МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ПЕРЕ ТОШЕВ И НЕГОВАТА НЕОСТВАРЕНА ЖЕЛБА ДА СЕ ВРАТИ НА СВОЈОТ ОМИЛЕН ИМОТ ВО СЕЛОТО ЖИТОЛУБ, КАВАДАРЕЧКО
По повод 108 години од загинувањето
Иако има напишано повеќе историски текстови посветени на ликот и делото на македонскиот револуционер Пере Тошев, се чини дека, сепак, има уште многу недоосветлени моменти од неговиот живот и неговото револуционерно дело. Додека Ѓорче Петров за своето животно и револуционерно патешествие оставил спомени, кои се отпечатени во книга,1 Пере Тошев, не оставил такви спомени.2 Воопшто, за овој неспорен великан на македонската борба за слобода, еден од врвните функционери на македонската револуционерна организација, нема многу документи за следење на неговата богата активност на целата македонска почва.3
Според информациите од определени автори, Пере Тошев е еден од зачетниците на идејата за организирана македонска револуционерна борба и формирање Македонска револуционерна организација. Неговите роднински врски и контакти со предилинденските борци против ропството, неправдата и злосторствата го доближиле до ваквата идеја и тој започнал со активности за нејзиното инцирање кај другите напредни дејци во Македонија. Еве што вели за тоа во своите спомени неговиот содружник и соборец од младите години, Ѓорче Петров: „Летото (1984 г., з.м.) беше станало првото востаничко движење во Македонија, предвесник на соединението. На чело на движењето беше застанал Калмуков. Целата компанија бевме вовлечени во ова движење. Како ученици дотогаш во нас не бече влегла мисла за револуционерна организација за ослободување на Македонија. Во годината 1981 беше станало комитско движење во Прилеп и ние живо се интересувавме за тоа, макар и деца, а Пере Тошев беше во врска со тие комити, но тоа немаше последици за нас.“4
Пере Тошев, уште како дете, бил соочен со организациски дејности на негови постари роднини. Така, поп Аврамија – еден од организаторите за ликвидирање на големиот злосторник Чучук Сулејман, кој правел тешки зулуми во Прилепско, му бил зет за сестра, а Алекса Кепев кој загинал во куќата на Кондовци при битката на четворицата комити на чело со војводата Диме Чакре, му бил вујко.5 За време на оваа крвава битка, која силно ги вознемирила прилепчани за време на великденските празници во 1981 година, Пере Тошев, тогаш на 16 години, бил во куќата на неговиот зет за сестра, поп Аврамија, која била блиску до куќата на Кондовци и оттаму, го следел страшниот настан.6
Следните години, поточно во 1883 година, Пере Тошев бил главен активист во неговиот кружок на млади прилепчани, кои се здружиле за организирање на отпор против турското ропство и организирање борба за ослободување на Македонија и македонскиот народ.7 Тогаш, веќе ученик во гимназијата во Солун, го среќаваме како организатор на контакти за убедување на четата на познатиот војвода од Прилеп, Димо Дедото, да прифати организиран пристап во борбата за социјално и национално ослободување. За време на летниот распуст таа, 1883 година, тој организирал средба со споменатиот војвода и неговата чета во атарот на блиското село Селце. Преку јатакот на ова чета во селото Селце, Коне, тие договариле средбата да се направи во месноста „Врапчалник“,8 која е помал карпест рид од северната страна на селото. На средбата, младите револуционери, меѓу кои, покрај Пере Тошев, биле Јордан х.Јовков, Јоско Кусевски и други прилепски младинци, долго го убедувале војводата Димо Дедото во нивните идеи и успеале да го наговорат за соработка. Така е договорена заедничка акција на ограбување, во која Солунските гимназијалци од Прилеп, кои требало да бидат „жртви“ на грабеж. Инсценираниот грабеж, по договор, било решено да се изврши кај варниците на селото Тројаци, кога учениците ќе заминуваат за Солун за да продолжат со учењето по летниот распуст. Тоа се случувало во крајот на август, а со учениците за Солун ги испраќале парите и прилепските трговци. Со инсценираниот напад учениците биле „ограбени“ и биле собрани 900 турски лири, чорапи, крпи, храна и сл. За грабежот да биде поубедлив, по претходен договор, Пере Тошев и Х. Јовков биле врзани со јажиња за да ги одведат во шумата. На тоа, упорно, со молби се обратил до комитите коларот Диме Главев и тие биле пуштени.9 По извесно време се дознало за договорот меѓу учениците и четата, па Пере Тошев и Х. Јовков требало да потпишат документ за парите одземени од трговците за да не бидат пријавени кај власта. Се согласиле документот да го потпишат близу „Бехчинар“ во Солун, а учениците биле договорени, кога ќе дојде моментот за потпишување, учениците да им се нафрлат на трговците и да ги удават во морето, но по некој случаен настан не дошло до тоа.10 Така завршила оваа смела акција на младите револуционери од Прилеп, кои со добиените средства планирале развој на револуцинерната борба.
Погореопишаните настани се раните почетоци на развојот на револуционерниот лик на Пере Тошев, кој набрзо по настанот со четата на Димо Дедото, незадоволен од условите во гимназијата во Солун, особено од карактерот и постапките на актуелниот директор, кренал бунт во оваа образовна установа и бил исклучен од неа.11 Поради тоа, а за да продолжи со образованието, Тошев бил приморан да замине за Пловдив, каде повторно се поврзал со напредните младинци во областа и се појавува како главен сподвижник и организатор. Според пишувањето на неговиот потомок Светозар Тошев, по негова иницијатива бил формиран таен револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско во кој влегле десетина лица од Асеновград и околните места.12 Во 1885 година, Пере Тошев е активно вклучен во Српско-бугарската војна, притоа е ранет и награден со орден за храброст.13
Во својата подоцнежна револуционерна дејност, тој воспоставил тесни врски со руски напредни емигранти, се запознал со напредна руска литература и се повеќе е убеден во идејата дека целиот свој живот треба да го посвети на бескомпромисна борба за ослободување на својот народ. Со ненематлив, но цврст карактер, тој е во постојани активности за формирање на организирана револуционерна борба и контактира со напредните македонски сили, како во Македонија, така и во Бугарија. Постојано е во обиколка на места низ Македонија, контактирајќи со напредни млади сили со идеја да формира соодветна револуционерна организација за ослободување на Македонија. Во 1889 година Ѓорче Петров добил писмо од Тошев со кое го убедува да се состанат и да започнат со подготовки за формирање на организација за ослободување.14 Неговиот решителен и цврст карактер, заснован на цврсти принципи го следи целиот негов живот и, иако никогаш не се наметнувал за водач, секогаш цврсто застанувал на договорените активности и никако не дозволувал отстапки. Негови воспитаници биле и поголем број подоцнежни добри организатори и борци, како што се Лечо Настев – Церовски, Манол Розов, Лазар Поп-Трајков, Велјан Илиев и други.15 За време на неговото учителствување во Битола, тој располагал со билиотеката и преку одбрана литература влијаел на развојот на револуционерата идеја кај учениците. На таков начин, тој формирал револуционерен кружок во гимназијата, како и други кружоци во градот. Успехот во таквата организациона работа го охрабрило и со Даме Груев ја шират мрежата на кружоци во околните села и во градовите Ресен, Прилеп,Охрид, Кичево и на други места во Битолкиот округ. Како претседател на Окружниот комитет, тој стекнал голем број блиски соработници со револуционерни идеи, како што се Ѓорче Петров, Глигор Попев, Георги Пешков, Анастас Лозанчев и др.16 Во следниот период постојано работи на зајакнување на Организацијата, па иако не е еден од формирачите на Македонската револуционерна организација од 1893 година, тој се наметнува како еден од врвните и бескомпромисни борци и револуционери. Некои автори го нарекуваат „Совеста на Организацијата“,17 други се восхитени од неговиот исклучителен карактер и принципиелност, како и од интелектуалниот капацитет, посветеноста и нескршливиот дух. Повеќето го ставаат во редот на врвните револуционери и борци за ослободување на Македонија и македонскиот народ. Неговото присуство во врвните тела на Организацијата било од исклучителна важност и ја довело до зајакнување и опфаќање на целата територија на Македонија, како и Одринско.
Со одлуката за кревање на востанието тој бил на став сличен со оној на неговите најблиски соработници и другари, какви што се Гоце Делчев, Ѓорче Петров и други, па за време на востанието се повлекува во Прилеп и го среќаваме во четата на Петре Ацев.18 Не сакајќи да се дели од судбината на својот народ, тој зема учество во Илинденското востание како раководител во Прилепско и го среќаваме во битката за ослободување на селото Витолиште во Мариово.19
Тоа што потекнува од богато прилепско семејство само ја увеличува револуционерна фигура жртвата за Македонија на Пере Тошев. Пред крајот на неговиот живот, поради своите ставови и идеи за револуционерната борба и за ставовите поврзани со неговата родна земја Македонија, тој бил проследуван, затворан и малтретиран од бугарските власти, долго испитуван и психички исцрпуван. Судирот со бугарските власти бил, речиси, постојан последните десетина години од неговиот живот и престој во Бугарија. За негативниот и репресирачки однос кон него големиот револуционер оставил и самиот сведоштво. Во едно писмо до својот пријател Ташко од 1907 година, тој вака го опишува еден од тешките настани, кои ги преживеал со репресијата од бугарските власти: „Десет дена ме држеа затворен, ме испитаа и бев ослободен од иследникот и јавниот обвинител, но градоначалникот ме стави под строг, полициски надзор – трипати на ден да се јавувам. По три дена пак ме затворија и останав да лежам. На десеттиот ден, ноќта, јавниот обвинител го посети затворот и кога ме најде таму го искажа своето чудење дека не сум слободен, но вети дека ќе го разгледа моето прашање. На другиот ден бев повикан кај иследникот и ослободен од јавниот обвинител без секаков распит. После 24 часа, пак ме затворија и ми соопштија дека ќе ме интернираат, но да си одберам некој град покрај Дунав. Откако им побарав да ми ја отворат границата за Македонија, а не за Дунав, ме ослободија …“20 Пере тошев, како и другите врвни македонски револуционери, веќе ја насетувал, па и знаел за поделба и раскунувањето на македонското ткиво од страна на непријателските пропаганди на соседните земји и неговото разочарување уште повеќе се зголемило, а се влошила и неговата здравствена физичка и психичка состојба. Во 1911 и 1912 година, неговиот однос со власта во Бугарија останал непроменет. Во 1912 година, пред заминувањето за Македонија, повторно го среќаваме во затвор. „Убиен духовно поради претстојната поделба на Македонија и сакајќи да се најде во својата земја решава да дојде во Македонија. Тој веќе ја гледал Македонија поделена од новите поробувачи“21 Повторно проследуван, ставан под надзор и затворан, тој почнал да копнее во својата родна грутка Македонија и започнал активности за враќање дома. Со влошена здравствена состојба, откако набавил пасош на туѓо име, големиот револуцинер тргнал за Македонија. Од достапните документи не е познато на чие име гласел пасошот, но постарите автори кои пишуваат за неговиот живот и неговото дело сметаат дека Турците уште во Софија знаеле дека пасошот е наменет за Пере Тошев. Всушност, неговото предавство било извршено уште во Софија, од страна на врховистите. Кога му бил издаден пасошот едниот крај од последниот лист бил нагорен“.22 Другарите кои го испраќале на железничката станица го забележале листот од пасошот кој бил нагорен со цигара и го убедувале да се откаже од патувањето, но Пере веќе бил цврсто решен да замине по секоја цена и тргнал за Македонија.23 „За мене нема поголема среќа од тоа, да си ги оставам коските во родната земја“ – истакнувал Тошев. Преку Пирот, Ниш, Лесковац, Скопје и Велес, на 4 мај 1912 година слегол на железничката станица во Градско. Веднаш се упатил кај својот близок другар Спиро Кондов од Прилеп, кој работел на железничката станица во Градско како претставник на трговците од Прилеп за да ја прима стоката која доаѓала од Солун. Спиро Кондов го убедувал тој дена да остане на гости кај него и да продолжи следниот ден, но не успеал да го убеди во тоа. Тој настојувал веднаш да продолжи со патот.24 Попладнето, истиот ден, Пере тргнал по патот за селото Фариш придружен од еден кираџија, Иван Тевов од селото Мрзен. Имал намера да оди на својот имот во Фариш, односно во Житолуб,25 кое се наоѓа на мало растојание северозападно од него. Според пишаните текстови, Пере Тошев бил следен од турската полиција уште од Прешево, односно го следел турски офицер, кој вршел и проверка на документите во возот. Откако тој утврдил дека се работи за Пере, му определил двајца турски полицајци во цивилна облека за да го следат, а ним им се приклучил уште еден џандар од Градско до местото на убиството. Всушност, тие тројца се и извршителите на грозоморниот чин и убиството на Пере Тошев и неговиот придружник.26 Споре извесни кажувања, Турците имале поставено заседи уште на три места, и тоа, во Извор и Подлес, Велешко, како и во Мрзен Ореовец, Квадаречко.27 Двајцата патници биле пречекани кај една воденица во Дреновската клисура, најпрво биле ранети, а потоа внесени во воденицата во која воденичар бил еден Турчин од селото Дреново. Во воденицата двајцата биле мачени на најѕверски начин. Ги боделе со ножеви, им сечеле делови од телото и биле убиени на најѕверски начин. На Тошев, со неговиот појас, му биле врзани двете раце одзади. Кираџијата имал пресечени делови од левата рака, како и два-три прста, а телото изрешетано со 15 куршими.28 Пере бил ранет со еден куршум во слабините, а потоа мачен и предизвикуван да зборува, но не изустил ниту збор. Останал „Тврд како камен и нем како сфинга“ – нагласува неговиот пријател и соборец Анастас Лозанчев во неговите спомени.29 Убијците, телата на убиените ги закопале плитко на местото на настанот. По два дена по телото на Тошев дошле на местото неговите роднини Спиро и Коца Тошеви, Фана и Паца и го откопале мртвото тело сакајќи да го однесат во Прилеп за погребување. Во тоа ги спречиле Турците, односно вооружени полицајци од станицата во Дреново. Во присуство на турските полицајци, роднинте на Тошев го закопале неговото тело во дворот на црквата во селото Фариш.30 На тој начин, големата желба на Тошев да стигне до неговиот имот во Житолуб не била остварена, односно, била спречен од предавниците и извршителите на грозното убиство. Според изворите и сведочењата на современици, убиството било извршено по налог на Младотурскиот комитет, и тоа на многу суров начин, со сечење на парчиња,31 кому му попречеле неговиот ставови и револуционерната активност. Веројатно е дека оттогаш почнал да пропаѓа и имотот на Тошеви во Житолуб, Денешните жители на селото Фариш и денес го знаат местото на кое се наоѓале градбите од имотот во малото село Житолуб, во кое живееле неколку семејства. Освен Тошевци, тука биле присутни и куќи на Аполовци и други семејтва, кои подоцна се преселиле во Фариш, Прилеп или на други места. Денес за ова место сведочи зачуваната Житолупска чешма, остатоци од градбите, од гробиштата друго.
Настанот со смртта на Пере Тошев и неговиот придружник брзо оддекнал низ Прилепско и Тиквешко. Всушност, најпрво се разбрало во Тиквешко, а во Прилеп веста стигнала следниот ден. Во училиштата во Прилеп бил прогласен и ден на жалост.32 Долго потоа во Прилепско и Тиквешко се расправало за грозоморниот чин, како и за значењето на овој врвен македонски револуционер и апостол на македонскиот народ.
1 Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ – Скопје, Скопје 1950.
2 Љубен Лапе, Животниот пат и делото на Пере Тошев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, Mатеријали од Симпозиумите одржани во Прилеп по повод педесетгодишнината од убиството на Ѓорче Петров и шеесетгодишнината од убиството на Пере Тошев, Друштво за наука и уметност и Друштво на историчарите – Прилеп, Прилеп 1974, 103.
3 Исто.
4 Ѓорче Петров, Спомени, 15
5 Светозар Тошев, По крвав пат – документална повест за Пере Тошев, Издателство „Христо Г. Данов, Пловдив 1969, 18 – 21.
6 Исто.
7 Љубен Лапе, Животниот пат…
8 Георги Трајчев, Град Прилеп, македонска библиотека, Софија 1925, 216.
9 Исто.
10 Исто, 217.
11 Љубен Лапе, Животниот пат…, 105.
12 Д-р Светозар Тошев, Пере Тошев – личност и дело, 10 – 12.
13 Исто, 13 и 14.
14 Ѓорче Петров, Спомени, 18.
15 Љубен Лапе, Животниот пат…, 108.
16 Љубен Лапе, Животниот пат…
17 Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија книга, книгa I, Култура, Скопје 2003, 439 – 440.
18 Љубен Лапе, Животниот пат…, 112.
19 Крсте Гермов – Шакир, Спомени, Институт за национална историја – Скопје, одделение за мемоарски материјали, СЛ. IV.167, Скопје 1967, 16 и17.
20 Наум Димовски, Некои искажувања за убиството на Пере Тошев, Mатеријали од Симпозиумите одржани во Прилеп по повод педесетгодишнината од убиството на Ѓорче Петров и шеесетгодишнината од убиството на Пере Тошев, Друштво за наука и уметност и Друштво на историчарите – Прилеп, Прилеп 1974, 146 и 147.
21 Светозар Тошев, По крвав пат …, 250.
22 Наум Димовски, Некои искажувања …, 147 и 148.
23 Исто, 146 и 147.
24 Исто, 148.
25 Исто, 150.
26 Исто, 149.
27 Исто.
28 Исто, 151.
29 Исто.
30 Исто.
31 Исто. Анастас Лозанчев, Спомени …, 50.
32 Наум Димовски, Некои искажувања …, 151.