ЗАВИДНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОКОЛУ ПРИЛЕПСКОТО ЕЗЕРО И ПОД ВОДЕНАТА МАСА

Тешко е на едно место да се опишат сите траги од стара култура околу Прилепското Езеро. Се чини дека на површината покриена со водата од акумулацијата, како и по падините на околните ридови, односно по бреговите на езерото, се кријат завидни остатоци на материјална култура од различни времиња. Порано веќе пишувавме за една од најстарите населби на Пелагонија, која се крие во водите на езерото и при вливот на Ореовечка Река во езерото, односно, на локалитетот Пештерица (http://www.pelagon.mk/2018/05/17). Оваа праисториска населба, која егзистирала пред околу 8. 000 години е само дел од културата, која се крие на овој простор. Уште една градба позната како „Црквата“ се наоѓа на околу 5 м југоисточно од патот за Дервен, и на околу 100 м северозападно од езерото. Според археолозите, се работи за градба со завидни димензии од доцната антика, од познатиот тип на вили рустики, која е истражувана од археолозите на Заводот и Музеј од Прилеп.

Пирамидален тег - кеармика
Пирамидален тег – кеармика

                Остатоците од разновидни културни предмети, кои се среќаваат на разни места околу езерото, како и во деловите кои ги покрива водената маса, упатуваат на уште многу други остатоци од градби, а веројатно е дека има остатоци и од помали или поголеми населби од различни времиња, особено од македонско-римскиот период и доцната антика. Такви индиции даваат бројните фрагменти од тегули, цигли, керамички тегови со пирамидална форма, фрагменти од питоси, како и фрагменти од помали керамички садови и други археолошки предмети, кои се среќаваат на просторот источно и североисточно до мотелот, односно на западниот брег на езерото, како и сличните наоди на источниот и североисточниот брег и при вливот на Ореовечка река во акумулацијата.

Група фрагменти од керамички предмети
Група фрагменти од керамички предмети

ТЕМЕЛИ ОД ДВЕ ПОГОЛЕМИ ГРАДБИ СЕВЕРОИСТОЧНО ОД МОТЕЛОТ

Градба бр. 1

                Доколку со внимание се проследи теренот источно и североисточно од распаднатата зграда на некогашниот мотел кај Прилепското Езеро, ќе се забележи дека по површината на теренот, како во оној дел кој бил надвор од водената маса, така и во делот кој бил покриен со вода, ќе се забаележи големо присуство на археолошки траги од различни времиња, а според првичните согледувања може да се констатира дека тука најмнопгу остатоци има од мекедонско-римскиот и доцноантичкиот период. Освен големиот број фрагменти спомкенати погоре, на овој дел се забележуваат и траги од градежен камен и друг градежен материјал, но и темели до извесни градби со завидни димензии. Токму во нивна непосредна близина се забележуваат и голем број археолошки остатоци, односно фрагменти од разни керамички предмети, како и од градежна керамика. Една од градбите покажува впечатливи димензии и се гледаат нејзините остатоци во непосредна близина на споменатиот мотел, на самиот раб до кој стигнуваат водите од акумулацијата кога е исполнета со вода, а надолу од неа и околу неа има голем број фрагменти од археолошки остатоци. Градбата зафаќа правец исток – запад и се чини дека имала влез од источна страна, а во нејзините темели биле вградени и поголеми камени блокови.

Градба бр. 2

Уште една градба, според она што може да се види на теренот денес, со цврсти темели се наоѓа на околу 100 м североисточно од мотелот, на левиот брег на едно помало долче, на еден зарамнет дел на брегот. Тука се гледаат јасни остатоци од темели на градба со поголеми обработени и делумно обработени камени блокови. Според видливото и оваа градба зафаќа приближна насока исток – запад, а од источната страна се протега и остаток од уште еден ѕид, веројатно од градба, која била прилепена до првата. Непосредно до темелите, како и во поблиската околина се забележуваат фрагменти од разновидни археолошки предмети во нагласен обем, особено устинки од питоси, тегули, цигли, но и голем број фрагменти од помали керамички садови. Земајќи предвид дека овие археолошки остатоци, според формата и естетиката упатуваат на македонско-римскиот период, може да се претпостави дека тука егзистирала градба токму во тој период или најдоцна во доцната антика. Близината на градбата бр. 1, која наведува на сличен период, упатува на констатација дека целиот овој простор во споменатиот период бил располагал со извесна културна целина, односно, бил дел од извесна помала или поголема населба. Појавата на керамика со нагласен квалитет, исто така, треба да се има предвид при обидот за толкување на материјалната култура од овој локалитет. Археолошки траги се среќаваат и на источниот брег, како и на ридот од таа страна, како и од јужната страна на браната. Од ридот источно од езерото, лично се сеќаваме на една антропоморфна стела – горен дел, која ја збаележавме покрај патот за Пештерица преку Маркова Чешма пред неколку децении.

Фрагменти од керамика од источниот брег:

ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ЗАПАДНО ОД ПРЕТХОДНО ОПИШАНИТЕ ОСТАТОЦИ ОД ГРАДБА 1 И ГРАДБА 2

                Траги од стара култура околу Прилепското Езеро се среќаваат и на малку поголемо растојание, југозападно од патот за Дервен, по ридот кој се протега од југоисток кон северозапад. Тие се среќаваат уште на почетокот на ридот, на неколку стотини метри пред езерото, каде се среќаваме со оформени делови по карпите, наоди на фрагменти од керамички садови и тегули и други арехеолошки остатоци. Во повиоскиот дел, на средината на една голема зелена површина, на една помала ниска карпа се наоѓа и еден гроб издлабен во карпа со насока североисток – југозапад, во чија непосредна блиџина е издлабена и мала кружна јама, која веројатно служела за принесување прилози на покојникот. Во продолжение на ридот, во карпестиот дел, кој се наоѓа на околу 200 м западно од мотелот познат како „мотелот на Алавантиовци“, се забележуваат бројни остатоци од керамички предмети, од садови, тегули и сл. На тој дел, јасно е дека имало и градби од камени конструкции, кои биле припојувани до површините на карпите. Голем број карпи биле прилагодувани за потребите на објектите, а се среќаваат и помали објекти изработени во карпа, како еден помал кружен сад издлабен во мала карпа со топчеста форма. Веројатно е дека овој локалитет крие извесна помала населба, на што упатуваат и наодите на градежен камен и друг вид градежен материјал.

Локалитетот со остатоци од стара населба по сртот на ридот, лево од патот за Дервен
Локалитетот со остатоци од стара населба по сртот на ридот, лево од патот за Дервен

Доколку се проследи теренот по западниот брег на Прилепското Езеро, ќе се забалежат и други археолошки траги, речиси, по целата површина. Меѓу нив, остатоци од разни ѕидови од воденици и други објекти крај реката, кои потекнуваат од периодот пред да биде изградена браната за вештачката акумулација, како и разновидни археолошки наоди од вижен карактер, од различни периоди, од праисторијата, па до поново време. На околу 200 м северно од Градбата бр. 2 се соочуваме со уште еден стар објект со завидни димензии и со голем број придружни објекти, како и простор со гробно место и гробни конструкции со впечатливи прилози во гробните јами. Меѓу месното население, овој објект е позната како „Црквата“

„ЦРКВАТА“ ГОЛЕМА АНТИЧКА ГРАДБА ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД И ДОЦНАТА АНТИКА

Можеби токму погодниот простор за живеење е причина што прос­то­рот на локали­тетот Пештерица постојано ги привлекувал жителите на просторот на Македонија низ милениумите и вековите. Освен неолитот археолозите овде имаат констатирано и населување во античкиот период. Од наодите овде вниманието посебно го привлекува една голема градба со цврсти ѕидови од типот Vila rustika откриена пред неколку децении. Таа претставува зграда со придружни објекти, која му припаѓала на некое богато семејство од поголема населба во близина, а која е пронајдена и истражувана при градењето на браната на Вештачкото езеро, кога делот кој требало да биде потопен од езерото претходно сондажно е истражуван од страна на Народниот музеј од Прилеп. Притоа е констатирано дека на овој простор егзистирала споменатата Villa rustika која е датирана од III до IV век на нашата ера.1

Објектот Вила рустика од запад
Објектот Вила рустика од запад

Градбата, според остатоците од темелите била градена од камен и малтер, а била составена од три дела. Главниот дел, кој бил и најголем, претставувал правоаголна форма со апсиден дел (полукружен) од северозападната страна и имал димензии од 23,50 m. должина и 15 m. ширина, а затекнатите ѕидови имале дебелина од 0,70 m. Во градбата се откриени остатоци од посебните простории кои служеле за посебни намени, како и посебни објекти како што се базен за толчење грозје, простор за бања и сл. Според констатациите на археологот К. Кепески, вилата веројатно била користена само во летниот период, кога се собирале земјоделските производи (грозјето), а преку зимата сопственикот се враќал во населбата од која потекнувал, веројатно, Керамиа која се наоѓала на просторот на Маркови Кули, Варош и Заград кога вилата ја чувале луѓето од неговата послуга. Според некои мермерни елементи, основи за столбови од кои парчиња наоѓал сопственикот на нивата во која е пронајдена вилата, во градбата имало и делови изградени со столбови од мермер.2

„Црквата“ - остатоци од вила рустика
„Црквата“ – остатоци од вила рустика

Интересно е дека при изградбата на една каптажа на изворот кој и денес е вклучен во системот за снабдување со вода на Прилеп е констатирано дека постоела каптажа уште во римскиот период за која археологот Кепески смета дека била дел од водоводот од кој се снабдувала споменатата Villa rustika3. Toj ce прашува дали на овој извор не била изградена и посебна култна градба, Нимфеум, со соодветни елементи, карактеристични за таквите култни простори во античкиот период на многубоштво. Тоа, од своја страна, претпоставува покомплексна градба од дел за користење на водата и придружни фигури на нимфи (самовили). Изворот со каптажата се наоѓа на околу 200 m од остатоците на вилата.

„Црквата“ - остатоци од вила рустика - со апсидата од запад
„Црквата“ – остатоци од вила рустика – со апсидата од запад

Во близина на вилата се откриени и други археолошки остатоци, односно неколку гробови датирани во слично врем, кои се откриени со изградбата на делот од патот кој минува преку Дервен, а кој бил потопен со езерото. Во гробовите се пронајдени повеќе предмети меѓу кои златен и сребрен накит, монети од императорите на римското царство од III и IV век, едно лажиче со изгравирана риба од внатрешната страна, па дури и една медицинска алатка4. Вниманието посебно го привлекуваат лажичето со изгравирана риба, која е омилен симбол во христијанството и медицин­ската алатка, која покажува дека еден од гробовите, можеби, му припаѓал на лице кое имало познавање од медицината. Значајна е и една мала капела констатирана над еден од гробовите во кој почивала жена. Таа укажува на богатството на погребаната личност што е потврдено и со наодите во самиот гроб, како што се ѓердан и обетки од злато. Освен металните наоди пронајдени се и повеќе делови од стаклени садови. Датирањето на вилата е изведено токму преку монетите кои се пронајдени во гробовите за кои се пртпоставува дека им припаѓале на нејзините сопственици. Пронајдени се монети на императорот Проб (276–282), па се до Валентијан (364–375 г.). Се претпоставува дека градбите на овој имот се уништени од некаков пожар или насилно уривање. Интересно е дека вакви наоди се констатирани и на просторот на денешната населба на Прилеп „Бончејца“, потоа во селото Турско (Подвис) каде е пронајден и дел од мозаик од камчиња изработен на подот од една од просториите5, односно на вкупно дваесетина места во околината на Прилеп. Според археолозите, ваквите имоти располагале со комплетни услови за престој преку целата година.

„Црквата“ - остатоци од вила рустика
„Црквата“ – остатоци од вила рустика

Освен досега спомнатите траги од древната цивилизација на просторот на Пештерица за археолозите е позната и една мермерна стела (надгробен споменик) на која има натпис на кој се споменуваат неколку имиња од антиката поврзани со донаторот и починатиот на кој му припаѓал гробот над кој е пронајдена стелата.

Архитектонски елементи од мермер во просторот на градбата
Архитектонски елементи од мермер во просторот на градбата

Движни археолошки наоди од „Црквата“:

1 К. Кепески, Villa Rustica во Пештерица кај Прилеп, МАА бр. 2, 1976, стр. 143.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто.

5 Б. Бабиќ, Прилеп и Прилепско …, стр. 61–71.