КУЛТНА КАРПА СО РЕЦИПИЕНТ КАЈ СЕЛОТО КУТЛЕШЕВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
Една грамадна карпа на околу 1 км, северно од селото Кутлешево, Прилепско, на падините на ридот, на нејзиниот највисок дел располага со мала издолжена правоаголна јама, очигледно изработена од човечка рака. Карпата е со приближно топчеста форма, со височина од дваесетина метри од запад, од каде силно го привлекува вниманието со својата импозантност и впечатливиот изглед, а со помала височина и поблаг пристап од исток. Во нејзина близина, од источната страна, на понискиот дел од карпите, се среќава и правилно изработен винарник во карпа, долг околу 3 м.1

Локалитетот со оваа култна карпа и винарник во камен е познат како „Средна Стена“. Во атарот на селото Кутлешево има најмалку два локалитети со култура од подлабоката праисторија. Едниот е локалитетот Присој кој се наоѓа на околу е 500 м југозападно од Кутлешево и исто толку западно од патот за селото Заполжани. На овој локалитет се констатирани остатоци од населба од неолитското време.2 Вториот локалитет со праисторија до денес не е регистриран од официјалната наука, а се наоѓа на околу 100 m североисточно од Кутлешево. На овој локалитет се среќаваат остатоци од енеолитот и бронзеното време, како и од железниот период.3 До карпата со реципиент, поблиску е локалитетот Присој. Од другите локалитети во околината на овој култен објект – карпа со реципиент, се наоѓаат Марков Чардак на околу 1,5 km јужно, со наоди од раната антика (македонски период) и средниот век,4 Петочна Вода со остатоци од римскиот период,5 Стари Лозја, со остатоци од римскиот период6 и други локалитети.

Димензии
реципиент
должина: 0,30 м
ширина: 0,09 м
длабочина: 0,04 м
Датирање: Со оглед на опкружувањето од културни содржини во поблиската и подалечната околина на карпата, датирањето го определуваме во широка временска рамка, од 2500 до 300 година пр. н.е.
Селото Кутлешево со локалитетот „Кале“ Селото Новоселани Локалитетот „Стари Лозја“ кај Новоселани Карпата со култна симболика -„Крајна Стена“ 2 Мала издлабена јама на карпата со винарникот Винарник во карпа во близина на култната карпа
1 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 177 и 178.
2 Археолошка карта на Република Македонија, 302.
3 http://www.pelagon.mk/2018/12/25/
4 Археолошка карта на Република Македонија. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 158 – 160.
5 Археолошка карта на Република Македонија, 302.
6 Археолошка карта на Република Македонија, 305. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 167 и 168.