ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ НА ВРВОТ ОД РИДОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГЛУВА“, КАЈ СЕЛОТО ЧУМОВО, ПРИЛЕПСКО
Од северната страна на селото Чумово, кое се наоѓа на десетина километри источно од Прилеп, се наоѓаат два локалитети со интересни културни содржини. Тоа се локалитетите „Глува“ и „Табачица“, и двата на мало растојание од селото. Локалитетот „Глува“ се наоѓа од северозападната страна на селото Чумово. Тој претставува повисок рид во форма на купола со помало платó на врвот, со благи земни падини и многу малку карпи, од југоисточната страна на големиот локалитет „Долиште“, познат по големиот број наоди од голема населба од архајскиот и античкиот период. На самиот врв на ридот, на западната страна на малото платó, диво е раскопана поголема површина при што од земјата се извадени големо количество градежен камен, малтер, градежна керамика, ретки фрагменти од керамички садови, бигорен камен, како и убаво обработени камени плочки.1

Самиот рид има изразита форма, забележлива од поголемо растојание и доминира над тој дел од Пелагонија, на крајот од еден истурен крак од Дренска Планина. Веројатно, неговата позиција е еден од главните причини за градењето на античкиот храм на неговиот врв. Иако меѓу градежниот материјал, раскопан од градбата со диво копање, не се забележуваат поголеми и поквалитетно обработени камени блокови, некои остатоци од градбата укажуваат дека таа, сепак, на површина од дваесетина и повеќе квадратни метри, била квалитетна градба од камен, бигорен камен, цигли и малтер. Сосема е веројатно и дека имала убаво поплочен под, а тоа го покажуваат остатоците од квалитетно обработени мермерни плочи. Иако не констатиравме остатоци од боја на малтерот во купот градежен материјал, присуството на живопис на древната градба не треба да биде исклучено.

Ако констатираме дека остатоците од градбата на врвот на локалитетот „Глува“, кој е во близина на локалитетот „Табачица“, се остатоци на антички храм, во тој случај е неопходно да се споменат наодите од овој локалитет, познати на археолошката наука. Имено, меѓу наодите на „Табачица“, се споменува и една статуетка на античкиот бог Хермес (Меркур), а на источните падини на ридот, северно од селото Чумово, пронајдени се и остатоци од други градби, македонски и римски монети, фрагменти од керамички садови и имбрекси. Археолошките наоди се датирани во раноантичкиот и римскиот период.2

Имајќи го предвид релативно малото растојание на локалитетите „Глува“ и „Табачица“ од големиот локалитет „Долиште“, меѓу селата Прилепец и Волково, сосема е логично да се поврзат културните содржини од овие локалитети со големата населба од градски тип, чии остатоци се евидентни, во долината меѓу споменатите села. Дали и содржините од „Табачица“ и „Глува“ не се дел од периферијата на античката населба со центар на локалитетот „Долиште“? Всушност, со остатоците на материјална култура од овие локалитети се дополнува културната слика на целиот овој простор, особено за двата споменати периода, раноантичкиот и римскиот период. Тоа се периоди во кои егзистирал и градот под селото Прилепец, во неговата полна сила. Заедно со тврдините повисоките делови на Дренска Планина, големата тврдина од „Марков Ѕид“ и малата, но цврста тврдина од високиот врв „Коњарник“.3 Според старото предание и на овој висок врв (1538 m) се наоѓало место познато како Црквиште што укажува на стара култна градба, можеби храм.4


1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 101 – 103.
2 Археолошка карта на Република Македонија, 318.
3 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 80 – 84.4 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 83, 84.