ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАМАЃЕ – БУКЛО“ КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО КРИЕ ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД
На околу 2–3 km јужно од селото Крушевица и на околу 1 km југоисточно од претходно опишаниот локалитет „Калдрма – Бобо“, се среќава уште еден локалитет со остатоци од античка населба. Археолозите сметаат дека населбата егзистирала во римскиот период.1 Таа е расположена на едно ритче со благи падини, обележано со една поголема карпа која се наоѓа, речиси во центарот на старата населба. На карпата има неколку издлабени писмени знаци со големи димензии, на површина од околу 0,5 m2, која е оштетена и тешко е да се прочитаат знаците. Од јужната страна на карпата се гледаат и остатоци од темели од стара градба која била градена со кршен камен и обработувани камени блокови. Градбата била залепена за карпата. Во поширокиот простор јасно се гледаат темелите на голем број градби, а посебно на највисокиот дел од ритчето, каде нивната концентрација е најголема. Освен тоа, на теренот кој е зарастен во трева, бидејќи денес претставува пасиште, има и фрагменти од керамички садови и градежна керамика. Просторот на кој биле расположени градбите зафаќа површина од околу 1 ха.

На ридот кој се наоѓа од јужната страна на локалитетот „Грамаѓе – Букло“, на растојание од околу 500 m се наоѓа и еден тумул на најдоминантното место, чиј ограден ѕид јасно се гледа од неговата југозападна страна, направен од поголеми камени блокови. Локалитетот на кој се наоѓа тумулот се вика „Дуќи Ливади“ и се наоѓа во атарот на селото Чаниште. Тој, на некој начин, треба да се поврзе со веќе споменатите тумули од северната страна на ридот Маргара, кои се распоредени покрај Косовска Река, кој помалку кој повеќе оддалечен од неа, но само археолошките истражувања можат да покажат во каква врска се тие едни со други. Имајќи ја предвид практиката на користење стари култни места и стари погребни објекти за новите погребувања, не треба да се исклучува можноста дека од населбата која во римско време егзистирала на локалитетот „Грамаќе – Букло“, погребните поворки оделе дури до ритчето со споменатиот тумул, кој веќе бил употребуван во праисторијата. Наодите од археолшките истражувања на тумулот на локалитетот „Страгата“, во атарот на истото село, нè наведуваат на вакви претпоставки. Дека континуитетот на животот и смртта, односно начинот на живеење и начинот на смртта се надоврзувале едни на други во различните културни периоди е непобитен факт.
[1] Археолошка карта на Република Македонија, (Б.К., Л.К., К.К.)