ЈАСТРЕБ ГЛУВЧАР (Buteo buteo)
Јастребот глувчар (Buteo buteo) го „сретнавме“ во нашата поблиска околина, поточно, во пониските делови на Маркови Кули. Имавме среќа да ни позира неколку минути за да можеме да го пренесема на Вашиот портал ПЕЛАГОН.

Јастреб глувчар е граблива птица со средна големина и живее низ цела Европа, како и во Азија. Во Македонија често го среќаваме на разни места – по работ на шумите, низ полето, застанат на некоја карпа, на некое дрво или во лет. Тој може да има многу различни бои на перјата од бела до црна боја. Во нашата околина – Пелагонија, Мариово и поширокиот регион, обично среќаваме јастреби со темна кафеава боја. Тие постигнуваат должина од 40 до 58 см и распон на крилјата од 1,09 до 1,36 м, а тежина од 0,427 до 1,364 кг

Јастреб глувчар се храни, главно, со мали цицачи – фазани, зајаци и други цицачи, како и змии, гуштери, а се харни и со мрши. Јаде и инсекти и црвја, кои ги собира низ полето, особено, по свежо изораните ниви. Располага со вонредно голема сила и може да носи и голема тежина во споредба со неговата. Вообичаено се движи сам, но може да се сретне и во помали јата при нпреселување.

Нашиот јастреб (овој на нашата фотографија) го затекнавме во набљудување на околината во потрага по плен. Првиот момент кога не забележа, љубоптино и вознемирено не погледна и одлета. во широкиот простор во потрага по помирно место. Ние можеме само да му заблагодариме на овој украс и богатство на природата, кој ни подари миг од своето драгоцено време.