НАЈНОВИОТ ПРОЕКТ НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП, НАПРЕДНО УРЕДУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ, ДЕКАДЕНЦИЈА ИЛИ КАКО ДА СЕ ПОТРОШАТ 100.000 ЕВРА (ЕХ, МАРКУКУЛЕ, МАРКУКУЛЕ!!!)

Пред околу четириесетина години првпат се соочив со археолошки содржини на локалитетот Маркови Кули кај Прилеп, кога беше засечен патот до тврдината на ридот. При рамнењето со тешката машинерија, тогаш, беа откриени два големи „ќупа“ (питоси) од источната страна на ридот и тие долго време зјапаа со отворите кон небото на средината на патот, па нам, на децата кои шетавме по ридот, ни беше особено интересно да влегувавме во нив, чудејќи се на нивната величина. Којзне, можеби на нивното дно имаше остатоци од семиња или слични содржини, кои некогашните жители на стариот град Прилеп ги чувале во нив. Незнам дали некој од надлежните фактори во тоа време, односно институциите и археолозите се обиделе да испитаат за што служеле овие садови, односно што се чувало во нив, но тие долго стоеја така отворени и, веројатно е дека завршија здробени на патот. По малку и тогаш ми беше чудно зошто никој не ги прибира овие, за нас како деца, интересни објекти, но денес случајот станува појасен. Тоа е првиот пат кога се отвораше пат кон врвот на локалитетот Маркови Кули. Што покажува откривањето на вакви питоси на тоа место, на археолозите би требало да им биде сосема јасно.

Од булдожерската активност
Од булдожерската активност

Вториот пат беше 2002 година при заминувањето на една партија од власт, некако набрзина излегоа машини, почнаа да го „гризаат“ ридот и да го поправаат стариот пат. Притоа машините заринкаа и малку настрана, па се крена голема прашина дека се уништуваат културни содржини, дека тоа не е начин и сл. Дури се појави потреба и од едно интервентно археолошко истражување на превојот „Зеленик“, каде се појавија голем број гробови во карпа, остатоци од живопис, бигорен камен, тегули, плочи и сл. Црковна градба не беше констатирана од археолозите. Мое мислење е дека таа била на самиот превој и била уништена, односно нејзините остатоци биле доуништени со засекувањето на превојот за патот многу години порано. Тегулите, бигорниот камен, малтерот, малтерот со живопис, сето тоа не ќе е донесено од друго место. Тоа се остатоците од старата црква.1 Слични остатоци има и на други места.

Втор зафат на булдожерот
Втор зафат на булдожерот

И, еве, деновиве по третпат, повторно интервенции на сличен начин и повторно со тешки машини на локалитетот Маркови Кули, се реализира проект со 100.000 евра доделени од ЕУ и реализирани од УНДП. Се интервенира во околината на светски афирмираниот објект како „чудо на природата“, по целата должина на патот, како и лево и десно од него, со тешка машинерија се раскопуваат делови од ридот. Всушност „стручно“ се третираат културните слоеви на локалитетот „Маркови Кули“. Простете, јас тоа така го гледам и не можам да верувам на изјавите од типот „напредно ниво за заштита и раководење со споменикот на природата Маркови Кули“. Проектот е на Општина Прилеп и Институтот за старословенска култура, како надлежна институција за негово управување. Особено кога гледам депонија на „споменикот на природата“, кој по „грешка“ засега е само тоа и така е ставен на привремена листа на УНЕСКО, но слушам изјави дека ќе се направи „реноминација“ и ќе се дополни апликацијата како „мешовито добро, па така ќе се поправи грешката. А каде беа сите овие години сите „експерти и експертски институции“, па целиот тој простор од околу 4.000 хектари, кој е преполн со материјална култура од различни периоди да го афримираат само како споменик на природата? И, повторно, кога сме кај споменикот на природата, како е можно на истиот да се создаваат депонии од разновиден отпад, градежен шут и слично, под „будното“ око на надлежните експертски институции, особено на места кои се делови од поширока културна целина со комплексни археолошки содржини? Токму тоа, вистински отпад и тоа во непосредна близина на „чудото на природата“ Камениот Слон или Штрк или кое било друго животно – всушност исклучителен менхир со зооморфен изглед, полн ос интервенции од човекот во различни времиња, централен објект на култно-религиско и општествено живеење од праисторијата до поновите периоди. Така ли се постапува со спомениците на природата и со културните споменици од типот на Маркови Кули кај Прилеп? Лично сметам дека залудно се трошат драгоцени средства бидејќи, за жал, место „напредно уредување“ ни се случува напредно уништување. Нека ми простат на мојата несовршеност, но јас така го гледам она што се случува на Маркови Кули кај Прилеп, на овој уникатен природен и ерхеолошки локалитет – единствен во Македонија (а и пошироко) по комплексните културни содржини и феномени!

Тумбата со „Слонот“
Тумбата со „Слонот“

Кога сме кај Слонот, морам да изнесам една кратка историја од поново време. Најпрво се случи изградба на камена патека и камена конструкција, која некој ја нарекуваа амфитеатар, беа потрошени средства од донација и средства од Локалната Самоуправа во висина од околу 2.000.000 ден. Се покри просторот кој крие автентични културни содржини и тоа така заврши. Морам да истакнам дека лично се обидов да се информирам кај тогашниот директор на Управата за заштита на културното наследство, господинот Паско Кузман, а тој изјави дека „будно“ го следи случајот и доколку се работи за нешто несоодветно и неавтентично нема да го дозволи проектот. Ниту беше автентично и соодветно на културните содржини, ниту беше сопрено.

Слонот со уште една фасцинантна карпа во близина
Слонот со уште една фасцинантна карпа во близина

Иако „експертските“ институции моето мислење не го сметаат за вредно за внимание, (велат: Што бара овој новинарот да се меша во археологија и сл.), сепак ќе се произнесам: Камениот Слон е вистинска атракција од светско ниво, не само како чудо на природата, регистриран и во познатата енциклопедија на Роберт Рипли, „Верувале или не“, туку и како културен споменик од особен вид, дел од долгата културна историја и активност на човекот на овој простор и како таков треба да се сочува во автентична форма. Што значи тоа? Тоа значи дека сѐ што е направено во поново време на тумбата, на која е „поставен“ менхирот, треба да се отстрани, а да се отворат културните содржини и објекти од минатото, кои биле во своевиден сооднос со него и така уреден, овој дел од Маркови Кули ќе биде вистинска туристичка атракција, зашто тумбата и „Слонот“ се комплексен културен простор со конкретна културна и општествена намена, за која има и соодветно сознанјно толкување, интересно за посетителите и туристите. И немојте, ве молам, немојте со булдожери и тешка машинерија, ако веќе не е предоцна!!? Ех, каква декаденција! Па така ли се третира локалитет со комплексна материјална култура? Така ли се третира археолошки локалитет? За жал, булдожерите повторно загризале во тумбата со „Слонот“, ја дооформувале платформата од отпад во близина, за да се монтира дрвена барака за следните чекори од „напредното уредување“. Да не зборуваме за големиот број отпади по самиот терен на локалитетот, во голем број културни објекти на него и сл. Дури и со последните активности на теренот отпадите се зголемија со нови отпадни содржини. Го предвидоа ли тоа „експертите“ или повторно ќе се оправдуваме со лошите навики на нашиот народ? До кога ќе го правиме тоа на тој начин? Па, зарем мислиме дека која било комисија, од која било светска институција, не па УНЕСКО, ваквиот третман на споменик на природата или споменик на културата би го карактеризирал како „напредно уредување“? Простете, мене не ми се верува!

Ао активностите на машинеријата кај „Слонот“ и платформата од депонија
Ао активностите на машинеријата кај „Слонот“ и платформата од депонија

По должината на патот кој води кон повисокиот дел на локалитетот има бројни културнои содржини, но булдожерот не ги гледа, тој само си ја тера својата работа. Направил големи „загризувања“ по делови од падините, некаде излегле на површина фрагменти од керамички садови, од водоводни цевки, камени плочи и сл. Една од најголемите некрополи на Маркови Кули е токму крај дел од патот, па тешката машинерија поминувала и преку делови од неа. Настрана што до денес никој не „забележа“ дека по средината на ридот на кој е расположена некрополата (во некој следен текст, оваа некропола посебно ќе ја обработиме и ќе ја презентираме) минува патека по која минуваат луѓе, добиток, велосипеди, мотоцикли и сл. Што значи тоа за простор со вакви содржини нема посебно да објаснувам. Ајде, можеби ќе го убедиме УНЕСКО!!!

Платформа од депонија
Платформа од депонија

На крај, морам да се произнесам како добар познавач на целиот простор на локалитетот Маркови Кули, зашто последниве децении постојано го следам и собрав безброј информации дополнети со соодветна фотографска документација за разни културни содржини, помали и поголеми целини, сегменти, објекти и слично, направив и своевидна класификација на културните содржини и се надевав дека тоа ќе биде забележано од „експертските институции“, но до денес тие ме повикувале само инцидентно, најчесто без надоместок, како случаен минувач или случаен познавач и толку. Ги проследив движењата на просторот – на „катаклизмите“, на деградациите, уништувањето на растителниите популации и другите промени и собрав податоци за нив.

Трафика на платформа од депонија
Трафика на платформа од депонија

Во мојот личен ангажман проследив многубројни културни појави и природни реткости, голем број познати и непознати археолошки локалитети, документирав голем број културни објекти и вредности, но исто така и голем број појави на уништување на таквите вредности, токму во просторот кој е заштитен со закон како споменик на природата и е ставен на привремена листа за заштита на УНЕСКО. Уништени се цели комплекси од значајни природни форми, но и значајна култура, која се создавала во различни периоди, крај нив и во нивната околина. Мое мислење е дека целиот овој простор – овој специфичен геолошки простор, со исклучителен релјеф од вулканско потекло претставува непроценливо богатство и неговата заштита е неопходна, но не само декларативно и со ставање на хартија. Добар дел од ова богатство е засекогаш изгубено, зашто декларативната заштита не се покажа како доволна. Таквото уништување беше направено, особено, при експлоатација на гранит, која се случува на голем број локалитети.  

Фрагмент од украсена тегула или друг керамички предмет кај „Слонот“ 4
Фрагмент од украсена тегула или друг керамички предмет кај „Слонот“ 4

Фактот што ваквите природни феномени, искуклени форми и карпи со разновидна форма, ги привлекувале луѓето уште од длабоката праисторија ја објаснува денешната појава на присуство на разновидна култура, токму крај овие бесценети природни реткости. Всушност, слободно може да се констатира дека човекот во овој простор бил во своевиден сооднос со природните појави и форми, во своевидна симбиоза со природата на просторот, создавајќи непосреден однос со неа и оформувајќи специфична култура, чии остатоци ги среќаваме денес.

Фрагмент од украсена тегула или друг керамички предмет кај „Слонот“
Фрагмент од украсена тегула или друг керамички предмет кај „Слонот“

Со ризик дека ќе „звучам“ надмено, доколку имаа и мал респект и ме поканеа на еден кафе-муабет во врска со последниот проект, секако дека ќе имаа корист од моите информации, но тие „си знаат сѐ“, онака експертски и никој не им е потребен. Колку за стоте илјади евра, не мораа да се трошат за мене ништо, пак сами нека си ги трошеа, зашто мене, сепак, повеќе ме загрижува немилосрдното уништување на културните содржини, неповратното губење на  вредностите со кои се соочувам, отколку мојата заработка. И еве, за крај – патоказите и таблите кои се поставени, сепак беа потребни, но во состојбата во која се наоѓа целиот локалитет тие, некако, не се вклопуваат, стрчат и изгледаат чудно „осамени“. Ех, Маркукуле, Маркукуле!!!    

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ОКОЛИНАТА НА КАМЕНИОТ СЛОН

 1 Во 2000 година ја издадов мојата прва книга – резултат на долгогодишно проследување на теренот околу Прилеп, посетувајќи голем број археолошки локалитети и експонати на материјалната култура на овој простор. Цел на моето лично истражување беше и локалитетот Маркови Кули и набљудувајќи го теренот со продлабочен интерес и аналитичност дојдов до голем број сознанија и културни феномени на овој локалитет. Едно од моите забележувања, објавено во книгата, беше и остатоци од сакрален објект на превојот „Зеленик“ и „Градина“. Тоа, сепак, никој не го зел предвид при работата на патот, па така беше нападанто токму местото со таквите содржини, излегоа гробови издлабени во камен и други видови археолошки материјал и следеше и археолошко ископување на дел од тој простор.