ИсторијаНепокорници

ЖРТВАТА НА ХЕРОИТЕ ОД „НОЖОТ“, МЕЃУ СЕЛАТА РАКЛЕ И НИКОДИН – НЕЗГАСЛИВ ОГАН НА СЛОБОДАТА – 112 години од битката на врвот „Ножот“, меѓу селата Ракле и Никодин, Прилепско

Херојската смрт на овие херои ќе остане како незаборавен подвиг со универзално значење, во името на слободата на Македонија и македонскиот народ, кој вечно се соочува со нелогични предизвици, поврзани со неговиот идентитет, независност и слобода, наметнати од моќни надворешни сили.

„Никој не смее да ги сквернави хероите!“

Во 1907 година во Македонија значително се развила српската пропаганда и се намножиле српските чети, како подршка за нејзиното спроведување. По повеќе битки тие успеале да завладеат со областите Порече и Азот каде формирале свои бази за натамошно дејствување. Таа година е убиен војводата Стојан Вардарски, кој бил откриен заедно со неговата чета во селото Дреново, Порече, од четите на српската пропаганда. Српските четници, предводени од нивниот водач Јован Бабунски, ја нападнале четата, ја запалиле куќата во која била сместена и ги убиле сите комити, заедно со војводата Вардарски.1

„Ножот“
„Ножот“

Поради ваквите случувања и услови во Македонија, пголем број вовјоди и чети на Македонската револуционерна организација решиле да дојдат во Македонија и да ги средат состојбите на Организацијата, со тоа што ќе ги потиснат пропагандите кои правеле раздор меѓу македонското население. Четите кои први стигнале во Македонија се судриле со српските чети во Скопско.2 Меѓу нив биле четите на Михаил Чаков, Тане Николов, Христо Цветков, Иван Алабакот и др.3 При крајот на мај 1907 година во Велешко пристигнал и Петар Ацев со својата чета, се сретнал со четата на Тане Николов и двете чети заедно се движелениз Велешко и Прилепско. На 8-ми јуни истата година во Велешко пристигнал и Михаил Чаков со чета од 50 комити, како новоназначен велешки војвода.  Неколку дена подоцна во истиот реон дошол и Христо Цветков со 30 комити, а на 22 јуни 1907 година четите на Михаил Чаков, Тане Николов, Петар Ацев, Мирче Најденов и Христо Цветков го опсадиле селото Никодин, во областа Прекурид, Прилепско, по информацијата дека во него се наоѓаат две српски чети. Српските чети ја забележале опсадата и на разни начини, со облекување во женска облека, со криење во скривници и преправање во говедари, успеале да се спасат. При претресот во селото четите на Организацијата никого не успеале да пронајдат. Случајно бил затекнат само раководителот на српската пропаганда во селото и, на лице место, бил застрелан од страна на војводата Тане Николов.4

Војводата Михаил Чаков
Војводата Михаил Чаков

Насетувајќи дека може да дојде до поголем судир, Војводскиот совет на собраните чети, преку месните организации дал наредба да се подготви храна – леб и сува храна за 500 луѓе за три дена. На 10 јули 1907 година, на просторот меѓу селата Ракле, Никодин и Попадија се собрале четите на Михаил Чаков, Тане Николов, Петар Ацев, Христо Цветков и Ѓорѓи Мариовски, со околу 150 комити и 300 души селска милиција. Вака групирани четите, на 11 јули го опсадиле селото Никодин за да се пресметаат со српските чети, кои биле во селото. Увидувајќи дека македонските чети се многу посилни од нив, српските агенти решиле да извршат предавство. Тие и дале подробни информации на турската власт за движењето на четите на Организацијата.5 Според Георги Трајчев, преку поткупени шпиони и преку турскиот конзулат во Бугарија, власта во Прилеп добила подробни информации за четите, за нивното вооружување, за нивната бројност и сл.6 Веднаш почнале да се преземаат мерки за нивно дочекување. Турските власти наредиле да тргнат војски од Велес, Тиквеш, Воден, Лерин, Битола и сите да се упатат во правец на Прилепско за да го стегнат обрачот околу четите.7 Прилепскиот комитет, преку поткупени Турци – шпиони, исто така, брзо дознал за движењето на турските војски од гарнизоните во Велес, Тиквеш, Прилеп, Битола, Воден и Лерин.8 Куририте на Организација им јавиле на четите за доаѓањето на војските во правец на нивната локација.9 Прилепскиот комитет им препорачал, па дури и ги молел четите да се повлечат во Мариово.10 Натценувајќи ги сопствените сили, а за да не се внесе страв и малодушност меѓу комитите, војводите одолговлекувале со повлекувањето во Мариово, чекајќи го доаѓањето на војводата Иван Наумов Алабакот, кој веќе ја преминал реката Вардар и со својата чета, наблужувал до закажаното место.11 Војводскиот совет донесол решение да ги раздели комитите на две групи. Првата група била составена од четите на Тане Николов, Петар Ацев и Ѓорѓи Мариовски и заедно со селската милиција се лоцирала на Попадиските Чукари, а втората група била составена од четите на Михаил Чаков, Христо Цветков и Мирче Најденов и се расположила на врвот „Ножот“, североисточно од селото Ракле. Од овие места, две групи од по 8 комити, на чело со војводите Секула Ореовдолски и Велко Попадиски биле испратени по храна на врвот „Јасенова Глава“, меѓу селата Никодин и Владиловци.12 На 13 јули 1907 година, во подножјето на „Ножот“ се собрале војводите Михаил Чаков, Христо Цветков, Тане Николов, Петар Ацев и Мирче Најденов за да се договорат што да преземат во новонастанатата ситуација.13 Војвода на „Ножот“ останал секретарот на велешката чета Петко Којчев. Ноќта, со забрзан марш, во селото Попадија пристигнала четата на Иван Алабакот, која броела 50 души.14 Дознавајќи од комитите, кои биле испратени во извидување, дека турските војски наближуваат, Војводскиот совет решил да се избегне директен судир со турските војски. Веднаш испратил курири на „Ножот“ за да им пренесат на комитите, кои биле таму, да се повлечат кај Попадиската воденица. Во исто време пристигнал и курирот на војводата Велко Попадиски, кој им соопштил дека кон „Ножот“ забрзано настапуваат туркси војски.15

ФАТАЛНОТО РЕШЕНИЕ НА КОСТУРЧАНИ

Врвот „Ножот“ бил запоседнат од 54 комити, меѓу кои била целата чета на војводата Христо Цветков, која броела 30 души и потекнува од Костурско. Војводата Цветков не бил со чеатата, бидејќи бил на средба со Војводскиот совет, а четата му ја оставил на својот помошник, Атанас Попов од селото Шестово, Костурско.16 Во меѓувреме, турската власт наредила сите чети, кои доаѓале во правец на Велешко да бидат пропуштени бидејќи имала намера да им зададе решителен удар во овој крај. Ваквата одлука на турската власт стигнала и до ушите на Војводскиот совет и токму поради тоа решил битката да не се прифаќа. Куририте испратени од Војводскиот совет дошле на „Ножот“ и им ја соопштиле одлуката на комитите, кои се наоѓале на врвот. На ваквото решение од Војводскиот совет, Атанас Попов, „едно бујно и до безумие храбро 19-годишно момче“ и Трендафил Думбалаков од солунското село Сухо, врсник на Атанас Попов, од името на костурчани, скокнале на нозе и изјавиле дека одлуката на Војводскиот совет е неумесна и нереволуционерна, дека тие нема да се потчинат на неа и дека ќе го прифатат бојот со триилјадната турска војска, која го опкружувала „Ножот“. – „Ќе им кажете на војводите дека тоа е неповратно решение и дека тоа решение тие и ќе го исполнат, дури и ако останат сами, презирајќи ја опасноста и ризикуваќи да умрат до еден. Зашто тие дојдоа да се бијат, а не да отстапуваат“. Нив ги подржале и Петко Којчев и Најдо Арсов од селото Папрадиште, на што сите комити пламнале и со прегрнување и бакнежи, донесеното решение било едногласно прифатено: да го прифатат бојот и до еден да загинат, но да не отстапат пред непријателот.19 Веднаш потоа пристапиле кон подготовка на позициите за одбрана.

Војводата Христо Цветков
Војводата Христо Цветков

Многубројната турска војска веѓе наближувала и куририте со мака успеале да се приберат кај другиот дел од комитите и да им ја соопштат фаталната одлука на 54-те бескомпромисни македонски патриоти на врвот „Ножот“ кај селото Ракле. Сите патишта, кои воделе кон врвот биле зафатени од многубројна турска војска и на тие што биле горе немало можност да им се помогне. Во меѓувреме, на Попадиските чукари со два бокли вода пристигнале сестрите на Велко Попадиски, Мара и Петра и им соопштиле на војводите дека турски единици итаат кон височините за да ги запоседнат. Еден селанец од околината силно се провикнал: „Побрзајте бре-е-е-ј … воловите влегоа во нивата!“ Тоа било знак дека Турците се многу близу и војводите Тане Николов, Мирче Најденов и Никола Странџата зафатиле една од чукарите со своите чети. Друга чукара запоседнале Михаил Чаков и Велко Попадиски со група комити.

Војводата Иван Наумов Алабакот
Војводата Иван Наумов Алабакот

Првите патроли паднале убиени од ненадеен оган на комитите Тодор Дочев, Никола Христов Болгуров и Благој Караатанасов. Тане Николов со чеатата водел битка со турската војска која доаѓала од Тиквеш и Велес, а Иван Наумов Алабакот се биел со војските, кои настапувале кон „Ножот“ за да им даде можност на комитите кои биле горе да се повелчат.

Војводата Тане Николов
Војводата Тане Николов

Бројот на комитите од пристигнатите чети во реонот бил повеќе од стотина добро вооружени и извежбани комити. Можеби тоа им давало самодоверба да останат на тој простор и да ја покажат својата подготвеност за борба. Кон нив се присоединиле уште неколку стотици селска милиција.

БИТКАТА НА „НОЖОТ“

На 14 јули 1907 година започнала фаталната битка на „Ножот“. 54-те комити, кои го запоседнале врвот, биле нападнати од дел од аскерот, кој доаѓал од Битола, преку Мариово, преку селата Дрен и Смолани, кон селото Ракле. Нападот започнал уште во зората. Потоа битката се проширила кон селата Попадија, Смиловци и Никодин.21 Сите војводи се наоѓале на височинките во атарот на селото Попадија. Таму биле и четите на прилепските војводи, Петар Ацев и Мирче Најденов, а кај Никодин се наоѓала чеатата на Секула Христов Ореовдолски.22 По добивањето на решителниот одговор од комитите на врвот „Ножот“, Војводскиот совет донесол решение за повлекување кон височинките во атарот на селото Попадија, со цел да им даде подршка при нападот на тие од врвот.

Војводите Мирче Најденов, Тане Николов и Ѓоре Спирков - Ленишатнецот
Војводите Мирче Најденов, Тане Николов и Ѓоре Спирков – Ленишатнецот

На „Ножот“ Турците напаѓале најжестоко. Четите од попадиските височинки почнале да стрелаат на Турците, но со тоа не им нанесле посебни загуби за да ги расколебаат во жестокиот напад за освојување на врвот. Врвот бил опсаден од сите страни. Првиот атак на Турците бил одбиен. Комитите фрлале бомби, стрелале со пушки, а се биеле и со ножеви, кога Турците ќе им се доближеле до врвот.

Четата на Михаил Чаков
Четата на Михаил Чаков

Комитите пееле песни и постојано викале „ура“, целосно внесени во жестоката битка. Нерамниот терен на битката бил исполнет со тела на убиени војници. Битката ја набвљудувал командантот Енвер-бег. Потресен од поразот при првиот налет на војниците, тој ја извадил сабјата и прв тргнал кон врвот наредувајќи им на војниците да го следат. Битката повторно жестоко се разгорела, а малобројните комити, на жестокиот напад на многубројниот турски аскер, повторно, одговориле со песна, стрелба од пушките, фрлање бомби, но и со ножеви и ками, како и постојано „ура“.23 Во нерамноправната битка, на комитите полека им снемува муниција за пушките, бројот на бомбите се намалувал, а еден по еден, и самите паѓале пред зачестената стрелба на многубројните аскерски пушки. На крајот останале само 8 комити непогодени од куршум, но без бомби и куршуми за пушките. Тогаш,војводата Атанас Попов извадил и активирал една зачувана бомба. Кон него, со лазење, се приближиле и другите комити за да ја пречекаат понудената смрт. Се собрале еден до друг и набрзо потоа, се слушнал силен тресок од бомбата. Делови од телата на комитите распрскале и паѓале на војниците кои го опсадувале врвот.24 Во тој момент останале сите занемени пред грозоморната слика. Настанала гробна тишина. Енвер – бег се искачил на врвот и, сосема збунет од невидениот чин и подвиг на хероите, не можел да изусти ниту збор. , Кога една група војници почнала да ги соблекува мртвите тела на комитите, тој им искомандувал: „Никој не смее да ги сквернави хероите! Дали видовте како тие ја презираат смртта? … Се борат и умираат како херои.“25 Потоа, ги собрал своите војници околу себе и им зборувал за херојското дело на комитите на кои требало да им оддадат почит. На крајот, не можејќи да зборува, само извикал: „Алах, Алах, Алах!“26 Така завршила битката на хероите меѓу селата Ракле и Никодин, на „Ножот“. Зад нив останува мистеријата за фаталната одлука да останат на врвот и да се втурнат во смртоносната битка со далеку побројниот непријател, да ја пречекаат смртта со раширени гради, со песна и со ура во желбата за слобода, за слободна и независна татковина Македонија. Не, не се работи само за сопственатата чест и сопственото достоинство, туку за незгасливата желба за слобода на татковината, која може да се изгасне само со постигнување на крајната цел или со доброволна смрт! Постоело ли извесно несогласување и судир на ставовите и меѓу самите војводи, останува непознато за нас. Херојската смрт на овие херои ќе остане како незаборавен подвиг со универзално значење, во името на слободата на Македонија и македонскиот народ, кој вечно се соочува со нелогични предизвици, поврзани со неговиот идентитет, независност и слобода, наметнати од моќни надворешни сили.

Четата на Христо Цветков
Четата на Христо Цветков

Другите чети, исто така, биле атакувани од страна на турската војска, но не биле доведени во ситуација да влезат во директна борба со опсадувачки непријател и повеќето од комитите се извлекле од битката. Покрај 54-те комити од „Ножот“ загинале уште тројца други и бројот на загинатите на страната на комитите се сикачил на 57. Некои од четите на попадиските височинки, исто така, биле опсадени, но војводата Михаил чаков, со дел од комитите и насобраната народна милиција, ги пробил кордоните на турската војска и им пуштил пат на опсадените да се повлечат од местото на битката. Всушност, тој со своите комити и народната милиција ги удрил турксите војски в грб и тие се распрснале на разни страни, со што им овозможил на заобиколените да се спасат од обрачот.27 Стефан Аврамов наведува дека, по претходно донесено решение на Војводскиот совет, војводата Михаил Чаков и Велко Апостолов Попадиски успеале да се извлечат од полето на битката, отишле во селото Попадија, собрале 20 души вооружени милиционери и, околу 10 часот вечерта, дошле зад грбот на турските единици. Со ненадеен и силен оган, оваа новоформирана македонска единица внесла збунетост во редовите на турската војска. Користејќи го тоа, собраните чети, предводени од Иван Наумов Алабакот и Тане Николов го пробиле непријателскиот обрач и пристигнале во една воденица кај селото Фариш. Во воденицата, комитите биле пречекани со топол леб и топла храна, а набрзо потоа, за да ги заметнат трагите, четите заминале во селото Галиште во областа Мариово од каде се разотишле на разни страни.28 на тој начин, овој дел од комитите, ја избегнале судбината на оние од „Ножот“, кои изгинале сите, до еден.

Трендафил Думбалаков
Трендафил Думбалаков –
https://bg.wikipedia.org/wik фото: T. K. Apostoloff

Зад битката на „Ножот“ останала песната „Темен се облак зададе“, како и други народни творби во кои народот ја опеал невиденат жртва на своите херои. За нас е позната и една фотографија од загинатите на „Ножот“, која ја направил италијанскиот жандармериски инструктор, Ѓузепе Луци, кој бил присутен на местото на битката за која и самиот расправал. Според него, останувајќи без муниција, повеќето комити сами си го одзеле животот.29  На просторот на битката останале и голем број мртви турски војници. Турците, неколку дена по битката, забранувале движење на местото на кое се одвивала. Поради големиот број загинати, тие, битката ја нарекле „Жапон моаребе си“ (Јапонска војна).30

112 години од битката на „Ножот“ – 14.07.2019

1 Стефан Аврамов, Револуционите борби во Азот и Поречието, Материјали за историјата на македонското ослободително движение, книга X, Македонски научен институт, Софија 1929, 147, 148. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 128, 129.

2 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 129.

3 Георги Трајчев, Град Прилеп, 249.  Стефан Аврамов, Револуционите борби…, 149.

4 Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 155.

5 Исто, 156.

6 Георги Трајчев, Град Прилеп, 249.

7 Исто.  Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 156. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 129.

8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 249. Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 156.

9 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 129.

10 Г. Трајчев, Град Прилеп, 249. Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 156.

11 Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 156.

12 Исто, 158.

13 Исто. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 129.

14 Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 158.

15 Исто.

16 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 129.

17 Исто.

18 Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 158 и 160.

19 Исто, 160.

20 Исто, 160 и 161.

21 Исто. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 130. Г. Трајчев, Град Прилеп, 249. (Трајчев погрешно наведува дека на „Ножот“ се наоѓале 45 души)

22 Г. Трајчев, Град Прилеп, 249.

23 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 130 и 132. Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 161.

24 Исто. С. Аврамов истакнувба дека комитите на „Ножот“ наредиле седум бомби, легнале врз нив и ги активирале.

25 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 132. Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 162.

26 Исто.

27 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 132.

28 Стефан Аврамов, Револуционите борби …, 162.

29 Г. Трајчев, Град Прилеп, 249. (Трајчев наведува дека на “Ножот“ загинале 45 комити, а 7 души паднале од четите кои успеале да се извлечат, како и 5 комити од четата на Секула Ореовдолски, кај селото Никодин, со што бројот на загинатите достигнал 57).

30 Исто, 250.