ВИСОКА КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО, КУЛТЕН ВРВ И ЦЕНТАР НА СТАРОТО ПЕЛАГОНСКО КРАЛСТВО

Врвот Висока, е расположен на Селечка Планина, меѓу двете македонски области, Мариово и Пелагонија. Со надморска височина од 1472 м, тој доминира над двете области, а со својата фасцинантна форма на остра капа насочена кон небото, силно го привлекува вниманието. Неговиот божествен изглед одамна бил забележан, веројатно уште во подлабоката историја, односно праисторијата, па денес на самиот врв среќаваме остатоци од монументална градба,1 со киклопски димензии на камените блокови, која според археолозите, потекнува од македонскиот период, 4 век пр. н.е. Иако засега нема соодветна аргументација, расположливите археолошки остатоци од овој локалитет наведуваат на претпоставки дека се работи за објект од престижно значење, со своевидна централна улога во определен период од животот и развојот во овој простор, па затоа се изнесуваат претпоставки и констатации дека се работи за кралски дворец, односно за кралско седиште на пелагонските кралеви. Во тој период и по него, на врвот се развила поголема населба, со утврден простор од 2–3 ха и голем број градби во тврдината, чии остатоци можат да се забележат и денес.

Висока од север
Висока од север

Самиот врв претставува голема остра карпа, со помали зарамнети делови на самиот врв, на кои можат да се сретнат и извесни симболи од култно–религиска природа. На еден од највисоките делови на остриот карпест врв, се среќава правоаголно израмнет дел од со издлабен крст во средината, а слично обработени делови можат да се забележат и на други делови од врвот. Наша претпоставка е дека самиот врв бил сметан како седиште на одредени божества во чија чест биле поставувани соодветни елементи и прилози. Сосема е веројатно дека врвот го красел предмет од култно–религиска природа (можеби и извесна скулптура на божество) уште во далечното претхристијанско време, а најмалку во македонскиот период, кога просторот околу врвот располагал со населба, за која се препоставува дека бил бараниот центар на старото племе на Пелагонците,2 чие кралство е потврдено преку археолошки и историски документи. Во периодот на христијанството, врвот продолжил активно да биде населуван, односно, античката населба продолжила да опстојува и да се развива, а со тоа и култно–религиските активности.

Влез со скали во монументалниот објект

Асоцијација на таквите активности буди и едно старо предание, кое се раскажува меѓу жителите на околните села, дека некаде под врвот постоел длабок бунар, кој денес бил исполнет со камења, дрва и земја и кој бил длабок четириесетина метри (според некои 33 м). Постоењето на слични бунари, познати како ботроси, кои служеле за култна намена е потврдено, а слични појави има во голем број цркви и манастири и денес. Ваквите објекти се предмет на верување и во нив се фрлаат парички и предмети од вредност, придружени со разновидни желби од верниците.

Највисоката карпа на врвот Висока

Археолозите овој врв го поврзуваат со раширениот култ во античко време во Македонија поврзан со божествените близнаци, синови на Ѕевс и Леда, Кастор и Полидевк.3

 

1 Градбата ја откри авторот на овој труд во 2002 година. Види: Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, Растер ком, Прилеп 2002, 140 – 143.

2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 140 – 143. Древна Пелагонија I, КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Прилеп – Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 15 и 16. Виктор Лилчиќ, Диоскурите …, 66

3 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство, број 28, Скопје 2006, 63 – 67.