СЛЕПИЛО

(Од необјавената збирка „КУЧЕШКО ВРЕМЕ“ – прв дел: „ВО КАНЏИТЕ НА СТРАВОТ“) 

Свежо го чувствувам мирисот

од пепелта на раѓањето,

вкусот на крвта од утроба

и лелекот на светлината

низ живи рани на кревкоста,

сурово засечено ткиво

на мајчина папочна врвца

на вистината првородна.

Рожбата диво заплака и

во денот на соочување

остана гола – осамена.

Законџии собрани во занес

церемонијално без свест

му дадоа име на блудот.

Во мојот истрошен дом, светно,

падна гром крај мојата глава,

преживеа гревот исконски

оттогаш ми притиска гради

пораснат во вистинска зрелост.

Времето на освестување

дојде по времето на лудост,

збунето од вонземски блесок.