ПЕРИОДОТ НА ЗЛАТНИТЕ ПОГРЕБНИ МАСКИ И НЕКРОПОЛАТА „КАЛДРМА“ ВО ЗАГРАД КАЈ ПРИЛЕП
Според податоците од археолошките истражувања на ридот Маркови Кули и на неговите падини како и на поширокиот простор на Варош и Заград се среќаваат населувања уште во најстарите периоди на неолитот (новото камено време) и континуирано продолжуваат и во следните периоди сè до средниот век и на некој начин траат се до денес во лицето на Варош и Прилеп кој се поместил токму од просторот околу ридот. Археолозите тврдат дека на овој простор има траги и од архајскиот период1 (VII–VI, па и V век) кој важи за пресвртница во развиениот период кон поинтензивен развој на цивилизацијата на Балканот и во светот. Токму од овој период потекнуваат и наодите од познатата некропола кај Требениште во околината на Охрид каде што се истражувани т.н. Кнежевски гробници и во кои се пронајдени богати наоди од злато, сребро и бронза2. Иако археолозите од истражувачките мисии на Маркови Кули тврдат дека наоди од тој период се застапени и на овој локалитет не ни е познато за какви археолошки предмети се работи.

Предметите кои се присутни во архајскиот период со своето богатсво и естетика, на некој начин, потсетуваат на уште постарите периоди од времето на настаните опишани кај Хомер во неговите епови Илијада и Одисеја во кои средиштен настан е војната на Ахајците за градот Троја во Мала Азија. Во овие епови меѓу другото се споменуваат личности и војски кои под ѕидините на Троја доаѓаат и од просторот на Македонија, од реката Аксиј (Вардар). Тоа се Пајонците кои со свои војски и сопствени војсководачи се борат на страната на Тројанците. Меѓу нив се и војсководачите Пирајхме и Астеропај и двајцата загинати во жестоките битки пред градот.

Во дел од стиховите се споменува и родоначалникот на Пелагонија и Пелагонците Пелегон3 (Пелагон) како татко на јунакот и војсководач на Пајонците под Троја Астеропај. Тој, според пеењето на Хомер, загинал лично од мечот на најсилниот и најславен јунак во Тројанската војна, Ахил, водачот на Мирмидонците од Тесалија, област во Грција која се граничи со македонската област Пиерија, која, исто така се споменува во некои стихови на Хомер. Во објаснувањето на потеклото на Астеропај Хомер пее:
„синот на Пелегона, што широкострујниот Аксиј г‘еднаш с‘ Перибоја родил,
најстарата ќерка од оној Акесамен, зар Токот ја обљубил длабок и вирест.“4
Значи кај Хомер преку овие стихови се поврзани неколку области во Македонија токму со поданици и племиња кои живееле во нив. Имено, Астеропај е Пајонец, а негов татко е родоначалникот на Пелагонците Пелегон, кој потекнува од необична врска помеѓу речниот бог на реката Аксиј (Вардар) и Перибоја, која е ќерка на Акесамен, кој, пак, бил крал на македонската област Пиерија која се наоѓала од оваа страна на планината–седиште на боговите Олимп. Според досегашните проучувања, Пелагонците како народ, се чини, имале заедничко потекло со Пајонците, односно, биле Пајонци, како што биле и, Девриопите кои живееле по горното течение на Црна Река. Прилеп, пак, во античкиот период, според едни толкувања, се наоѓал во Пелагонија, според други, во Девриоп.

Co архајскиот период е поврзано и настанувањето на македонската држава во VII век п.н.е. кога кралот Пердика го формира македонското кралство. Приказната од митологијата за настанокот на македонското кралство го доближува Прилеп до местата во кои се движеле тројцата браќа Гаван, Аероп и Пердика. Имено, тие избегале од Apг кај Илирите од каде што, преминувајќи ги планините, дошле во Горна Македонија во некое место познато како Лебаја. Археолошки не е потврдено каде се наоѓало ова населено место, а самото определување во Горна Македонија утврдува поширок простор на кој треба да се бара. Дали самото име Лебаја5 треба да се сфати како семантичка асоцијација на место каде што се раѓало леб (жито). Ако си допуштиме таква можност можеме да претпоставиме дека Пелагонија со својата плодна рамница имала и таква населба. Уште повеќе, Прилеп носи име кое, според едно од преданијата, го добил од основата „леб“. Тоа, сепак, е многу слободна интерпретација без добро поставени аргументи и така треба да биде сфатена.

Приказната за настанокот на македонското кралство поврзана со тројцата браќа е пренесена од повеќе антички автори, меѓу кои и Плутарх и Херодот. Заедно со неа е раскажана и приказната за потеклото на кралската лоза Темениди од која водат потекло Филип II и Александар III Македонски, која од своја страна потекнува од Херкул. На едно место Плутарх во својата биографија за Александар Македонски дури со сигурност тврди: „Дека Александар по своето потекло од таткова страна бил Хераклид од лозата на Каран, a пo мајкина страна Еакид од лозата на Неоптолем (синот на Ахил з.м.) тоа сосема сигурно се знае.“6

Што се однесува до областа во која егзистирал древниот град Прилеп значајни податоци добиваме од подоцнежните антички автори, како што се Страбон, Ливиј, Полибиј и др. Еден натпис пронајден во Пелагониската рамнина доста јасно покажува дека Пелагонија во IV век п.н.е. била посебна територијална и политичка заедница на чие чело стоел крал. Се работи за натпис од кој се дознава дека во 365/4 г. п.н.е.7 Атињаните му доделиле проксенија и еургесија (благодарност и гостоприемство) на некој владетел на Пелагонија наречен Василевс (цар) чие име не може целосно да се прочита, а може да се претпостави дека неговото второ име, односно презимето му е Пелагон. Две години подоцна се случува уште еден сличен настан, за кој повторно дознаваме од еден натпис на мермерен споменик пронајден во Пелагонија. На него стои дека во 363/2 година8 со посебна одлука е пофален Менелај Пелагон од страна на атинската држава за воена и финансиска помош која му ја дал на атинскиот стратег Тимотеј во борбата со Халкиѓаните и Амфипол.

Co археолошките истражувања извршени 1968 и 1969 година на локалитетот „Калдрма“ во Заград се откриени триесетина гробови чие датирање е определено во крајот на V век и почетокот на IV век пред н.е9. Се работи за гробови во кои се пронајдени скелети на спалувани погребници. Од прилозите кои им биле оставани на мртвите во гробовите пронајдени се предмети од бронза, сребро, железо, злато и керамика. Најголем број се обетки, белезици, прстени и други слични предмети од бронза, а има и ножеви и копја од железо, како и мал број примероци златен накит. Во својот извештај археологот Б. Китаноски претпоставува дека се работи за некропола од античката населба Керамиа која се споменува во античките извори10, а која била расположена на просторот на Маркови Кули и Заград. Co неа ја поврзува и некрополата откриена во Варош, а која хронолошки ја подредува веднаш по некрополата од Калдрма. Растојанието помеѓу двете некрополи е околу 3 km.
1 Миечеслав Паздур, Тврдината Маркови Кули, Извештаи …, 1984–1988, стр.74 и 75 (табела).
2 Викторија Соколовска, Етничките носители на Требенишката некропола.
3 Хомер, Илијада, превод Михаил Петрушевски, Македонска книга, 1982 г., Скопје, Рапсодија П, “Патроклово одликување” песна XVI, почетни стихови.
4 Исто, песна XXI, Рапсодија Ф, “Бој крај реката”.
5 Херодот, Историја, превод Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1998, VIII, стр. 552. „Таму се главиле слуги за плата на кралот, и тоа, едниот ги пасел коњите, другиот говедата, а најмладиот од нив, Пердика, козите и овците. Во тие стари времиња и луѓето кои биле на власт биле сиромашни, не само масите, па жената на кралот сама им го подготвувала јадењето на слугите. И секогаш кога печела леб, лебот на слугата Пердика сам од себе нараснувал двојно. Бидејќи тоа постојано се случувало таа му кажала на својот маж. Кога кралот го чул тоа, веднаш помислил дека тоа е божјо чудо и дека предвестува нешто големо. Затоа ги повикал слугите и им рекол да си одат од неговата земја. Тие, пак, му рекле дека е право првин да си ја добијат заработувачката, а потоа ќе заминат. А кралот кога слушнал дека зборуваат за плата, залуден од некој бог, покажувајќи на она место каде се спуштале сончевите зраци што влегувале низ некој отвор на покривот низ кој излегувал чадот од куќата, рекол: ’Еве, ви ја давам платата што вие ја заслужувате.’ Гаван и Аероп, постарите браќа, слушајќи го тоа, останале стаписани, а најмладиот рекол вака: ’Го примаме кралу тоа што ни го даваш.’ Притоа со ножот, што случајно го имал кај себе, го заокружил тоа место на куќниот под каде што паѓале зраците. Откако така ги оградил зраците, трипати зацрпил од нив и си ставил во пазувите, а потоа и тој и неговите браќа заминале.“
6 Плутарх, Животот на Александар Македонски.
7 Ф.Папазоглу, Македонски градови у римско доба, стр. 199.
8 Исто, стр. 200.
9 Благоја Китаноски, Macedonia Acta Arheologica, бр. 1, стр. 89.
10 Tabula poitingeriana.
Една од зачуваните кули на врвот Гребник – Маркови Кули Чардак – Маркови Кули Една од портите на врвот Чардак Југозападниот дел од тврдината на врвот Чардак Остатоци од градба на Маркови Кули Фрагмент од керамички сад со украсување – Маркови , југоисточна страна