АрхеологијаДревни траги

„КАЗАН“ – ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД МИТОЛОШКОТО ВРЕМЕ НА ДРЕНСКА ПЛАНИНА КАЈ СЕЛОТО КАЛЕН, ПРИЛЕПСКО

Дека древните жители барале места за живеење кои денес за нас се сурова природа, покажува локалитетот „Казан“, кој се наоѓа на, еден од повисоките делови на планината, на околу 3–4 км западно од селото Кален, Прилепско. Локалитетот се наоѓа северно од превојот „Слива“, во атарот на селото Кален, Прилепско. На една поголема тумбасо надморска височина од 1342 м и со рамно плато меѓу поголеми карпи, отворено од северозападната страна, како и на поголем простор околу тумбата се среќаваат археолошки остатоци од стара населба. Речиси, целиот простор е исполнет со грамадни карпи со специфични форми, но и со зелени и рамни површини меѓу карпите. На целиот простор се наоѓаат фрагменти од керамички садови, питоси и градежна керамика, а на некои делови се насетуваат и градби од камен. Трагите од длабени места по карпите, исто така покажуваат дека на овој простор постоела населба. Според керамиката, населбата егзистирала уште во праисторијата, но дел од керамиката упатува и на средниот век. Амбиентот во кој била расположена населбата, со утврдувањето на висок врв на планината, како и со разновидните форми на карпи, како и со археолошките остатоци кои се среќаваат населбата, веројатно, била на активна во митолошкото време опишано во делата на Хомер и другите постари автори.

Карпестиот врв со утврдено плато
Карпестиот врв со утврдено плато

Денес целиот простор на кој била расположена населбата е деструиран експлоатација на камен, при што биле нападнати и големите карпи со убави природни форми. Во голема мерка раскопан е и околниот простор со културни слоеви.

На каменестата тумба, која се наоѓа на источниот дел од локалитетот, се забележуваат извесни траги од градба, како растурен камен по нејзините падини од западната страна и сл. Тоа, всушност, е остаток од утврдувањето, кое постоело на рамниот дел на тумбата. Ѕидот бил комбиниран ос карпите, кои го опкружуваат платото. Остатоци од него, особено се забележуваат од јужната страна, каде се зачувала подолга партија од ѕидот.

Поглед кон „Казан“ од превојот „Слива“
Поглед кон „Казан“ од превојот „Слива“

Керамичките наоди се посебно чести на делот на локалитетот пред тумбата, кој претставува голема рамнина во амбиент на грамадни карпи со впечатливи форми. На овој дел при разорувањето на теренот со машините, излегле изобилни количества керамика, и тоа фрагменти од садови, рачки, дна, фрагменти од садови со украсување со плетеници и канелури и сл., како и фрагменти од градежна керамика. Слични наоди има и на јужниот дел од локалитетот, меѓу расечените карпи и раскопаната земја од рудникот, а чести керамички наоди има и на западниот дел на локалитетот, каде бил пробиван пат за возилата. Имајќи го предвид големиот простор на кој е распространета керамиката, може да се претпостави дека населбата располагала со значајни содржини и жителство, особено за простор, кој се наоѓал на повеќе од 1.300 м над морето.

Од јужната страна на локалитетот до него има приоден простор и пат кој доаѓа од превојот „Слива“, преку зелените падини на кои се среќаваат неколку извори со чешми, што упатуваат на добрите услoви за снабдување на населбата со вода.

Една од пресечените карпи на „Казан“ при експлоатацијата
Една од пресечените карпи на „Казан“ при експлоатацијата

На околу 1 км пред „Казан“, покрај споменатиот пат, на една рамнина десно од патот, се среќаваат остатоци од градби, односно темели, а на самиот пат и во профилите на патот се наоѓаат фрагменти од разновидна керамика, што укажува на уште еден населен локалитет во древното време. Поблиску до локалитетот „Казан“, на еден превој од кој се гледа селото Чумово, лево од патот се среќава извесна некропола со гробови правени со плочи, односно од типот цисти. Пред извесно време и оваа некропола е нападната од диво раскопување. Интересно е што во раскопаните гробови и на просторот на кој се наоѓа некрополата, не може да се најде ниту трага од керамика. Гробовите од некрополата се со различни насоки, што упатува на нејзиното праисториско потекло, но без пронаоѓање соодветен археолошки материјал, тешко е тоа да се потврди.

Дел од амбиентот од околината на „Казан“ со врвот Висока
Дел од амбиентот од околината на „Казан“ со врвот Висока

Во околината на „Казан“, по падините на планината, како и околу превојот „Слива“, кој се наоѓа на околу 1 км јужно, се среќаваат уште многу културни траги. Пред самиот превој, лево и десно од патот за Витолиште, има остатоци од некрополи со гробови од типот „циста“, како и разновидна керамика, траги од ѕидови и сл. На блискиот врв, северно од превојот, последниве неколку години, била раскопана и некоја стара градба, веројатно храм, кој бил изграден на највисокиот дел на тумбата. Денес, на местото има раскопан дел во кој се забележуваат остатоци од ѕидовите, градежен камен, тегули и сл.

НЕКРОПОЛА ВО БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАЗАН“

Два гроба од некрополата
Два гроба од некрополата

 

ОСТАТОЦИ ОД ХРАМ НА РИДОТ СЕВЕРНО ОД ПРЕВОЈОТ „СЛИВА“

Раскопан дел од местото на храмот
Раскопан дел од местото на храмот