АРИСТОКРАТСКА ГРОБНИЦА ОД МАКЕДОНСКИ ТИП, СО КАРПА, КОЈА СЛУЖЕЛА КАКО ХЕРООН НА „ГУМЕЊЕ“, КАЈ „ТРЕСКАВЕЦ“, ПРИЛЕПСКО

Можеби еден од најсилните аргументи за постоењето значајна античка населба на „Светата Планина“ со „Светиот врв“, Златоврв, која егзистирала уште во 4 век пр. н.е. е големата некропола што е откриена на местото наречено „Гумење“ на околу 300 m од манас­тирот од југоисточната страна. Некрополата, според опстојните арехеолошки истражу­вања, била активна, речиси, цели 8 века и тоа од IV век пр. н.е., па сѐ до IV–V век на нашата ера1. Тоа значи дека во неа се вршело активно погребување во текот на цели 8 векови. Посебно се интересни големиот број гробници од македонски тип кои, овде, се градени од камен, но го имаат истиот распоред како и гробниците делкани во карпа, со дромос, преткомора и комора. Такви гробници овде, според археолозите, се откопани дури 162, но денес на овој простор има само растурени камења и некоја заостаната мермерна стела и, просторот, постојано повторно е прекопуван од дивите трагачи по археолошки и друг вид богатства. Од овој тип гробници од антиката, посебно македонскиот период од неа, сепак има еден пример на гробница кој се наоѓа на јужниот дел на некрополата. Се работи за гробница издлабена во карпа во која не е завршена комората, што упатува на тоа дека таа не била ниту употребена. Поголем дел од гробовите биле градени во форма на циста со големи камени плочи, од кои, како што може да се види било подоцна изградено и едно гумно на самиот простор на некрополата кое, веројатно, се користело во средновековниот и подоцнежниот период.

Гробницата со дромосот и гробните простории со современа надградба на влезот 3
Гробницата со дромосот и гробните простории со современа надградба на влезот 3

Гробницата од македонски тип на „Гумење“ станува многу поинтересна со откривањето на нови содржини во нејзина анпосредна билизина. Околу неа се среќаваат бројни движни археолошки наоди, како фрагменти од керамички садови, градежен камен и градежна керамика, но за нас, посебно откритие е една поголема карпа на околу 7 m југоисточно од гробницата, која претставува природен менхир, на кој се среќаваат поголем број интервенции од човек, односно, обработени делови од неа за определена намена, поврзана со претходно споменатиот објект, односно, гробницата од македонски тип. Имено, на највисокиот дел на карпата, која е висока околу 6 m, има зарамнет дел со хоризонтална површина, мало плато, од околу 1,5 m2 површина, а на него се изработени три правоаголни корита, распоредени во правец север – југ, од кои јужното корито е правоаголно, со димензии 0,30х0,20х005 m, второто, кое е во средината на линијата во која се распоредени, 0,30х0,20х0,15 м и третото, на најсеверниот дел од малото плато, зафаќа неправилна форма и помали димензии. Пристапот до малото плато е полесен од југозападната страна, каде карпата има повече терасести делови. Северната и североисточната, како и југоисточната страна на менхирот се многу повисоки без можност за искачување по нив.

Малото плато на карпата-хероон со правоаголните јами во линија 2
Малото плато на карпата-хероон со правоаголните јами во линија 2

            Оваа форма на менхир, со културни траги по него, упатува на нејзино користење за определена култна намена, посветена на покојникот, кому била наменет гробниот објект од македонски, односно, пелагонски тип. Всушност, овој објект упатува на традицијата на побогатите гробници, да бидат придружени од дополнителен објект, наречен хероон, кој имал посебна намена и носел обележја посветени на покојникот, како и дополнителни содржини, поврзани со религијата и божествата актуелни во времето на шивотот на покојникот. Ваквиот објект упатува на фактот дека големиот број слични гробници во Пелагонија, како и пошироко, во Македонија и Медитеранот, имале и свои придружни објекти, хероони, тремови, шртвеници и сл. Од нашите сознанија, поврзани со личните согледувања на голем број вакви објекти, можеме да констатираме, дека поголемиот број вакви објекти имале слични придружни објекти, со форма и материјал зависно од просторот во кој биле изработувани.3

1 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1984, 37.

2 Исто. Прилеп и Прилепско низ историјата, книга 1, Прилеп 1997.

3 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *