола Каранџулов едногласно е избран за раководител на Револуционерната организација на градот и за директор на прогимназијата. На ова место останал до крајот на таа учебна година.9 Во тоа време учител во Прилеп е и Ѓорѓи Поп Христов, голем борец и револуционер од Битолско. Еве што истакнува тој, меѓу другото, во своите спомени:

Во градот имаше организирано раководно тело и десетници, каков што бев и јас. Раководители беа Атанас Иванов, Никола Каранџулов, кои се беа вратиле од Бугарија, Јордан п. Константинов, Петар Свештаров и Тодор п. Антов. Преку годината, неколку пати во градот доаѓаше од Битола Даме Груев, кој беседеше со нас и не упатуваше во револуционерното дело. Организацијата во градот, воопшто беше добра. Постојано се зачленуваа нови членови во групата, членарините за револуционерната каса редовно се собираа. За време на слободното време одевме и по селата за да создаваме револуционерна мрежа.“ (Ѓорѓи Поп Христов, Спомени)

Петар Ацев

Со своето држење и несебична работа Каранџулов стекнал висок авторитет кај највисоките револуционерни дејци од Прилеп и Македонија. За него повеќето од оние кои го сретнале имаат најпофални зборови. Во своите спомени Сарафов истакнува: Каранџулов беше вонреден човек, прекрасен раководител.“10

Петар Ацев за Никола Каранџулов, во своите спомени, вели: Ничо Каранџулов беше еден од најинтелигентните, упорен и вистински деец во редовите на ВМОРО.“11

Крсте Гермов – Шакир, исто така, е восхитен од личноста на Каранџулов и за него вели дека е идеален човек, чиста душа…“ Тој не е само цврст и силен човек, туку и бистар, решителен и со голема љубов кон сопствениот народ.

ВО ЗАТВОРОТ ВО БИТОЛА И БЕГСТВОТО ОД НЕГО

Во годините од 1899 до 1902 година Никола Каранџулов учителствувал во Куманово и Крива Паланка каде, исто така, е активен во Организацијата, како претседател на околиски комитет. Таму тој активно учествувал во борбата со српската пропаганда, а преместувајќи се во Крива Паланка, тој го оддржувал каналот за префрлување илегални дејци на Организацијата од Ќустендил до Скопје, преку кој се пренесувало и оружје и друг потребен материјал за револуционерната дејност.12 Во 1902 година Никола Каранџулов се вратил во Прилеп и активно се вклучил во подготвителните работи за претстојното востание. Таквата негова активност, не останала незабележана од турските власти. Нему му е забрането да го напушта Прилеп, но тој оваа забрана не ја почитувал и, конечно, во 1902 година тој е затворен во Битола, каде отишол не почитувајќи ја забраната. Сепак, бил пуштен по два месеци поради законските прописи кои владееле во тоа време. Во спомените на Борис Сарафов стои дека тој со Каранџулов се сретнал во март 1903 година. Еве што пишува Сарафов: Се движевме по патот ноќе. Од Фариш – во с. Никодин. Тука се сретнавме со Петар Ацев. Потем на ОреовецПлетвар, каде дојдоа градските раководители од Прилеп: Петар Талев, Каранџулов и Тренков.“13

Веќе на Голем Петок 1903 година тој бил фатен сред прилепската чаршија и одведен врзан во битолскиот затвор Катилхане, од каде подоцна бил преместен во Тимархане на реката Драгор, чија зграда била правена за лудаци и условите во неа биле исклучително тешки.14 Според историските пишувања, тој во затворот во Битола ја поминал 1903 година, за време на востанието и ја дочекал 1904 година.

Црн Мост – местото на затворот во Битола

Во затворот Каранџулов поминал тешки моменти. Во тоа време умрела неговата омилена сестра Захарија, која оставила две сирачиња. Тоа Никола Каранџулов посебно го натажило. Неговиот елан се поткренал кога разбрал дека внучињата му се добро згрижени и се зафатил со подготвка за бегство од затворот.15 Штом влегов во Тимархането и го разгледав местото веднаш скроив план и започна работата“16 – пишува во едно од своите писма Каранџулов за планот за бегство. Тунелот, кој го ископале затворениците за три седмици, добро им послужил и на 1/14 март 1904 година 32 затвореници од т.н. затвор Тимархане во Битола успешно избегале. Заедно со Каранџулов од затворот избегал и Најдо од селото Пешталево, Прилепско, кој е познат како Најдо Пешталевец. Тој му е најверниот другар на Каранџулов со кого останале верни другари сѐ до смртта. По бегството тие дошле во Прилеп. За тоа Петар Ацев во своите спомени пишува:

Ничо, со Најдо Пешталевецот, по бегството од затворот се упатил за гр. Прилеп и по една тешка одисеја, провирајќи се меѓу потерите, една ноќ пристигнал во градот и, кога утредента им се јавил на Прилепчани, тие се чуделе како влегол сега пак во градот.“17 Претходно, успешно избеганите затвореници од Битола, бегајќи се нашле во Костурско, дури во селото Кономлади, до коритото на Рулската Река, каде се здружиле со малите костурски чети на чело со војводата Митре Влавот. Биле вооружени. Четата станала голема и поради тоа се разделила на групи. Никола Каранџулов со Најдо Пешталевецот, провирајќи се меѓу големиот број потери се упатиле за Прилеп.18

ЗАГИНУВАЊЕТО НАД СЕЛОТО СЕЛЦЕ КАЈ ПРИЛЕП

По бегството од затворот Никола Каранџулов, сега како целосно нелегален борец, активно се вклучил во активностите за заздравување на Организацијата. Во мај 1904 година се оддржал и т.н. Прилепски Конгрес, на кој активно учество зел и Никола Каранџулов.

Црвени Стени – Калдрма, местото на загинувањето на Каранџулов и Пешталевецот 2

На 28 јули 1904 година Никола Каранџулов се наоѓал во четата, заедно со Петар Ацев, Најдо Пешталевец, Трајко Кралот и др., кај селото Селце каде одморале крај една чешмичка на патот за Кокре под т.н. Бела Чешма“, која се наоѓа на неколку стотини метри под превојот. Одеднаш некој извикал дека се опколени од турски аскер.19 Откај селото Селце доаѓала коњица, а друг аскер веќе се качувал по т.н. Бузански пат кон Бела Чешма“, по патот за селото Кокре. Било непогодно да се припука на аскерот кој доаѓал од Селце, зашто грмежот на пушките ќе ги слушнел и аскерот кој одел по патот за Кокре, а долу на Чаирот“ кај Прилеп, исто така, имало аскер кој изведувал вежби. За да ја избегнат средбата со коњицата комитите незабележано се искачиле на височината над нив и седнале да одморат. Тројца комити – Трајко Кралот од Брник, Мариово, Крсте Гермов Шакир и Мицко од селото Мојно зазеле позиции на стените кои ја заградуваат падината под местото Црвени Стени“.20 Комитите лошо пресметале дека аскерот што одел за Кокре веќе ја префрлил планината и решиле и тие да тргнат за Мариово. Одеднаш биле изненадени од две страни со свирење и викање. Дедо Петре! Да стрелам ли? Ја ги Турците“, свикал Трајко Кралот од Брник. Откако му дале дозвола Трајко Кралот испукал и првиот Турчин паднал на патот. 25 пушки „Маузер“ одеднаш згрмеле на комитите. За кратко време се развила жестока борба со турската коњица која дошла од правецот на селото Селце и другата турска војска која била на пат за Кокре. Се раздвижил и аскерот кој изведувал вежби на Чаирот“ кај Прилеп.21

Ѓоре Спирков – Леништанецот
Трајко Кралот

Меѓу првите четници бил погоден Никола Каранџулов кај месноста Црвени Стени“, во планината над селото Селце. Бил погоден во крстот. Паѓајќи извикал: О, ох! Умирам. Да живее Македонија! “ Погоден во крстот, не можел повеќе ни да мрдне. Комитите го викале да се довлечка до нив во засолниште, но тој не можел да се помести од местото на кое паднал. Петар Ацев отишол до него и го свлечкал до една голема карпа, каде четниците с# уште стоеле побледнети. Го легнал на порамно место и го убедувал да не офка зашто така повеќе ги плаши четниците. И покрај тешките болки од раната во крстот, Каранџулов замолкнал. Петар Ацев му ја дал пушката од Каранџулов на Георги Гешков Воденчанчето и го прашал ранетиот војвода дали може да појде со нив на само 20-30 чекори, а потоа да го носат на раце или на носила, но тој откажал велејќи: Излишни се секакви грижи за мене. Погрижи се за твоите другари и за себе, зашто јас наскоро ќе ги склопам очите засекогаш. Засега ви пожелувам спас од оваа тешка положба.“ Ацев му оставил еден револвер, го бакнал во челото за последен пат и си заминал.22 Малку подоцна, до Петар Ацев дошол младиот, но храбар комита Коце од селото Велмевци Демирхисарско, кој му кажал дека Никола Каранџулов барал од него, пред да замине, да го застрела. Ацев му рекол да го понуди за последен пат да тргне со него, но кога овој му рекол дека Каранџулов не можел да мрдне и одвај слушал и разбирал тоа што му се зборува, Ацев му дозволил на Коце да му ја исполни последната желба на ранетиот Каранџулов. Коце се вратил кај ранетиот, се прекрстил, го извадил револверот на Каранџулов и го прашал каде сака да го стрела. Каранџулов покажал на своето чело. Коце го замолил да му прости и ги затворил очите. Ранетиот војвода храбро му рекол: Не се плаши од ништо и пушти го куршумот право в чело.“ Се збогувале, а притоа Каранџулов со шепот кажал уште неколку збора, но Коце не можел да ги разбере. Му пукнал со револверот во челото и големиот и храбар војвода наместо починал.23

Тука, во близина, паднал и најверниот другар на Никола Каранџулов, Најдо Пешталевецот. Тој бил откриен од турската коњица и бил убиен со сабја.24 Останатите продолжиле да се повлекуваат пред силната турска потера. Двајцата се погребани во заеднички гроб во гробичтата во селото Селце, Прилепско. Подоцна, во истиот гроб бил погребан уште еден борец за слобода на Македонија, Димитар Робев, кој починал во Прилеп 1907 година.

 

[1] К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 11. Г. Трајчев, Град Прилеп, 228, 229. Во 1898 година директорот на училиштето во Прилеп Стефан Димитров, кој во исто време бил и претседател на Револуционерниот комитет во Прилеп, бил уапсен и интерниран. Него го заменил учителот Никола Каранџулов, кого членовите на Организацијата во Прилеп едногласно го избрале.

Кај Д. Димески е наведено дека на функцијата претседател на Прилепскиот револуционерен комитет Никола Каранџулов дошол кон средината на јануари 1899 година, додека за следната учебна година 1899/1900 тој бил назначен за учител во Штип бидејќи неговиот престој во Прилеп станал „рискантен“. (Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает (1893 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, 301, 302.)

2 Борис Сарафов, Спомени, И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995, 170, 171.

3 Георги Трајчев, Град Прилеп историскогеографски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 296. Коста Црнушанов – Ради Каранджулов, Никола Каранджулов, Златоврх, Софија 1993, 18.

Еве што пишува еден од најблиските соработници на Никола Каранџулов, Атанас Иванов од Прилеп: „…тој не можел да биде примен поради интригите на некој си учител, скаран со него. Тој ја насскал комисијата да му бара 16 лири.“ (К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 18.)

4 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 18, 19, 20. Брат му на Никола, Ѓорѓи Каранџулов кој бил последна година на студии во Софија, отишол во Ќустендил да провери поради што е исклучен Никола од тамошното училиште. Тој дознал дека нема основани причини за исклучување. Исклучувањето се должело само на тоа што, Никола бил со исклучителна физичка сила и карактер кој не трпи неправда и скратување на слободата од оние кои имаат власт и учителите почнале многу да се плашат од него. Затоа тие дошле до заклучок дека е најдобро да го исклучат и покрај тоа што нема основа за тоа.

5 Исто, 21, 22.

6 Исто, 24. К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 11. Г. Трајчев, Град Прилеп, 297.

7 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 24, 25.

8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 226. К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 10.

9 Г. Трајчев, Град Прилеп, 227, 228. К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 11.

10 Ангел Динев, Илинденска епопеја, книга I, Мисла, Скопје 1987, 81.

11 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 12.

12 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 30, 31.

13 Борис Сарафов, Спомени, 170.

14 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 17.

15 Исто, 18.

16 Исто, 33.

17 Исто, 35.

18 Исто, 19, 34, 35.

19 К. Ц. – Р. К., Никола Каранджулов, 51.

20 Исто.

21 Исто, 51, 52. Ради Каранджулов пренесува подолг цитат за битката од спомените на Петар Ацев.

22 Исто, 53, 54.

23 Исто, 55, 56.

24 Исто, 57.