УБИСТВОТО НА БЕГОТ ЧАЧАНО ВО СЕЛОТО БОНЧЕ
(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)
При крајот на 19-от век, за време на Јанинската војна во 1897 година меѓу Грција и Турција голем број христијани Македонци биле регрутирани од турската воена власт за помош на воените турски комори со нивните запрежни возила. Од селото Марул имало неколку учесници во турската воена комора, а тие биле следниве: Велјан Гулабоски, Ристе Гулабоски, Илија Јанкоски, Тале Јованоски, Трајан Колески, Ризо Танески и Цветко Џелиноски. Меѓу марулците бил и бончанецот Трајко Танески. Крајот на таа војна е познат. Меѓународната воена комисија открила дека во грчката армија имало германски офицери поради што Грција е казнета со одземање на сите територии заземени за време на војната и нивно приклучување назад кон Отоманската империја.

По склучувањето на мирот марулската комора се вратила во селото, повеќето учесници во неа биле разболени од настинка, а со нив во селото дошол и бончанецот Трајко Танески кој со себе понесол и шест пушки од најновиот модел на „берданка“. Пет од пушките Трајко Танески му ги подарил на Толе Паша, а една задржал за себе.
Следното лето насилниот бег од селото Бонче, по име Чачано, силум ја грабнал убавата мома, бончанката Неда Маркоска и ја однел во неговата кула за да му биде слугинка. По ова гнасно дело на бегот Чачано дошло до силна реакција, како од страна на семејството Марковци, така и од целото село Бонче. Бончани се организирале и решиле во секој случај да ја извадат младата мома Неда Маркоска од ропството кај бегот. Бончани знаеле дека Трајко Танески има прецизна пушка и е еден од најхрабрите меѓу нив и го повикале на помош. Во тоа време Трајко бил разболен од пролив (дијареа) и имал висока температура. Бончани го молеле за помош и тој, иако болен, не можејќи да го поднесе плачењето и молењето, решил да им помогне на своите соселани. Поради високата температура и проливот Трајко се соблекол гол, облекол една волнена сакма, ја зел својата пушка – берданка и отишол кај кулата на бегот Чачано. Поставиле скала на задните прозорци од Чачановата кула. присутните селани ја држеле скалата, а Трајко иако болен, храбро се качил по неа. Качувајќи се по скалата Трајко не можел да се воздржи од проливот, а тие долу, наметнати и завиткани во своите сакми, го храбреле во подвигот: „Трајко, ти само качувај се, ти што пушташ на нас ќе се испере и нее гнасно како тоа што го стори тој во кулата, тоа е гнасно и ние само да ја спасиме Неда и селото од понижување.“ Трајко се качил по скалата до прозорците и ја видел Неда кај плаче во кулата, а бегот Чачано поднапиен ѝ покажувал на Неда една низа со златници. Трајко ја зел пушката и преку прозорецот нанишанил на бегот Чачано, тргнал и го погодил право во челото. Бегот паднал мртов на самото место. Откако го слушнале истрелот од пушката стражарите во кулата се разбегале. Истото го направиле и придружниците на Трајко кои ја држеле скалата. Тие, исто така, се исплашиле и го оставиле Трајко сам. Трајко се подналутил и рекол: „Ах, и за вас требаше по едеи куршум.“

Трајко Танески ја ослободил Неда од кулата на бегот и ја однесол дома кај Марковци. Заради неговата храброст и прецизноста во гаѓањето со пушката бончани го фалеле Трајко Танески и му велеле: „Браво, бре Трајко, гаѓаш прецизно како топ.“ Оттогаш Трајко си го добил прекарот Топчија. Овој прекар се пренесол на поколението на Трајко се до денес и неговите потомци се познати како Топчиовци. Така се познати неговиот син Петре Топчија, неговиот внук од син Ордан Топчија, како и помладите од истото поколение.
Откако се разбегале исплашените стражари од кулата на бегот Чачано отишле во уќуматот во Прилеп и јавиле дека во Бонче комитите ја нападнале кулата на бегот Чачано и дека бегот е убиен. За кратко време од Прилеп стигнала турска коњица, а селото било сардисано од пешадија на турскиот аскер. Така, во целосно блокираното село турската власт ги барала виновниците за убиството на бегот Чачано. Сите членови од машки пол од семејството Таневци, како Трајко, Андон, Спиро и Тале во тој кризен момент се скриле в шума, односно, отишле комити каде останале сѐ додека не се смирила ситуацијата. Некој ги подучил бончани и тие направиле поплака до италијанскиот конзулат во Битола и додека селото било сардисано во селото Бонче дошол Италијанскиот конзул и сѐ завршило со дипломатија, без малтретирање на мирното население.

По извесно време, откако ситуацијата се смирила засолнетите Танески мажи Трајко, Андон, Спиро, Тале и другите бончани замешани во настанот со убиството на бегот Чачано се вратиле во Бонче. Тројцата од браќата Таневци, Андон, Спиро и Тале се иселиле во Прилеп, додека Трајко останал и понатаму да живее во Бонче. По овој настан турската власт ја загубила вербата во Бонче како мирно село, било сметано како комитско и често било сардисувано и претресувано од турскиот аскер.
При едно сардисување на Бонче во еден јунски ден (годината не е позната) откако селото било претресено и не било пронајдено ништо, по повлекувањето на аскерот на зборното место под селото кај кладенецот Долник, низ селото заскитале двајца (според други кажувања тројца) војници. Тие дошле во дворот на Јаневци и побарале биено сирење, но не добиле зашто во куќата немало возрасен човек. Турските војници го напуштиле дворот на Јаневци незадоволни и налутени. Заминале кон реката и таму забележале неколку жени од селото кои переле алишта.

Војниците отишле кај нив и почнале на перачките да им дофрлаат непристојни зборови. Перачките се налутиле и остро им возвратиле дека не треба да имаат со нив никакви расправии. „Ако ги барате комитите тие не се овде каде што переме, одете барајте ги во планината“ – им рекле жените. Со својата храброст посебно се истакнала Елена Куклароска – Јованица, родум бончанка. Ваквата реакција на жените ги разлутила Турците и кога во тој момент, околу 11 часот претпладнето, враќајќи се од орање тука поминал Јане Јанески тие го застанале и почнале да го навредуваат. „Ти, анасана, доаѓаш откај комитите“ – му велеле. Јане почнал да се правда дека не е никаков комита, туку се враќа од работа, односно, од орање. Војниците не попуштале и почнале да го тепаат. Јане бил болникав човек, не можел да се брани и почнал да вика за помош. Во тој момент брат му Марко, кој дома имал заклано јагне и го дерел, го слушнал гласот на брата си Јанета и така окрвавен од јагнето излегол да види што се случува. Забележувајќи дека го тепаат Јанета отишол и зел да го брани. Започнала тепачка меѓу браќата и турските војници. Достасале и жените перачки со пиралките в раце и зеле да маваат со нив по војниците за да им помогнат на двајцата браќа Јане и Марко Јанески. Едниот од Турците што се тепал со Јанета, жените го собориле со пиралките на земја и го турнале во бучалата во реката за да изгледа како да се удавил. Другиот турски војник се борел со Марко околу пушката која зеле да си ја откинуваат и така зафатиле нагоре по реката, накај местото Бањите. Во тој момент снаата на Дојчина, Бојана, одела на вода и дошла да му помогне на Марко. Се појавил и 80-годишниот Дојчин и им свикал на Марко и Бојана: „А бре, што сторивте, селото ќе го запалат, пуштете го!“ Во истиот момент од тргањето на Марко и Турчинот се скршил кундакот од пушката, војникот се исплашил, ја оставил пушката и побегнал преку местото Калуѓерица. Отишол кај аскерот, кај кладенецот во Долник, му јавил на аскерот дека комитите се во селото и дека неговиот другар веќе го отепале.

Паднала наредба и аскерот го сардисал селото Бонче. Отишле на реката, на местото на тепачката и го нашле отепаниот војник фрлен во бучалата. Се дала турска потера по комитите во селото Бонче. На аскерот налетал Диме Тантушоски и го отепале. Други луѓе во селото не нашле и зеле да ги бараат комитите по полето бидејќи сметале дека од нив е убиен нивниот војник. Нашле аргати по високите места Чашица и Слива, каде што се жнеело. Жетварите немале појма што се случило долу во селото. Аскерот ги зел на нишан аргатите и имало многумина отепано од аргатите на Божиновци, Пејовци и други бончани. Меѓу другите биле убиени Стојко Пејоски и Трајко Божиноски. Со Трајко Божиноски било и неговото внуче од син кое Турците го поштедиле.


По овој немил и крвав настан стигнало правдата да се бара и на суд кај валијата во Битола. Бончани повеќе пати биле повикувани на суд и таму жените перачки постојано го тврделе истото дека настанот бил предизвикуван од турските војници кои ги задевале и навредувале жените кои переле на реката. Жените биле заштитувани од италијанскиот конзулат во Битола. Овој конзулат на жените бончанки, кои биле повикувани на суд, им обезбедувал бесплатен превоз со пајтон во двата правци и заштита на нивниот живот по патот. Судењето завршило со пораз на турските војници пред обвинувањата на жените перачки.

Марко Јанески на денот на тепачката со турските војници заминал и не се вратил префрлувајќи ја на тој начин целата вина врз себе. Марко заминал комита и комитувал сѐ до Младотурската револуција во 1908 година кога била дадена амнестија за политичките работи, но не и за извршени убиства. Откако разбрале Турците дека Марко се вратил во селото, по извесно време дошле во Бонче турски заптии, го фатиле Марко, го сослушале, го претепале до смрт, го фрлиле на улица и си заминале, но притоа се повратиле уште еднаш за да се уверат дали е мртов, а ако не е да го доотепаат. Заптиите се увериле дека комитата Марко Јанески е мртов и заминале.
Домашните на Марко, Јаневци си го зеле Марко и го однесле дома и, за среќа, тој дал знак дека сѐ уште е жив. Насобрале овчки кожи и неговото тело го завиткале во нив. Така на Марко му се вратила свеста, но уште долго лежел во кожите. Откако малку оздравел почнал да се движи и, за чудо, турските власти го оставиле на мир и повеќе не го гонеле. Марко Јанески починал на 80-годишна возраст во 1939 година.

Откако Трајко Танески го убил бонечкиот бег Чачано во неговата кула неговите соучесници, тројцата браќа Таневци, Трајкови деленици, Андон, Спиро и Тале нашле засолниште кај нивната сестра Јана во Чумово, која била мажена во ова село за Трипун Велкоски – Џингоски. За да не бидат забележани и откриени од турските власти, тројцата браќа Таневци со согласност на селскиот комитет од Чумово откај нивната сестра Јана биле скриени во селската скривница на Организацијата која се наоѓала во пондилата на Боше Бошески – Писокалецот, која имала врата за излегување зад куќата во реката.

Танеските браќа биле засолнати во скривницата во Чумово извесно време, додека не се потсмирила напнатата ситуација, а потоа ја напуштиле скривницата и се вратиле во Бонче. По кратко живеење во Бонче браќата Андон, Спиро и Тале со своите семејства се преселиле во Прилеп заради нивна безбедност и безбедноста на нивните семејства. Нешто подоцна нивниот зет Трипун Велкоски заедно со уште двајца негови соселани, чумовчани, Митре Бошески – Писокалецот и Петре Чукалески ги оставиле своите семејства во Чумово и заминале на печалба во далечната Америка. Митре Бошески – Писокалецот не спечалил пари и се вратил назад останувајќи им борчлија на домаќинките кои го примиле во Америка. Така било тогаш во Америка. Гостите кои пристигнувале со параходот ги пречекувале, ги сместувале, туширале и преслекувале заборчувајќи ги со по пет долари кои требало да ги вратат откако ќе најдат работа. Митре Бошески не нашол работа, било кризно време, а го фатил и страв од мафијата која владеела по градовите во Америка. Штом ќе се стемнело мафијата стапувала во акција и во утринските часови по улиците се гледале многу убиени луѓе. Тоа нешто Митре Бошески го немал видено ниту во Отоманска Турција. Поради ваквите глетки и случувања Митре почнал сѐ почесто да мисли на своите домашни и на родниот крај, испратил писмо, му го платиле патот и се вратил дома. Бидејќи билетот бил приватен американските власти не го провериле дали некому во Америка е должен. По враќањето од Америка Митре Бошески си продолжува со стариот овчарски занает. Од повеќе причини неговото здравје попуштило. Имал психички проблеми и намален слух. За тоа придонесло палењето на селото Чумово од страна на роднините на Катиљ Шериф и напагачите турски разбојници кои паднале во рацете на Толепашовци (четата на Толе Паша), кои случајно налетале на Митре Бошески кај местото Само Дрво каде ги пасел овците, го забрале и го натерале да копа гроб за двајцата разбојници во местото Волкојца. За исчезнувањето на тие двајца турски качаци турските власти ги осудиле чумовчани, а меѓу осудените бил и дедо Митре Бошески – Писокалецот.

Турските власти осудените чумовчани ги обесиле на една селска круша и три дена ги држеле обесени надолу со главите. Притоа толку ги тепале што им течела крв преку кошулите, кошулите им се лепеле за телата од жешкото сонце, а биле потурувани со матеница за да се собираат мувите на нив и на тој начин да изнудат признание за исчезнатите комити. Чумовчани не признале ништо.
Во почетокот на 1914 година Митре Бошески останал вдовец со три деца сираци бидејќи му умрела неговата жена Менка, која како мома била од семејството Дојковци од Прилепец. Во 1918 година Митре се преженил за Неда Јанческа од Орле. Слухот му бил намален од грмењето на оружјето на фронтот во Првата светска војна. Исто така, Митре бил многу малтретиран и во 1930 година од страна на тогашните српски контролори против слободното пушење тутун. Од ваквите малтретирања му попуштил нервниот систем за вршење на мала нужда и, како што кажуваат чумовчани, ноќно време Митре постојано викал и го нудел: „Ајде што чекаш ут еден? – Да не сакаш прилепчани светла да ти запалат и со карта да те поканат?“ Митре Бошески – Писокалецот живееше 85 години и умре во ноември 1957 година во Чумово.

Подоцна од Америка се вратил и вториот печалбар од Чумово, Петре Чукалески. Тој со себе донесол и нешто спечалени пари, направил куќа и купил чифлиг во селото Чумово. Умре во длабока старост во педесетите години на дваесетиот век. Третиот печалбар од Чумово, Трипун Велкоски, се вратил од Америка по убиството на полјакот Катиљ Шериф.

Кога турските разбојници трновчани, роднини и пријатели на Катиљ Шериф извршиле напад на селото Чумово и го запалиле селото за одмазда за убиениот Катиљ Шериф, тие извршиле и силување над некои селски жени. Една од силуваните жени била и Јана Трипуница, жената на Трипун Велкоски, сестра на Танеските браќа од Бонче. Од силувањето Јана Трипуница забременила. За несаканиот настан таа му раскажала преку писмо на својот маж Трипун Велкоски, кој во тоа време се наоѓал во Америка. По кратко време Трипун се вратил од печалба и си дошол во своето село Чумово за да и поможи на својата жена Јана во настанатата ситуација. Во тоа време во нашите краеви немало некоја медицинска помош и Трипун како иапреден и интелигентен човек, имајќи разбирање за несреќата која ја снашла негрвата жена, не сакал да ризикува носејќи ја по надрилекари и дозволил плодот да биде износен до раѓањето. Инаку, Трипун бил сираче без татко и како мал со мајка си бил дојден откај Карабелевци од Подмол кај Џинговци во Чумово. Неговата жена се породила и родила девојче кое го крстиле Таса. За тоа што ѝ се случило на неговата жена Трипун никогаш не ја навредил, но Јана самата се понижувала и навредувала слушајќи непристојни и навредливи дофрлања од селските жени при средбите со нив во селото. Јана ги чувствувала тие дофрлања според народната африканска поговорка, „Жените се исто како хиените, многу се храбри да ѝ ги покажат острите заби и силните вилици иа ранетата антилопа“.

По враќањето од Америка Трипун Велкоски покажал доста запечалени пари бидејќи таму работел и по три смени. Купил голем и убав чифлиг со земја во Чумово, направил голема куќа, а имал и резерва од „живи“ пари. Со неговиот карактер и морал Трипун станал угледен и чесен домаќин, терал големо земјоделие. Вонбрачно роденото дете Таса не го смалило неговиот углед, таа растела весело како со свој биолошки татко. Откако пораснала Таса, како девојка се разболела од маларија и по кратко боледување умрела. По нејзината смрт мајка ѝ Јана уште повеќе се јадосала, не можела да се контролилра психички и самата си го одзела животот, се отрула и оставила четири сирачиња кои ги имала со Трипун. Не дочекала да ја види својата ќерка Васка невеста кога во 1921 година се омажила за Славе Бошески – Писокалецот во Чумово. Животот морал да тече и понатаму и Трипун се преженил за вдовицата Доста, Мариовка од Рапеш. Таа на Трипун му родила ќерка со име Риза, врсничка и најдобра другарка на мајка ми Неда Писокалска.


Во 1934 година Трипун Велкоски го фатила голема несреќа. Му умрел најстариот син Ордан и му оставил четири внучиња сирачиња. Во 1948 повторно му се случила трагедија. Му умрела снаата Сотирица и му оставила осум деца сирачиња. Дошла колективизацијата и чифлизите на Петре Чукалески и Трипун Велкоски станале народен имот. Подоцна нивните внуци добиваат државна работа и земјата ја оставаат на државата. Во шеесетите години на минатиот век внук му на Трипун Велкоски, Ило, од неговиот син Ордан се преселил во Прилеп заедно со својот дедо. Дедо Трипун Велкоски си умре во длабока старост, близу сто години, 1967 година во Прилеп. Внукот на Петре Чукалески, Киро Чукале – Петрески влезе директор во „Зем – промет” во седумдесеттите години на минатиот век и направи големи земјоделски парцели од земјата на некогашните печалбари во Америка од Чумово, Трипун Велкоски и Петре Чукале.
Запишаното е комбинирано од раскажувачите:
- Ордан Трајкоски – Топчија од Бонче, виук на Трајко Танески
- Китан Трајкоски – Топчија од Бонче, син на Ордан
- Јован Јанески од Бонче, внук од синиа Марко Јанески
- Вангел Јовчески од Марул, внук од син на Велјан Гулабоски.
- Неда Митрева Бошеска – Писокалска (мајка ми) од Марул
- Повеќемина чумовчани