ЛОКАЛИТЕТОТ МЕМЕДОВА ЧЕШМА КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО СО НАСЕЛБА И НЕКРОПОЛА СТАРА ПОВЕЌЕ ОД 2000 ГОДИНИ

Локалитетот „Мемедова Чешма“ е познат под ова име поради старата чешма која се наоѓа тука и, според преданието, така е наречена во чест на извесен Мемед, ага или бег од турскиот период. Според некои таа е изградена од него, а според други била изградена во негова чест откако тој бил убиен од некои ајдуци во неговото време. Локалитетот се наоѓа во близина на стариот калдрмен пат Прилеп – Витолиште, на околу 3 км јужно од селото Дуње, во Мариово, Прилепско.

Мемедова Чешма

За нас, овој локалитет, е особено интересен поради археолошките наоди во близина на самата чешма, како и на ридот југоисточно од неа. Чешмата се наоѓа во понизок дел, на работ на една ливада, а патот поминува сосема крај неа. Самата чешма е изѕидана од камен со фасада од малтер и цемент. На лицето на ѕидот има една поплитка вертикална ниша на повисокиот дел, а под неа, лево и десно, уште две подлабоки ниши (камари). Целата фасада е ишарана со врежување на правоаголни, квадратни и триаголни полиња. Во долниот дел има нејасен и грубо испишан натпис. Можно е дека на неа постоел и друг постар натпис, но денес е тешко да се идентификува. Пред чешмата има корито од цемент паралелно со градбата и едно долго корито-поило кое продолжува од претходното корито.

Остаток од градба во близина на чешмата
Фрагмент од тегула со украсување

Во близина на чешмата се наоѓаат разновидни фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и сл. Освен тоа, во потегот кон ридот од југоисточната страна, се среќаваат и остатоци од градби од камен. Тоа упатува на претпоставката дека околу чешмата била расположена извесна населба во натичкиот период, што не упатува на размисла дека и чешмата има традиција со многу постар датум од турскиот период.

Карпа со гробови врежани во неа 2

На горниот дел на ридот, на едно поголемо плато се среќаваат повеќе гробови издлабени во карпа, главно со мајсторска обработка и со правоаголна форма. Според археолозите, традицијата на погребување во вакви објекти во карпа е стар и потекнува од раната антика, односно, од 4 век п.н.е и се применува до средните векови. Се смета дека гробовите издлабени со правоаголна форма потекнуваат токму од најстариот период на нивното практикување. Самата мајсторска форма на обработка на локалитетот „Мемедова Чешма“ не упатува на извесно размислување дека се работи за повисоко културно ниво. На рамнината на ридот, вакви гробови се среќаваат на најмалку три места – по неколку гробови на помали карпести површини со приближна насока исток-запад, но и со отстапување од оваа насока, зависно од формата на карпата на која биле издлабени. Освен гробовите, на некои делови на рамнината, како и на благите падини, се среќаваат фрагменти од покривни камени плочи или цели плочи, фрагенти од тегули, керамички садови и сл. На некои делови има остатоци од ѕидови со кои, веројатно, биле заградувани гробовите, по групи, како гробови на едно семејство или осамени гробови. Веројатно е дека целата некропола била заградена со ѕид од камен, чии остатоци наместа се забележуваат.

Два гроба издлабени во карпа 2

Од поширокиот простор во атарот на селото Дуње може да се констатира дека слични гробови имало на повеќе места, како на локалитетот „Праската“, кој се наоѓа на околу 2 км северозападно од „Мемедова Чешма“, на кој се среќаваат неколку такви гробови, а во истиот правец, на околу 4 км се наоѓа и локалитетот „Трпчева Црква“ каде има поголем број добро обработени гробови во камен.

Два гроба издлабени во карпа

Интересно е да се истакне дека на неколку стотици метри западно од „Мемедова Чешма“ се наоѓа манастирот „Св. Ѓорѓи“, кој е обновен пред седумдесетина години, но на неговото место, веројатно, се наоѓал многу постар храм, на што упатуваат големиот број објекти од камена пластика, и тоа, како мермерни, така и од гранит, како и наоди од керамички предмети со слична естетика како и оние на „Мемедова Чешма“. На тој начин, се соочуваме со покомлексни културни содржини, односно, населба, некропола и храм, кои ја градат комплетната културна слика на овој простор од атарот на селото Дуње. Што се однесува до датирањето на сите овие содржини, речиси е сигурно дека тие имаат блиска меѓусебна културна врска.

Гробо во карпа 2

Според раскажувањето на жители на селото Дуње, на локалитетот „Мемедова Чешма“ било „живо“ и во времето на Првата светска војна. Тука била лоцирана војска и за нејзините потреби биле ангажирани и жители на селото Дуње. Според раскажувањето на Михајло Златески, Атанаса, која била мажена во семејството познато како Каравиловци, и нејзината другарка биле садомијачки за војската во Првата светска војна во кујната кај „Мемедова Чешма“.