ИМПРЕСИВЕН АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА СО ДВЕ КАЛИЊА КАЈ СЕЛОТО КУТЛЕШЕВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Селото Кутлешево се наоѓа на околу 20 км јужно од Прилеп, денес во општината Долнени. Тоа е старо село и се споменува уште во најстарите турски пописни дефтери, односно, го среќаваме во пописните дефтери од 1467/68 година кога во ова село имало 14 домаќинства, 2 неженети и 1 вдовица.

Кале 1 и Кале 2 на Барутница
Кале 1 и Кале 2 на Барутница

Кутлешево се наоѓа во подножјето на Ридот, поголем рид во форма на потковица, во чие подножје се распоредени селата Новоселани од источната страна, Бело Поле од северозападната и Кутлешево од западната страна, скриено во внатрешниот дел на „потковицата“٭Во неговиот атар има повеќе археолошки локалитети, но се чини дека најимпресивен е локалитетот „Барутница“ каде се среќаваме со три впечатливи врвови на Ридот, кои со својата форма го привлекуваат вниманието од поголемо растојание. Особено се атрактивни кога се приоѓа од источната страна, односно по патот за селото Бело Поле.  Распоредени се по должина на Ридот во правецот северозапад –  југоисток, југоисточно од превојот преку кој минува патот за селото Кутлешево.

Кале 1 од исток
Кале 1 од исток

На почетокот е едно понизок врв на 705 мнв, на чиј највисок дел се заблежува поголемо раскопување во некое минато време. Токму ова го забележал познатиот антрополог и географ Јован Трифуновски при неговите истражувања во Прилепско и го карактеризирал како локалитет со културни остатоци за кој бил информиран од жителите дека се вика „Барутница“ и дека по предание знаеле дека тука се произведувал барут.1

Кале 1 од југ
Кале 1 од југ

За нас се многу поинтересни двата соседни врвови, на чиј највисок дел има рамни површини, кои биле утврдени уште во праисторискиот период. Првиот од двата врва е нешто повисок од Барутница и располага со рмана површина во форма на неправилен круг  од околу 300 м2, која а заокружена со остри рабови, кои упатуваат на старото обѕидување, односно на заштитниот ѕид.  На северозападниот раб се забележуваат осамени примероци камен, а на југоисточниот има и една поголема карпа со траги од интервенција на човек. По површината на теренот се забележуваат ретки наоди керамика со праисториски белези, а нејзиното присуство е особено нагласено во седлото од југоисточната страна, кое ги дели двете калиња. Токму тука можат да се видат остатоци оод керамички садови, куќен лепеж и слични археолошки остатоци, кои јасно го потврдуваат присуството на култура на овој локалитет.

Кале 1 од север
Кале 1 од север

Последниот и највисок врв на локалитетот „Барутница“, односно, Кале – Кутлешево (сметаме дека ова име локалитетот целосно го заслужува) е со најголема надморска височина – 730 м и со најголема површина на горниот дел, која од источната страна е рамна, а во западниот дел продолжува со блага косина. Од југоисточната и заппадната страна, рамнината на овојврв е заобиколена со поголеми и помали карпи кои на локалитетот му даваат посебна естетика. Набљудуван оддалеку, овој дел од Ридот, личи на вистинско кале, кое некогаш поседувало и заштитен ѕид, чии траги се забележуваат на некои делови од неговите рабови. На дел од јужната страна може да се забележи и извесен влез за пристап кон највисокиот дел на калето, кој бил сместен меѓу грамадни карпи на кои се забележуваат и посебни обработени делови за прицврстување на конструктивни елементи од обѕидието, дрвените делови и сл. Тука можат да се докумнетираат помали кружни јами издлабени на хооризонтални површини на карпите или други врежани форми по вертикалните површини. Слични културни траги има и на другите делови на локалитетот, па дури и некои форми, кои заличуваат на своевидна симболика.

Источниот раб од Кале 1
Источниот раб од Кале 1

На површината на овој локалитет се среќаваат бројни фрагменти од керамички садови со обележја кои упатуваат на енеолитот, бронзеното и железното време. Токму во некој од овие периоди на овој дел на Ридот се наоѓала извесна позначајна населба, која располагала со две калиња за заштита од нападите на непријателски настроените племиња. Не е исклучено дека овие калиња имале своја улога и во подоцнежните периоди, особено во македонскиот период, кога кралството Македонија се соочувало со бројни ограбувачки напади од страна на Дарданците и Илирите. Всушност, овој локалитет, со културата која ја поседува, упатува на временска блискост со поголем број археолошки локалитети од Пелагонија и Мариово. Такви се локалитетите: Трештена Стена во атарот на селото Манастир, Прилепско,2 Големи Камен кај селото Лопатица, Прилепско,3 Самовилец кај селото Мраморани, општина Долнени, Палатица кај селото Штавица,4 Прилепско, Мечка кај селото Селце,5 Прилепско, Баба кај Прилеп, Ридот кај селото Мажучиште,6 Прилепско, Маркови Кули7 кај Прилеп и други локалитети со слична култура,8 кои заедно се дел од културата на Пелагонија, односно, дел од пелагонската култура и се особено значајни за нејзиното идентификување, како и за идентификување на старото Пелагонско Кралство.

Влез на Кале 1
Влез на Кале 1

Кога се работи за локалитетот за кој овде сатнува збор и кој располага со две импресивни калиња, треба да се има предвид и неговото опкружување со бројни археолошки локалитети во атарите на селата Бело Поле, Новоселани и другите поблиски села каде се среќаваме со голем број остатоци од населби, некрополи, како и разновидни светилишта. Особено треба да се прибележи локалитетот Марков Чардак, на растојание од околу 1 км, од источната страна на селото Бело Поле, на крајниот северозападен дел на Ридот, кој располага со оостатоци од праисторијата, но и со значајна утврдена населба од македонскиот период.9 На тој начин, овој простор добива покомплексен културен изглед и не наведува на размисла за културниот амбиент на областа во определени периоди.

АМБИЕНТ ОД КАЛЕ 1

٭ Самиот рид околу кој се распоредени споменатите села е своевиден културен феномен на кој подолго ќе му посветиме внимание во некој следен текст.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД КАЛЕ КУТЛЕШЕВО (КАЛЕ 1) – КЕРАМИКА

КАЛЕ 2 – АМБИЕНТ И КЕРАМИКА

Дел од селото Кутлешево - поглед од Кале 1
Дел од селото Кутлешево – поглед од Кале 1
Дел од селото Кутлешево - поглед од Кале 1 со л. Марков Чардак во позадина
Дел од селото Кутлешево – поглед од Кале 1 со л. Марков Чардак во позадина