РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО СЕМЕЈСТВО ПЕШКОВИ ОД ПРИЛЕП (2) – ХАРАЛАМПИЕ (РАМПО) ПЕШКОВ (1877, Прилеп – 16 април 1902, Битола)

Братот на Ѓорѓи, Харалампие (Рампо) Пешков, е роден во 1877 година во Прилеп. Во родниот град завршил прогимназијален курс, а потоа почнал да работи кај татко му. Во Револуционерната организација бил посветен уште првите години на нејзиното формирање и бил самопрегорен и неуморен активист. Во 1897 година Рампо Пешков ја раководел терористичката група на Организацијата во која бил и неговиот другар Глигор Кочов.1 Таа година терористите на МРО во Прилеп го раниле „ридарскиот пазван Мустафа Маџирот“, кој бил тешко ранет и останал сакат целиот живот.2 Мустафа Маџирот будно ги следел луѓето на Организацијата и затоа било решено тој да биде ликвидиран. Истата година бил убиен Ташко Филипов, кој бил шпион на турската власт. По истрагата извршена во врска со убиството на Ташко Филипов, Рампо Пешков бил затворен.3 Како што пишува Г. Трајчев, во убиството на овој турски шпион учествувал другарот на Рампо Пешков, Глигор Кочов и уште двајца прилепчани, Ил. М-в и Н. К-в. Убиството на Ташко Филипов било извршено на 23.01.1897 година. Тој бил застрелан од терористите во кафеаната на Бомболов.4 Во тоа време приливот на средства во касата на комитетот бил мошне добар. Настанал проблем со прилепскиот богаташ Ѓорѓи Богданов кој одбил да даде 10 лири за Организацијата. Поради тоа било решено од Поречието да се повика војводата Никола Геројски, да се формира чета и Ѓорѓи Богданов да биде казнет. Ваквата идеја била напуштена по совет на Пере Тошев, кој се плашел да не се повтори случајот со војводата Диме Чакре, кој загинал заедно со тројца негови комити во куќата на Кондовци во Прилеп. Во август 1897 година во Прилеп дошол Даме Груев и една вечер, седејќи во дуќанот на Белазелковци, го набљудувал Ѓорѓи Богданов во неговиот дуќан како ги собира парите во еден голем зобник (торба), запечатен со црвен восок и потоа му ги дава парите на чување на Зојчевци. Груев дава идеја парите на Богданов да бидат ограбени и есента, истата година, тоа било направено од страна на Рампо Пешков, Атанас Иванов, Ѓорѓи Сенокозлиев и Иван Биолчев. Биле ограбени повеќе од 200 турски лири од дуќанот на Зојчевци, кој бил отворен со дупликат од клучевите, кои ги направил ковачот Христо Неделков.5 Со овие пари, подоцна се купени пушки „Гра“, кои од Битола во Ореовец со кола ги пренесол Христо Љамев.6 Во врска со кражбата, Рампо Пешков, како началник на терористичката група, повторно бил затворен заедно со Атанас Иванов, секретар на прилепскиот револуционерен комитет. По двете апсења Рампо Пешков бил искомпромитиран кај власта. Со тоа се поврзува и неговото распоредување за учител во битолските села. Училишната комисија при црковната општина Битола на чело со Герасим го назначила Рампо Пешков за учител во, дотогаш затвореното училиште во селото Облаково, Битолско. Овде Рампо немал никакви услови за револуционерна дејност и поради тоа во октомври 1897 година поднел оставка на учителското место во ова село. Во оставката како образложение ги навел „лошата исхрана“ и „отсуството на мажите од селото“.7 Во 1898 година Рампо Пешков го среќаваме заедно со Ѓорѓи Поп Христов и учителот Тодор Лазов, како се обидуваат да го ликвидираат Абдул–ага Шебединчето, кој имал чифлик во селото Кравари, Битолско. Иако неколку пати чекале во заседа не успеале во нивната намера.8

Харалампие Пешков бил необично активен во набавката на обувки и облека за комитите, а посебно во набавката на оружје. Тој постојано скитал по прилепската чаршија за да собере членарина за Организацијата или друга помош за нејзината активност, агитирал за прием на нови членови и сл. Тој уредил добар канал за набавка на оружје и користејќи ја својата трговска дејност одел до Гниланско и Прешевско за да купува оружје од Албаниците во овие краеви.9 Во текот на 1901 година во Прилепско за војвода дошол Марко од Леринско, познат како Лерински и Харалампие Пешков влегол во четата да стажира за војвода. Бил определен за војвода во Ресенско, но оттаму брзо се вратил во Прилеп.10 Во пишаните извори него, на крајот на 1901 година, го среќаваме во друштво со Методија Патчев кого го придружува до селото Селце, Прилепско, каде Патчев треба да го прими раководењето со прилепската чета.11 Последниот пат бил уапсен во врска со Кадиноселската афера, при која загинале војводата Методија Патчев и неговата чета. По овој настан Харалампие Пешков отишол во Битола за да го посети својот брат Ѓорѓи кој се наоѓал во затвор. Притоа Харалампие бил уапсен и мачен заедно со уште седумдесет селани од Прилепско. Апсењето на Рампо Пешков се случило на 31 март (ст. стил), односно, на 13 април 1902 година, (нов стил).12 Овој прилепски револуционер не можел да ги издржи тешките мачења од страна на турската власт и на 16 април 1902 година починал во затворот во Битола. Погребувањето било извршено во Прилеп, при што се собрале голем број прилепчани за да му оддадат почит на својот сограѓанин и револуционер.13

1 Георги Трајчев, Град Прилеп (историско-географски и стопански преглед), Македонска библиотека, Софија 1925, 227.

2 Исто.

3 Исто. Димитар Димески, Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893 – 1903), второ издание, Скопје 1982, 256, 257.

4 Георги Трајчев, Град Прилеп, 227.

5 Исто, 226, 227. Д. Димески, Македонското …, 257.

6 Георги Трајчев, Град Прилеп, 227.

7 Д. Димески, Македонското …, 258.

8 Исто, 253. Ѓ. П. Христов имал намера, со помош на војводата Делјо Лесковски да го киднапира Шебединчето, но поради загинувањето на Лесковски, овој план пропаднал.

9 Георги Трајчев, Град Прилеп, 296. Коста Црнушанов – Ради Каранџулов, Никола Каранџулов, 12, 13.

10 Георги Трајчев, Град Прилеп, 296.

11 Исто, 232.

12 Димитар Димески, Аферите во Битолскиот вилает (1895 – 1903), Матица Македонска, Скопје 1993, 76.

13 Георги Трајчев, Град Прилеп, 296.