ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ГРАД НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МАРКОВ ЧАРДАК“ КАЈ СЕЛОТО БЕЛО ПОЛЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
Ретки се повисоките ридови во Пелагонија каков што е ридот со локалитетот „Марков Чардак“, кој е расположен од северната страна на селото Бело Поле и правејќи потковица го заобиколува селото Кутлешево, што е расположено во внатрешното подножје на „потковицата”, Новоселани од западната, а во негова близина на источната страна се наоѓа селото Заполжани. На овој рид – потковица, кој е познат под името „Ридот“ се среќаваат голем број траги од древната култура на нашиот простор. Од страната на селото Бело Поле се истакнува споменатиот локалитет „Марков Чардак“, кој зафаќа простор од неколку хектари. Локалитетот ги зафаќа површините на делот од ридот познат како „Марков Чардак“, неговите падини, како и рамните површини покрај ридот, особено од северозападната страна. На површината на локалитетот се наоѓаат остатоци од керамички садови од раната антика, а со големиот број обработки во карпите на највисокиот дел, локалитетот остава посебен впечаток и, веројатно, поради тоа добил карактеризација на чардак. Некои од карпите се, речиси, целосно обработени и прилагодени во форма на ѕидови кои се остаток од некогашната тврдина, која го опкружувала рамното платó на ридот и претставувала акропола на раноантичката населба, за која некои од археолозите претпоставуваат дека била македонски раноантички град со непознато име. Некои делови од карпите се убаво израмнети со помали и поголеми хоризонтални површини, кои биле дел од некои простории во рамките на тврдината, и надвор од неа, а се среќаваат и голем број други објекти длабени во карпите присутни на овој локалитет. Такви се некои големи кружни резервоари кои служеле за чување храна, течности или служеле за некоја друга намена. Речиси, сите вакви објекти се правени со кружен отвор со пречник од 0,5 до 1 m.1 Внатрешниот дел е значително проширен со што е зголемен нивниот волумен за да соберат поголеми количества од она што се чувало во нив. Освен споменатите форми, по вертикалните профили на карпите, кои се архитектонски остатоци од некогашните градби, се среќаваат и други длабени објекти, како ниши, полици и сл. Одредени делови од карпите биле рамнети само како основа за ѕидовите кои биле надградувани на нив. На површината на теренот, тешко може да се најдат остатоци од утврдувачкиот ѕид, бидејќи градежниот материјал е одамна разнесен за градба на куќите од најблиските населби, особено селата Бело Поле и Кутлешево.

ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП ИЗДЛАБЕНИ ВО КАРПИТЕ ОД СЕВЕРОЗАПАДНАТА СТРАНА
Иако локалитетот „Марков Чардак“ е познат за археолозите, некои негови значајни културни содржини се малку познати или се воопшто непознати. Ова особено важи за аристократските гробници од македонски тип, издлабени во карпа.2 Тие се наоѓаат на западните падини на „Марков Чардак“ издлабени во неколку карпи. Ние констатиравме дека овде се наоѓаат најмалку две гробници засечени во карпа, но според информациите дека на овој простор се наоѓале и други слични „пештери”, нивниот број веројатно е поголем. Со оглед на фактот дека голем дел од карпите се кршени за обезбедување градежен камен за куќите од селото Новоселани и другите поблиски села, можно е и уништување на некои од овие значајни културни споменици, во некое поблиско или подалечно време.

Според формата која може да се забележи на двете македонски гробници кои ги пронајдовме на теренот, тие се совпаѓаат со оние од Горно Село, кое се наоѓа на околу 15 km источно одовде. Тоа го потврдува сличниот распоред на гробните простории, односно дромос, преткомора и комора. Особено јасно ова може да се види на првата гробница, која се наоѓа поблиску до селото Новоселани, односно на најистурениот дел на западната падина на „Марков Чардак“. Оваа гробница располага со дромос долг околу 3 m, влезна врата, со оштетени рабови од ерозија, висока околу 1,3 m; преткомора со должина 1,3 m, ширина 1,5 m и висина 1,3 m; комора со должина 1,7 m, ширина 1,8 m и висина 1,3 m. На подот на главната комора има правоаголна погребна јама, релативно квалитетно изработена со димензии 1,3 х 0,8 х 0,5 m. Таваните на двете простории на гробницата се полукружно засводени.3


Втората гробница од македонски тип на „Марков Чардак“, која се наоѓа од неговата јужна страна, е во значително лоша состојба, пропадната од горната страна и на неа компактен е само влезот и дромосот, а таваните на преткомората и погребната одаја се пропаднати. Сепак, може да се забележи полукружниот свод на дел од внатрешните простории.
Присуството на гробници со аристоркратски димензии на „Марков Чардак“ упатува на големината и значењето на оваа населба во раната антика, особено во времето на силниот развој на македонското кралство. Тие покажуваат дека традицијата на погребување во гробници од ваков тип го зафатил и овој дел од Пелагонија и на тој начин упатуваат на сличната култура која била распространета и на овој дел од територијата на етничка Македонија. Присуството на аристократија во населбата наведува на констатацијата дека таа е една од големиот број градови во овој дел на Пелагонија, чие име, засега, е непознато.
СВЕТИЛИШТЕ НА ПОМАЛО СЕДЛО ОД ЗАПАДНАТА СТРАНА НА „МАРКОВ ЧАРДАК“
На северозападниот дел на локалитетот, на едно помало седло, се забележуваат остатоци од одредена градба за кои жителите на споменатите села сметаат дека се остаток од стара црква.4 Овде јасно се гледаат раскопани темели од извесна градба, градена со камен и малтер, чии ѕидови се со квалитетна конструкција. Градбата била поставена во насока исток – запад, но на обраснатиот терен со висока трева тешко е да се забележи дали таа располагала со апсидален дел. На западната страна на раскопаниот дел од градбата се наоѓа еден поголем камен блок, во исправена положба со висина од околу 1,2 m, а во негова близина лежи и еден друг камен блок со квалитетна изработка во правоаголна форма, со должина од околу 1 m, а ширина од 0,8 m и дебелина од 0,5 m. Во средината на овој камен блок е изработена правилна правоаголна јама со помали димензии. Во раскопаниот дел од градбата можат да се видат и фрагменти од градежна керамика и керамички садови. Тешко е да се каже дали се работи за стара црква или за храм од претхристијанскиот период.
НАСЕЛБА СО СТРАТЕШКО ЗНАЧЕЊЕ
Иако локалитетот го носи името на македонскиот крал Марко, населбата која егзистирала на него има многу постари корени. Тоа го покажуваат наодите на фрагменти од керамички садови, кои потекнуваат од раната антика, како и наодите на монети од истиот период, односно од времето на кралевите Филип II и Александар III Македонски. Позната е една монета на кралот Касандар (316 – 297 г. п.н.е.) од збирката на монети на Заводот и музеј од Прилеп, која е пронајдена на „Марков Чардак“. Монетата е од бронза, со претстава на богот Аполон со ловоров венец, а има и натпис „ΒΑΣΙΛΕΩΣ ΚΑΣΣΑΝΔΡΟΥ”.5 Касандар е син на македонскиот војсководач Антипатар, кој по заминувањето на Александар Македонски во походот на Персија останал главен намесник во Македонија. Касандар се оженил со Тесалонике, ќерката на Филип II и сестра на Александар. Тесалонике го носи ова име во чест на победата на Македонците со Филип II над Тесалијците, а подоцна, нејзиниот сопруг Касандар во нејзина чест му го дал и името на градот Тесалоника (Солун), кое го задржал и денес. Всушност, овој град, во негово време доживеал поголем процут, односно станал голем и значаен град.


Населбата на „Марков Чардак“, во античкиот период, кога Пелагонија доживувала голем број завојувачки и ограбувачки напади од север и од запад, од воинствените племиња – Дарданци, Илири, Келти, Гали и други, имала посебно значење. Како високо и утврдено место, со добра местоположба, во внатрешниот дел на рамницата, оваа населба, веројатно, имала стратешко значење, како втора зона во одбраната на територијата на Пелагонија и Македонија. Затоа овој локалитет заслужува посебно внимание на археолошката наука. Соодветни археолошки истражувања сигурно ќе доведат до значајни археолошки откритија, кои ќе доведат до расветлување на настаните од раната антика на овој простор. Имајќи ги предвид наодите од површината, може да се претпостави дека населбата на „Марков Чардак“ својот најголем развој го имала во раната антика, но не треба да се занемари фактот дека на истиот рид, во атарот на селото Кутлешево, на локалитетот „Присој“ се наоѓаат остатоци и од населба од неолитското време,6 а овој локалитет се наоѓа во близина на „Марков Чардак“. Тоа значи дека и населбата на „Марков Чардак“ може да има и постари корени.
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ