АНТИЧКА НАСЕЛБА СО ЦЕНТРАЛЕН ЈАВЕН ПРОСТОР – АГОРА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САДОИ“ КАЈ СЕЛОТО ПЛЕТВАР, ПРИЛЕПСКО

Локалитетот „Садои“ кај селото Плетвар, Прилепско, зафаќа исклучителен простор, со особено атрактивна конфигурација и живописна природна околина. Тој се наоѓа на околу 1 km источно од селото Плетвар, на десната страна од стариот пат за Скопје, расположен на високиот брег на долот, кој се слива од превојот кон атарот на селото Беловодица. Локалитетот претставува поголемо плато на левиот брег на споменатиот дол, кое на самиот брег се извишува во тумба со посебно плато, кое било обѕидано со дебел ѕид од камен, а во рамките на утврдениот простор се забележуваат поголем број градби, исто така, од камен. Во внатрешниот дел на локалитетот, северозападно од утврдувањето, се наоѓа поголема површина со рамен простор, заштитен и речиси скриен од ограноците на планината Бабуна, на која се извишува и врвот Козјак со 1746 метри надморска височина. Веднаш над локалитетот, од северната страна, каде што минува и стариот пат за Скопје, се наоѓа уште едно плато со рамна површина, а на него, е раскопана една помала тумба со остатоци од стара градба. Неколку поголеми блокови од мермер со оформени рабови упатуваат на извесна градба со посебна намена, можеби храм. На ваква определба не наведува доминантната позиција која ја зафаќа, како и близината и позицијата, која ја има во однос на локалитетот со населбата и тврдината.

Локалитетот „Садои“ со просторот на Агората и тумбата со акрополата со утврдување
Локалитетот „Садои“ со просторот на Агората и тумбата со акрополата со утврдување
Античката Агора од градот Тесалоника (Солун)
Античката Агора од градот Тесалоника (Солун)

            Веднаш под тумбата со споменатат градба, а на работ на рамниот дел од локалитетот со населбата, се наоѓа култна карпа со претстава на Ѕевс заштитникот на Собранието, односно, „Дии Агорајо“,1 кој го опишавме во претходен текст во порталот Пелагон. http://www.pelagon.mk/2018/06/30/. Фактот што овој култен објект се наоѓа на самиот раб на рамниот дел од локалитетот, кој е опкружен со повисоки делови од теренот, а е отворен само кон исток, не наведува на констатација дека токму овој дел претставувал своевиден простор за собир на жителите од населбата, односно, место на кое се собирале за да слушнат информации од јавен карактер, од старешините на населбата и сл. Агората, всушност, претставувала централен јавен простор во градовите и населбите на античкиот свет и датира од пораната античка историја, од 10 до 8 век пред нашата ера, односно од времето на античкиот поет Хомер. Во подоцнежниот период, овој простор станал и место за пазар, за изнесување стоки за продажба, а околу него изникнале и разновидни дуќани и занаети.

Стрмниот брег и тумбата со утврдувањето крај долот
Стрмниот брег и тумбата со утврдувањето крај долот

Концептот од инфраструктура, со кој се соочуваме на локалитетот „Садои“ кај селото Плетвар, нѐ наведува на констатација дека овде се среќаваме токму со таков простор, односно централен јавен простор во античка населба, познат како Агора. На тоа уште повеќе не наведува појавата на своевиден споменик посветен на врховниот бог од античкиот свет, Ѕевс, овде со атрибутот „Агорајо“. Инаку е тешко да се објасни постоењето на ваков култен споменик на тоа место. На површината пред него, некогашната Агора, која денес е поголема зелена рамнина, на разни места се среќаваат разновидни археолошки остатоци, особено камени блокови, траги од ѕидови и сл. Некои делови од овој простор се раскопани и  во нив се отворени поголеми и помали јами, траги од потрагата по скриени богатства и археолошки предмети. Интересно е да се спомене и името врежано под нишата со фигурата на Дии Агорајо на култниот објект, Публиј Ајлиј Фестиано Прокло,2 кое би можело да се идентификува со некоја личност – старешина на античката населба од локалитетот „Садои“ кај Плетвар или на поширока област од овој дел на Македонија.

Раскопан дел од рамниот дел на локалитетот
Раскопан дел од рамниот дел на локалитетот

Од југоисточната страна на опишаниот простор се наоѓале утврдувањето и другите градби, расположени на плато со издолжена форма по брегот на долот. Коритото на споменатиот дол на ова место е особено атрактивно, со високи, карпести и стрмни брегови. По брегот со утврдувањето се среќаваат разни остатоци од ѕидови, грамади градежен камен, фрагменти од керамички садови, тегули, обработени делови по карпестите површини и сл. Од страната на долот утврдувањето било, речиси, непристапно, поради високиот и стрмен брег. Оваа своевидна акропола, од страната на просторот со рамниот дел кој, заштитен од сите страни со високи брегови, има изглед на своевиден антички театар. Целиот концепт од три главни содржини – утврдена акропола, простор од јавен карактер – агора со култен објект посветен на Ѕевс Агорајо, како и храм на доминантно место над античката населба, покрај стариот пат за Скопје, кој тука минувал уште во античко време, е посебно интересен бидејќи гради комплетна слика на античка населба. Иако не може да се каже дека се работи за голема населба, односно, град, сите содржини, кои денес можат да се видат на локалитетот упатуваат на извесно значајно место во антиката, особено во рисмкиот период, во близина на превојот и крај патот, кој минувал преку него. Веруваме дека со соодветно археолошко истражување на сите позначајни содржини на населбата, ќе се добие интересна слика на античка населба и нејзините населбени елементи. Особено за централниот јавен простор, кој овде го имаме во една исклучително чиста ситуација, но и акрополата, која значително се извишува над ово јавен простор и упатува на многу содржини од градежен карактер.

Раскопан дел од просторот во близина на култниот објект
Раскопан дел од просторот во близина на култниот објект

Значењето на оваа населба произлегува од близината до превојот Плетвар, кој имал особено значење за влез и излез од рамнината Пелагонија во сите времиња и тука водел пат уште од подлабоката праисторија. Важно е да се нагласи, дека во близина на локалитетот „Садои“ има и голем број извори за вода, со поголема или помала издашност, а една чешма изградена од камен и денес може да се сретне, малку повисоко, крај патот за Скопје. Лево и десно од превојот се среќаваат и други остатоци од старите периоди, а во нискиот дел, во атарот на Беловодица, исто така, се споменува позначајна населба од античкиот период, која се наоѓала на самиот пат кој од Сердика (денешна Софија) преку Стоби, минувал кај селото Дреново, каде се наоѓала населбата од градски карактер, Еударист,3 па кај селото Беловодица, на превојот Плетвар продолжувал кон Керамиа кај Прилеп, па Стибера кај Чепигово и кај Хераклеја, кај Битола се спојувал со Јандранската магистрала позната како Via Egnatia.4

Култната карпа со претстава на Ѕевс Агорајо
Култната карпа со претстава на Ѕевс Агорајо

Во подоцнежниот период, на ова место било изградено трло и целиот простор бил експлотиран за потребите при одгледување на стадо овци, кози или покрупен добиток. Местото е заветно, опкружено со шума и пасиште, а во близина протекува и споменатиот дол, кој се слива од правецот на превојот.

ОД ЛОКАЛИТЕТОТ САДОИ

ОД МЕСТОТО СО ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ

1 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 134 и 135.

2 http://www.pelagon.mk/2018/06/30/

3 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том I, Македоснка цивилизација – Скопје, Скопје 2001, 299.

4 Tabula Peutingeriana.