ОСТАТОЦИ ОД УТВРДЕНА АНТИЧКА НАСЕЛБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШКА ТУМБА“, НА БРЕГОТ НА ЦРНА РЕКА ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ГУДЈАКОВО, ПРИЛЕПСКО

Тука поминал Александар III Македонски во 335 г.п.н.е. при походот на Илирија. Во Мариово до денес опстојува предание за места на кои логорувала војската на Александар при походот на кои имало траги од престојот на војската.

   Селото Гудјаково, Прилепско. кое се наоѓа на околу 30 км југоисточно од Прилеп денес е, речиси, срастено со дивата природа. Во него нема ниту една куќа во која може да престојува човек. За среќа, некако се одржува црквата „Св. Димитрија“ во која има и интересен живопис од 1931 година од зографи од селото Гари, Дебарско. Селото, денес, ретко кој го посетува. Таму се движат, главно, планинари, ловџии, рибари и авантуристи. Нема содветен пат за возило и може да се стигне само пеш. Оставено така во дивината, со простор кој тешко се освојува, големиот број културни остатоци во него го зачудуваат набљудувачот.

Селото Гудјаково – дел од полураспаднатите куќи

Археолзите во атарот на селото Гудјаково регистрирале дури 9 археолошки локалитети.1 Бројот, на таквите локалитети, секако е поголем, Сите се датираат во доцната антика (IV–VI век од н.е.).2 Самиот факт на толку многу локалитети со населби датирани во период од два–три века на релативно мал простор, за нас е тешко прифатлив. Во недостаток на посоодветни информации за културната слика на овој простор и овие објавени во Археолошката карта на Македонија се корисни. Од сите набројани места со остатоци од стара култура, односно, локалитети на кои се наоѓаат траги од стари населби и други културни остатоци најзначаен е локалитетот „Градишка Тумба“, кој се наоѓа на левиот брег на Црна Река, на околу 2 km од селото Гудјаково. Тој претставува повисок рид со топчеста форма, кој на највисокиот дел има плато од неколку стотици m2, кое било утврдено со дебел ѕид од камен, и тоа, во македонскиот период со ѕид од камен без малтер, а во римскиот со ѕид од камен и малтер. Значи, населбата која опстојувала во македонскиот период продолжила со живот и во римскиот, како и во следниот доцноантички период. Лоцирана во близина на култната река, која во античкиот период го носела името Еригон, со исклучителна позиција, која доминира со тој дел од просторот, веројатно имала нагласено значење за тие периоди. Фактот што во тоа време по течението на реката водел и значаен пат за античкиот период упатува на нејзината комуникација со другите делови на тогашниот свет. Токму по овој пат, во 335 г.п.н.е, поминала и војската предводена од Александар III Македонски во походот против Илирите, односно поход за освојување на градот Пелиј во Илирија.3 Веројатно е дека при тој поход бил посетен и овој локалитет, односно утврдената населба на „Градишка Тумба“.4 По течението на Црна Река, локалитети со слични археолошки остатоци, односно утврдени населби има на многу места, зашто комуникацијата по нејзиното течение била особено важна, поврзувајќи го истокот со западот во Македонија. Локациите на кои биле изградени овие населби се слични според многу географски и морфолошки карактеристики. Најголемиот број од овие населби имаат и остатоци од постара култура, како култура од енеолитот, бронзеното и железното време. Тоа упатува на долгиот континуитет на населување на овие места, особено по течението на реката. Всушност, самата река била значајна комуникациска врска уште по постарите периоди и населбите лоцирани покрај неа, од период во период доживувале посебен развој.

Локалитетот „Градишка Тумба“

На површината на локалитетот, „Градишка Тумба“, во рамките на утврдениот дел, како и на падините на ридот се среќаваат разновидни фрагменти од керамички садови, тегули и друг археолошки материјал, а се споменува и тоа дека на него биле пронајдени и монети.5 Во подножјето на ридот „Градишка Тумба“ се наоѓа локалитетот „Црнелица“ на кој, исто така, се наоѓаат остатоци од населба.6 Тоа упатува на констатација дека двата локалитети се дел од иста населба, односно населба со тврдина – отворена населба и акропола. За нас е интересен уште еден факт, односно тоа дека од другата страна на Црна Река, наспроти „Градишка Тумба“ во атарот на селото Врпско се наоѓа локалитет познат како „Аршин Град“. Прашањето е дали двата локалитети егзистирале како населби во исто време, односно, дали се дел од една населба, која егзистирала на двата брега на Црна Река. Доколку е така, треба да се бараат остатоци и од мост кој ги поврзувал двата дела од населбата. Сепак, за потврда или отфрлање на ваквата можност е потребно поангажирано проследување на теренот и добивање на посериозни сознанија. Кога се работи за околината на овој локалитет, интересн е уште еден локалитет од страната на селото Врпско, кој е во блиска воздушна комуникација со него. Тоа е локалитетот „Грамос“, кој се наоѓа повисоко на брегот, на еден рид поп чија должина се среќаваат два долги ѕидови од камен, паралелно, еден крај друг на растојание од неколку метри. Речиси е сигурно дека кутурните остатоци од „Грамос“ упатуваат на остатоци од населба која постоела во исто време со онаа од „Градишка Тумба“. Ваква анализа на материјалната култура на овој простор може да се прави многу повеќе и многу посериозно бидејќи на двете страна на Црна Река, во овој простор има бројни локалитети со остатоци од населби од различни периоди – тргнувајќи од праисторијата. Иако во Археолошката карта на Република Македонија сите локалитети со археолошки остатоци од атарот на Гудјаково се датирани во доцната антика, археологот Иван Микулчиќ појаснува истакнувајќи дека овде имало населба и во класичното хеленистичко време,7 односно времето на развиениот период на македонското кралство, кое својата кулминација ја достигнува со Филип II и неговиот син Александар III Македонски.

Грамади градежен камен – дел од ѕидот на тврдината 4

Еден наод на мермерен споменик со релјеф и натпис кој е пронајден во селото, а не се знае местото од кое е донесен, се датира, исто така, во доцната антика.8 Потоа следуваат локалитети со населби од доцната антика како „Козјаник“, „Папрадишки Рид“, „Писаник“, „Солишка Падина“, „Средна Грамада“, „Трнка – Анови“ и „Црнелица“.9 Веќе споменавме дека последниот локалитет се наоѓа во подножјето на „Градишка Тумба“ и може да се смета дека двете населувања биле во извесна врска.

Питос во една од полураспаднатите куќи во селото

Од раскажувањата на поранешни жители на сега запустеното село Гудјаково, се знае дека на повеќе локалитети околу селото при разни активности се пронајдени голем број керамички садови со големи димензии – питоси, а исто така се говори дека на многу од локалитетите се наоѓаат и монети. Овој крај кој денес е сосема напуштен, го посетуваат главно ловџии и и диви „археолози“, често наоѓајќи за нас непознати археолошки предмети кои би можеле да бидат драгоцени за археолошката наука и за расветлувањето на историјата на населувањето на овој крај.

 

[1] Археолошка карта на Република Македонија.

2 Исто.

3 Аријан, Александрова војна (Анабаза), Матица хрватска, Загреб 1952, 24.

4  Во Мариово до денес останало едно предание, кое говори за извесно поминување низ оваа област на војската на Александар Македонски, при што се посочуваат и места на кои таа логорувала и на кои и денес има траги од престојот на војската.

5 Археолошка карта на Република Македонија.

6 Исто.

7 Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза – од егејске сеобе до Августа, Археолошко друштво на Југославија – Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1966 , 71.

8 Археолошка карта…

9 Исто.

ОД АМБИЕНТОТ