ЧЕШМА СТАРА ОКОЛУ ЧЕТИРИ ВЕКА ИЗГРАДЕНА ОД ПРЕДОК НА УГЛЕДНОТО СЕМЕЈСТВО АЏИ ИЛИОВЦИ ОД ПРИЛЕП

Една стара чешма, изградена пред  358 години кај селото Мало Радобил, Прилепско, со натписот на неа не потсетува на почетоците на формирањето на денешниот град Прилеп. Се работи за чешма во атарот на Мало Радобил, која во 1662 година ја изградил Ѓоре (веројатно Ѓорѓи), кој бил прататко на богатото и напредно прилепско семејство Хаџи Илиевци. Неговите потомци, браќата Хаџи Илиеви ја обновиле во 1862 и повторно нивни потомци ја обновиле 1935 година. Според кажувањето на денешни жители на Мало Радобил, потомци на Хаџи Илиевци и денес се интересирале за овој убав објект и се подготвувале повторно да направат извесни зафати за реконструкција. Жителите пренесуваат дека некој од потомците им пренесол да не преземаат активности за обновување на чешмата на своја рака и дека тие, потомците на првиот градител ќе се погрижат за тоа.

Од стариот амбиент на селото Мало Радобил

Познато е дека стариот град Прилеп бил расположен на просторот на денешниот Варош и Заград, како и на ридот Маркови Кули. Со неговото освојување од страна на Турската империја, кое се датира различно (1882, 1889, 1894/5), се случува постепено менување на локацијата, со тоа што Турците најпрво почнале да создаваат јадро покрај Ореовечка и Дабничка Река, кои заедно ја формираат Градската Река. Оваа населба, која на почетокот служела како воена станица, за разлика од стариот град, била нарекувана „Турскиот град“. Подоцна, со нејзиното зголемување и доселувањето на Македонци христијани во него, било прифатено неговото име Прилеп.1

Од посетата на чешмата

            Дали Аџи Илиовци се меѓу првите доселеници во денешниот Прилеп? Според постарите автори доселување на Македонци во „турскиот град“ било дозволено дури во седумнаесеттиот век и првите христијани се населиле од стариот град, односно, од Варош. Тие го формирале делот од Прилеп познат како „Варошко Маало“.2 Натписот на чешмата не упатува на времето во кое почнало населување на Македонци во Прилеп на денешната локација и веројатно е дека семејството Илиовци од селото Мало Радобил се доселиле во Прилеп, токму во тоа време, односно, тие биле од првите христијани, кои се доселиле во него. Како зачувување на споменот на нивното потекло и чување на семејните корени, во семејството се родила традицијата на обновувањето на чешмата, која ја подигнал нивниот прадедо Ѓоре. Веројатно е дека тој е најстариот предок кој го паметеле Илиовци, кој се викал и кој, веројатно, е последниот или еден од последните кој со своето семесјтво живеел во селото. Дали токму тој или некој негов потомок со семјството се преселил во Прилеп не може да се дознае, но факт е дека по цели 2 века, неговите правнуци дошле во селото да го потврдат својот корен и да ја обноват чешмата, која ја изградил нивниот предок и традицијата трае до денес.

АЏИ ИЛИОВЦИ ОД ПРИЛЕП

Семејството Аџи Илиовци од Прилеп е познато кај прилепчани. Со него роднински и на други начини се поврзани голем број видни семејства, особено во деветнаесеттиот век. Тоа, покрај Бомболовци, е едно од најбогатите и најистакнатите семејства. Негови членови среќаваме во различни градски тела, како што се црковно-училишните општински тела, трговскиите еснафи и сл. За жал, за постарите векови, односно седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век тешко е да се најде каков било податок кај постарите автори. Тоа значи дека најстар документ за потеклото на ова семејство е натписот на мермерната плоча во нишата, која се наоѓа во централниот дел на лицето на чешмата кај селото Мало Радобил на која потомците на градителот Ѓоре во деветнаесетти век, односно во 1862 година запишале: „Ова чешма ја изгради Ѓоре прататко Х. Илиов во лето 1662. Неа ја обновија неговите правнуци, браќата Х. Илиовци во 1862: септември: 29“.  На помала плоча во истата ниша, вградена веднаш под првата во два реда е запишано: „Преобновили Х Илиеви потомци 1935 лета “ (Ја преобновиле потомците на Х. Илиевци во 1935 лето).

„Изворот“ – местото со чешмата на аџи Илиовци

Во пишаните извори, како најстар член, односно најстаро споменат член на семејството аџи Илиевци од Прилеп се споменува во едно општинско писмо од 1842 година, како еден од црковните епитропи во црквата во Прилеп Атанас х. Илија.3 Во тоа време во Црковно училишниот одбор имало дури двајца аџи Илиевци – Ангеле аџи Илиев и Атанас аџи Илиев.4 Во една белешка од книгата за приходи и расходи на манастирот кај селото Зрзе (Св. Спас) од 24 август 1860 година, како лице на кое манастирот му должи 1.700 гроша се споменува Тасе. Х. Илиев,5 во 1866 година во Црковно училишната општина членови биле дури двајца Аџи Илиевци – аџи Ангеле и Димшо х. Илиев,6 а во 1869 година во неа членувал Ангеле х. Илиев.7 На 28.01.1872 година во Црковно училишната општина во Прилеп бил избран Д. х. Илија (Илиев з.м.).8 На тој начин, во книгата на Христо Шалдев, „Град Прилеп во блгарското вазраждане 1838 – 1878 среќаваме дури четворица аџи Илиевци, односно, Атанас, Ангеле, Тасе и Димшо или Димче, кои биле браќа – синови на аџи Илија9 и заедно работеле со дуќани и трговија во Прилеп, тргувајќи со стоки од поширокиот дел на балканот и Европа. Истите личности ги среќаваме и во книгите на Георги Трајчев, особено во неговата монографија за Прилеп, „Град Прилеп“. Всушност, речиси, е сигурно, дека токму овие четворица браќа Аџи Илиевци или Илиовци се потомците на Ѓоре (Ѓорѓи), кој ја изградил чешмата на местото наречено „Изворот“ кај селото Мало Радобил. Во други текстови се споменуваат имиња и на други потомци од истото семејство. Така, познато е дека Мојсо х. Илиев заедно со Диме Коров донесле во Прилеп железен плуг од странство.10 Веројатно е дека Мојсо е еден од потомците на аџи Илиовци – син на некој од четворицата браќа, кои ги споменавме погоре. Од истото семејство, веројатно, потекнува и Пано аџи Илиев, кој му бил роднина (прв братучед) на познатиот прилепски војвода Спиро Црне Големџиоски,11 а Никола Ганчев споменува и еден црковен певец со презиме Илиев, но без средното име „аџи“ – Куне Уста Илиев.11

Чешмата на аџи Илиовци северозапад

НЕКОИ ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО АЏИ ИЛИОВЦИ ИМАЛЕ ВРСКИ СО ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ОД НИВНОТО ВРЕМЕ

Архиепископот Натанаил Охридски и Пловдивски

Аџи Илиовци биле едно од најистакнатите семејства од деветнаесеттиот век во Прилеп. Некои од нив биле особено напредни и активни во развојот на образованието, развојот на општината воопшто и имале контакти и блиски врски со високи личности од тоа време. Особено бил истакнат еден од четворицата браќа на аџи Илија, аџи Ангеле, кој најногу се залагал за развојот на црквата и училиштето во Прилеп и редовно бил избиран за член на Црковно училишниот одбор. Тој, заедно со Мирче Бомбол заземале најистакнати места во Одборот.12 Аџи Ангеле бил личен пријател со охридскиот архиепископ Натанаил, познат како Кучевишки, Охридски и Пловдивски, кој од јули 1836 до мај 1837 година, како монах, престојувал во манастирот „Св. Архангел Михаил“ кај Варош.13 Всушност, Натанаил, бил и домашен учител кај аџи Илиовци и Ангеле од него научил писмо и останал доживотен пријател со него. Така, во времето кога Натанаил бил архиепископ на Охридската архиепископија и неколку дена престојувал во Крушево упатува писмо до аџи Ангеле со кое го известува дека многу сака да се види со него. Писмото е датирано на 14. 07.1874 година.14 Ангеле бил многу приврзан со своите сограѓани и им помагал и ги заштитувал при злосторствата, кои им ги правеле Турците. Еднаш од селото Трстеник од некое семејство била грабната една девојка и, притоа Ангеле, заедно со уште неколкумина, ги нападнала анамите кои ја криеле девојката и ја грабнале од нив. За ваквото дело тој бил осуден од турската власт, но со смешна казна – тридневен куќен притвор.15 Ваквата блага казна се должела на високиот авторитет на семејството аџи Илиевци кај турското население и турската власт во градот, како и на фактот што ова семејство било под заштита на Англискиот конзул во Битола – Лонгфорд.16

Камарата со двата натписи

            Ангеле бил особено активен во црковните и образовните активности во Прилеп. По негово залагање во Прилеп е донсен и учителот Васил Кордалев, кој вовел нова и понапреден образовен метод, познат како Ланкастерски и го направил реформа и го уредил училиштето.17

            По иницијатива на аџи Ангеле Илиев во 1873 година била изградена и камбанаријата во црквата „Св. Блаоговештение“ во Прилеп.18 Аџи Ангеле живеел 80 години и починал во 1880 година. Пред смртта на црквата и оставил 100 лири.19

ЧЕШМАТА НА АЏИ ИЛИОВЦИ ВО БЛИЗИНА НА СЕЛОТО МАЛО РАДОБИЛ

Чешмата за која станува збор се наоѓа на околу 1 км јужно од селото Мало Радобил, на местото кое жителите го нарекуваат „Изворот“,12 делумно обрасната во зеленило од треви и дрвенести растенија. Во близина на патот кон селото Царевиќ. Таа е изградена во една близина на еден помал дол кој се спушта од планаината од исток кон запад. Чешмата е изградена од камен и малтер со ѕид висок повеќе од два метри и широк близу два метри. Градбата е покриена е со камени плочи, а над нив ѓерамиди. Ѕидот има фасада од малтер, делумно оштетен. На предната страна, централно, е поставена поголема вертикална ниша во која се поставени и двете плочи со натпис. Постариот натпис е вистински писмен документ од деветнаесеттиот век напишан (врежан) со убаво оформено старословенско писмо. Поновиот натпис е со погрубо врежан текст. Нишата е покриена со еден убаво обработен блок од мермер со потекло од некоја античка градба, со што градбата се надоврзува на многу постара култура, која е присутна во атарот на селото, односно од античкиот период.

Натписот од 1862 година

Водата, која е мошне обилна, протекува по убаво врежан канал на плочест камен блок. Во подножјето на градбата има големо камено корито преку целата ширина на ѕидот. Во нишата, врзано на синџир, има бронзена чаша за пиење вода.

Натписот од 1935 година

Од сето погореизнесено, може да се каже дека чешмата, односно градбата на оваа стара чешма зачувала голем број елементи од старата традициија на градење објекти за ваква намена. Пред чешмата, од нејзината десна страна, е поставено долго дрвено корито – поило за добитокот кое, исто така, се вклопува во традиционалниот амбиент. Единствено, грубо се вклопува една подолга пластична цевка, која водата од каменото корито ја спроведува во дрвеното.

Камарата со двата натписи и чашата

1 Г. Трајчев, Град Прилеп, 18.

2 Исто, 20, 21.

3 Христо Шалдев, Град Прилеп во блгарското Взраждане 1838 – 1878, 17. Георги Трајчев, Град Прилеп, 78.

4 Х. Шалдев, 18.

5 Исто, 56. Никола Ганчев – Еничерев, Спомени од моето учителство во Прилеп, Зборник на народни Умотворенија, Наука и Книжнина, Книга XX, Софија 1903, 11. Георги Трајчев, Град Прилеп, 79

6 Г. Трајчев, Град Прилеп, 79.

7 Х. Шалдев, 33. Г. Трајчев, Град Прилеп, 86.

8 Х. Шалдев, 44.

9 Исто, 20.

10 Георги Трайчев, Духовните качества на македонските българи, Македонска библиотека № 7, София-Печатница “Родопи” Т. Клисаров-1928,14.

11 Г. Трајчев, 106.

12 Никола Ганчев – Еничерев, Спомени …, 18.

13 Х. Шалдев, 18.

14 Сборникъ за Народни Умотворения, Наука и Книжнина, Дѣлъ историко-филологиченъ, кн. VII. (XXV.), София, 1909, Жизнеописание Митрополита Охридо-Пловдивскаго Натанаила (Автобиографични бѣлѣжки) пренесени од Ангелъ Станковъ, 9. (На чело на Охридката архиепископија Натанаил бил од 1874 до 1877 година)

15 Исто.

16 Х. Шалдев, 20 и 21.

17 Исто, 21.

18 Исто.

19 Г. Трајчев, 106.

20 Х. Шалдев, 21.

21 На местото кај чешмата од аџи Илиовци не одведе Рубин Насески, чие потекло е од Мало Радобил.