ОСТАТОЦИ ОД ПОСТАРИ ГРАДБИ И СТАНИЦА НА ДЕРВЕНЏИИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „УШИТЕ“ – ПРЕВОЈ НА СТАРИОТ ПАТ ПРИЛЕП – КАНАТЛАРЦИ

Локалитетот „Ушите“ претставува превој (премин) на стариот пат Прилеп – с. Канатларци, кој во постариот период бил многу експлоатиран и по него поминувале патниците на пат за селата во Битолско Поле и градот Битола. Можат да се слушнат разновидни приказни, раскажувања и преданија за голем број случувања на овој превој, особено за туркиот период, кога токму тука арамиските банди ги пречекувале мирните патници, пазарѕиите и трговците и ги ограбувале, малтретирале, па и убивале. Многу убиства во тој период во овој крај, се поврзани, токму со превојот „Ушите“. Можеби, поради безбедносни причини, актуелните власти во тие времиња, се обидувале да го обезбедат овој премин, па поставувале определена полициска или воена служба за заштита на патниците и стоката која ја пренесувале до пазарите во Прилеп и Битола, како и во помалите населби од од едната и од другата страна на превојот.

Веројатно, поведени од ваквите приказни и сознанија, трагачите по скриени богатства и авантуристите не го заобиколиле ниту ова место и, речиси, целото го раскопале во потрагата. Токму оваа активност извадила на површината на теренот и материјали, кои се доказ за преданијата, раскажувањата и претпоставките за третманот на овој превој. При копањето, од земјата излегле купишта фрагменти од керамички садови, тегули и други предмети, кои ги потврдуваат, но и продлабочуваат споменатите раскажувања. Голем број рачки од керамички садови, во разни форми, упатуваат на експлоатација на превојот уште во пораните периоди, како доцната антика и средните векови и пред доаѓањето на османлиите на овие простори. Градежниот камен, кој исто така е присутен упатува и на извесни градби, кои постоеле во соодветни периоди, на кои упатува археолошкиот материјал. Не е исклучена ниту можнопста од постоење на помала населба баш на превојот, особено од источната страна, на ридот кој се протега кон исклучителниот врв „Веслец“, кој се издига на околу 3 км источно од „Ушите“ и кој располага со остатовци од голема тврдина, која води потекло од многу постарите периоди, особено раната антика, но и ма траги и од праисториските периоди.

Патот преку превојот „Ушите“
Патот преку превојот „Ушите“

Од југозападната страна на „Ушите“, исто така, има интересен локалитет на релативно блиско растојание, на еден интересен врв со поголемо плато, на кое се среќаваат траги од утврдување и археолошки материјал од раната антика и римскиот период, односно од македонско-римскиот период. Тоа е „Ерековско Кале“ во чие подножје, пак, се крие населба од подлабоката историја, која оди до новото камено време, односно локалитетот „Комачани“ во атарот на селото Шелеверци.

„Веслец“
„Веслец“

Показателите дека тука, на превојот имало и извесни градби во минатото, неодминливо не наведуваат на помисла дека на овој низок, но многу значаен премин во турскиот период имало и извесна градба за контрола и заштита на патниците, односно посебна група за обезбедување на превојот и патот кој минува преку него, односно дервенџии, кои се карактеристични за турскиот период и кои биле организирани од помлади жители на селата во близина на премините како овој на л. „Ушите“.

Раскопан дел на превојот
Раскопан дел на превојот

На тој начин, сликата на културата на локалитетот „Ушите“ и неговото опкружување станува поинтересна, но и појасна и не упатува на подлабока размисла и анализа за значењето на овој превој низ разните времиња и периоди.