ГОСПО СО ЛОЗЈЕТО, ЃАВОЛО СО КАПИНАТА

(Од книгата, „Народни умотворби од Пелагонија и Мариово“ Автор: Томе Велјаноски, Подготвил: Тренчо Димитриоски)

Откако се понамножиле повеќе луѓе Госпо, да ги задоволи нивните потреби со овошје, ‘е насадил прачката од лозата. ѓаволо го забележал Госпо кога ‘е насадил прачката од лозата како од завид го прашал:

          – Е што е това што го насади?

          Господ му одговорил:

          – Земјата почна да се множи, секој ден со повеќе луѓе. Ова овошје што го имаме на земјава не е доволно, пак, затова реков да присадам нова сорта на овошје.

          – Е како се вика? – прашал ѓаволо.

          Госпо одговорил:

          – Ова се вика лозинка. Кога ќе порасти ќе дава грозје да луѓето има што да јадат.

          Ѓаволо, поново, го прашал Госпо:

          – Ова, лозинката, што ‘е насади, за колку лета ќе дава грозје?

          Господ одговорил:

          – После садењето, на третото лето ќе даде лозинката грозје.

          Ѓаволо, поново, прашал:

          – Каква ќе му биди бојата на грозјето?

          – Како што се луѓето различни во боја, бели, црни, жолти и тн., та­ка ќе биди грозјето во бојата. Сите луѓе треба да бидат задоволни – рекол Госпо.

          Ѓаволо, поново, прашал:

          – Дали ќе можат да јадат од грозјето и мојте грешни души што се варат во казаните во катрано, кај мене.

          Господ рекол:

          – Тие се во твојте раци, направи му и ти некоје добро, нека те паме­тат за добар како што работеле, додека нивните души биле во нивните тела, за тебе, и ти направи нешто за нив!

          Тогаш ѓаволо рекол:

          – И јас ќе направам ново овошје. ќе биди слично како лозинката твоја, ќе се вика капина! Побрза ќе биди во давање плод од твојата капи­на. За две лета луѓето, мојте и твојте, ќе јадат капини. Бојата ќе биди раз­личита, како и твојето грозје, поради кај мене има народ со различна боја – рекол ѓаволо.

          – Мојето лозје, – рекол ѓаволо – ќе му направам и боцки, само да се брани и со боцките, да фаќа овци, за да можи мојот гладен волк, да има што да јади – рекол ѓаволо.

          Навистина, често пати, овци се запнува за капина, ќе ‘е најди вол­ко, ќе ‘е изеди, ќе остани само волната изметкана во капината.

          – Моето лозје ќе го посадам насекаде, нема да се режи и копа, за полесно да ги преварам и твоите луѓе да јадат – рекол ѓаволо.

          – Мојата капинка не треба режење, ни копање, како твојето лозје и затова луѓето ќе го сакат повеќе мојот плод од твојот! – рекол ѓаволот.

          Господ рекол:

          – Моето грозје ќе стаса за јадење за време жито вршење, во месец авгус, за да си ‘е ладат уморената душа од враво.

          Ѓаволо’ рекол:

          – Моите капинки ќе стасат за време на жетвата, да јадат и моите и твојте аргати, да си ‘е ладат душата од жештината – рекол ѓаволо. – Од тие капинки луѓето ќе можат да си соберат, да ги превријат и сварат, да си соберат бела вода што ќе течи, да си пијат и да се веселат, да немат, ни никакви гајлина, ќе се осеќат весели и полесно ќе заспиват, а поне­ко­гаш ќе направат и тепачки од превесели што ќе бидат. Живото полес­но ќе го врват од твоите негрешни луѓе – му рекол ѓаволо на Госпо.

          Господ рекол:

          – Јас ќе ставам тембик, одредено време, и това ќе биди Прео­бра­же­ние Христово, до тој ден чедата верни на мене, Госпо, нема ни да го пог­ледат твоето грозје, капинката, а не да каснат. На Преображение Хрис­тово моите верници ќе го посетат Христовиот храм, ќе запалат свеќа, ќе се помолат на Бога и ќе носат грозје за задушница. Ќе каснат прв пат ново грозје од нивниот даден труд по него.

          – А додека твојата капина, растурена насекаде низ полето, ќе ти ‘е јади стоката и ливовите – му рекол Госпо на ѓаволо. И до некоје место така е.

          Ние, марулските воловарчина, слушајќи ‘е таа приказна за грешни, кој ќе касни капина пред грозје, во летото 1956 година одбраме пет деца за да вршат контрола, кој ќе јади капинки, пред грозје, да го казниме, во кој бев и јас избран. Казната беше во това што фатеното дете да јади ка­пин­ки да му се направи казна со цедило. Се зема две стапчина и се става од по страните на половината и краевите, се стегат во една рака и осуде­ниот со стапчината се крева нагоре. Кога ќе се притиснат краевите воз­духо се истиснува и телото не можи да прими друг воздух. Набрзо ова казна ‘е растуриме поради нашиот водач, судија, беше фатен да јади ка­пин­ки, поради го болеше устата. Сите се криеја кога јадеја капинки, ама се познава по устите, рацете, алиштата, стапчината. Ова приказна ми ‘е кажуваше дедо Ристе, а и повеќемина марулчани од постарата генерација.